Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 6

Моќ да уништува — „Јехова е храбар воин“

Моќ да уништува — „Јехова е храбар воин“

1-3. а) Во каква опасност се нашле Израелците? б) Како Јехова се борел за својот народ?

ИЗРАЕЛЦИТЕ биле фатени во стапица — од едната страна се извишувале остри планински гребени, а од другата страна се наоѓало огромно море. Зад петици им била египетската војска, цврсто решена безмилосно да ги уништи. * И покрај тоа, Мојсеј го охрабрил Божјиот народ да не губи надеж. Тој ги уверил Израелците: „Јехова ќе се бори за вас“ (2. Мојсеева 14:14).

2 Мојсеј сепак го повикал Јехова, кој му одговорил: „Зошто викаш за помош кон мене?.. Крени го својот стап, испружи ја раката над морето и раздвој го“ (2. Мојсеева 14:15, 16). Замисли си како течеле понатаму настаните. Јехова веднаш му дава заповед на својот ангел, и столбот од облак се преместува зад Израелците. Можеби се шири како ѕид, спречувајќи ги Египќаните да нападнат (2. Мојсеева 14:19, 20; Псалм 105:39). Во тој момент Мојсеј ја испружува раката. Почнува да дува силен ветар и морето се раздвојува. На некој начин водите се стврднуваат и стојат исправено како ѕидови. Така се отвора пат кој е доволно широк за да може да помине целиот израелски народ! (2. Мојсеева 14:21; 15:8).

3 Соочен со толкава моќ, фараонот би требало да ѝ нареди на својата војска да се повлече. Наместо тоа, овој горд фараон им наредува на своите воени сили да тргнат во напад (2. Мојсеева 14:23). Египќаните јурнуваат кон морското дно за да ги стигнат Израелците, но  наскоро нивниот напад се претвора во хаос бидејќи тркалата од нивните бојни коли почнуваат да се вадат. Кога Израелците се на безбедно од другата страна на морето, Јехова му заповеда на Мојсеј: „Испружи ја раката над морето за да се вратат водите врз Египќаните, врз нивните бојни коли и врз нивните коњаници“. Ѕидовите од вода се рушат и ги проголтуваат фараонот и неговата војска (2. Мојсеева 14:24-28; Псалм 136:15).

Кај Црвеното Море, Јехова покажал дека е „храбар воин“

4. а) Што покажал Јехова кај Црвеното Море? б) Какви чувства може да разбуди овој опис на Јехова?

4 Избавувањето на Израелскиот народ кај Црвеното Море е многу значаен настан во човечката историја. Во таа прилика Јехова покажал дека е „храбар воин“ (2. Мојсеева 15:3). Какви чувства буди во тебе овој опис на Јехова? Мора да се признае, војните им донеле бројни страдања и неволји на луѓето. Дали тоа што Бог има моќ да уништува ти влева страв од него наместо да те поттикне да станеш поблизок со него?

Разликата меѓу Божјите и човечките војни

5, 6. а) Зошто Бог со право е наречен „Јехова над војските“? б) По што се разликуваат Божјите војни од човечките?

5 Скоро триста пати во Хебрејските списи и два пати во Христијанските грчки списи, Бог е наречен со титулата „Јехова над војските“ (1. Самоилова 1:11). Бидејќи е Севишен Владетел, тој заповеда со огромна војска од ангели (Исус Навин 5:13-15; 1. Царевите 22:19). Оваа војска поседува стравотна моќ да уништува (Исаија 37:36). Точно е дека и самата помисла да се уништуваат луѓе воопшто не е пријатна. Но, не смееме да заборавиме дека Божјите војни не се како човечките. Воените и политичките водачи може да се обидат да го оправдаат своето насилство велејќи дека тоа е за доброто на другите. Но, човечките војни секогаш се мотивирани од алчност и себичност.

 6 За разлика од тоа, Јехова не се поведува по своите моментални чувства. Во 5. Мојсеева 32:4 пишува: „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“. Божјата Реч ги осудува неконтролираниот гнев, суровоста и насилството (1. Мојсеева 49:7; Псалм 11:5). Затоа, Јехова никогаш не презема нешто без добра причина. Својата моќ да уништува ја користи многу ретко, само тогаш кога не преостанува ништо друго. Преку пророкот Езекиел, Јехова рекол: „Зарем мене ми е мило да умре злосторникот... а не да се одврати од своите патишта и да остане жив?“ (Езекиел 18:23).

7, 8. а) До каков погрешен заклучок дошол Јов во врска со своето страдање? б) Како Елиу го исправил погрешното размислување на Јов? в) Што учиме од она што му се случило на Јов?

7 Тогаш, зошто Јехова ја користи својата моќ за да уништува? Пред да одговориме на ова прашање, да размислиме малку за праведниот човек Јов. Сатана тврдел дека ниту Јов ниту кој и да е друг човек нема да остане верен кога ќе се најде во искушение. Затоа, Јехова му дозволил на Сатана да ја испита верноста на Јов. Недолго потоа, Јов добил тешка болест и ги изгубил имотот и децата (Јов 1:1 — 2:8). Бидејќи не знаел дека е вклучен во спорно прашање, дошол до погрешен заклучок дека Бог неправедно го казнува. Тој го прашал Бог зошто го зел „на нишан“ и зошто го сметал за „непријател“ (Јов 7:20; 13:24).

8 Грешката во размислувањето на Јов ја исправил еден млад човек по име Елиу. Тој му рекол: „Тоа ли го сметаш ти за правда? Рече: ‚Мојата праведност е поголема од Божјата‘“ (Јов 35:2). Навистина не е мудро да мислиме дека знаеме повеќе од Бог или дека тој постапува неправедно. Елиу рекол: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ Подоцна додал: „Семоќниот не можеме да го сфатиме. Тој е возвишен во својата сила. Правдата и  големата праведност тој нема да ги омаловажи“ (Јов 34:10; 36:22, 23; 37:23). Можеме да бидеме уверени дека Бог војува само кога постои добра причина за тоа. Имајќи го ова на ум, да разгледаме зошто Богот на мирот понекогаш станува воин (1. Коринќаните 14:33).

Зошто Богот на мирот е принуден да војува

9. Зошто Богот на мирот војува?

9 Откако го нарекол Бог „храбар воин“, Мојсеј изјавил: „Кој меѓу боговите е како тебе, о Јехова? Кој е како тебе, кого го краси голема светост?“ (2. Мојсеева 15:11). Пророкот Авакум напишал нешто слично: „Твоите очи се пречисти за да го гледаш злото, ти не можеш да гледаш неволја“ (Авакум 1:13). Јехова не е само Бог на љубовта туку и Бог на светоста, праведноста и правдата. Токму поради овие особини понекогаш ја користи својата моќ за да уништува (Исаија 59:15-19; Лука 18:7). Значи, Бог не ја нарушува својата светост со тоа што војува. Напротив, тој војува затоа што е свет (2. Мојсеева 39:30).

10. а) Кога и зошто првпат се јавила потреба Бог да војува? б) Само на кој начин може да му се стави крај на непријателството проречено во 1. Мојсеева 3:15, и што ќе значи тоа за праведните луѓе?

10 Да видиме каква била ситуацијата откако првите луѓе, Адам и Ева, се побуниле против Бог (1. Мојсеева 3:1-6). Да преминел преку нивното погрешно постапување, Јехова ќе ја поткопал својата положба како Севишен Владетел. Но, бидејќи е праведен Бог, знаел дека мора да ги осуди на смрт (Римјаните 6:23). Во првото библиско пророштво тој рекол дека меѓу неговите слуги и следбениците на „празмијата“, односно Сатана, ќе има непријателство (Откровение 12:9; 1. Мојсеева 3:15). На тоа непријателство може да му дојде крај единствено ако биде уништен Сатана (Римјаните 16:20). Само така праведното човештво ќе може да добие големи благослови — Земјата да биде ослободена од влијанието на Сатана и да бидат создадени услови за целата планета да стане рај (Матеј 19:28). Сѐ дотогаш,  оние што се на страната на Сатана ќе претставуваат постојана закана за физичкото и духовното добро на Божјиот народ. Поради тоа, Јехова мора одвреме-навреме да интервенира.

Бог презема чекори да го отстрани злото

11. Зошто Бог бил принуден да предизвика потоп на Земјата?

11 Потопот од времето на Ное е еден таков пример. Во 1. Мојсеева 6:11, 12 пишува: „Земјата се расипа пред вистинскиот Бог и се наполни со насилство. И Бог погледна на земјата, и гледај, беше расипана, зашто целиот човечки род го расипа својот пат на земјата“. Дали Бог ќе дозволел расипаноста да се рашири до тој степен што немало да остане ниту еден праведен човек на Земјата? Не. Јехова бил принуден да предизвика глобален потоп за да ги отстрани сите луѓе што упорно вршеле насилство и неморал.

12. а) Што прорекол Јехова во врска со ‚потомството‘ на Авраам? б) Зошто Аморејците требало да бидат истребени?

12 На сличен начин, Јехова им пресудил и на Ханаанците. Тој ветил дека од Авраам ќе дојде едно „потомство“ преку кое ќе се благословат сите народи на Земјата. Во склад со таа намера, Бог одлучил на потомците на Авраам да им ја даде земјата Ханаан, во која живееле Аморејците. Со какво право Бог решил да ги истера тие народи од нивната земја? Јехова прорекол дека тие ќе бидат истребени дури по 400 години, „зашто беззаконијата на Аморејците уште не го достигнале својот врв“ * (1. Мојсеева 12:1-3; 13:14, 15; 15:13, 16, Превод на МПЦ — ревидирано издание; 22:18). Во текот на тој период, Аморејците станувале сѐ порасипани. Ханаанската земја била преполна со идолопоклонство, крвопролевања и сексуална изопаченост (2. Мојсеева 23:24; 34:12, 13; 4. Мојсеева 33:52). Жителите на таа земја дури  и ги убивале своите деца принесувајќи ги во оган како жртви. Зарем светиот Бог би го изложил својот народ на таква расипаност? Во никој случај! Тој рекол: „Земјата е нечиста, па ќе ја казнам за нејзините престапи, и земјата ќе ги изблуе своите жители“ (3. Мојсеева 18:21-25). Сепак, Јехова не ги погубил сите до еден. Тој ги поштедил Ханаанците што имале исправен став, како што биле Раав и Гаваонците (Исус Навин 6:25; 9:3-27).

Се бори заради своето име

13, 14. а) Зошто Јехова морал да го посвети своето име? б) Како Јехова го тргнал срамот од своето име во времето на древниот Израел?

13 Бидејќи Јехова е свет, и неговото име е свето (3. Мојсеева 22:32). Исус ги поучил своите ученици да се молат: „Да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Со побуната во еденската градина било оцрнето Божјето име, му била извалкана честа на Јехова и бил доведен во прашање неговиот начин на владеење. Јехова во никој случај не можел да толерира таква клевета и побуна. Морал да го тргне срамот од своето име (Исаија 48:11).

14 Да се вратиме повторно на Израелците. Сѐ додека биле робови во Египет, ветувањето кое Бог му го дал на Авраам дека преку неговото Потомство ќе се благословат сите народи на Земјата изгледало бесмислено. Но, со тоа што ги ослободил и од нив направил народ, Јехова го тргнал срамот од своето име. Во една од своите молитви, пророкот Даниел рекол: „Јехова, Боже наш... со силна рака го изведе својот народ од египетската земја и си стекна за себе име какво што имаш денес“ (Даниел 9:15).

15. Зошто Јехова ги ослободил Израелците од ропството во Вавилон?

15 Интересно е што Даниел ја кажал таа молитва во време кога на Евреите им било потребно Јехова уште еднаш да дејствува во интерес на своето име. Непослушните Евреи повторно биле во ропство, овојпат во  Вавилон. Нивниот главен град, Ерусалим, лежел во урнатини. Даниел знаел дека, ако Евреите се вратат во својата татковина, Јеховиното име ќе се прослави. Затоа се молел: „Јехова, прости! О Јехова, оѕвиј се и помогни ни! Не колебај се, поради себе, Боже мој, зашто твојот град и твојот народ го носат твоето име“ (Даниел 9:18, 19).

Се бори заради својот народ

16. Дали тоа што Јехова сака да си го одбрани името значи дека е бесчувствителен и себичен? Објасни.

16 Дали тоа што Јехова сака да си го одбрани името значи дека е бесчувствителен и себичен? Не. Со тоа што постапува во склад со својата светост и љубов кон правдата, тој го штити својот народ. Да го земеме за пример она што е запишано во 1. Мојсеева, 14. поглавје. Таму читаме дека четири цареви го заробиле Лот, кој му бил внук на Авраам, како и целото семејство на Лот. Со Божја помош, Авраам ја поразил таа далеку поголема војска! Извештајот за оваа победа најверојатно е првиот запис во „Книгата на Јеховините војни“, која очигледно е книга во која биле запишани и некои воени судири што не се спомнуваат во Библијата (4. Мојсеева 21:14). Оттогаш следеле и многу други победи.

17. Од каде знаеме дека Јехова се борел за Израелците дури и откако влегле во ханаанската земја? Наведи примери.

17 Кратко пред да влезат во ханаанската земја, Мојсеј ги уверил Израелците: „Јехова, вашиот Бог, оди пред вас. Тој ќе се бори за вас онака како што се бореше во Египет“ (5. Мојсеева 1:30; 20:1). Јехова навистина се борел за својот народ и му помогнал да извојува бројни славни победи над непријателите. Тоа го правел во времето на Исус Навин, наследникот на Мојсеј, во времето на судиите, како и во времето на верните цареви на Јуда (Исус Навин 10:1-14; Судиите 4:12-17; 2. Самоилова 5:17-21).

18. а) Зошто треба да бидеме благодарни што Јехова не се променил? б) Што ќе се случи кога непријателството опишано во 1. Мојсеева 3:15 ќе достигне кулминација?

 18 Јехова не се променил, а не се променила ниту неговата намера да ја претвори Земјата во прекрасен рај (1. Мојсеева 1:27, 28). Тој сѐ уште ја мрази злобата. Во исто време, многу го сака својот народ и наскоро ќе се заземе за него (Псалм 11:7). Во блиска иднина ќе дојде до голема промена — непријателството опишано во 1. Мојсеева 3:15 ќе достигне драматична кулминација. За да го посвети своето име и да го заштити својот народ, Јехова повторно ќе стане „храбар воин“! (Захарија 14:3; Откровение 16:14, 16).

19. а) Како тоа што Бог ја користи својата моќ за да уништува може да нѐ зближи со него? б) Како треба да влијае врз нас тоа што Бог е спремен да се бори?

19 Да наведеме еден пример. Замисли си дека едно семејство е нападнато од крвожедно животно. Таткото почнува да се бори со него и го убива. Дали жена му и децата би се згрозиле од таа постапка? Сигурно не. Напротив, веројатно би биле трогнати од несебичната љубов што ја покажал кон нив. На сличен начин, и ние не би требало да се згрозиме од тоа што Бог ја користи  својата моќ за да уништува. Тоа што знаеме дека е спремен да се бори за да нѐ заштити уште повеќе ја продлабочува нашата љубов кон него. Исто така, се зголемува и нашето ценење кон неговата безгранична моќ. На тој начин можеме „да му служиме на Бог така како што е по негова волја, со страв и со страхопочит“ (Евреите 12:28).

Зближи се со ‚храбриот воин‘

20. Што би требало да правиме кога сме збунети од некои библиски извештаи за Божјите војни, и зошто?

20 Се разбира, Библијата не ги објаснува сите детали во врска со секој случај кога Јехова војувал. Но, во едно можеме да бидеме сигурни: својата моќ да уништува Јехова никогаш не ја користи неправедно, непотребно или сурово. Честопати, контекстот на некој библиски извештај или некои дополнителни информации можат да ни помогнат да добиеме целосна слика (Изреки 18:13). Дури и кога не ги знаеме сите поединости, со самото тоа што учиме повеќе за Јехова и размислуваме за неговите прекрасни особини можеме да ги оттргнеме сите сомневања. Кога правиме така, увидуваме дека имаме многу причини да му веруваме на нашиот Бог, Јехова (Јов 34:12).

21. Каков Бог е Јехова, и покрај тоа што понекогаш дејствува како „храбар воин“?

21 Иако Јехова е „храбар воин“ кога околностите го налагаат тоа, не значи дека ужива да војува. Во едно видение за небесната кочија што го имал Езекиел, Јехова е прикажан како Бог што е спремен да се бори против своите непријатели. Сепак, Езекиел видел дека околу Бог има виножито, кое е симбол на мирот (1. Мојсеева 9:13; Езекиел 1:28; Откровение 4:3). Тоа значи дека Јехова е извор на спокојство и мир. А апостол Јован напишал: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Сите особини на Јехова се во совршена рамнотежа. Имаме голема чест што можеме да бидеме блиски со нашиот моќен Бог кој многу нѐ сака!

^ пас. 1 Според еврејскиот историчар Јосиф, во потера по Израелците „тргнале 600 бојни коли, 50.000 коњаници и пешадија од околу 200.000 војници“ (Jewish Antiquities [Еврејски старини] II, 324 [xv, 3]).

^ пас. 12 По сѐ изгледа, изразот „Аморејци“ што се спомнува овде ги вклучува сите народи што живееле во ханаанската земја (5. Мојсеева 1:6-8, 19-21, 27; Исус Навин 24:15, 18).

Нешто повеќе

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Што е Судниот ден?

Дознај на кој начин Судниот ден ќе претставува благослов за сите верни луѓе.