Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 5

Моќ да создава — „Творецот на небото и на земјата“

Моќ да создава — „Творецот на небото и на земјата“

1, 2. На кој начин Сонцето покажува колкава е Јеховината моќ да создава?

ЗАМИСЛИ СИ дека седиш покрај оган во една студена ноќ. Рацете ти се испружени и уживаш во топлината од огнот. Но, за да ти биде пријатно, треба да бидеш на исправна оддалеченост од огнот — ако си преблизу ќе ти стане жешко, а ако си предалеку ќе ти застуди.

2 Всушност, постои еден „оган“ кој нѐ грее секој ден, иако гори на оддалеченост од околу 150 милиони километри од нас! * Тој „оган“ е Сонцето. Замисли колкава моќ мора да има тоа штом можеме да ја почувствуваме неговата топлина на толку големо растојание! Земјата постојано кружи околу оваа чудесна термонуклеарна печка, и тоа на идеална оддалеченост. Кога нашата планета би била поблизу до Сонцето, сета вода би испарила. А кога би била подалеку, водата би замрзнала. И едната и другата крајност би значеле крај за живиот свет на Земјата. Но, освен што е неопходно за животот на Земјата, Сонцето не ја загадува околината и претставува ефикасен извор на енергија, а да не спомнуваме колку ни се пријатни неговите зраци (Проповедник 11:7).

Јехова „го постави сонцето, изворот на светлина“

3. За која важна работа сведочи Сонцето?

3 Сепак, повеќето луѓе го земаат Сонцето здраво за готово, иако од него им зависи животот. Со тоа пропуштаат да извлечат една важна поука. Во Библијата го пишува следново за Јехова: „Ти го постави сонцето, изворот на светлина“ (Псалм 74:16). Да, Сонцето му носи слава на Јехова, „Творецот на небото и на земјата“ (Псалм 19:1; 146:6). Но, тоа е само едно од неброените небесни тела кои  покажуваат колку е бескрајна Јеховината моќ да создава. Најпрво ќе се запознаеме со некои небесни тела, а потоа ќе дознаеме нешто повеќе за Земјата и за живиот свет на неа.

„Подигнете ги очите и гледајте“

4, 5. Колку моќно и колку големо е Сонцето, но колкаво е во споредба со другите ѕвезди?

4 Како што веројатно знаеш, нашето Сонце е ѕвезда. Тоа изгледа многу поголемо од ѕвездите кои ги гледаме на ноќното небо бидејќи, за разлика од нив, се наоѓа многу поблизу до нас. А колкава енергија има? Па, температурата во неговото јадро изнесува околу 15 милиони Целзиусови степени. Ако од јадрото се земе едно делче големо колку глава на шпенадла и се стави на Земјата, нема да биде безбедно да се стои во радиус од 140 километри од тој мал извор на топлина! А секоја секунда Сонцето ослободува енергија која одговара на експлозијата на стотици милиони нуклеарни бомби.

5 Што се однесува до димензиите, Сонцето е толку големо што во него можат да се сместат 1.300.000 Земји. Дали  Сонцето е необично голема ѕвезда? Не. Всушност, астрономите го нарекуваат жолто џуџе. Апостол Павле напишал дека „ѕвезда од ѕвезда се разликува по славата“ (1. Коринќаните 15:41). Не можел ни да замисли колку се вистинити тие вдахновени зборови. На пример, постои ѕвезда која е толку голема што, ако се постави на местото на Сонцето, нашата Земја ќе се најде во неа. Една друга џиновска ѕвезда поставена на местото на Сонцето би го исполнила просторот дури до Сатурн. Оваа планета е толку оддалечена од Земјата што на едно вселенско летало ќе му требаат четири години за да стигне до неа — под услов да патува со брзина која е 40 пати поголема од брзината на куршум испукан од моќен пиштол!

6. Како Библијата ни помага да сфатиме колку многу ѕвезди има?

6 Без здив нѐ остава не само големината на ѕвездите туку и нивниот број. Од Библијата дознаваме дека има толку  многу ѕвезди што не можат да се избројат, исто како што не може да се изброи ниту „морскиот песок“ (Еремија 33:22). Ова покажува дека постојат далеку повеќе ѕвезди отколку што можат да се видат со голо око. Ако некој од писателите на Библијата, како што бил Еремија, погледнел кон ноќното небо и почнел да ги брои ѕвездите, ќе можел да изброи само околу три илјади. Отприлика толкав е бројот на ѕвезди што може да се видат со голо око во јасна ноќ. За споредба, толкав е и бројот на зрнца во еден грст песок. Но, вкупниот број на ѕвезди е далеку поголем, исто како и вкупниот број на зрнца песок во морето. * Кој би можел да ги изброи?

„Ги вика сите по име“

7. а) Отприлика колку ѕвезди содржи нашата галаксија, и колку е голем тој број? б) Зошто е значајно тоа што астрономите не можат да го одредат вкупниот број на галаксии, и што ни кажува тоа за Јеховината моќ да создава?

7 Одговорот е даден во Исаија 40:26, каде што пишува: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име“. А во Псалм 147:4 за Јехова се вели: „Ги пребројува ѕвездите“. Колкав е вкупниот број на ѕвезди? Тоа прашање воопшто не е едноставно. Астрономите проценуваат дека само нашата галаксија, Млечниот Пат, содржи преку 100 милијарди ѕвезди. * Но, постојат и многу други галаксии, а голем дел од нив содржат уште повеќе ѕвезди. Колку галаксии има? Некои астрономи проценуваат дека постојат околу 50 милијарди галаксии. Други, пак, велат дека нивниот број можеби достигнува 125 милијарди. Значи, човекот не може да го одреди ни бројот на галаксии, а камоли точниот број на милијардите  ѕвезди од кои се состои секоја од нив. Сепак, Јехова го знае тој број. Освен тоа, на секоја ѕвезда ѝ дава име!

8. а) Како би објаснил колку е голема нашата галаксија? б) На кој начин Јехова им ја одредува патеката на небесните тела?

8 Нашата одушевеност од она што го направил Јехова ќе порасне кога ќе помислиме на тоа колку е голема секоја галаксија. Се проценува дека Млечниот Пат има дијаметар од околу 100.000 светлосни години. Колкаво е тоа растојание? Замисли си еден зрак светлина што патува со огромна брзина од околу 300.000 километри во секунда. За да стигне од едниот до другиот крај на галаксијата ќе му бидат потребни 100.000 години! А некои галаксии се многупати поголеми од нашата. Интересно, Библијата вели дека Јехова „ги оптегнал“ огромните небесни пространства како да се обично платно (Псалм 104:2). На небесните тела тој дури им одредува и патека на движење. Од најмалата честичка меѓуѕвездена прашина до најголемата галаксија, сѐ се движи во склад со физичките закони што ги поставил Бог (Јов 38:31-33). Научниците ги споредуваат прецизните движења на небесните тела со сложена балетска кореографија! Помисли за момент на оној кој го создал сето тоа. Зар не си исполнет со страхопочит кон Богот што поседува толкава моќ да создава?

„Ја направи земјата со својата сила“

9, 10. а) Каков доказ за Јеховината моќ гледаме од местоположбата на Сончевиот систем? б) Што ни покажува поставеноста на Јупитер и на Месечината во однос на Земјата?

9 Доказ за тоа дека Јехова има неверојатна моќ да создава е и нашата планета. На пример, Јехова многу внимателно избрал на кое место во огромната вселена ќе ја постави Земјината топка. Некои научници сметаат дека голем број галаксии би биле непогодни за една планета како нашата, која врие од живот. Освен тоа, се чини дека и поголемиот дел од галаксијата Млечен Пат не е создаден за да постои живот во него. Од една страна, центарот на галаксијата е преполн со ѕвезди. Има високо зрачење, а постои и голем ризик да дојде до судир меѓу ѕвездите. Од друга страна, на рабовите од галаксијата недостасуваат  многу елементи што се неопходни за живот. Нашиот Сончев систем е идеално сместен меѓу овие две крајности.

10 Земјината топка постојано добива заштита од една далечна, но џиновска планета — Јупитер. Оваа планета е повеќе од 1.000 пати поголема од Земјата и затоа врши огромно гравитационо влијание. Со каков резултат? Јупитер ги апсорбира или им ја менува патеката на голем број небесни тела кои со вртоглава брзина се движат низ вселената. Според научниците, доколку не би постоел Јупитер, дождот од метеори што паѓа на Земјата би бил 10.000 пати посилен од сегашниот. А во близина на нашата планета се наоѓа еден необичен сателит — Месечината. Освен што е убав украс на небото и ни ја осветлува ноќта, таа ја одржува оската на Земјата наклонета под одреден агол. Благодарение на тоа, доаѓа до редовна промена на годишните времиња — уште еден благодет за животот на Земјата.

11. На кој начин Земјината атмосфера служи како заштитна обвивка?

11 Јеховината моќ да создава се гледа во секој аспект од начинот на кој е направена Земјата. Да ја земеме за пример атмосферата, која служи како заштитна обвивка на Земјата. Сонцето испушта и корисни и штетни зраци. Кога штетните, смртоносни зраци ќе стигнат до горните слоеви на Земјината атмосфера, предизвикуваат обичниот кислород да премине во озон. Притоа настанува озонска обвивка која го апсорбира поголемиот дел од тие зраци. Значи, нашата планета има сопствен заштитен чадор!

12. Како Јеховината моќ да создава се гледа во кружниот тек на водата што се одвива во атмосферата?

12 Нашата атмосфера претставува сложена смеса од гасови кои се застапени во идеален размер. Благодарение на тоа може да опстане целиот жив свет на Земјата. Во атмосферата се одвива и една чудесна појава — кружниот тек на водата. Под дејство на Сонцето, секоја година од океаните и морињата испаруваат околу 400.000 кубни километри вода. Од водената пареа се формираат облаци, кои атмосферските ветрови ги разнесуваат насекаде. Таа  вода, сега исфилтрирана и прочистена, паѓа на Земјата во вид на дожд, снег и мраз и ги обновува резервите со вода. Овој процес е убаво опишан во Проповедник 1:7, каде што стои: „Сите реки течат во морето, а морето сепак не се преполнува. Реките одново се враќаат на своите врутоци и одново го започнуваат својот тек“. Само Јехова можел да постави еден таков кружен тек.

13. Какви докази за моќта на Творецот гледаме во растителниот свет и во почвата?

13 И живиот свет што нѐ опкружува е доказ за моќта на Творецот. Сѐ што постои — од џиновските секвои кои се повисоки од 30-катница па сѐ до микроскопскиот растителен свет во океаните кој обезбедува голем дел од кислородот што го дишеме — покажува колкава моќ да создава има Јехова. Дури и самата почва врие од живот. Црвите, габите и микробите во неа соработуваат на неверојатно сложен начин, со што им овозможуваат на растенијата да растат.

14. Колкава енергија се крие дури и во ситниот атом?

14 Без сомнение, Јехова е оној кој ‚ја направил земјата со својата сила‘ (Еремија 10:12). Неговата моќ се гледа дури и во најситните творби. На пример, ако наредиме милион атоми еден до друг, ќе се добие слој потенок од човечко влакно. А ако еден атом се зголеми дури и колку 14-катна зграда, неговото јадро ќе биде само како едно зрнце сол на седмиот кат. Сепак, тоа бесконечно мало јадро е изворот на огромната енергија која се ослободува при нуклеарна експлозија!

„Сѐ што дише“

15. Каква поука му дал Јехова на Јов кога му набројал некои диви животни?

15 Друг впечатлив доказ за Јеховината моќ да создава наоѓаме во разновидноста на животинскиот свет. Во 148. Псалм се наведени многу работи што го фалат Јехова, а во 10. стих од овој псалм се спомнати „диви животни и сите домашни животни“. За да покаже зошто луѓето треба да чувствуваат страхопочит кон Творецот, Јехова  во една прилика му набројал на Јов некои диви животни, како што се лавот, зебрата, дивиот бик, нилскиот коњ и крокодилот. Со која цел? Ако човекот им се восхитува на овие силни, страшни и нескротливи суштества, колку повеќе би требало да му се восхитува на оној што ги создал! (Јов, поглавја 38-41).

16. Кои работи те воодушевуваат во врска со некои птици што ги создал Јехова?

16 Во Псалм 148:10 се спомнуваат и „крилести птици“. Само помисли колку различни видови птици постојат! Јехова му зборувал на Јов за нојот, кој „му се смее на коњот и на неговиот јавач“. Иако не може да лета, оваа птица, висока 2,5 метри, може да трча со брзина од 65 километри на час и да помине 4,5 метри само со еден чекор! (Јов 39:13, 18). Од друга страна, албатросот го поминува поголемиот дел од својот живот во воздухот над морето. Оваа птица има распон на крилјата од 8 метри и може со часови да лебди во воздухот без да замавне со нив. За разлика од албатросот, еден вид колибри, кое има должина од само 5 сантиметри и е најмалата птица во светот, може да замавне со своите крилја и до 80 пати во секунда! Овие мали птички, кои блескаат како минијатурни скапоцени камчиња, можат да летаат во место како хеликоптер, а можат да летаат дури и наназад.

17. Колку голем е синиот кит, и до каков логичен заклучок ќе дојдеме откако ќе размислиме за животинскиот свет што го создал Јехова?

17 Во Псалм 148:7 пишува дека и ‚големите морски животни‘ го фалат Јехова. Да го земеме како пример синиот кит, за кој многумина веруваат дека е најголемото суштество кое некогаш живеело на нашата планета. Ова ‚големо морско животно‘ може да достигне должина од 30, па дури и повеќе метри, и да тежи колку 30 слонови. Само јазикот му е тежок колку еден слон. Неговото срце е големо колку еден мал автомобил. Овој огромен орган чука само 9 пати во минута. За разлика од него, срцето на колибрито може да чука дури и до 1.200 пати во минута. Што се однесува до крвните садови на синиот кит, барем еден од нив е толку голем што во него може да лази дете. Без  сомнение, поттикнати сме да ги повториме зборовите со кои завршува книгата Псалми: „Сѐ што дише нека го фали Јах!“ (Псалм 150:6).

Да учиме од Јеховината моќ да создава

18, 19. Колкава е разноликоста на живите организми на Земјата, и што учиме за Јеховината власт од она што е создадено?

18 Што можеме да научиме од начинот на кој Јехова ја користи својата моќ да создава? Вчудовидени сме од разноликоста на сѐ што е создадено. Еден псалмист рекол: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова!.. Полна е земјата со твоите творби“ (Псалм 104:24). И навистина е така! Биолозите откриле повеќе од еден милион видови живи организми, но се смета дека постојат 10 милиони, 30 милиони, па дури и повеќе. Луѓето што се занимаваат со уметност понекогаш ја губат креативноста и остануваат без идеи. Но, за разлика од нив, Јеховината креативност — способноста да измислува и да создава најразлични нови работи — е неисцрпна.

19 Начинот на кој Јехова ја користи својата моќ да создава ни открива нешто за неговата врховна власт. Самиот збор „Творец“ го издвојува Јехова од сѐ што постои во вселената затоа што сѐ друго е „творба“, создание. Дури ни  Јеховиниот единороден Син, кој служел како „вешт градител“ во текот на создавањето, во Библијата никогаш не е наречен Творец (Изреки 8:30; Матеј 19:4). Напротив, тој е „првороден од сѐ што е создадено“ (Колошаните 1:15). Со самото тоа што е Творец на сѐ, Јехова е единствениот кој има право да владее над целата вселена (Римјаните 1:20; Откровение 4:11).

20. Во која смисла Јехова почива откако создал сѐ на Земјата?

20 Дали Јехова престанал да ја користи својата моќ да создава? Па, Библијата вели дека тој создавал шест дена, а ‚на седмиот ден почнал да почива од сето свое дело што го направил‘ (1. Мојсеева 2:2). Апостол Павле покажал дека седмиот „ден“ трае неколку илјади години бидејќи сѐ уште не бил завршен во негово време (Евреите 4:3-6). Но, дали тоа што Јехова „почива“ значи дека сосема престанал да работи? Не, бидејќи Бог никогаш не престанува да работи (Псалм 92:4; Јован 5:17). Според тоа, таа ‚почивка‘ едноставно значи дека Јехова престанал да создава материјални работи на Земјата. Сепак, тој без прекин работи на остварувањето на своите намери. Благодарение на тоа го имаме Светото писмо. Јехова овозможил да настане и едно „ново создание“, за кое ќе видиме нешто повеќе во 19. поглавје (2. Коринќаните 5:17).

21. Како Јеховината моќ да создава ќе влијае врз нас во сета вечност?

21 Штом ќе заврши Јеховиниот ден на почивка, Бог ќе може да рече дека е „многу добро“ сето она што го создал на Земјата, како што рекол и на крајот на секој од претходните шест творечки денови (1. Мојсеева 1:31). Останува да видиме како ќе продолжи и во иднина да ја користи својата безгранична моќ да создава. Во секој случај, можеме да бидеме сигурни дека и понатаму ќе се восхитуваме на неговата моќ да создава. Во текот на целата вечност ќе учиме сѐ повеќе за Јехова набљудувајќи ги сите негови созданија (Проповедник 3:11). А колку повеќе учиме за него, толку поголема страхопочит ќе чувствуваме кон нашиот Величествен Творец, кој ќе ни станува сѐ поблизок.

^ пас. 2 За да сфатиме колку далеку е тоа, ќе наведеме еден пример. За да се помине тоа растојание со автомобил возејќи ден и ноќ со брзина од 160 километри на час, ќе бидат потребни повеќе од сто години!

^ пас. 6 Некои мислат дека луѓето во библиски времиња мора да користеле некаков примитивен телескоп. Тоа им е единствен начин да објаснат како уште тогаш се знаело дека има толку многу ѕвезди што не можат да се избројат. Но, со ваквите неосновани претпоставки ја занемаруваат улогата на Јехова, Авторот на Библијата (2. Тимотеј 3:16).

^ пас. 7 Колку време ќе ти треба само за да изброиш 100 милијарди ѕвезди? Ако за секоја ѕвезда одвоиш по една секунда и броиш 24 часа на ден, ќе ти бидат потребни 3.171 година!