Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 4

„Јехова... има огромна моќ“

„Јехова... има огромна моќ“

1, 2. Кои неверојатни работи ги имал доживеано Илија, но што му се случило на планината Хорив?

ИЛИЈА веќе доживеал некои неверојатни работи. Додека бил во бегство, двапати дневно храна му носеле гаврани. За време на еден долг глад, два сада со брашно и масло никако не се испразнувале. А како одговор на една негова молитва, од небото слегол оган (1. Царевите, поглавја 17, 18). Сепак, ова што го гледал сега, го немал видено никогаш порано.

2 Додека бил засолнет на влезот од една пештера на планината Хорив, почнало да се случува нешто многу необично. Најпрво задувал ветар. Со своето фучење сигурно втерувал страв во коски затоа што бил толку силен што расцепувал планини и кршел карпи. Потоа настанал земјотрес, кој ослободил огромно количество енергија од Земјината кора. По земјотресот се појавил оган. Додека пламените јазици голтале сѐ пред себе, Илија сигурно почувствувал бран на неподнослива жештина (1. Царевите 19:8-12).

„Гледај, Јехова поминуваше“

3. Која Божја особина ја запознал Илија, и во кои работи можеме да ја видиме и ние таа особина?

3 Сите овие работи што ги видел Илија имале нешто заедничко. Тие биле доказ за големата моќ на Јехова Бог. Се разбира, не мора да видиме чудо за да се увериме дека Бог е моќен и силен. Тоа лесно се забележува. Библијата вели дека самото создание е доказ за Јеховината „вечна моќ и божество“ (Римјаните 1:20). Помисли на заслепувачкиот блесок на молњите и заглушувачкиот татнеж на громовите, на величествените слапови на еден голем водопад и на бескрајното небо начичкано со ѕвезди! Зар во овие работи не гледаш доказ за Божјата моќ? Сепак, денес малкумина му оддаваат признание на Бог за сето тоа. А уште помал е бројот на оние што  исправно гледаат на Божјата моќ. Меѓутоа, ако ја разбереме оваа особина на Јехова, ќе ни биде полесно да се зближиме со него. Во првиот дел од оваа книга ќе стане збор за Јеховината неспоредлива моќ.

Една од главните особини на Јехова

4, 5. а) Каква врска постои помеѓу името на Јехова и неговата моќ? б) Зошто е на место тоа што Јехова го избрал бикот како симбол на својата моќ?

4 Никој не може да се мери со Јехова во поглед на моќта. Во Еремија 10:6 пишува: „Никој не е како тебе, Јехова! Ти си велик, и името твое е велико и моќно“. Забележи дека моќта е поврзана со Јеховиното име, кое значи „оној што предизвикува да стане“. Што му овозможува на Јехова да стане сѐ што ќе посака? Едно нешто е неговата моќ. Тој има неограничена способност да го направи она што го наумил. Таквата моќ е една од неговите главни особини.

5 Поради тоа што никогаш не би можеле потполно да сфатиме колку е моќен Јехова, тој користи споредби за да ни го долови тоа. Веќе видовме дека Јехова го избрал бикот како симбол на својата моќ (Езекиел 1:4-10). Таа споредба е сосема на место затоа што дури и домашниот бик е големо и силно животно. Луѓето што во библиски времиња живееле во Палестина ретко можеле да видат некое посилно животно. Сепак, во тоа време имало еден вид див бик кој денес е изумрен (Јов 39:9-12). Римскиот император Јулиј Цезар рекол дека тие бикови биле големи речиси колку слоновите. Тој напишал: „Многу се силни и неверојатно брзи“. Замисли колку мал и слаб би се чувствувал ти покрај едно такво животно!

6. Зошто само Јехова е наречен „Семоќен“?

6 На сличен начин, секој човек е мал и немоќен во споредба со Јехова, Богот на моќта. За него дури и моќните народи се како прашинка на вага (Исаија 40:15).  За разлика од секое друго суштество, Јехова има неограничена моќ. Затоа, само тој е наречен „Семоќен“ * (Откровение 15:3). Јехова има „огромна сила“ и поседува ‚изобилство енергија со која задвижува сѐ‘ (Исаија 40:26, фуснота). Тој е неисцрпен, бескраен извор на моќ. Не е зависен од некој друг извор на енергија бидејќи „моќта му припаѓа на Бог“ (Псалм 62:11). Но, на кој начин Јехова ја покажува својата моќ?

Како Јехова ја користи својата моќ

7. Што е Јеховиниот свет дух, и што покажуваат изворните зборови за „дух“ кои се користат во Библијата?

7 Од Јехова извира свет дух во неограничена мера. Што е светиот дух? Тоа е силата со која се служи Бог. Изворните хебрејски и грчки зборови кои се преведуваат со „дух“, во некои контексти може да се преведат со „ветар“, „здив“ и „струење на воздух“. Лексикографите велат дека на изворните јазици тие зборови укажуваат на невидлива активна сила. Слично како ветрот, Божјиот дух не можеме да го видиме, но можеме да ги почувствуваме последиците од неговото дејствување.

8. Како е наречен светиот дух во Библијата, и зошто тие споредби се соодветни?

8 Јехова го користи светиот дух за различни цели. Тој може да го употреби за да изврши сѐ што ќе науми. Затоа, сосема е на место што Божјиот дух во Библијата симболично е наречен негов „прст“, негова „силна рака“ и негова „подигната мишка“ (Лука 11:20; 5. Мојсеева 5:15; Псалм 8:3). Исто како што еден човек може со својата рака да направи најразлични работи, така и Јехова може да го употреби својот дух за да направи сѐ што ќе науми. На пример, со светиот дух го создал бескрајно малиот атом, ги разделил водите на Црвеното Море и им овозможил на христијаните од првиот век да зборуваат на разни јазици.

9. Со каква власт располага Јехова?

 9 Јехова ја покажува својата моќ и преку авторитетот што го има како Севишен Господар на целата вселена. Можеш ли да замислиш како би било да имаш под своја власт милијарди интелигентни и способни суштества кои се спремни да ја извршат секоја твоја заповед? Јехова располага со таква власт. На Земјата тој има верни слуги кои во Библијата честопати се споредени со војска (Псалм 68:11; 110:3). Сепак, човекот е многу кревко суштество во споредба со еден ангел. Кога асирската војска го нападнала Божјиот народ, само еден ангел убил 185.000 асирски војници за една ноќ! (2. Царевите 19:35). Навистина, Божјите ангели се „моќни во силата“ (Псалм 103:19, 20).

10. а) Зошто Семоќниот Бог е наречен „Јехова над војските“? б) Кое е најмоќното суштество што го создал Јехова?

10 Колку ангели постојат? Во едно видение, пророкот Даниел видел повеќе од 100 милиони ангели кои стоеле пред Јеховиниот престол на небото. Сепак, ова не значи дека ги видел сите ангели што постојат (Даниел 7:10). Според тоа, веројатно постојат стотици милиони ангели. Затоа, Бог ја носи титулата „Јехова над војските“. Оваа титула укажува на неговата висока положба како Заповедник на една голема, организирана војска од моќни ангели. Над сите нив Бог го поставил својот сакан Син, кој е „првороден од сѐ што е создадено“ (Колошаните 1:15). Како архангел, кој е поставен над сите ангели, серафими и херувими, Исус е најмоќното суштество што го создал Јехова.

11, 12. а) Во која смисла Божјата Реч е делотворна? б) Од кои зборови на Исус гледаме колку е голема Божјата моќ?

11 Јехова ја покажува својата моќ на уште еден начин. Во Евреите 4:12 пишува: „Речта Божја е жива и делотворна“. Дали си забележал колку силно влијание има Божјата Реч, односно пораката вдахновена од светиот дух, која е запишана во Библијата? Таа може да нѐ зајакне, да ја зацврсти нашата вера и да ни помогне  да направиме коренити промени во животот. Апостол Павле ги предупредил христијаните да се чуваат од луѓето кои водат крајно неморален живот. Потоа рекол: „А такви беа некои од вас“ (1. Коринќаните 6:9-11). Значи, Божјата Реч била делотворна. Таа извршила силно влијание врз нив и им помогнала да се променат.

12 Јехова има толку голема моќ и ја користи на толку делотворен начин што ништо не може да го спречи да ги оствари своите намери. Исус рекол: „За Бог сѐ е возможно“ (Матеј 19:26). За кои работи Јехова ја користи својата моќ?

Моќ која се користи со цел

13, 14. а) Зошто може да се каже дека Јехова не е некаков безличен извор на енергија? б) За кои работи Јехова ја користи својата моќ?

13 Јеховиниот свет дух е далеку помоќен од која и да е физичка сила. Меѓутоа, Јехова не е некаква безлична сила или само некаков извор на енергија. Тој е личност и има целосна контрола над својата моќ. Но, за какви цели ја користи?

14 Како што ќе видиме, Бог ја користи својата моќ за да создава, уништува, заштитува и обновува — со други зборови, за да направи сѐ што е во склад со неговите совршени намери (Исаија 46:10). Понекогаш Јехова ја користи својата моќ за да открие важни аспекти на својата личност и да ги открие своите мерила. Што е најважно од сѐ, тој ја користи моќта за да ја изврши својата волја — да го оправда своето право да владее и да го посвети своето величествено име преку месијанското Царство. Никој и ништо не може да го спречи Јехова да ја исполни таа намера.

15. Со каква цел Јехова ја користи својата моќ кога се во прашање неговите слуги, и како тоа се гледа од она што го доживеал Илија?

15 Јехова ја користи својата моќ и за да ни помага нам лично. Во 2. Летописи 16:9 пишува: „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“.  Една потврда за тоа е она што го доживеал Илија, како што видовме во почетокот на ова поглавје. Зошто Јехова му ја покажал својата моќ на толку впечатлив начин? Па, злобната царица Језавела се заколнала дека ќе го погуби Илија. За да си го спаси животот, пророкот избегал. Бил осамен, преплашен и обесхрабрен. Имал чувство како сиот негов труд да паднал во вода. За да го утеши овој потиштен човек, Јехова на живописен начин го потсетил на својата моќ. Ветрот, земјотресот и огнот му потврдиле на Илија дека крај него е најмоќната личност во целата вселена. Зар имал причина да се плаши од Језавела кога на негова страна бил Семоќниот Бог? * (1. Царевите 19:1-12).

16. Зошто е утешно да размислуваме за големата моќ на Јехова?

16 Денес Јехова не прави чуда како што правел во времето на Илија. Сепак, тој не се променил (1. Коринќаните 13:8). И денес е исто толку спремен да ја употреби својата моќ во корист на оние што го сакаат. Иако Јехова престојува во духовниот свет, тој не е далеку од никого од нас. Неговата моќ не познава граници, па затоа далечината за него не игра никаква улога. Наместо тоа, „Јехова е близу до сите што го повикуваат“ (Псалм 145:18). Еднаш, кога пророкот Даниел го молел Бог за помош, му се појавил еден ангел уште пред да заврши со молитвата! (Даниел 9:20-23). Ништо не може да го спречи Јехова да ги зајакне и да им помогне на оние што ги сака (Псалм 118:6).

Дали Бог е непристаплив затоа што е моќен?

17. а) Каков страв треба да чувствуваме кога ќе помислиме на Јеховината моќ? б) Каков страв од Јехова не треба да чувствуваме?

17 Дали треба да се плашиме од Бог поради тоа што е толку моќен? На ова прашање мора да одговориме и со  ‚да‘ и со ‚не‘. ‚Да‘, затоа што оваа особина ни дава многу причини да чувствуваме голем восхит, длабока почит и здрав страв од Бог, како што спомнавме во претходното поглавје. Библијата вели дека таквиот страв е „првото нешто потребно за да се стекне мудрост“ (Псалм 111:10). Меѓутоа, мора да одговориме и со ‚не‘, затоа што Божјата моќ не е причина да чувствуваме болен страв од него или да се плашиме да му се обратиме.

18. а) Зошто многумина гледаат со недоверба на оние што имаат некаква моќ? б) Од каде знаеме дека моќта не може да го расипе Јехова?

18 „Моќта расипува, а апсолутната моќ апсолутно расипува.“ Ова го напишал англискиот историчар лорд Актон во 1887 год. Оттогаш наваму, многу луѓе ги цитирале овие зборови затоа што увиделе колку се точни. Како што секогаш одново потврдува историјата, несовршените луѓе честопати ја злоупотребуваат моќта (Проповедник 4:1; 8:9). Токму од таа причина многумина гледаат со недоверба на оние што имаат некаква моќ. Затоа не сакаат да имаат ништо со нив. Од друга страна, Јехова има апсолутна моќ. Дали на некој начин таа го расипала? Секако дека не! Како што веќе видовме, Јехова е свет и ништо не може да го расипе. Тој не е како несовршените луѓе што се на моќни положби во овој расипан свет. Никогаш не ја злоупотребил својата моќ, а нема да ја злоупотреби ни во иднина.

19, 20. а) Во склад со кои други особини Јехова секогаш ја покажува својата моќ, и зошто е утешно да го знаеме тоа? б) Која споредба ни покажува колкаво самосовладување покажува Јехова, и зошто ти се допаѓа оваа негова особина?

19 Не заборавај дека моќта не е единствената особина на Јехова. Треба да се запознаеме и со неговата правда, мудрост и љубов. Но, не треба да заклучиме дека Јехова ги покажува своите особини круто, механички и независно една од друга. Всушност, точно е токму спротивното. Во следните поглавја ќе видиме дека Јехова секогаш ја држи својата моќ во рамнотежа со својата правда, мудрост и љубов. Размисли за уште една особина  што ја има Јехова, а која денес ретко ја гледаме кај световните владетели. Тоа е самосовладувањето.

20 Замисли дека си запознал некој човек кој е толку голем и силен што просто те фаќа страв од него. Но, со текот на времето забележуваш дека тој е нежен и обѕирен. Секогаш е спремен да ја користи својата сила за да ги штити и да им помага на луѓето, особено на беспомошните. Никогаш не ја злоупотребува својата сила. Меѓутоа, некој почнува да го клевети без причина. Сепак, тој останува смирен, сталожен и љубезен. Се прашуваш дали и ти би покажал таква љубезност и самосовладување, особено ако си силен како него. Зар нема да го засакаш тој човек откако подобро ќе го запознаеш? Ние имаме многу повеќе причини да го сакаме Семоќниот Бог, Јехова. Обрни внимание на целата реченица од која е земен насловот на ова поглавје: „Јехова е бавен на гнев и има огромна моќ“ (Наум 1:3). Јехова не ја користи избрзано својата моќ против луѓето, дури ни против злите. Тој е благ, љубезен и добар. Покажал дека е „бавен на гнев“ и покрај тоа што луѓето многупати го повредувале (Псалм 78:37-41).

21. Зошто Јехова не ги присилува луѓето да му служат, и што ни покажува тоа за него?

21 Размисли и од еден друг агол за самосовладувањето  што го покажува Јехова. Кога би имал неограничена моќ, дали би се нашол на искушение да ги натераш другите да прават онака како што сакаш ти? И покрај сета своја моќ, Јехова не ги присилува луѓето да му служат. Иако ќе добиеме вечен живот само ако му служиме на Бог, тој не сака да му служиме против своја волја. Наместо тоа, со љубов го почитува достоинството на секој поединец така што му дава право на избор. Тој нѐ предупредува на последиците од лошите одлуки и ни кажува како ќе бидеме наградени ако носиме исправни одлуки. Но, самата одлука ни ја препушта нам (5. Мојсеева 30:19, 20). Јехова не сака да му служиме затоа што сме присилени на тоа или затоа што чувствуваме болен страв од неговата огромна моќ. Тој сака да му служиме доброволно, од љубов (2. Коринќаните 9:7).

22, 23. а) Што покажува дека Јехова сака да ја споделува власта со други? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?

22 На крајот, да разгледаме уште една причина зошто не треба да живееме во страв од Семоќниот Бог. Луѓето што имаат власт обично не сакаат да ја споделат со други. За разлика од нив, на Јехова му е мило кога им дава одредена власт на своите верни слуги. На пример, му дал голема власт на својот Син (Матеј 28:18). Освен тоа, на своите слуги Јехова им дава и сила. Библијата вели: „Твои се, Јехова, величието и моќта и убавината и возвишеноста и честа, зашто твое е сѐ што е на небото и на земјата... Во твоја рака се силата и моќта, во твоја рака е да возвишиш и да им дадеш сила на сите“ (1. Летописи 29:11, 12).

23 Да, Јехова се радува што може да те закрепне. Всушност, тој ни дава „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7). Зар не се чувствуваш привлечен кон овој моќен Бог, кој останува љубезен и не ги погазува своите мерила додека ја користи својата моќ? Во следното поглавје ќе видиме како Јехова ја користи својата моќ да создава.

^ пас. 6 Грчкиот збор преведен како „Семоќен“ буквално значи „владетел над сите; оној што има потполна моќ“.

^ пас. 15 Библијата вели дека Јехова не бил во ветрот, не бил во земјотресот, а не бил ни во огнот. За разлика од оние што веруваат во митски богови на природата, Јеховините слуги не го бараат Бог во природните сили. Тој е премногу возвишен и величествен за да биде ограничен во нешто кое самиот го создал (1. Царевите 8:27).