Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 23

„Прво тој покажа љубов кон нас“

„Прво тој покажа љубов кон нас“

1-3. Во кој поглед Исусовата смрт се разликува од смртта на секој друг човек?

ЕДЕН пролетен ден пред речиси 2.000 години, еден недолжен човек бил изведен на суд, бил осуден за злосторства што не ги направил и бил мачен до смрт. Тоа не било првото сурово и неправедно погубување во историјата, а за жал, не било ни последното. Сепак, смртта на тој човек се разликувала од смртта на кој и да е друг.

2 Додека ги преживувал последните, најмачни часови од својот живот, и самото небо покажало дека се случува нешто значајно. Иако било пладне, ненадејно паднал мрак. Како што напишал еден историчар, ‚исчезнало сонцето‘ (Лука 23:44, 45). Потоа, пред да го испушти својот последен здив, човекот рекол: „Довршено е!“ Со тоа што го дал својот живот, постигнал нешто што заслужува восхит. Тоа е најголемиот чин на љубов што го направил некој човек (Јован 15:13; 19:30).

3 Тој човек бил Исус Христос. Добро е познато колку страдал пред да умре на тој мрачен ден, 14 нисан 33 год. од н.е. Сепак, често се заборава една многу важна работа. Иако Исус многу страдал, некој друг страдал уште повеќе. Всушност, тој ден некој направил уште поголема жртва — најголемиот чин на љубов во целата вселена. Кој го направил тоа? Јехова Бог. Да кажеме нешто повеќе за неговата најистакната особина: љубовта.

Најголемиот чин на љубов

4. Како еден римски војник сфатил дека Исус не бил обичен човек, и до каков заклучок дошол?

4 Римскиот стотник што го надгледувал погубувањето  бил запрепастен од темнината што настапила пред смртта на Исус и од земјотресот што настанал по неговата смрт. „Ова навистина беше Божји Син!“, рекол стотникот (Матеј 27:54). Станало јасно дека Исус не бил обичен човек. Тој војник бил соучесник во погубувањето на единородниот Син на Севишниот Бог! Но, колку драг му бил овој Син на својот Татко?

5. Со помош на кој пример можеме подобро да си претставиме колку време поминале заедно на небото Јехова и Исус?

5 Во Библијата, Исус е наречен „првороден од сѐ што е создадено“ (Колошаните 1:15). Замисли си, Јеховиниот Син постоел уште пред да настане вселената! Според тоа, колку долго биле заедно Таткото и Синот? Некои научници велат дека вселената постои 13 милијарди години. Можеш ли да си замислиш колку долго е тоа? За да можат луѓето полесно да си претстават колку долго постои вселената, во еден планетариум е прикажана временска линија долга 110 метри. Додека посетителите одат покрај неа, секој нивни чекор претставува период од околу 75 милиони години од постоењето на вселената. На крајот од временската линија, целокупниот период во кој постои човештвото е претставен само со една црта тенка колку човечко влакно! Дури и ако оваа проценка е точна, за да се прикаже животниот век на Јеховиниот Син нема да биде доволно долга ни целата временска линија! А што правел Синот за сето тоа време?

6. а) Што правел Јеховиниот Син пред да се роди како човек? б) Колку се приврзани Јехова и неговиот Син?

6 Синот радосно служел како „вешт градител“ покрај својот Татко (Изреки 8:30). Библијата вели: „Без [Синот] ништо не настана“ (Јован 1:3). Според тоа, Јехова и неговиот Син заедно создале сѐ што постои. Сигурно многу уживале додека работеле! Мнозина ќе се согласат дека љубовта меѓу еден родител и неговото дете е многу силна. Исто така, љубовта ‚совршено поврзува‘ (Колошаните 3:14). Тогаш, може ли некој од нас воопшто да си претстави колку е силна врската што се градела  меѓу Јехова и неговиот Син во тој неизмерно долг период? Јасно, нив ги поврзува најсилната љубов што постои.

7. Како Јехова ги изразил своите чувства кога неговиот Син се крстил?

7 Таткото го испратил својот Син на Земјата за да се роди како човек. Тоа значело дека, во текот на неколку децении, морал да се откаже од присуството на својот сакан Син на небото. Со големо внимание гледал како детето Исус расте и станува совршен човек. На возраст од околу 30 години, Исус се крстил. Не мора да претпоставуваме како се чувствувал Јехова тогаш. Самиот тој од небото рекол: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Матеј 3:17). Тоа што Исус верно исполнил сѐ што било проречено, односно направил сѐ што се барало од него, сигурно многу го израдувало неговиот Татко! (Јован 5:36; 17:4).

8, 9. а) Низ што сѐ поминал Исус на 14 нисан 33 год. од н.е., и како се чувствувал неговиот Татко? б) Зошто Јехова дозволил неговиот Син да страда и да умре?

8 Но, како се чувствувал Јехова на 14 нисан 33 год. од н.е.? Како се чувствувал кога Исус бил предаден и уапсен од една толпа во текот на ноќта? Кога пријателите го напуштиле и кога бил незаконски суден? Кога го исмејувале, го плукале и го удирале со тупаници? Кога го камшикувале толку многу што целиот грб му бил разранет? Кога рацете и нозете му ги приковале на дрвен столб и го оставиле да виси додека луѓето го навредувале? Како се чувствувал Таткото кога неговиот сакан Син повикал кон него во смртни болки? Како се чувствувал Јехова кога Исус издивнал и кога за првпат по толку време неговиот мил Син повеќе го немало? (Матеј 26:14-16, 46, 47, 56, 59, 67; 27:38-44, 46; Јован 19:1).

„Бог... го даде својот единороден Син“

9 Тоа не може да се опише со зборови. Бидејќи Јехова има чувства, смртта на неговиот Син му задала неизмерна болка. Но, зошто Јехова дозволил да се случи тоа? Зошто не се поштедил од толкава болка?  Одговорот го наоѓаме во Јован 3:16, библиски стих кој е толку важен што е наречен минијатурно евангелие. Тој гласи: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“. Значи, Јехова ја претрпел таа болка од љубов. Тоа што го испратил својот Син да страда и да умре за нас е најголемиот чин на љубов што некогаш бил направен.

Каква е Божјата љубов

10. Каква потреба има секој човек, и што се случило со значењето на зборот „љубов“?

10 Што значи зборот „љубов“? Се вели дека љубовта е најголемата потреба на секој човек. Од лулка до гроб, луѓето копнеат по љубов. Цветаат кога ја чувствуваат нејзината топлина, а венеат, па дури и умираат кога ја немаат. Сепак, необично тешко е да се опише што е тоа љубов. Се разбира, луѓето многу зборуваат за љубовта. Им нема крај на книгите, песните и поемите за неа. И покрај сѐ, не е доволно јасно што е тоа љубов. Всушност, тој збор се употребува толку многу што неговото вистинско значење сѐ повеќе се губи.

11, 12. а) Од кого учиме многу за љубовта, и на кој начин? б) Кои зборови за љубов постоеле во старогрчкиот јазик, и кој од нив најчесто се користи во Христијанските грчки списи? (Види ја и фуснотата.) в) Што е ага́пи?

11 Од друга страна, Библијата многу јасно покажува што е љубов. „Љубовта може да се види само од постапките на кои поттикнува“, стои во еден речник (Expository Dictionary of New Testament Words). Библиските извештаи за постапките на Јехова ни кажуваат многу за неговата љубов — неговата добрина и грижа кон сите суштества што ги создал. На пример, тоа што Јехова го дал својот Син за нас може најдобро да ни долови што е тоа љубов. Во следните поглавја ќе разгледаме и други начини на кои Јехова ја покажал својата голема љубов. Освен тоа, можеме да научиме нешто и од изворните зборови за „љубов“ што се користат во Библијата. Во старогрчкиот јазик  постоеле четири зборови за „љубов“. * Од нив, во христијанските грчки списи најмногу се користи зборот ага́пи. Еден библиски речник го нарекува „најсилниот збор за љубов што може да се замисли“. Зошто?

12 Зборот ага́пи означува љубов која се води по начела. Според тоа, оваа љубов не е само емоционална реакција на нешто што некој ни го направил или ни го рекол. Таа вклучува многу повеќе. Во основа е многу длабока особина која бара промисленост и свесно постапување. Што е најважно од сѐ, ага́пи е крајно несебична љубов. На пример, да се навратиме на Јован 3:16. Што е претставено со „светот“ кого Бог толку многу го сакал што го дал својот единороден Син? Тоа се луѓето кои можат да бидат откупени. Во нив спаѓаат многумина што водат погрешен начин на живот. Дали Јехова го сака секого од нив како свој личен пријател, исто како што го сакал верниот Авраам? (Јаков 2:23). Не. Сепак, Јехова е добар кон сите, дури и по цена на големи лични жртви. Тој сака сите луѓе да се покаат и да се променат (2. Петрово 3:9). Многумина го прават токму тоа и затоа ги прифаќа како свои пријатели.

13, 14. Што покажува дека ага́пи честопати вклучува срдечност и длабока наклоност?

13 Меѓутоа, некои луѓе имаат погрешна претстава за тоа што означува ага́пи. Тие мислат дека таквата љубов е студено чувство водено само од разумот. Но, факт е дека ага́пи честопати вклучува срдечност и длабока наклоност. На пример, кога Јован напишал дека „Таткото го сака Синот“, употребил еден облик на зборот ага́пи. Дали таа љубов е само некое студено чувство? Не. Кога во една  прилика Исус рекол: „Таткото го сака Синот“, тој употребил облик на зборот филе́о (Јован 3:35; 5:20). Љубовта што Јехова ја покажува кон нас честопати вклучува топлина и нежност. Меѓутоа, неговата љубов никогаш не се води само по емоции. Таа секогаш е водена од неговите мудри и праведни начела.

14 Како што видовме, сите особини на Јехова се извонредни, совршени и привлечни. Но, најпривлечна од сите е љубовта. Ништо друго не нѐ зближува толку со Јехова. Колку сме среќни што љубовта е неговата најистакната особина! Од каде го знаеме тоа?

„Бог е љубов“

15. Што пишува во Библијата за Јехова и за неговата љубов, и во која смисла тие зборови се посебни? (Види ја и фуснотата.)

15 Светото писмо кажува нешто за љубовта што никогаш не го кажува за другите главни особини на Јехова. Библијата не вели дека Бог е моќ, дека Бог е правда или дека Бог е мудрост. Тој ги има овие особини. Тие извираат од неговата личност и никој не ги покажува толку добро како него. Но, во врска со четвртата особина е речено нешто многу подлабоко: „Бог е љубов“ * (1. Јованово 4:8). Што значи тоа?

16-18. а) Зошто Библијата вели дека „Бог е љубов“? б) Зошто од сите суштества на Земјата човекот е најсоодветниот симбол за Јеховината љубов?

16 Изразот „Бог е љубов“ не е обична математичка равенка, како да велиме „Бог е еднакво на љубов“. Не можеме да им ги смениме местата на зборовите и да кажеме дека „љубовта е Бог“. Јехова е многу повеќе од една апстрактна особина. Тој е личност што покрај љубовта има и многу други особини, а доживува и најразлични чувства.  Сепак, љубовта извира многу длабоко од Јеховината личност. Затоа, во врска со изразот „Бог е љубов“, во еден прирачник го пишува следново: „Љубовта е самата суштина на неговата личност“. Општо земено, работите можеме да ги сумираме вака: Моќта му овозможува на Јехова да дејствува. Неговата правда и мудрост го водат додека дејствува. Но, љубовта е таа што го мотивира да дејствува. Љубовта стои зад секоја друга особина што ја покажува Јехова.

17 Често се вели дека Јехова е олицетворение на љубовта. Затоа, ако сакаме да научиме нешто повеќе за ага́пи, односно за љубовта која се води по начела, треба подобро да го запознаеме Јехова. Се разбира, оваа убава особина можеме да ја видиме и кај луѓето. Но, зошто ја имаат и тие? При создавањето, очигледно обраќајќи му се на својот Син, Јехова рекол: „Да направиме човек според нашиот лик, сличен на нас“ (1. Мојсеева 1:26). Од сите суштества на Земјата, само луѓето се способни свесно да покажуваат љубов и со тоа да се угледаат на нивниот небесен Татко. Сети се дека Јехова употребил различни суштества како симбол за своите четири главни особини. Од нив, Јехова го избрал своето највозвишено создание на Земјата, човекот, како симбол за својата најистакната особина, љубовта (Езекиел 1:10).

18 Кога покажуваме несебична љубов водена од начела, ја одразуваме Јеховината најистакната особина. Токму како што запишал апостол Јован: „Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас“ (1. Јованово 4:19). Но, на кои начини Јехова прво покажал љубов кон нас?

Јехова прв презел чекори

19. Зошто може да се каже дека Јеховината љубов играла клучна улога при создавањето?

19 Љубовта не е нешто ново. Таа постоела отсекогаш. На пример, што го поттикнало Јехова да почне да создава? Тој не почнал да создава затоа што бил осамен, па му требало друштво. Јехова не зависи од никого и не му  недостасува ништо што би можел да му го даде некој друг. Но, токму поради љубовта, кај него се родила желба да им овозможи и на други да му се радуваат на животот. Затоа создал суштества обдарени со разум кои ќе можат да го ценат животот како дар. Најпрво го создал својот единороден Син — „почетокот на Божјите дела на создавање“ (Откровение 3:14). Потоа го користел овој „вешт градител“ за да ги создаде ангелите, а потоа и сѐ друго (Јов 38:4, 7; Колошаните 1:16). Бидејќи имале слобода, разум и чувства, овие моќни духовни суштества можеле сами да градат врски темелени на љубов — и меѓусебе и со Јехова Бог (2. Коринќаните 3:17). Значи, тие покажувале љубов затоа што прво била покажана љубов кон нив.

20, 21. Како Јехова им покажал на Адам и Ева колку ги сака, но како возвратиле тие?

20 Истото важело и за луѓето. Уште од самиот почеток, Адам и Ева биле опсипани со љубов. Сѐ што постоело во нивниот рајски дом било доказ за љубовта што нивниот Татко ја чувствувал кон нив. Обрни внимание на следниве зборови што се запишани во Библијата: „Јехова Бог насади и градина во Еден, кон исток, и таму го смести човекот што го беше направил“ (1. Мојсеева 2:8). Дали некогаш си бил во некоја убава градина или парк? Што те воодушеви најмногу? Сончевите зраци што се пробиваа меѓу листовите на дрвјата? Многубројните бои и нијанси на некоја леа засадена со цвеќиња? Складната симфонија што ја создаваа жуборењето на потокот, птичјиот пој и зуењето на инсектите? А што би кажал за мирисот на дрвјата, на нивните цветови и на нивните плодови? Сепак, ниту еден денешен парк не може да се спореди со рајската градина. Зошто?

21 Таа градина ја засадил самиот Јехова! Сигурно била неописливо убава. Во неа растеле најразновидни дрвја што изгледале убаво и давале вкусни плодови. Градината била добро наводнета, пространа и полна со најразлични животни. Адам и Ева имале сѐ што било потребно за еден среќен и исполнет живот, вклучувајќи и смисловна  работа и совршено друштво. Јехова прв им покажал љубов, па имале добра причина и тие да му возвратат со љубов. Но, не го направиле тоа. Наместо од срце да му бидат послушни на својот небесен Татко, себично се побуниле против него (1. Мојсеева, 2. поглавје).

22. Како она што го направил Јехова по побуната во рајската градина покажува дека неговата љубов е лојална?

22 Тоа сигурно му нанело голема болка на Јехова! Но, дали поради таа побуна неговото срце се исполнило со горчина? Не! „Неговата лојална љубов трае довека“ (Псалм 136:1, фуснота). Затоа, Јехова веднаш презел чекори за да можат да бидат спасени сите потомци на Адам и Ева што ќе покажат вера. Како што видовме, во тоа била вклучена и откупната жртва на неговиот сакан Син, која толку многу го чинела Таткото (1. Јованово 4:10).

23. а) Наведи една причина поради која Јехова е наречен „среќниот Бог“. б) На кое важно прашање ќе добиеме одговор во следното поглавје?

23 Уште од самиот почеток, Јехова прв презел чекори за да покаже дека ги сака луѓето. На безброј начини ‚прво тој покажал љубов кон нас‘. Бидејќи љубовта води до радост и слога, не сме изненадени што Јехова е наречен „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Но, се поставува едно важно прашање: дали Јехова нѐ сака и како поединци? За тоа ќе стане збор во следното поглавје.

^ пас. 11 Во Христијанските грчки списи често се користи глаголот филе́о, кој значи „да чувствуваш наклоност кон некого, некој да ти биде мил, да сакаш некого (како близок пријател или брат)“. Еден облик од зборот сторги́, кој означува љубов меѓу членовите на семејството, се користи во 2. Тимотеј 3:3 за да се опише дека во последните денови многу ќе недостасува таква љубов. А зборот е́рос, односно романтична љубов меѓу маж и жена, не се користи во Христијанските грчки списи, иако ваквата љубов е спомната во Библијата (Изреки 5:15-20).

^ пас. 15 Во Библијата се запишани и други слични споредби. На пример, во неа пишува дека „Бог е светлина“ и дека „Бог е... оган што голта“ (1. Јованово 1:5; Евреите 12:29). Но, овие изјави мора да се сфатат како метафори, бидејќи го споредуваат Јехова со физички работи. Јехова е како светлина бидејќи е свет и праведен. Во него нема „темнина“, односно валканост. Исто така, може да се спореди со оган затоа што има моќ да уништува.