Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 19

„Божјата мудрост изразена во светата тајна“

„Божјата мудрост изразена во светата тајна“

1, 2. За која ‚света тајна‘ треба да сме заинтересирани, и зошто?

ТАЈНИТЕ ни ја будат љубопитноста и нѐ интересираат, и најчесто не ни е лесно да ги чуваме. Меѓутоа, Библијата вели: „За Бог е слава да чува некоја работа во тајност“ (Изреки 25:2). Да, како Севишен Владетел и Творец, Јехова има право да не им открие некои тајни на луѓето сѐ додека не дојде времето што го одредил за тоа.

2 Но, има една интересна тајна што Јехова ја открил во својата Реч. Таа е наречена „светата тајна на [Божјата] волја“ (Ефешаните 1:9). Тоа што ќе ја дознаеш оваа тајна не само што ќе ја задоволи твојата љубопитност туку може да значи и спасение за тебе. Освен тоа, ќе добиеш и претстава за огромната мудрост на Јехова.

Тајната се разоткрива постепено

3, 4. Каква надеж дало пророштвото запишано во 1. Мојсеева, и која „света тајна“ била содржана во него?

3 Кога Адам и Ева згрешиле, можеби изгледало дека пропаднала намерата на Јехова целата Земја да стане рај во кој ќе живеат совршени луѓе. Но, Бог веднаш презел чекори да го реши проблемот. Тој рекол: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе [змијата] и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мојсеева 3:15).

4 Ова биле нејасни, загадочни зборови. Која е жената? Која е змијата? Кое е тоа „потомство“ што ќе ѝ ја згази главата на змијата? Адам и Ева можеле само да нагаѓаат. Иако тие не му останале верни на Бог, неговите зборови му дале надеж на секој нивни потомок што ќе му биде верен. Правдата сепак ќе победи и намерата на Јехова ќе се оствари. Но, како? Тоа било тајна! Во  Библијата таа е наречена „Божјата мудрост изразена во светата тајна... скриената тајна“ (1. Коринќаните 2:7).

5. Објасни зошто Јехова ја разоткривал својата тајна постепено.

5 Бидејќи Јехова е Бог кој „ги открива тајните“, тој на крајот ќе ги откриел сите важни детали во врска со оваа тајна (Даниел 2:28). Но, тоа ќе го правел постепено. Да објасниме со пример. Како реагира еден татко кога синчето ќе го праша од каде доаѓаат децата? Мудар татко ќе му каже на синчето само толку колку што тоа може да разбере. Како што синот расте, таткото му кажува повеќе информации. Слично на тоа, Јехова проценува кога на своите слуги да им открие детали во врска со својата волја и намера (Изреки 4:18; Даниел 12:4).

6. а) Која е целта на еден сојуз, или договор? б) Зошто е значајно тоа што Јехова склучувал сојузи со луѓе?

6 Како Јехова ги откривал деталите? Голем дел од нив открил преку низа сојузи, или договори. Најверојатно и ти некогаш си склучил некаков договор — можеби за да купиш куќа или за да земеш или да дадеш пари на заем. Таквиот договор служи како правна гаранција дека условите изнесени во него ќе бидат испочитувани. Но, зошто имало потреба Јехова да склучи официјални сојузи, или договори со луѓе? Точно, неговиот збор е доволна гаранција дека ќе си ги исполни ветувањата. Сепак, Бог во неколку прилики му дал уште поголема тежина на својот збор со тоа што склучил законски договори. Овие обврзувачки договори ни даваат нам, несовршените луѓе, уште поцврста основа да имаме доверба во Јеховините ветувања (Евреите 6:16-18).

Сојузот со Авраам

7, 8. а) Каков сојуз склучил Јехова со Авраам, и што открил тој сојуз во врска со светата тајна? б) Како Јехова постепено откривал преку која лоза ќе дојде ветеното Потомство?

7 Повеќе од две илјади години откако човекот бил  истеран од Рајот, Јехова му рекол на својот верен слуга Авраам: „Навистина ќе те благословам и навистина ќе го намножам твоето потомство како ѕвездите на небото... и преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата затоа што го послуша мојот глас“ (1. Мојсеева 22:17, 18). Ова било повеќе отколку само ветување — Јехова го изнел во облик на правна спогодба и го поткрепил со својата неотповиклива заклетва (1. Мојсеева 17:1, 2; Евреите 6:13-15). Навистина е значајно тоа што Севишниот Господар се обврзал со договор дека ќе ги благослови луѓето!

„Ќе го намножам твоето потомство како ѕвездите на небото“

8 Сојузот со Авраам открил дека ветеното Потомство ќе биде човек, затоа што ќе потекнува од Авраам. Но, кој ќе биде тоа? Со текот на времето, Јехова открил преку кој син на Авраам ќе дојде Потомството — преку Исак. А од двата сина на Исак, како предок на Потомството бил избран Јаков (1. Мојсеева 21:12; 28:13, 14). Подоцна, Јаков ги кажал следниве пророчки зборови во врска со еден од своите 12 синови: „Жезолот нема да се оддели од Јуда, ниту заповедничката палка од нозете негови додека не дојде Сило [„оној кому му припаѓа“] — и нему ќе му се покоруваат народите“ (1. Мојсеева 49:10). Од ова веќе било јасно дека Потомството ќе биде цар и дека ќе потекнува од Јуда.

Сојузот со Израел

9, 10. а) Каков сојуз склучил Јехова со Израелците, и каква заштита претставувал тој? б) Како Законот нагласувал дека на луѓето им е потребна откупнина?

9 Во 1513 год. пр.н.е., Јехова склучил сојуз со потомците на Авраам, израелскиот народ. На тој начин, почнал да открива уште детали од светата тајна. Иако повеќе не е на сила, сојузот на Законот склучен преку Мојсеј бил многу важен дел од Јеховината намера во врска со ветеното Потомство. Зошто го велиме ова? Да разгледаме три причини. Прво, Законот бил како заштитен ѕид (Ефешаните 2:14). Неговите  праведни одредби служеле како преграда помеѓу Евреите и другите народи. На тој начин, Законот помогнал да се зачува лозата од која требало да дојде ветеното Потомство. Благодарение на ваквата заштита, израелскиот народ сѐ уште постоел кога дошло времето во кое Бог одредил Месијата да се роди во племето на Јуда.

10 Второ, од Законот се гледало дека на луѓето им е потребна откупнина. Бидејќи овој Закон бил совршен, било јасно дека грешните луѓе не се способни потполно да се држат за него. Така, послужил ‚да се направат очигледни престапите, додека не дојде потомството на кое му било дадено ветувањето‘ (Галатите 3:19). Животинските жртви пропишани со Законот овозможувале само привремено очистување на гревовите. А бидејќи, како што напишал Павле, „крвта на јунци и јарци не може да ги однесе гревовите“, тие жртви биле само сенка на Христовата откупна жртва (Евреите 10:1-4). Така, за верните Евреи тој сојуз станал ‚воспитувач кој ги водел до Христос‘ (Галатите 3:24).

11. Каква прекрасна надеж им дал сојузот на Законот на Израелците, но зошто, како народ, ја изгубиле таа можност?

11 Трето, тој сојуз им дал на Израелците прекрасна надеж. Јехова им рекол дека, ако верно се држат за сојузот, ќе станат „царство на свештеници и свет народ“ (2. Мојсеева 19:5, 6). Кога дошло време за тоа, од израелскиот народ биле избрани првите членови на небесното царство на свештеници. Меѓутоа, како народ, Израелците се побуниле против сојузот на Законот, го отфрлиле ветеното Потомство, односно Месијата, и ја изгубиле таа можност. Тогаш, кој ќе го дополнел бројот на оние што ќе го сочинуваат царството на свештеници? И во каква врска со ветеното Потомство ќе бил тој благословен народ? Тие детали од светата тајна требало да бидат откриени во времето што Бог го одредил за тоа.

 Сојузот за Царство со Давид

12. Каков сојуз склучил Јехова со Давид, и што открил овој сојуз во врска со Божјата света тајна?

12 Во 11 век пр.н.е., Јехова открил уште детали од светата тајна кога склучил еден друг сојуз. На верниот цар Давид му ветил: „Ќе подигнам по тебе твој потомок... и ќе го зацврстам неговото царство... јас ќе го утврдам за навек престолот на неговото царство“ (2. Самоилова 7:12, 13; Псалм 89:3). Со ова било јасно кажано дека ветеното Потомство ќе дојде од лозата на Давид. Но, зарем би можел еден обичен човек да владее „за навек“? (Псалм 89:20, 29, 34-36). И би можел ли еден таков цар да го избави човештвото од гревот и смртта?

13, 14. а) Според 110. Псалм, што му ветил Јехова на својот помазан Цар? б) Што друго открил Јехова во врска со Потомството преку своите пророци?

13 Под водство на светиот дух, Давид напишал: „Јехова му рече на мојот Господар: ‚Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели за подножје на твоите нозе!‘ Јехова се заколна, и нема да зажали: ‚Ти ќе бидеш довека свештеник сличен на Мелхиседек!‘“ (Псалм 110:1, 4). Зборовите на Давид се однесувале директно на ветеното Потомство, односно Месијата (Дела 2:35, 36). Овој Цар немало да владее од Ерусалим, туку од небото, седејќи од „десната страна“ на Јехова. Со тоа ќе имал власт не само над Израел туку и над целата Земја (Псалм 2:6-8). Но, било откриено уште нешто. Забележи дека Јехова се заколнал дека Месијата ќе биде „свештеник сличен на Мелхиседек“. Исто како Мелхиседек, кој во времето на Авраам служел и како цар и како свештеник, и ветеното Потомство ќе било поставено од Бог да служи и како Цар и како Свештеник! (1. Мојсеева 14:17-20).

14 Низ годините, Јехова откривал детали во врска со својата света тајна преку своите пророци. На пример, открил дека Потомството ќе го даде својот живот како жртва (Исаија 53:3-12). Михеј прорекол каде ќе се роди  Месијата (Михеј 5:2). А Даниел дури прорекол кога точно ќе се појави Потомството и кога ќе умре (Даниел 9:24-27).

Светата тајна е разоткриена!

15, 16. а) Како се случило Јеховиниот Син да биде „роден од жена“? б) Што наследил Исус од своите родители, и кога станало јасно дека тој е ветеното Потомство?

15 Како требало да се исполнат овие пророштва останало тајна сѐ додека не дошло Потомството. Во Галатите 4:4 пишува: „Кога се наврши времето, Бог го испрати својот Син, роден од жена“. Во втората година пр.н.е., на една млада Еврејка по име Марија еден ангел ѝ рекол: „Ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус. Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот. Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко... Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“ (Лука 1:31, 32, 35).

16 Подоцна, Јехова го пренел животот на својот Син од небото во матката на Марија, па така бил роден од жена. Иако Марија била несовршена, Исус не наследил несовршенство од неа затоа што бил „Син Божји“. Освен тоа, Исус бил потомок на Давид и од биолошка и од законска гледна точка, затоа што и двајцата негови родители биле од лозата на Давид (Дела 13:22, 23). Кога Исус се крстил во 29 год. од н.е., Јехова го помазал со свет дух и рекол: „Ова е мојот сакан Син“ (Матеј 3:16, 17). Конечно било јасно кој е ветеното Потомство! (Галатите 3:16). Дошло време да се откријат уште детали од светата тајна (2. Тимотеј 1:10).

17. Како било разјаснето значењето на зборовите од 1. Мојсеева 3:15?

17 Во текот на својата служба, Исус открил дека змијата од 1. Мојсеева 3:15 е Сатана и дека потомството на змијата се следбениците на Сатана (Матеј 23:33; Јован 8:44). Подоцна било откриено како змијата и нејзиното  потомство ќе бидат уништени засекогаш (Откровение 20:1-3, 10, 15). Било откриено и дека жената е „горниот Ерусалим“, односно небесниот дел од Јеховината организација, кој се состои од духовни суштества и кој е како Негова жена * (Галатите 4:26; Откровение 12:1-6).

Новиот сојуз

18. Која е целта на „новиот сојуз“?

18 Можеби највпечатливиот детаљ од светата тајна бил откриен вечерта пред да умре Исус кога на своите следбеници им кажал за „новиот сојуз“ (Лука 22:20). Исто како претходниот сојуз, односно сојузот на Законот даден преку Мојсеј, и новиот сојуз бил склучен за да се воспостави „царство на свештеници“ (2. Мојсеева 19:6; 1. Петрово 2:9). Меѓутоа, со овој сојуз немало да се формира дословен, туку духовен народ, „Израелот Божји“, кој ќе го сочинувале само верни помазани следбеници на Христос (Галатите 6:16). Заедно со Исус, учесниците во новиот сојуз ќе го благословат целото човештво!

19. а) Зошто новиот сојуз ја постигнува целта да се воспостави „царство на свештеници“? б) Зошто помазаните христијани се наречени „ново создание“, и колкумина ќе служат на небото заедно со Христос?

19 Но, зошто новиот сојуз ја постигнува целта да се воспостави „царство на свештеници“ кое ќе го благослови човештвото? Затоа што, наместо да ги осудува Христовите ученици како грешници, новиот сојуз овозможува да им бидат простени гревовите преку Христовата жртва (Еремија 31:31-34). Откако Јехова ги прогласува за праведни, тој ги посвојува како членови на неговото небесно семејство и ги помазува со свет дух (Римјаните 8:15-17; 2. Коринќаните 1:21). На тој начин, тие се ‚родени за жива надеж зачувана на небесата‘ (1. Петрово  1:3, 4). Бидејќи ваквата возвишена положба е нешто сосема ново за луѓето, христијаните помазани со свет дух се наречени „ново создание“ (2. Коринќаните 5:17). Библијата открива дека бројот на оние што од небото ќе владеат над откупеното човештво изнесува 144.000 (Откровение 5:9, 10; 14:1-4).

20. а) Кој детаљ од светата тајна бил откриен во 36 год. од н.е.? б) Кој ќе ги добие благословите што му биле ветени на Авраам?

20 Заедно со Исус, овие помазаници стануваат „потомство на Авраам“ * (Галатите 3:29). Првите луѓе што биле помазани со свет дух биле Израелци. Но, во 36 год. од н.е. бил откриен уште еден детаљ од светата тајна: небесна надеж ќе имаат и луѓе од другите народи (Римјаните 9:6-8; 11:25, 26; Ефешаните 3:5, 6). Но, дали само помазаните христијани ќе ги добијат благословите што му биле ветени на Авраам? Не, зашто жртвата на Исус била дадена за целото човештво (1. Јованово 2:2). Со текот на времето, Јехова открил дека едно неброено „големо мноштво“ ќе го преживее крајот на Сатановиот свет (Откровение 7:9, 14). Огромен број други луѓе ќе бидат воскреснати и ќе имаат можност да живеат вечно во Рајот! (Лука 23:43; Јован 5:28, 29; Откровение 20:11-15; 21:3, 4).

Божјата мудрост и светата тајна

21, 22. Како мудроста на Јехова се гледа во светата тајна?

21 Светата тајна е извонреден доказ за „Божјата разнолика мудрост“ (Ефешаните 3:8-10). Колкава мудрост покажал Јехова со начинот на кој ја осмислил оваа тајна и со тоа што постепено ја откривал! Тој мудро ги зел предвид ограничувањата на луѓето, давајќи им можност да покажат што навистина имаат во срцето (Псалм 103:14).

 22 Јехова покажал неспоредлива мудрост и со тоа што го избрал Исус за Цар. Во Јеховиниот Син можеме да имаме доверба повеќе отколку во кое и да било друго суштество создадено од Јехова. Како човек од крв и месо, Исус доживеал разни неволји. Тој потполно ги разбира проблемите на луѓето (Евреите 5:7-9). Но, што е со оние што ќе владеат заедно со него? Низ вековите биле помазани мажи и жени со најразлично потекло и од сите раси и јазици. Не постои проблем со кој не се изборил барем некој од нив (Ефешаните 4:22-24). Ќе биде вистинско задоволство да имаме такви милосрдни цареви и свештеници!

23. Каква чест имаат христијаните во поглед на Јеховината света тајна?

23 Апостол Павле напишал: „Светата тајна, која беше скриена во минатите векови и поколенија... им е објавена на неговите свети“ (Колошаните 1:26). Да, Јеховините свети, односно помазаниците, разбрале многу детали од светата тајна и им го пренесуваат тоа и на милиони други. Навистина имаме огромна чест! Јехова ни ја ‚објавил светата тајна на својата волја‘ (Ефешаните 1:9). Да им ја кажуваме оваа тајна на другите за да им помогнеме и тие да сфатат колку е голема мудроста на Јехова Бог!

^ пас. 17 И „светата тајна на оддаденоста на Бог“ била откриена во Исус (1. Тимотеј 3:16). Долго време било тајна дали некој воопшто ќе успее да му остане совршено послушен на Јехова. Исус дал доказ дека тоа е возможно. Тој останал верен без разлика на каков испит го ставил Сатана (Матеј 4:1-11; 27:26-50).

^ пас. 20 Со истата група луѓе Исус склучил и „сојуз за царство“ (Лука 22:29, 30). Всушност, со ова „мало стадо“ Исус склучил сојуз според кој тие ќе владеат заедно со него од небото како спореден дел од потомството на Авраам (Лука 12:32).