Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 15

Исус ‚воспоставува правда на земјата‘

Исус ‚воспоставува правда на земјата‘

1, 2. Во која прилика се разгневил Исус, и зошто?

ИСУС пламтел од гнев, и тоа со право. Можеби не ти е лесно да си го замислиш таков затоа што знаеш дека бил многу благ човек (Матеј 21:5). Се разбира, неговиот гнев бил праведен, и тој задржал совршена контрола над себеси. * Но, што било тоа што толку го разгневило овој мирољубив човек? Една голема неправда.

2 Храмот во Ерусалим му бил посебно драг на Исус. Тоа било единственото свето место на Земјата кое било наменето за обожавање на неговиот небесен Татко. Евреите патувале од далечни земји за да го слават Јехова во него, а доаѓале дури и богобојазливи луѓе од другите народи, кои имале пристап во храмскиот двор што бил одвоен само за нив. Но, кога влегол во храмот во почетокот на својата служба, Исус се запрепастил од она што го видел. Храмот повеќе личел на пазар отколку на свето место! Бил преполн со трговци и менувачи на пари. Зошто ова било неправедно? Затоа што, за овие луѓе, Божјиот храм бил само место каде што ги искористувале, па дури и ги пљачкале луѓето. На кој начин го правеле тоа? (Јован 2:14).

3, 4. На кој начин луѓето биле искористувани во Јеховиниот дом, и што презел Исус за да го исправи тоа?

3 Верските водачи барале храмскиот данок да се плаќа само со еден вид монета. Оние што доаѓале во храмот морале да ги сменат своите пари во такви монети. Затоа менувачите поставиле маси во самиот храм, при  што земале голема провизија за секоја размена. И продажбата на животни носела огромна заработка. Се разбира, оние што доаѓале во храмот можеле да купат животно за жртва од кој и да било трговец во градот. Иако ова не било погрешно, често се случувало храмските службеници да речат дека тоа животно има недостаток и да не го прифатат. Меѓутоа, секогаш ги прифаќале животните кои биле купени во храмот. Бидејќи на тој начин народот бил оставен на нивна милост и немилост, храмските трговци понекогаш ги продавале животните за огромни цени. * Тоа не само што било безобѕирно туку било чист грабеж!

„Носете го тоа одовде!“

4 Исус не можел да трпи таква неправда. Тоа бил домот на неговиот Татко! Затоа направил бич од јажиња и ги истерал од храмот стадата овци и говеда. Потоа тргнал кон менувачите на пари и им ги испревртел масите. Замисли си како сите тие монети се распрснале по мермерниот под! Тој строго им заповедал на оние што продавале гулаби: „Носете го тоа одовде!“ (Јован 2:15, 16). Очигледно, никој не се осмелил да му се спротивстави на овој храбар човек.

„Каков татко, таков син“

5-7. а) Како Исус бил поучен за правдата уште пред да дојде на Земјата, и што може да научиме од неговиот пример? б) Како Христос се борел против неправдите кои му биле нанесени на Јеховиното име и на Неговото право да владее?

5 Се разбира, трговците повторно се вратиле во храмот. По три години, Исус морал да се справи со истата неправда. Во таа прилика ги цитирал зборовите што лично Јехова ги кажал кога ги осудил оние што го  претвориле Неговиот дом во „разбојничка пештера“ (Матеј 21:13; Еремија 7:11). Ова јасно покажува дека Исус имал исти чувства како својот Татко кога видел на колку алчен начин биле искористувани луѓето и како бил осквернуван Божјиот храм. Тоа воопшто не треба да нѐ чуди. Во текот на неброени милиони години, Исус бил поучуван од својот небесен Татко. Поради тоа, го имал истото чувство за правда како и Јехова. Во неговиот случај, се потврдила вистинитоста на изреката: „Каков татко, таков син“. Затоа, ако сакаме да стекнеме јасна слика за Јеховината правда, треба длабоко да размислуваме за примерот на Исус Христос (Јован 14:9, 10).

6 Божјиот единороден Син чул кога Сатана неправедно го нарекол Јехова Бог лажливец, и кога го довел во прашање Неговото право да владее. Тоа било чиста клевета! Синот слушал и кога подоцна Сатана тврдел дека никој нема да му служи на Јехова несебично и од љубов. Без сомнение, овие лажни обвиненија му причиниле голема болка на Божјиот праведен Син. Затоа, сигурно бил пресреќен кога дознал дека ќе има клучна улога во побивањето на тие лаги на Сатана! (2. Коринќаните 1:20).

7 Како што видовме во 14. поглавје, Исус Христос дал конечен и непобитен одговор на обвинението со кое Сатана ја довел во прашање верноста и беспрекорноста на Јеховините созданија. Со тоа Исус го поставил темелот за еднаш засекогаш да се посвети Божјето име и да се докаже дека само Јехова има право да биде Севишен Владетел. Како Божји Главен Застапник, Исус ќе ја воспостави Јеховината правда низ целата вселена (Дела 5:31). Тој ја одразувал Божјата правда и со начинот на кој живеел додека бил на Земјата. Во врска со својот Син, Јехова рекол: „На него ќе го ставам својот дух, и тој јасно ќе им покаже на народите што е тоа правда“ (Матеј 12:18). Како Исус ги исполнил овие зборови?

 Исус јасно покажува „што е правда“

8-10. а) Како усните преданија на еврејските верски водачи ги поттикнувале Израелците да ги презираат не-Евреите и жените? б) На кој начин усните закони го отежнале држењето на Јеховиниот закон за саботата?

8 Исус го сакал Јеховиниот закон и живеел според него. Но, верските водачи во негово време го извртувале и погрешно го применувале тој Закон. Затоа Исус им рекол: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, бидејќи... го занемаривте она што е поважно во Законот: правдата, милосрдноста и верноста!“ (Матеј 23:23). Тие учители на Божјиот закон не им објаснувале на луѓето „што е правда“. Напротив, ја замаглувале Божјата правда. Како? Да разгледаме неколку примери.

9 Јехова му заповедал на својот народ да не се меша со околните народи (1. Царевите 11:1, 2). Меѓутоа, некои фанатични верски водачи ги поучувале луѓето да ги презираат сите не-Евреи. Во Мишната стоело дури и следново правило: „Стоката не смее да се остава во конаците на незнабошците затоа што постои сомнеж дека тие имаат полови односи со животни“. Таквата општа предрасуда против сите не-Евреи била неправедна и сосема спротивна на духот на Мојсеевиот закон (3. Мојсеева 19:34). Некои други човечки правила ги понижувале жените. На пример, според усниот закон, жената смеела да оди само зад мажот, а никако покрај него. Еден маж не смеел да разговара со жена на јавно место — дури ни со својата сопруга! Исто како на робовите, и на жените не им било дозволено да сведочат на суд. Имало дури и една одредена молитва со која мажите му благодареле на Бог што не се родиле како жени.

10 Верските водачи го затрупале Божјиот закон со безброј човечки правила и одредби. На пример, Мојсеевиот закон забранувал да се работи во сабота затоа што тој ден требало да биде одвоен за обожавање на Бог, за духовно зајакнување и за одмор. Но, фарисеите многу го отежнале држењето на овој закон. Тие си зеле за право да кажат што конкретно смеело, а што не смеело да се работи во сабота.  Во „работа“ спаѓале 39 активности, како што биле жетвата или ловот. Но, со тоа се покренале еден куп прашања. Ако некој убиел болва на денот за одмор, дали тоа било лов? Ако скинел неколку зрна жито за да ги изеде додека одел по патот, дали тоа било жетва? Ако излекувал некого што бил болен, дали тоа било работа? Овие прашања се решавале со поставување на крути и детални правила.

11, 12. Како Исус се спротивставил на небиблиските преданија на фарисеите?

11 Во такви услови, како можел Исус да им помогне на луѓето да разберат што е правда? Со своите учења и начин на живот, тој храбро им се спротивставил на тогашните верски водачи. Да разгледаме најпрво некои од неговите учења. Тој отворено ги осудил безбројте правила кои ги измислиле тие наводни учители на Божјиот закон, кога рекол: „Со своето предание што сте го пренеле на другите, ја обезвреднувате Божјата реч“ (Марко 7:13).

12 Исус храбро поучувал дека фарисеите погрешно го разбираат законот за саботата и дека потполно ја промашиле целта на овој закон. Тој објаснил дека Месијата е „Господар на саботата“, и затоа има право да ги лекува луѓето на денот за одмор (Матеј 12:8). За да го нагласи ова, тој јавно ги лекувал луѓето во сабота (Лука 6:7-10). Таквите чудотворни лекувања биле претслика на лекувањето што ќе го врши на целата Земја во текот на своето илјадагодишно владеење. Всушност, тие илјада години ќе бидат најголемата Сабота бидејќи тогаш верните луѓе конечно ќе се одморат после толку векови макотрпна работа под товарот на гревот и смртта.

13. Кој закон стапил на сила откако Христос ја завршил својата служба на Земјата, и како се разликувал од Мојсеевиот закон?

13 Исус јасно покажал што е правдата и преку еден нов закон, „законот Христов“, кој стапил на сила откако тој ја завршил својата служба на Земјата (Галатите 6:2). За разлика од Мојсеевиот закон, овој нов закон не се темелел на низа пишани заповеди, туку на начела. Сепак, вклучувал и неколку директни заповеди. Една од нив е наречена „нова заповед“. Исус ги поучил сите свои следбеници  да се сакаат еден со друг како што тој ги сакал нив (Јован 13:34, 35). Самопожртвуваната љубов требало да биде главното обележје на сите што ќе живеат според „Христовиот закон“.

Жив пример за правда

14, 15. Како Исус покажал дека е свесен оти има ограничени овластувања, и зошто е утешно да го знаеме тоа?

14 Освен што поучувал за „Христовиот закон“, Исус покажал на дело што значи да се живее според него. Да разгледаме три начини на кои Христос, со својот пример, јасно покажал што е правда.

15 Прво, тој совесно се трудел никогаш да не постапува неправедно. Можеби си забележал дека причината за многу неправди е тоа што несовршените луѓе често пати знаат да бидат вообразени и да ги пречекорат своите овластувања. Исус не го правел тоа. На пример, во една прилика, еден човек дошол кај него и му рекол: „Учителе, речи му на брат ми да го подели наследството со мене!“ Што му одговорил Исус? „Човеку, кој ме поставил мене да судам или да делам меѓу вас?“ (Лука 12:13, 14). Неверојатно, зарем не? Никој на Земјата не бил толку мудар и не можел толку добро да ги процени работите како него. А никој немал добиено ни толку голем авторитет од Бог. Сепак, Исус одбил да се вмеша во спорот меѓу браќата затоа што не бил овластен за тоа. Тој секогаш покажувал скромност во овој поглед, дури и во текот на илјадниците години пред да дојде на Земјата (Јуда 9). Оваа прекрасна особина јасно се гледа од тоа што секогаш понизно остава Јехова да одреди што е праведно.

16, 17. а) Како Исус покажал дека е праведен со начинот на кој ја проповедал добрата вест за Божјето Царство? б) Како Исус покажал дека неговата правда е проткаена со милост?

16 Второ, Исус покажал дека е праведен и со начинот на кој ја проповедал добрата вест за Божјето Царство. Тој бил непристрасен и искрено се трудел да им проповеда на најразлични луѓе — и на богати и на сиромашни. За разлика од него, фарисеите гледале од високо на обичниот народ и  со презир го нарекувале ам хаа́рец, односно „народ од земјата“. Исус храбро ја исправил таа неправда. Кога ги поучувал луѓето за добрата вест, а и кога јадел со нив, кога ги хранел, кога ги лекувал, па дури и кога ги воскреснувал, тој ја застапувал правдата на својот Татко, кој сака „најразлични луѓе да се спасат“ * (1. Тимотеј 2:4).

17 Трето, правдата на Исус била проткаена со милост и сочувство. Тој се трудел да им помага на грешниците (Матеј 9:11-13). Спремно се грижел за оние што биле беспомошни и незаштитени. За разлика од верските водачи во тоа време, Исус не го поттикнувал народот да гледа со недоверба на сите не-Евреи. Иако бил испратен главно кај Евреите, тој во неколку прилики милостиво им помогнал на некои од другите народи. На пример, Исус со чудо го излекувал слугата на еден римски стотник, велејќи: „Вистина, ви велам, кај никого во Израел не најдов толкава вера“ (Матеј 8:5-13).

18, 19. а) На кој начин Исус им укажувал чест на жените? б) Како примерот на Исус ни помага да сфатиме каква е врската меѓу храброста и правдата?

18 Исус не го поддржувал мислењето за жените кое преовладувало во негово време. Наместо тоа, храбро го правел она што е праведно. Самарјанките биле сметани за нечисти, исто како не-Евреите. Но, Исус без колебање ѝ сведочел на Самарјанката која дошла на бунарот во Сихар. Всушност, оваа жена била првата личност на која тој отворено ѝ кажал дека е ветениот Месија (Јован 4:6, 25, 26). Фарисеите сметале дека жените не треба да бидат поучувани за Божјиот закон. Но, Исус вложил многу време и сила за да ги поучува (Лука 10:38-42). Освен тоа, според преданијата, сведочењето на една жена не се сметало  за веродостојно. Но, Исус им укажал чест на неколку жени со тоа што по своето воскресение првпат им се појавил ним. Дури им рекол да појдат и да им ја кажат таа важна вест на мажите кои биле негови ученици! (Матеј 28:1-10).

19 Исус навистина јасно им покажал на народите што е правда. Во многу случаи, тој го правел тоа на сопствен ризик. Од неговиот пример учиме дека ни е потребна храброст за да ја застапуваме вистинската правда. Затоа, Исус соодветно бил наречен „лавот од Јудиното племе“ бидејќи, како што видовме, лавот е симбол на храброто спроведување на правдата (Откровение 5:5). А што ќе се случи во блиска иднина? Исус ќе донесе уште поголема правда. Всушност, тој ќе „воспостави правда на земјата“ во вистинска смисла на зборот (Исаија 42:4).

Месијанскиот Цар ‚воспоставува правда на земјата‘

20, 21. а) Како месијанскиот Цар ја застапува правдата на Земјата денес? б) Како Исус ја застапува правдата и во христијанското собрание?

20 Откако станал Цар на месијанското Царство во 1914 год., Исус ја застапува правдата на Земјата. Како? Така што помага да се исполни неговото пророштво запишано во Матеј 24:14. Низ целиот свет, неговите следбеници ги поучуваат луѓето за вистината за Јеховиното Царство. Исто како Исус, тие проповедаат непристрасно и праведно така што им даваат можност на сите — и на млади и на стари, и на богати и на сиромашни, и на мажи и на жени — да го запознаат Јехова, Богот на правдата.

21 Исус ја застапува правдата и во христијанското собрание. Како Глава на собранието, и во склад со пророштвото, тој дал „луѓе како дарови“, односно верни христијански старешини кои се грижат за скапоценото Божје стадо на Земјата (Ефешаните 4:8-12). Додека го прават ова, тие го следат примерот на Исус Христос така што ја застапуваат правдата во собранието. Старешините секогаш имаат на ум дека Исус сака со неговите овци да се постапува праведно — без оглед на нивната општествена положба, углед или материјална состојба.

22. Што чувствува Јехова кога ги гледа сите неправди во денешниов свет, и каква задача му дал на својот Син?

 22 Но, наскоро Исус ќе воспостави правда на Земјата на досега невиден начин. Во овој расипан свет има неправди на секој чекор. Секое дете што умира од глад е жртва на неопростлива неправда, особено ако се земе предвид колку пари и време се трошат за да се произведува оружје и за да се задоволат незаситните желби на себичните луѓе. Тоа што секоја година непотребно умираат милиони е само една од многуте неправди на кои Јехова со право се гневи. Тој го овластил својот Син да поведе праведна војна со целиот овој злобен свет, и да им стави крај на сите неправди еднаш засекогаш (Откровение 16:14, 16; 19:11-15).

23. Откако ќе заврши војната Армагедон, на кој начин Исус ќе ја застапува правдата во сета вечност?

23 Меѓутоа, кога ја извршува својата правда, целта на Јехова не е само да ги уништи злобните. Тој го поставил својот Син да владее и како „Кнез на Мирот“. Откако ќе заврши војната Армагедон, Исус, чија власт ќе ‚се темели врз правдата‘, ќе воспостави мир на целата Земја (Исаија 9:6, 7). Тогаш тој со задоволство ќе ги исправи сите неправди што му донеле толку многу маки и страдање на човечкиот род. Исус верно ќе ја застапува Јеховината совршена правда во сета вечност. Затоа е многу важно и ние да постапуваме во склад со Јеховината правда уште денес. Во следното поглавје, ќе видиме како може да го правиме тоа.

^ пас. 1 Исус бил исполнет со праведен гнев затоа што е сличен на Јехова, кој многу „се гневи“ на сета злоба (Наум 1:2). На пример, во една прилика Бог им кажал на тврдоглавите Израелци дека го претвориле неговиот дом во „разбојничка пештера“, а потоа рекол: „Еве, мојот гнев и мојата јарост се излеваат врз ова место“ (Еремија 7:11, 20).

^ пас. 3 Според еврејската Мишна, неколку години подоцна народот кренал бунт поради високите цени на гулабите што се продавале во храмот. Цената веднаш била намалена за 99 отсто! Кој имал најголема заработка од ваквата трговија? Некои историчари сметаат дека храмските пазари му припаѓале на домаќинството на првосвештеникот Ана и дека му носеле огромно богатство на тоа свештеничко семејство (Јован 18:13).

^ пас. 16 Фарисеите сметале дека обичниот народ, кој не го познавал Законот, бил „проклет“ (Јован 7:49). Тие велеле дека човек не треба ниту да ги поучува, ниту да тргува, ниту да јаде, ниту да се моли заедно со таквите луѓе. Според фарисеите, подобро било некој да им ја фрли ќерката на ѕверови, отколку да дозволи да се омажи за некој од обичниот народ. Овие верски водачи сметале дека тие луѓе не се достојни за воскресение.