Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 1

Две пораки од Бог

Две пораки од Бог

ЛУКА 1:5-33

  • АНГЕЛОТ ГАВРИЕЛ ГО ПРЕТСКАЖАЛ РАЃАЊЕТО НА ЈОВАН КРСТИТЕЛ

  • ГАВРИЕЛ Ѝ КАЖАЛ НА МАРИЈА ДЕКА НАСКОРО ЌЕ СЕ РОДИ ИСУС

Целата Библија е порака од Бог. Во неа, нашиот небесен Татко ни дал мудри совети и поуки. Но, сега ќе разгледаме две посебни пораки кои Бог ги испратил пред повеќе од две илјади години. Овие пораки ги пренел еден ангел по име Гавриел, за кој се вели дека ‚стоел пред Бог‘ (Лука 1:19). Во какви околности ги пренел ангелот тие важни пораки?

Првата порака Гавриел ја пренел во 3 год. пр.н.е. Каде? Во јудејските планини, веројатно недалеку од Ерусалим, каде што живеел еден свештеник на Јехова по име Захарија. Тој и неговата жена, Елисавета, биле во поодминати години, и немале деца. На Захарија му дошол редот да служи како свештеник во Божјиот храм во Ерусалим. Додека Захарија бил во храмот, во близина на кадилниот жртвеник сосема неочекувано се појавил ангелот Гавриел.

Разбирливо, Захарија многу се исплашил. Но, ангелот го смирил со зборовите: „Не плаши се, Захарија, зашто твоите сесрдни молитви се услишени, и твојата жена Елисавета ќе ти роди син! Дај му го името Јован“. Гавриел му рекол и дека неговиот син „ќе биде голем во очите на Јехова“ и ќе „подготви за Јехова спремен народ“ (Лука 1:13-17).

На Захарија му било тешко да поверува во зборовите што ги чул. Зошто? Бидејќи тој и Елисавета веќе биле остарени. Затоа Гавриел му рекол: „Ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш сѐ до оној ден додека тоа не се случи, зашто не поверува на моите зборови“ (Лука 1:20).

Додека Захарија бил во храмот, луѓето што стоеле надвор се чуделе зошто се задржал толку долго. Кога конечно излегол, не можел да зборува, туку само давал знаци со рацете. На сите им било јасно дека му се случило нешто необично.

Откако завршил со својата служба во храмот, Захарија се вратил дома. Кратко потоа, Елисавета навистина забременила. Следните пет месеци таа не излегувала од дома.

По некое време, ангелот Гавриел се појавил повторно. Пред кого? Пред една немажена девојка која се викала Марија и живеела во северниот дел на подрачјето наречено Галилеја, во градот Назарет. Што ѝ кажал ангелот на Марија? Најпрво ѝ рекол: „Си нашла милост кај Бог“. Потоа Гавриел ѝ ги пренел следниве зборови: „Еве, ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус“. Освен тоа, додал: „Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот... и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:30-33).

За Гавриел сигурно било голема чест што бил избран да ги пренесе тие две пораки. Кога ќе дознаеме нешто повеќе за Јован и Исус, ќе сфатиме зошто овие пораки од небото биле толку важни.