Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 20

„Има мудро срце“, а сепак е понизен

„Има мудро срце“, а сепак е понизен

1-3. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова е понизен?

ЕДЕН татко сака да го поучи своето детенце за нешто важно и таа поука да допре до неговото срце. Како да му пристапи? Дали треба да застане над него и грубо да му се обрати? Или, пак, да клекне до него и да му зборува благо и љубезно? Еден мудар и понизен татко би го избрал љубезниот начин.

2 Каков татко е Јехова — вообразен и груб или понизен и благ? Јехова има бескрајно знаење и мудрост. Но, дали си забележал дека знаењето и интелигенцијата обично не ги прават луѓето понизни? Тоа го потврдува и Библијата, која вели: „Знаењето го прави човек надуен“ (1. Коринќаните 3:19; 8:1). Но, Јехова „има мудро срце“, а сепак е понизен (Јов 9:4). Тоа не значи дека има пониска положба или дека не е величествен, туку дека не е вообразен. Зошто можеме да бидеме сигурни во ова?

3 Вообразеноста е особина што го прави некого нечист. Но, бидејќи Јехова е свет, не е можно таа да биде дел од него (Марко 7:20-22). Ова го потврдуваат и зборовите на пророкот Еремија, кој за Јехова рекол: „Душата твоја сигурно ќе се сети и ќе се наведне над мене“ * (Плач Еремиин 3:20). Замисли си! Јехова, Севишниот Господар на вселената, е спремен да „се  наведне“, т.е. да се спушти на нивото на Еремија за да покаже милост кон овој несовршен човек (Псалм 113:7). Да, Јехова е понизен. Но, каква е понизноста што ја покажува Бог? Како е поврзана со мудроста? И зошто треба многу да ја цениме?

Како Јехова покажува дека е понизен

4, 5. а) Што е понизност, како се покажува и зошто никогаш не треба да ја сметаме за знак на слабост или плашливост? б) Како Јехова покажал понизност кон Давид, и зошто за нас е важно тоа што Јехова е понизен?

4 Понизноста е спротивна на вообразеноста и гордоста. Таа може да се види по тоа дали некој е благ, стрплив и разумен (Галатите 5:22, 23). Но, овие особини кои ги поседува Бог не покажуваат дека тој е слаб или плашлив. Напротив, токму со својата понизност и благост Јехова докажал колку е силен, односно способен совршено да се совладува (Исаија 42:14). Освен тоа, во некои ситуации тој изразил оправдан гнев и ја користел својата моќ за да уништува. А како  понизноста е поврзана со мудроста? Во еден библиски прирачник стои: „Понизноста се сведува на... несебичност и е темел на мудроста“. Според тоа, ако некој не е понизен, не може да биде вистински мудар. Зошто е важно за нас тоа што Јехова е понизен?

Еден мудар татко е понизен и благ кон своето дете

5 Цар Давид му пеел на Јехова: „Ти ми го даваш својот штит на спасението, твојата десница ме поддржува, твојата понизност ме прави голем“ (Псалм 18:35). Всушност, Јехова како да се наведнувал за да го заштитува и да му помага на овој несовршен човек. Давид сфатил дека ќе биде спасен од своите неволји — па дури и дека еден ден ќе стане голем, односно славен цар — само затоа што Јехова е понизен. Кој од нас би се надевал на спасение ако Јехова не беше понизен, ако не беше спремен да се „наведне“ за да ни помага како еден благ и љубезен Татко?

6, 7. а) Зошто никаде во Библијата не е спомнато дека Јехова е скромен? б) Како се поврзани благоста и мудроста, и кој е најдобар пример во овој поглед?

6 За многу луѓе, скромноста и понизноста се една иста особина. Сепак, меѓу нив има разлика. Скромноста е прекрасна особина што треба да ја има секој верен Божји слуга. Исто како понизноста, и таа е поврзана со мудроста. На пример, во Изреки 11:2 се вели дека „мудроста е кај скромните“. Меѓутоа, никаде во Библијата не пишува дека Јехова е скромен. Зошто? Светото писмо го употребува овој збор за да укаже дека некој е свесен за своите ограничувања. Бидејќи е Семоќен, Бог нема никакви ограничувања, освен оние што сам си ги поставува заради своите праведни мерила (Марко 10:27; Тит 1:2). Исто така, како Севишен, тој има неограничен авторитет. Затоа, не може да се каже дека Јехова е скромен.

7 Меѓутоа, Јехова е понизен и благ. Тој ги учи своите слуги дека благоста е неопходна за да се биде вистински мудар. Неговата Реч вели дека ‚благоста ѝ е  својствена на мудроста‘ * (Јаков 3:13). Да видиме каков пример ни дава Јехова во овој поглед.

Јехова доделува задачи и ги слуша другите

8-10. а) Зошто е впечатливо тоа што Јехова е спремен да ги слуша другите и да им доделува задачи? б) Како Бог покажал понизност кон своите ангели?

8 Доказ дека Јехова е понизен е тоа што доделува задачи и ги слуша другите. Ова само по себе е нешто неверојатно, бидејќи на Јехова не му треба ни помош ни совет (Исаија 40:13, 14; Римјаните 11:34, 35). Сепак, Библијата на повеќе места потврдува дека Бог покажува ваква понизност.

9 Да земеме за пример еден несекојдневен настан од животот на Авраам. Му дошле тројца гости кои, всушност, биле ангели. На еден од нив Авраам му се обраќал со „Јехова“ затоа што дошол и дејствувал во името на Јехова. Кога ангелот ќе кажел или ќе направел нешто, тоа на некој начин било како Јехова да го кажувал или да го правел тоа. Преку овој ангел, Јехова му кажал на Авраам дека чул силна ‚поплака против Содом и Гомор‘. Јехова рекол: „Решив да слезам за да видам дали навистина го прават тоа поради кое доаѓа поплаката до мене, а ако не е така, да знам“ (1. Мојсеева 18:3, 20, 21). Се разбира, пораката од Јехова не значела дека лично тој ‚ќе слезе‘. Наместо тоа, повторно испратил ангели како свои застапници (1. Мојсеева 19:1). Зошто? Зарем Јехова, кој гледа сѐ, не можел самиот да дознае какви се жителите на тоа место? Се разбира дека можел. Сепак, понизно им дал на овие ангели задача да ја испитаат ситуацијата и да отидат кај Лот и неговото семејство во Содом.

10 Освен тоа, Јехова е спремен да ги слуша другите. Во една прилика ги прашал ангелите како да го наведат  злобниот цар Ахав да падне во битка. Иако на Јехова не му требала таква помош, го прифатил предлогот на еден ангел и му рекол да постапи така (1. Царевите 22:19-22). Каква понизност!

11, 12. Како Авраам видел дека Јехова е понизен?

11 Јехова е спремен да ги сослуша дури и несовршените луѓе кои сакаат да му кажат што ги загрижува. На пример, кога Јехова му кажал на Авраам дека има намера да ги уништи Содом и Гомор, овој верен слуга бил збунет. Авраам рекол: „Ти никогаш не би го направил тоа! Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно?“ Тој прашал дали Јехова ќе ги поштеди овие градови ако во нив се најдат 50 праведници. Јехова го уверил дека во таков случај би ги поштедил. Но, Авраам му го поставувал ова прашање уште неколку пати, намалувајќи го бројот на 45, па на 40 итн. Иако на секое прашање Јехова му го давал истиот одговор, Авраам продолжил да го прашува додека не стигнал до бројот 10. Можеби Авраам сѐ уште не разбирал колку милостив е Јехова. Во секој случај, Јехова стрпливо и понизно дозволил неговиот пријател и слуга да каже што го загрижува (1. Мојсеева 18:23-33).

12 Колкумина интелигентни и образовани луѓе би биле спремни стрпливо да сослушаат некого со многу помала интелигенција? * Всушност, Јехова го прави токму тоа. Тој покажува огромна понизност. Преку разговорот со Јехова, Авраам видел и дека тој е „бавен на гнев“ (2. Мојсеева 34:6). Веројатно свесен дека нема право да ги доведува во прашање одлуките на Севишниот, Авраам двапати го молел: „Те молам, Јехова, немој да се разгневиш“ (1. Мојсеева 18:30, 32). Се разбира, Јехова не се разгневил. Тој навистина има „благост која ѝ е својствена на мудроста“.

 Јехова е разумен

13. Што значи зборот кој во Библијата е преведен со „разумен“, и зошто може да се каже дека Јехова е разумен?

13 Понизноста на Јехова се гледа од уште една прекрасна особина — разумноста. За жал, оваа особина е реткост меѓу несовршените луѓе. За разлика од нив, Јехова не само што е спремен да ги слуша своите созданија обдарени со разум туку и да попушти кога тоа го дозволуваат неговите праведни мерила. Зборот кој во Библијата е преведен со „разумен“ дословно значи „спремен да попушти“. И оваа особина е својствена за Божјата мудрост. Во Јаков 3:17 стои: „Мудроста одозгора пред сѐ е... разумна“. Што покажува дека Јехова, најмудрата личност што постои, е разумен? Меѓу другото, тоа што е приспособлив. Самото негово име ни открива дека Јехова станува сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера (2. Мојсеева 3:14). Зарем тоа не е доказ дека тој е приспособлив и разумен?

14, 15. а) Што можеме да научиме за небесниот дел од Јеховината организација преку видението на Езекиел? б) Како се разликува Јеховината организација од световните организации?

14 Едно впечатливо видение што му било дадено на Езекиел ни помага донекаде да сфатиме колку приспособлив е Јехова. Во ова видение бил прикажан небесниот дел од Јеховината организација што го сочинуваат духовни суштества. Тој видел една неверојатно голема кочија со која управува самиот Јехова. Најинтересно е како се движела таа кочија. Големите тркала можеле да се движат на сите четири страни и биле полни со очи. Можеле да гледаат насекаде и да го менуваат правецот веднаш, без запирање или свртување. За разлика од некои гломазни превозни средства направени од човек, оваа огромна кочија можела да се движи со молскавична брзина, па дури и да го менува правецот под прав агол! (Езекиел 1:1, 14-28). Да, Јеховината организација, исто како и семоќниот Владетел што управува со неа, е совршено приспособлива,  спремна брзо да реагира на секоја нова ситуација и потреба.

15 Луѓето ни оддалеку не можат да бидат толку приспособливи. Најчесто, луѓето и нивните организации повеќе се крути и неразумни отколку флексибилни и спремни да попуштат. Нив би можеле да ги споредиме со танкер или со товарен воз. Овие превозни средства се огромни и многу моќни. Но што ќе се случи ако излезе нешто непредвидено? Ако на шините се најде некаква препрека, возот не би можел да сврти или веднаш да запре. Дури и откако ќе се активираат сопирачките, на еден натоварен воз му требаат и до 2 километри за да застане! Нешто слично се случува и со еден танкер, кој може да продолжи да плови уште 8 километри откако ќе се исклучат моторите. Дури и ако пропелерите почнат да вртат во обратен правец, танкерот би продолжил да плови и до 3 километри! Слично е и со човечките организации кои обично се крути и неразумни. Бидејќи се горди, луѓето честопати не се приспособуваат на новонастанатите потреби и околности. Таквата крутост довела до тоа многу фирми да банкротираат и многу влади да пропаднат (Изреки 16:18). За среќа, ниту Јехова ниту неговата организација не се такви!

Како Јехова покажува разумност

16. Како Јехова покажал разумност пред да ги уништи Содом и Гомор?

16 Да се вратиме повторно во времето кога биле уништени Содом и Гомор. Лот и неговото семејство добиле конкретни упатства од еден ангел: „Бегај во планините“. Меѓутоа, ова не му се допаднало на Лот, и затоа рекол: „Те молам, Јехова, немој така!“ Убеден дека ќе умре ако мора да бега во планините, Лот молел тој и неговото семејство да пребегаат во блискиот град Сигор. Но, Јехова имал намера да го уништи и тој град. Освен тоа, стравовите на Лот биле неосновани бидејќи  Јехова сигурно можел да му помогне да преживее во планините. Сепак, му го исполнил барањето и го поштедил Сигор. „Еве, и во ова ќе имам обѕир кон тебе“, му рекол ангелот на Лот (1. Мојсеева 19:17-22). Зарем со тоа Јехова не покажал разумност?

17, 18. Како Јехова покажал разумност во случајот со Ниневијците?

17 Јехова зема предвид и кога некој искрено се кае, при што секогаш постапува милостиво и праведно. Да го земеме за пример она што се случило кога пророкот Јона бил испратен во Ниневија — град што бил полн со злоба и насилство. Минувајќи низ улиците на Ниневија, Јона објавувал едноставна порака од Бог: овој голем град ќе биде уништен за 40 дена. Меѓутоа, ситуацијата драматично се сменила. Жителите на Ниневија се покајале! (Јона, 3. поглавје).

18 Можеме многу да научиме ако разгледаме како реагирал Јехова, а како Јона на новата ситуација. Јехова се приспособил и, наместо „храбар воин“, станал Бог кој простува гревови * (2. Мојсеева 15:3). Јона, пак, не бил ниту флексибилен ниту милосрден. Наместо да биде разумен како Јехова, тој повеќе наликувал на товарниот воз и на танкерот што ги спомнавме претходно. Им објавил уништување и сега по секоја цена морало да има уништување! Но, Јехова бил стрплив со овој нестрплив пророк и му дал незаборавна поука за разумноста и милосрдноста (Јона, 4. поглавје).

Јехова е разумен и ги разбира нашите ограничувања

19. a) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова има разумни очекувања од нас? б) Како Изреки 19:17 покажува дека Јехова е ‚добар и разумен‘ Господар и дека е многу понизен?

19 Јехова е разумен и во она што го очекува од нас. Цар Давид рекол: „Тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Јехова ги разбира нашите ограничувања и несовршености подобро од нас самите. Тој никогаш не очекува од нас повеќе  отколку што можеме да направиме. Во врска со луѓето, Библијата прави разлика помеѓу ‚добрите и разумни‘ господари и „оние на кои е тешко да им се угоди“ (1. Петрово 2:18). Каков Господар е Јехова? Според Изреки 19:17, оној што „е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова“. Штом Јехова го забележува секое добро дело кон некој сиромав, можеме да бидеме сигурни дека е добар и разумен Господар. Исто така, од овој стих учиме дека Творецот на вселената, всушност, се смета себеси за должник кон еден обичен човек што прави такви милосрдни дела. Каква понизност!

20. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ги слуша нашите молитви и дека одговара на нив?

20 Јехова е исто толку благ и разумен и кон своите слуги денес. Кога со вера му се обраќаме во молитва, тој нѐ слуша. Иако не испраќа ангели за да ни пренесе пораки, не треба да мислиме дека не одговара на нашите молитви. Во една прилика апостол Павле ги замолил своите соверници да се молат тој да биде пуштен од затвор. Зошто? „За да ви се вратам што поскоро“, рекол тој (Евреите 13:18, 19). Значи, нашите молитви можат да го поттикнат Јехова да го направи она што инаку не би го направил! (Јаков 5:16).

21. а) Иако Јехова е понизен, што нема никогаш да направи? б) Зошто Јеховината понизност е толку впечатлива?

 21 Се разбира, тоа што Јехова е понизен — односно благ, спремен да ги слуша другите, стрплив и разумен — не значи дека ги погазува своите праведни начела. Многу свештеници во христијанскиот свет мислат дека е разумно да ги разводнуваат Јеховините морални мерила за да им угодат на своите верници (2. Тимотеј 4:3). Но, склоноста на човекот да ги погази своите принципи кога тоа повеќе му одговара нема ништо заедничко со разумноста на Бог. Јехова е свет и нема никогаш да ги прекрши своите праведни мерила (3. Мојсеева 11:44). Од срце да ја цениме Јеховината разумност, која е доказ дека е понизен. Зарем не нѐ восхитува тоа што Јехова Бог, најмудрата личност во вселената, е неверојатно понизен? Каква чест е што можеме да бидеме блиски со овој величествен, а сепак благ, стрплив и разумен Бог!

^ пас. 3 Во старо време, писарите познати како соферими го смениле овој стих за да изгледа дека Еремија е оној што се наведнува, а не Јехова. Изгледа сметале дека не е соодветно на Бог да му се припише таков понизен чин. Од таа причина, многу преводи ја промашуваат смислата на овој прекрасен стих. Меѓутоа, преводот The New English Bible точно ги пренесува зборовите на Еремија: „Сети се, о сети се и наведни се над мене“.

^ пас. 7 Во некои преводи, оваа фраза гласи: „понизноста која произлегува од мудроста“ и „благоста која е знак за мудрост“.

^ пас. 12 Интересно е тоа што во Библијата стрпливоста е наведена како особина која е спротивна на вообразеноста (Проповедник 7:8). Стрпливоста на Јехова е уште еден доказ дека е понизен (2. Петрово 3:9).

^ пас. 18 Во Псалм 86:5 за Јехова се вели дека е ‚добар и спремен да прости‘. На грчки, изразот „спремен да прости“ бил преведен со епиики́с, односно „разумен“.