Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 24

Ништо не може „да нѐ одвои од Божјата љубов“

Ништо не може „да нѐ одвои од Божјата љубов“

1. Со какви чувства се борат многу луѓе, вклучувајќи и некои вистински христијани?

ДАЛИ Јехова Бог те сака тебе? Некои се согласуваат со тоа дека Бог ги сака луѓето, како што пишува во Јован 3:16. Но, сепак мислат: ‚Не е можно Бог да ме сака мене‘. Такви сомнежи понекогаш можат да се појават дури и кај вистинските христијани. Еден обесхрабрен човек рекол: „Многу ми е тешко да поверувам дека Бог ме сака и мене“. Дали и ти понекогаш го помислуваш истото?

2, 3. Кој е тој што сака да мислиме дека за Јехова сме безвредни и недостојни да нѐ сака, и како можеме да се бориме со таквите мисли?

2 Сатана сака да мислиме дека Јехова не чувствува љубов кон нас и дека не сме вредни во Божји очи. Точно, тој често успева да ги заведе луѓето така што им ги храни суетата и гордоста (2. Коринќаните 11:3). Но, Сатана ужива и да им ја руши самодовербата на оние што се ранливи (Јован 7:47-49; 8:13, 44). Тоа особено го прави во овие тешки ‚последни денови‘. Многумина денес растат во семејства во кои нема љубов. Други, пак, постојано се во контакт со луѓе што се сурови, себични и тврдоглави (2. Тимотеј 3:1-5). Поради тоа што со години трпеле малтретирање или биле жртви на предрасуди или омраза, тие се убедени дека се безвредни и дека не заслужуваат некој да ги сака.

3 Ако и тебе ти доаѓаат такви чувства, не се разочарувај. Одвреме-навреме, многумина од нас знаат да бидат премногу самокритични. Но, сети се дека Божјата Реч е корисна „за поправање“ и „за уривање на она што е цврсто утврдено“ (2. Тимотеј 3:16; 2. Коринќаните 10:4). Библијата вели: „Ќе го увериме своето срце  дека тој нѐ сака, ако тоа нѐ осудува за што и да било, бидејќи Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јованово 3:19, 20). Да разгледаме четири начини на кои Библијата ни помага да го „увериме своето срце“ дека Јехова нѐ сака.

Ти си вреден во Јеховини очи

4, 5. На кој начин споредбата за врапчињата што ја кажал Исус покажува дека сме вредни во Јеховини очи?

4 Како прво, Библијата јасно покажува дека за Бог е вреден секој негов слуга. На пример, Исус рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка? А сепак ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко. А вам и секое влакно на главата ви е изброено. Затоа, не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31). Да видиме какво значење имале овие зборови за луѓето од првиот век.

„Вие сте повредни од многу врапчиња“

5 Можеби се прашуваме зошто некој би купил врапче. Но, во времето на Исус врапчињата служеле за храна и биле најефтините птици. Забележи дека за една паричка со многу мала вредност можеле да се купат две врапчиња. Но, подоцна Исус рекол дека, ако некој бил спремен да даде две парички, наместо четири добивал пет врапчиња. Петтата птичка ја добивал бесплатно, како да немала никаква вредност. Можеби тие птички биле безвредни во очите на луѓето, но како гледал на нив оној што ги создал? Исус рекол: „Ниту едно од нив [дури ни петтото врапче] не е заборавено пред Бог“ (Лука 12:6, 7). Сега сфаќаме што сакал да каже Исус. Ако за Јехова е вредно дури и едно обично врапче, колку повеќе вреди еден човек! Како што објаснил Исус, Јехова го знае и најситниот детаљ за нас. Дури и секое влакно на главата ни е изброено!

6. Од каде знаеме дека Исус не претерал кога рекол дека и влакната на главата ни се изброени?

6 Зар навистина ни е изброено секое влакно на главата? Некои ќе речат дека Исус претерал кога го кажал  тоа. Но, помисли за момент на воскресението. Замисли колку добро мора да нѐ познава Јехова за да може да нѐ создаде одново! За него вредиме толку многу што памти сѐ во врска со нас, вклучувајќи го нашиот генетски код, сите наши сеќавања и сите искуства што сме ги стекнале во животот. * Во споредба со тоа би било многу лесно да се избројат влакната на нашата глава, кои просечно ги има околу 100.000.

Што цени Јехова кај нас?

7, 8. а) На што се радува Јехова додека ги испитува срцата на луѓето? б) Кои се некои добри дела што Јехова ги цени?

7 Второ, Библијата ни кажува што цени Јехова кај своите слуги. Едноставно кажано, тој ги цени нашите убави особини и трудот што го вложуваме додека му служиме. Цар Давид му рекол на својот син Соломон: „Јехова ги испитува сите срца и ја распознава секоја помисла и желба“ (1. Летописи 28:9). Додека Бог ги испитува срцата на милијардите луѓе во овој свет исполнет со насилство и омраза, сигурно многу се радува кога ќе најде срце кое ги сака мирот, вистината и праведноста! Што прави Јехова кога ќе види срце кое гори од љубов кон него, кое сака да учи за него и кое е спремно да им зборува на другите за она што го учи? Тој им обрнува внимание на оние што им зборуваат на другите за него. Дури има и „книга на сеќавањето за оние што се бојат од Јехова и што размислуваат за неговото име“ (Малахија 3:16). Бог многу ги цени луѓето со такви особини.

8 А кои добри дела ги цени Јехова? Без сомнение, го цени тоа што се трудиме да се угледаме на неговиот  Син, Исус Христос (1. Петрово 2:21). Друга работа што Јехова ја цени е тоа што учествуваме во ширењето на добрата вест за неговото Царство. Во Римјаните 10:15 пишува: „Колку се убави нозете на оние што објавуваат добра вест за она што е добро!“ Зошто во овој стих се вели дека нозете на оние кои ја објавуваат добрата вест се „убави“? Затоа што со нив е претставен трудот што го вложуваат Јеховините слуги додека ја проповедаат добрата вест. Целиот тој труд е нешто многу убаво и вредно во Јеховини очи (Матеј 24:14; 28:19, 20).

9, 10. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ја цени нашата истрајност? б) Со какви очи Јехова никогаш не ги гледа своите верни слуги?

9 Јехова ја цени и нашата истрајност (Матеј 24:13). Сети се дека Сатана сака да му свртиш грб на Јехова. Со секој изминат ден во кој му остануваш верен на Јехова, ти даваш одговор на подбивањата на Сатана (Изреки 27:11). Понекогаш не е лесно да се истрае. Здравствените проблеми, финансиските тешкотии, емоционалните болки и другите грижи можат да бидат причина секој изминат ден да биде испит на  нашата истрајност. Може да се обесхрабриме и од неисполнетите очекувања (Изреки 13:12). Јехова особено цени кога истрајуваме во такви тешки моменти. Затоа, цар Давид му рекол на Јехова да ги чува неговите солзи во „мешина“. А потоа со увереност додал: „Не се ли тие во твојата книга?“ (Псалм 56:8). Навистина, Јехова ги цени и ги памти сите солзи што ги пролеваме и сите страдања што ги доживуваме додека се бориме да му останеме верни. Тие имаат голема вредност во негови очи.

Јехова цени ако сме истрајни и покрај неволјите

10 На срцето што е склоно да се осудува може да му е тешко да го прифати ваквиот доказ дека секој од нас многу му значи на Бог. Тоа може упорно да ни шепоти: ‚Другите се многу подобри од мене. Јехова сигурно е многу разочаран кога ме споредува со нив!‘ Но, Јехова не прави споредби и не е строг и крут кон нас (Галатите 6:4). Тој многу внимателно го испитува нашето срце и го цени доброто што ќе го најде во него, макар и да е сосема малку.

Јехова го издвојува доброто од лошото

11. Што можеме да научиме за Јехова од начинот на кој постапил со Авија?

11 Трето, додека го просејува она што е во нашите срца, Јехова внимателно го бара доброто. На пример, кога одлучил да биде погубена целата отпадничка династија на цар Јеровоам, Јехова заповедал еден од царевите синови, Авија, да добие пристоен погреб. Зошто? ‚Зашто само во него се нашло нешто добро пред Јехова, Богот на Израел‘ (1. Царевите 14:1, 10-13). Јехова го испитал срцето на тој млад човек и во него нашол „нешто добро“. Колку и да изгледала мала или безначајна таа ронка добрина што се нашла во него, Јехова сметал дека вреди да биде запишана во неговата Реч. Дури и ја наградил, укажувајќи му извесна милост на Авија, иако сите од неговиот дом биле отпадници.

12, 13. а) Како случајот со цар Јосафат покажува дека Јехова го бара доброто во нас дури и кога грешиме? б) Во која смисла Јехова е како грижлив родител кога станува збор за нашите добри особини и дела?

 12 Уште еден пример дека Јехова го бара доброто кај нас е она што го направил со добриот цар Јосафат. Кога во една прилика царот постапил немудро, Јеховиниот пророк му рекол: „Затоа Јехова се разгневи на тебе“. Тоа било сериозна работа! Но, Јехова имал да каже уште нешто. Пророкот додал: „Сепак, се најде и нешто добро во тебе“ (2. Летописи 19:1-3). Значи, иако со право бил лут, Јехова не бил слеп за добрите страни на Јосафат. Колку поинаку гледаме на работите ние, несовршените луѓе! Кога некој ќе нѐ налути, честопати стануваме слепи за неговите добри страни. А кога ние ќе згрешиме, разочарувањето, срамот и чувството на вина можат да нѐ заслепат за нашите добри страни. Но, не заборавај дека, ако се покаеме за своите гревови и ако со сите сили се трудиме да не ги повторуваме, Јехова ќе ни прости.

13 Додека го испитува твоето срце, Јехова ги „фрла“ таквите гревови, исто како што еден трагач по злато ги фрла  безвредните камчиња. А што прави Јехова со твоите добри особини и дела? Е, тоа се зрната злато што ги задржува! Дали познаваш родители што грижливо ги чуваат цртежите на своите деца, понекогаш дури и со децении, иако децата одамна заборавиле на нив? Јехова е најдобриот родител. Сѐ додека сме му верни, нема да ги заборави нашите добри особини и дела. Всушност, тој смета дека е неправедно да ги заборави, а Бог никогаш не е неправеден (Евреите 6:10). Јехова прави уште нешто додека го просејува она што е во нашите срца.

14, 15. а) Зошто Јехова го забележува доброто во нас и покрај тоа што сме несовршени? Наведи пример. б) Што ќе направи Јехова со доброто што го наоѓа во нас, и како гледа на својот верен народ?

14 Јехова гледа зад нашата несовршеност. Тој гледа какви можеме да бидеме. Да наведеме еден пример: Луѓето што ја ценат уметноста не жалат труд за да поправат некоја оштетена слика или друго уметничко дело. Кога во Националната галерија во Лондон (Англија) некој со огнено оружје оштетил еден цртеж од Леонардо да Винчи вреден 30 милиони долари, никој не предложил цртежот да се фрли заради тоа што бил оштетен. Напротив, веднаш се започнало со реставрација на тоа ремек-дело старо 500 години. Зошто? Затоа што било многу вредно во очите на љубителите на уметноста. Зарем ти не вредиш повеќе од еден цртеж? Во Божји очи сигурно вредиш — колку и да си ‚оштетен‘ поради наследената несовршеност (Псалм 72:12-14). Јехова Бог, вештиот Создател на луѓето, ќе направи сѐ што е потребно за да ги доведе до совршенство сите што ја прифаќаат неговата нежна грижа (Дела 3:21; Римјаните 8:20-22).

15 Да, Јехова го гледа во нас доброто што можеби ни самите не го гледаме. А додека му служиме, тој ќе ни помогне тоа да расте, сѐ додека еден ден не станеме совршени. Независно од тоа колку лошо се однесува кон нас светот на Сатана, Јехова ги цени своите верни слуги и ги смета за скапоцени (Агеј 2:7).

 Јехова покажува дека нѐ сака

16. Кој е најголемиот доказ дека Јехова нѐ сака, и од каде знаеме дека тој дар е наменет за секој од нас лично?

16 Четврто, Јехова на многу начини ни покажува дека нѐ сака. Се разбира, Христовата откупна жртва е најсилниот одговор на лагата на Сатана дека сме безвредни и дека не заслужуваме љубов. Никогаш не треба да заборавиме дека болната смрт што ја претрпел Исус на маченичкиот столб, како и уште поголемата болка што ја претрпел Јехова додека гледал како умира неговиот сакан Син, се доказ за тоа колку многу нѐ сакаат. За жал, на многу луѓе им е тешко да веруваат дека тој дар е наменет и за нив. Се чувствуваат недостојни за него. Но, сети се дека Павле, пред да стане апостол, ги прогонувал Христовите следбеници. Сепак, подоцна напишал: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Галатите 1:13; 2:20).

17. На кои два начина Јехова нѐ привлекува кон себе и кон својот Син?

17 Јехова ја покажува својата љубов така што на секого од нас лично му помага да ги почувствува благословите од Христовата жртва. Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото“ (Јован 6:44). Јехова нѐ привлекува кон неговиот Син и ни влева надеж за вечен живот. Како? Преку делото на проповедање, со кое може да се достигне секој поединец, како и преку неговиот свет дух, со чија помош можеме да ги разбереме библиските вистини и да живееме според нив, иако сме несовршени. Така Јехова може и за нас да го каже она што го кажал за Израел: „Те сакам со вечна љубов. Затоа те привлеков со својата милост“ (Еремија 31:3).

18, 19. а) На кој посебен начин Јехова ни покажал колку длабока љубов има кон нас? б) Како Божјата Реч нѐ уверува дека Јехова се соживува со нас додека ги слуша нашите молитви?

18 Еден од најголемите докази дека Јехова го сака секого од нас е молитвата. Библијата нѐ поттикнува непрестајно да му се молиме на Бог (1. Солуњаните 5:17).  Тој ќе нѐ сослуша. Како што пишува во Псалм 65:2, Јехова „ги слуша молитвите“. Таа одговорност не му ја дал на никој друг, па дури ни на својот Син. Замисли си, Творецот на целата вселена нѐ повикува слободно да му се молиме. А каков е додека нѐ слуша? Дали е студен, рамнодушен и незаинтересиран? Ни најмалку.

19 Јехова се соживува со нас. Што е тоа соживување? Еден постар верен христијанин рекол: „Соживувањето е твојата болка во моето срце“. Дали Јехова навистина ја чувствува нашата болка? Библијата кажува како се чувствувал Бог додека страдал неговиот народ Израел: „Во сите нивни неволји тој чувствуваше болка“ (Исаија 63:9). Јехова не само што ги гледал нивните неволји туку и сочувствувал со својот народ. Длабочината на неговите чувства се гледа од она што им го рекол на своите слуги: „Кој ве допира вас, ја допира зеницата на моето око“ * (Захарија 2:8). Колку болно мора да е тоа! Да, Јехова сочувствува со нас. Кога нешто нѐ боли нас, го боли и него.

20. Во склад со советот од Римјаните 12:3, каков став не треба да имаме?

20 Ниеден христијанин што реално гледа на работите нема да го користи ваквиот доказ за Јеховината љубов како оправдување за својата гордост или себичност. Апостол Павле напишал: „Преку незаслужената доброта, која ми е покажана, му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да мисли за себе разумно, секој според верата што му ја дал Бог“ (Римјаните 12:3). Колку сме среќни што знаеме дека нашиот небесен Татко многу нѐ сака! Никогаш да не заборавиме дека со ништо  не можеме да ја заслужиме Божјата љубов (Лука 17:10).

21. Кои лаги на Сатана мора да ги отфрламе, и во која вистина од Бог мора да ги уверуваме нашите срца?

21 Да правиме сѐ што можеме за да ги отфрлиме лагите што ги шири Сатана, вклучувајќи ја и лагата дека сме безвредни и дека не заслужуваме љубов. Дали животот те убедил дека имаш толку слабости и маани што дури ни сета љубов што ја има Бог не може да ги покрие? Мислиш ли дека добрите работи што ги правиш се премногу ситни за да ги забележат дури и неговите очи кои гледаат сѐ? Сметаш ли дека твоите гревови се толку големи што не можат да бидат простени дури ни по цена на откупната жртва на Божјиот најмил Син? Ако е така, тогаш веруваш во лага. Со сите свои сили отфрли ги тие лаги! Постојано уверувај го своето срце во зборовите што ги напишал апостол Павле под водство на светиот дух: „Уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни ова што е сега, ни она што ќе дојде, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 8:38, 39).

^ пас. 6 Библијата честопати го поврзува воскресението со Јеховиното сеќавање. Верниот Јов му рекол на Јехова: „О... да ми одредеше рок и потоа да се сетеше на мене!“ (Јов 14:13). Исто така, Исус кажал дека ќе воскреснат сите што се во спомен-гробовите. Тоа можел да го каже затоа што Јехова совршено се сеќава на умрените кои има намера да ги воскресне (Јован 5:28, 29, фуснота).

^ пас. 19 Во некои преводи овој стих е преведен на таков начин што се добива впечаток дека оној што го допира Божјиот народ го допира или своето око или окото на израелскиот народ, а не Божјето око. Оваа грешка ја вовеле некои писари кои сметале дека овој стих покажува непочитување кон Бог, па затоа го измениле. Со тоа скриле колку е големо Јеховиното сочувство.