Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 Поглавје 14

Јехова обезбедува „откупнина за мнозина“

Јехова обезбедува „откупнина за мнозина“

1, 2. Како Библијата ја опишува состојбата во која се наоѓаат луѓето, и кој е единствениот излез од неа?

,ЦЕЛОТО создание заедно воздивнува и во болка е сѐ досега‘ (Римјаните 8:22). Со овие зборови, апостол Павле ја опишал очајната состојба во која се наоѓаме. Од гледна точка на луѓето, кои имаат ограничена моќ и способности, се чини дека нема никаков излез од страдањата, гревот и смртта. Но, има ли нешто невозможно за Јехова? (4. Мојсеева 23:19). Богот на правдата ни обезбедил излез од нашите неволји. Тоа е откупнината.

2 Откупнината е најголемиот дар што Јехова им го дал на луѓето. Таа може да нѐ ослободи од гревот и од смртта (Ефешаните 1:7). На откупнината се темели и надежта за вечен живот, било на небото било во рајот на Земјата (Лука 23:43; Јован 3:16; 1. Петрово 1:4). Но, што точно претставува откупнината? Што учиме од неа за Јеховината неспоредлива правда?

Како се јавила потреба од откупнина

3. а) Зошто се јавила потреба од откупнина? б) Зошто Бог едноставно не ја заменил смртната казна над потомците на Адам со некоја поблага пресуда?

3 Потребата од откупнина се јавила затоа што Адам направил грев. Бидејќи не го послушал Бог, тој им оставил бедно наследство на своите потомци — болести, тага, болка и смрт (1. Мојсеева 2:17; Римјаните 8:20). Бог не можел едноставно да се поведе по чувствата и да ја замени смртната казна со некоја поблага пресуда. Со тоа би го прекршил сопствениот закон, според кој „платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Ако Јехова ги погазел сопствените мерила за правда, тогаш би завладеале општ хаос и беззаконие!

4, 5. а) Како Сатана го наклеветил Бог, и зошто Јехова се чувствувал должен да одговори на неговите обвиненија? б) Кое обвинение го изнел Сатана против верните Јеховини слуги?

 4 Како што видовме во 12. поглавје, со побуната во рајската градина се покренале многу важни спорни прашања. Сатана го оцрнил Божјето добро име обвинувајќи го Јехова дека е лажливец и суров диктатор кој им ја ограничува слободата на своите созданија (1. Мојсеева 3:1-5). Тој исто така го прикажал Бог како неспособен со тоа што навидум го спречил да ја исполни својата намера Земјата да биде населена со праведни луѓе (1. Мојсеева 1:28; Исаија 55:10, 11). Ако Јехова ги оставел тие прашања нерасчистени, можеби многу од неговите суштества обдарени со разум ќе изгубеле доверба во неговиот начин на владеење.

5 Сатана ги наклеветил и верните Божји слуги, обвинувајќи ги дека му служат на Јехова само од себични мотиви, и дека ниту еден од нив нема да му остане верен ако биде ставен под притисок (Јов 1:9-11). Овие спорни прашања биле далеку поважни од тешката ситуација во која се нашле луѓето. Јехова со право се чувствувал должен да одговори на ваквите злобни клевети на Сатана. Но, како можел Бог да ги разреши овие прашања и воедно да го спаси човештвото?

Откупнина со еднаква вредност

6. Кои изрази се користат во Библијата за да се опише начинот на кој Бог решил да ги спаси луѓето?

6 Решението на Јехова било многу милосрдно и сосема праведно. Такво решение не можел да смисли ниту еден човек. Сепак, тоа било и многу едноставно. За него се користат различни изрази како, на пример, очистување и помирување (Даниел 9:24; Колошаните 1:20; Евреите 2:17). Но, самиот Исус употребил еден израз кој најдобро опишува за што станува збор. Тој рекол: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина [грчки: ли́трон] за мнозина“ (Матеј 20:28).

7, 8. а) Што значи зборот „откупнина“ во Библијата? б) Во која смисла откупнината укажува на нешто со еднаква вредност?

 7 Што е откупнина? Грчкиот збор што се користи овде е изведен од глагол кој значи „пушта, ослободува“. Со тој израз се укажувало на цената која се плаќала за да бидат ослободени воени заробеници. Според тоа, откупнината може да се дефинира како цена која се плаќа за да се откупи нешто. Во Хебрејските списи, зборот преведен со „откупнина“ (ко́фер) е изведен од глагол кој значи „покрива“. На пример, Бог му рекол на Ное дека треба да ја „премачка“ (дословно на хебрејски: „покрие“) арката со смола (1. Мојсеева 6:14). Ова ни помага да сфатиме дека откупнината значи и покривање на гревовите (Псалм 65:3).

8 Интересно е што во еден речник стои дека овој збор (ко́фер) „секогаш укажува на нешто што има еднаква вредност“, односно во потполност одговара на нешто друго (Theological Dictionary of the New Testament). На пример, поклопецот на ковчегот на сојузот имал облик што одговарал на самиот ковчег. На сличен начин, за да се откупи или покрие гревот, било неопходно да се плати цена која била потполно еднаква на штетата што тој ја предизвикал. Затоа, во Законот што Бог му го дал на Израел стоело: „Душа за душа, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога“ (5. Мојсеева 19:21).

9. Зошто верните луѓе во минатото принесувале животински жртви, и како гледал Јехова на тие жртви?

9 Уште од времето на Авел, верните луѓе му принесувале животински жртви на Бог. Со тоа покажувале дека се свесни за гревот и за потребата од откупнина. Исто така, ја покажувале и својата вера во Божјето ветување дека ќе бидат ослободени преку „потомството“ кое ќе го обезбеди Тој (1. Мојсеева 3:15; 4:1-4; 3. Мојсеева 17:11; Евреите 11:4). Јехова ги прифаќал таквите жртви и им дозволил на оние што му ги принесувале да  бидат во добар однос со него. Сепак, животинските жртви имале само симболична вредност. Со нив не можел да се покрие гревот на човекот, бидејќи животните имаат помала вредност од луѓето (Псалм 8:4-8). Затоа, Библијата вели: „Крвта на јунци и јарци не може да ги однесе гревовите“ (Евреите 10:1-4). Тие жртви биле само претслика за вистинската откупна жртва која требало да биде принесена во иднина.

„Соодветна откупнина“

10. а) На кого требало да биде соодветна откупнината, и зошто? б) Зошто било потребно само еден човек да го даде својот живот како жртва?

10 „Во Адам сите умираат“, рекол апостол Павле (1. Коринќаните 15:22). Затоа, како откупна жртва морало да умре некој што бил потполно еднаков на Адам, односно совршен човек (Римјаните 5:14). Ниту едно друго создание не можело да ги израмни двата таса на вагата на правдата. Само совршен човек, кој не подлежел на смртната казна на Адам, можел да понуди „соодветна откупнина“ која совршено одговарала на првиот човек (1. Тимотеј 2:6). Немало потреба неброени милиони поединци да бидат жртвувани во замена за секој потомок на Адам. Апостол Павле објаснил: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12). Бидејќи ‚смртта дошла преку еден човек‘, Бог се погрижил човештвото да биде откупено ‚преку еден човек‘ (1. Коринќаните 15:21; Римјаните 5:19). Како?

„Соодветна откупнина за сите“

11. а) На кој начин откупителот требало „да ја вкуси смртта за секого“? б) Зошто Адам и Ева не можеле да извлечат корист од откупнината? (Види ја фуснотата.)

11 Според Римјаните 6:23, „платата за гревот е смрт“. Со тоа што ќе умрел како жртва, откупителот — односно, совршениот човек кој ќе го жртвувал својот живот — требало „да ја вкуси смртта за секого“. Со други зборови, тој требало да плати за гревот на Адам (Евреите 2:9; 2. Коринќаните 5:21; 1. Петрово 2:24). Од правна гледна  точка, ова имало големо значење. Бидејќи со откупнината се поништува смртната казна над потомците на Адам, таа во потполност ќе ја отстрани разорната моќ на гревот * (Римјаните 5:16).

12. Наведи една споредба која покажува како отплаќањето на долгот на еден човек може да им користи на многу луѓе.

12 Да наведеме една споредба: Замисли си дека живееш во град каде што повеќето жители се вработени во една голема фабрика. Ти и твоите соседи сте добро платени и водите удобен живот. Но, еден ден фабриката се затвора. Зошто? Директорот бил нечесен, и затоа фабриката мора да оди под стечај. Бидејќи одненадеж останувате без работа, ти и твоите соседи повеќе не можете да си ги плаќате сметките. Сите вработени и нивните брачни другари и деца трпат поради нечесноста на еден човек. Дали има излез од оваа тешка ситуација? Да! Еден богат добротвор одлучува да помогне. Тој е свесен колку вреди фабриката. Освен тоа, сочувствува со луѓето што работеле таму и со нивните семејства. Затоа го исплаќа долгот и повторно ја отвора фабриката. Поништувањето на долгот на еден човек им носи олеснување на многуте вработени и на нивните семејства. На сличен начин, од поништувањето на долгот на Адам имаат корист неброени милиони луѓе.

Кој ја обезбедува откупнината?

13, 14. а) Како Јехова обезбедил откупнина за човештвото? б) Кому му се плаќа откупнината, и зошто тоа е неопходно?

13 Само Јехова можел да го обезбеди ‚Јагнето, кое го отстранува гревот на светот‘ (Јован 1:29). Но, Тој не го испратил било кој ангел за да го спаси човештвото.  Напротив, го испратил Оној што можел да даде конечен и непобитен одговор на обвиненијата кои ги изнел Сатана против Божјите слуги. Да, Јехова ја дал најголемата можна жртва кога го испратил својот единороден Син, оној што ‚му бил посебна радост‘ (Изреки 8:30). Божјиот Син доброволно ‚се одрекол‘ од својот живот на небото (Филипјаните 2:7). Јехова со чудо го пренел животот и личноста на својот првороден небесен Син во матката на еврејската девица Марија (Лука 1:27, 35). Како човек, тој се викал Исус. Но, во правна смисла, можел да се нарече вториот Адам бидејќи совршено одговарал на првиот човек (1. Коринќаните 15:45, 47). Поради тоа, Исус можел да се принесе како откупна жртва за грешните луѓе.

14 Кому требало да му се плати таа откупнина? Псалм 49:7 јасно вели дека откупнината му се плаќа „на Бог“. Но, зарем самиот Јехова не е тој што ја дава откупнината? Да. Сепак, тоа не е исто како некој да си ги извади парите од едниот џеб и да си ги стави во другиот. Плаќањето на откупнината, всушност, е чин кој има правна вредност. Со тоа што ја платил, дури и по голема лична цена, Јехова докажал дека непоколебливо се држи за своите совршени праведни мерила (1. Мојсеева 22:7, 8, 11-13; Евреите 11:17; Јаков 1:17).

15. Зошто било неопходно Исус да страда и да умре?

15 Во пролетта 33 год. од н.е., пред конечно да ја плати откупнината, Исус Христос доброволно се изложил на тешко страдање. Тој дозволил да биде уапсен под лажни обвиненија, да биде осуден и да биде погубен така што бил прикован на столб. Дали навистина имало потреба толку многу да страда? Да, затоа што требало да се реши спорното прашање кое било поврзано со верноста и беспрекорноста на Божјите слуги. Интересно е тоа што Бог не дозволил Ирод да го убие Исус додека уште бил бебе (Матеј 2:13-18). Но, како возрасен човек, Исус можел да ги поднесе жестоките напади на Сатана потполно свесен за значењето и сериозноста на спорните  прашања. * Со тоа што и покрај тешкото мачење останал ‚лојален, незлоблив, неизвалкан и одвоен од грешниците‘, Божјиот Син докажал на еден впечатлив и непобитен начин дека Јехова навистина има слуги кои ќе му останат верни под искушенија (Евреите 7:26). Ништо чудно што пред да го испушти последниот здив, Исус победнички извикал: „Довршено е!“ (Јован 19:30).

Ја завршува својата задача како откупител

16, 17. а) На кој начин Исус продолжил да ја извршува својата задача како откупител? б) Зошто било неопходно Исус да се појави пред Бог за нас?

16 Но, кога умрел, Исус сѐ уште ја немал завршено својата задача како откупител. Третиот ден по неговата смрт, Јехова го подигнал од мртвите (Дела 3:15; 10:40). Со овој величествен чин, Бог го наградил својот Син за неговата верна служба, но воедно му дал и можност, како Првосвештеник, да ја заврши својата задача во поврзаност со откупнината (Римјаните 1:4; 1. Коринќаните 15:3-8). Апостол Павле објаснува: „Кога Христос дојде како првосвештеник... еднаш засекогаш влезе во светото место, но не со крвта на јарци и јунци, туку со својата крв, и така ни прибави вечно избавување. Зашто, Христос не влезе во свето место направено со раце, кое е претслика на она вистинското, туку во самото небо, за сега да се појави пред Божјето лице за нас“ (Евреите 9:11, 12, 24).

17 Исус не можел да ја понесе својата дословна крв на небото (1. Коринќаните 15:50). Наместо тоа, тој го понел  она што го симболизирала неговата крв — правната вредност на совршениот човечки живот кој го дал како жртва. Исус му ја принел на Бог вредноста на тој живот како откупнина во замена за грешното човештво. Дали Јехова ја прифатил неговата жртва? Да. Ова станало очигледно на Педесетница 33 год. од н.е., кога светиот дух бил излеан врз околу 120 ученици во Ерусалим (Дела 2:1-4). Тоа било само почеток на многуте прекрасни благослови што требало да ги донесе откупнината.

Благослови од откупнината

18, 19. а) Кои две групи извлекуваат корист од помирувањето што го овозможил Бог преку крвта на Христос? б) Наведи некои сегашни и идни благослови кои им ги носи откупнината на членовите на ‚големото мноштво‘.

18 Во своето послание до Колошаните, Павле објаснува дека Бог сакал преку Христос да помири со себе сѐ, со тоа што воспоставил мир преку крвта што Исус ја пролеал на маченичкиот столб. Павле исто така објаснува дека во тоа помирување се вклучени две групи — „она што е на небесата“ и „она што е на земјата“ (Колошаните 1:19, 20; Ефешаните 1:10). Во првата група спаѓаат 144.000 христијани кои имаат надеж дека ќе служат како небесни свештеници и ќе владеат заедно со Исус Христос како цареви над Земјата (Откровение 5:9, 10; 7:4; 14:1-3). Преку нив, постепено ќе бидат излеани благословите од откупнината врз послушните луѓе во период од илјада години (1. Коринќаните 15:24-26; Откровение 20:6; 21:3, 4).

19 „Она што е на земјата“ се луѓето кои ги очекува совршен живот во Рајот на Земјата. Според Откровение 7:9-17, во нив спаѓа ‚големото мноштво‘ кое ќе ја преживее претстојната ‚голема неволја‘. Но, тие уште денес имаат многу благослови од откупнината. На пример, веќе ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘. Затоа што покажуваат вера во откупнината, членовите на ‚големото мноштво‘ уште  сега имаат духовни благослови од тој прекрасен дар од Бог. Тие се прогласени за праведни како Божји пријатели! (Јаков 2:23). Како резултат на жртвата на Исус, можат ‚да пристапат со слобода на говорот кон престолот на незаслужената доброта‘ (Евреите 4:14-16). Кога грешат, добиваат вистинско простување (Ефешаните 1:7). Иако се несовршени, имаат чиста совест (Евреите 9:9; 10:22; 1. Петрово 3:21). Значи, тие уште денес се помирени со Бог — не мора да чекаат тоа да се случи во иднина! (2. Коринќаните 5:19, 20). А во текот на илјадата години, постепено ‚ќе бидат ослободени од робувањето на распадливоста‘ и конечно ‚ќе ја добијат славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:21).

20. Како влијае врз тебе лично тоа што размислуваш за откупнината?

20 Од сѐ срце ‚му благодариме на Бог преку Исус Христос‘ за откупнината! (Римјаните 7:25). Иако се темели на едноставно начело, таа е толку длабока што нѐ исполнува со восхит (Римјаните 11:33). Кога со ценење размислуваме за неа, нѐ допира до срце и ни помага уште повеќе да се зближиме со Богот на правдата. Исто како псалмистот, и ние имаме многу причини да го фалиме Јехова — Богот што „ги сака праведноста и правдата“ (Псалм 33:5).

^ пас. 11 Адам и Ева не можеле да извлечат корист од откупнината. Во врска со намерното убиство, во Мојсеевиот закон стоела следнава заповед: „Не земајте откупнина за животот на убиецот што заслужил смрт, зашто тој мора да биде погубен“ (4. Мојсеева 35:31). Адам и Ева заслужувале да умрат затоа што намерно и свесно одлучиле да не го послушаат Бог. На тој начин, самите се одрекле од можноста да живеат вечно.

^ пас. 15 За да го поништи гревот на Адам, Исус морал да умре како совршен човек, а не како совршено дете. Имај на ум дека гревот на Адам бил намерен. Тој го направил иако бил потполно свесен за сериозноста на тој чин и за последиците од него. Затоа, за да стане „последниот Адам“ и да го покрие тој грев, Исус морал, како возрасен човек, свесно да одлучи да ја зачува својата беспрекорност и да му остане верен на Јехова (1. Коринќаните 15:45, 47). Според тоа, целиот живот во кој Исус верно му служел на својот Татко — вклучувајќи ја и неговата жртвена смрт — претставувал „еден чин на оправдување“ (Римјаните 5:18, 19).