Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Приближи му се на Јехова

 ПОГЛАВЈЕ 25

„Длабокото сочувство на нашиот Бог“

„Длабокото сочувство на нашиот Бог“

1, 2. а) Што прави една мајка кога ќе заплаче нејзиното бебе? б) Кое чувство е уште посилно од мајчинските чувства?

СРЕДЕ ноќ, бебето почнува да плаче. Мајката веднаш се буди. Од денот на неговото раѓање, таа веќе не спие толку цврсто како некогаш. А може да препознае и зошто плаче нејзиното бебенце. Знае дали плаче затоа што е гладно, за да го земе в раце или поради нешто друго. Но, без оглед на тоа од која причина плаче бебето, таа веднаш реагира. Срцето не ѝ дава да продолжи да спие.

2 Чувствата што една мајка ги има кон своето дете спаѓаат во најнежните и најдлабоки чувства што ги покажуваат луѓето. Меѓутоа, постои едно многу посилно чувство — длабокото сочувство на нашиот Бог, Јехова. Ако дознаеме нешто повеќе за оваа убава особина, ќе станеме уште поблиски со него. Затоа, да видиме што е сочувството и како Бог го покажува.

Што е сочувството

3. Што значи хебрејскиот глагол кој се преведува со изразите „покажува милост“ или „се смилува“?

3 Во Библијата, сочувството и милоста се тесно поврзани. Има неколку хебрејски и грчки зборови кои означуваат длабоко сочувство. Еден од нив е хебрејскиот глагол раха́м, кој честопати се преведува со изразите „покажува милост“ или „се смилува“. Во една енциклопедија пишува дека глаголот раха́м „означува длабоко и нежно чувство на сожалување, какво што ни се јавува кога ќе видиме дека некој што ни е драг страда или е беспомошен“. Овој хебрејски  збор, кој Јехова го користи за себе, е поврзан со зборот „материца“ и може да се опише како „мајчинско сочувство“ * (2. Мојсеева 33:19; Еремија 33:26).

„Може ли жена да го заборави... синот на својата утроба?“

4, 5. Како чувствата што една мајка ги има кон своето бебе ни помагаат да сфатиме колкаво е Јеховиното сочувство?

4 За подобро да сфатиме што е Јеховиното сочувство, во Библијата се спомнуваат чувствата на една мајка кон нејзиното бебе. Во Исаија 49:15 пишува: „Може ли жена да го заборави своето доенче и да не му се смилува [раха́м] на синот на својата утроба? Ако таа и го заборави него, јас нема да те заборавам тебе“. Овој трогателен опис покажува колкаво е Јеховиното сочувство кон неговиот народ. Да видиме како.

5 Тешко е да се замисли дека една мајка би можела да заборави да го нахрани или да покаже грижа кон своето доенче, кое е толку беспомошно. На едно бебе деноноќно му е потребна мајчинска љубов и внимание. За жал, има мајки што го запоставуваат своето дете, особено во овие ‚последни денови‘ во кои повеќето луѓе се „бесчувствителни кон другите“ (2. Тимотеј 3:1, 3). Но, Јехова вели: „Јас нема да те заборавам тебе“. Длабокото сочувство што го покажува Јехова кон своите слуги нема никогаш да престане. Тоа е неизмерно посилно од најсилното чувство што можеме да си го замислиме — сочувството на мајката кон своето доенче. Воопшто не сме изненадени што за стихот од Исаија 49:15 еден изучувач рекол: „Тоа е еден од најсилните, ако не и најсилниот израз на Божјата љубов што се спомнува во Стариот Завет“.

6. Како гледаат на сочувството многу луѓе, но во што нѐ уверува Јехова?

 6 Дали сочувството е знак на слабост? Во очите на несовршените луѓе може да изгледа така. На пример, римскиот филозоф Сенека, кој живеел во времето на Исус и бил истакнат интелектуалец во Рим, поучувал дека „сочувството е слабост на умот“. Сенека се залагал за стоицизмот, филозофски правец кој става акцент на спокојството без чувства. Според него, еден мудар човек може да им помогне на оние што се во неволја, но не смее да дозволи да му падне жал за нив бидејќи таквото чувство ќе му го одземе спокојството. Ваквото себично гледиште не остава простор за искрено сочувство. Но, Јехова воопшто не е таков! Во својата Реч тој нѐ уверува дека е „полн со сочувство и милосрден“ (Јаков 5:11). Како што ќе видиме, сочувството не е слабост, туку една силна и многу важна особина. Да видиме како ја покажува Јехова, најдобриот родител.

Јехова покажува сочувство кон еден народ

7, 8. Како страдале Израелците во древниот Египет, и како реагирал Јехова?

7 Сочувството на Јехова многу јасно се гледа од начинот на кој постапувал со Израелците. До крајот на 16 век пр.н.е., милиони Израелци живееле како робови во древниот Египет, каде што биле сурово угнетувани. Египќаните им го загорчувале животот со тешка работа — ги терале да прават тули и малтер од глина (2. Мојсеева 1:11, 14). Во својата неволја, Израелците го молеле Јехова да им помогне. Како реагирал нивниот сочувствителен Бог?

8 Плачот на Израелците го допрел Јехова до срце. Тој рекол: „Ја видов неволјата на мојот народ во  Египет, чув како се жалат од оние што ги тераат на работа и добро ги знам нивните болки“ (2. Мојсеева 3:7). Јехова не можел да го гледа својот народ како страда и да ги слуша неговите молби без да му падне жал. Како што видовме во претходното поглавје, Јехова е Бог што се соживува со нас. А соживувањето — способноста да ја почувствуваш туѓата болка — е тесно поврзано со сочувството. Но, Јехова не само што ја чувствувал болката на Израелците туку и направил нешто за нив. Во Исаија 63:9 пишува: „Во својата љубов и во својата сомилост ги откупи“. Јехова „со силна рака“ ги избавил Израелците од Египет (5. Мојсеева 4:34). Потоа, со чудо им давал храна и ги одвел во плодна земја која станала нивна сопственост.

9, 10. а) Зошто Јехова постојано ги избавувал Израелците откако се населиле во Ветената земја? б) Од чие угнетување ги избавил Јехова Израелците во времето на Јефтај, и зошто го направил тоа?

9 Но, тоа не било сѐ. Јехова и понатаму покажувал сочувство кон Израелците. На пример, кога се населиле во Ветената земја, тие често му биле неверни и затоа морале да ги трпат последиците од својата непослушност. Но, штом ќе се покаеле и ќе го повикале Јехова, тој ги избавувал. Зошто? „Зашто му беше жал за својот народ“ (2. Летописи 36:15; Судиите 2:11-16).

10 Да видиме што се случило во времето на Јефтај. Поради тоа што Израелците почнале да обожаваат лажни богови, Јехова дозволил 18 години да бидат угнетувани од Амонците. На крајот, Израелците се покајале. Во Библијата пишува: „Почнаа да ги отстрануваат туѓите богови од својата средина и да му служат на Јехова, така што неговата душа повеќе не можеше да ја гледа неволјата на Израел“ (Судиите 10:6-16). Бидејќи неговиот народ искрено се покајал,  Јехова повеќе не можел да гледа како страда. Затоа, покажал сочувство и го поставил Јефтај да ги избави Израелците од рацете на нивните непријатели (Судиите 11:30-33).

11. Што учиме за сочувството од начинот на кој Јехова постапувал со Израелците?

11 Што учиме за сочувството од начинот на кој Јехова постапувал со Израелците? Како прво, гледаме дека сочувството не значи само да бидеш свесен колку им е тешко на другите и да ти биде жал за нив. Сети се на мајката која од сочувство кон своето бебе веднаш реагираше на неговиот плач. Слично на тоа, Јехова не ги затвора ушите кога неговите слуги го молат за помош. Од длабоко сочувство, тој сака да им го олесни страдањето. Освен тоа, од начинот на кој постапувал со Израелците гледаме дека сочувството во никој случај не е знак на слабост. Токму сочувството го поттикнало Јехова решително да преземе нешто во корист на својот народ. Но, дали Јехова покажува сочувство кон своите слуги само како група?

Јехова покажува сочувство кон поединци

12. На кој начин од Законот се гледа дека Јехова покажувал сочувство и кон поединци?

12 Од законот што Бог им го дал на Израелците се гледа дека тој има сочувство и кон луѓето како поединци. Да видиме каква грижа покажал кон сиромашните. Јехова знаел дека можеле да се појават непредвидени околности поради кои еден Израелец можел да осиромаши. Како требало другите да се однесуваат кон сиромашните? Јехова дал јасна заповед: „Нека не ти закорави срцето и не затворај ја раката за својот сиромашен брат. Дај му, и срцето нека не ти биде скржаво кога му даваш, зашто поради тоа Јехова, твојот Бог, ќе те благослови во секое твое  дело и во секој твој потфат“ (5. Мојсеева 15:7, 10). Освен тоа, Јехова им заповедал на Израелците да не ги жнеат нивите до меѓите и да не се враќаат да го соберат она што ќе останело. Тоа било за сиромашните (3. Мојсеева 23:22; Рут 2:2-7). Сѐ додека народот се држел за овој закон кој ги штител сиромашните, ниту еден Израелец не морал да проси за леб. Зарем тоа не е доказ за Јеховиното длабоко сочувство?

13, 14. а) Како зборовите на Давид нѐ уверуваат дека Јехова се грижи за нас како поединци? б) Со која споредба може да се објасни дека Јехова е близу до оние што се „скршени во срцето“ и „со скршен дух“?

13 Нашиот Бог и денес се грижи за нас како поединци. Можеме да бидеме сигурни дека е потполно свесен за тоа низ што сѐ минуваме. Псалмистот Давид напишал: „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош. Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:15, 18). Во врска со луѓето за кои станува збор во овие стихови, еден библиски изучувач рекол: „Тие се со скршено срце и длабоко се каат за својот грев, се чувствуваат ниско, безвредно и немаат никаква самопочит“. Таквите луѓе можеби имаат чувство дека Јехова е далеку од нив и дека се премногу безначајни за да ги сака. Но, тоа не е точно. Зборовите на Давид нѐ уверуваат дека Јехова не ги остава оние што „се чувствуваат ниско“. Нашиот сочувствителен Бог знае дека во таквите моменти тој ни е потребен повеќе од кога и да било, и затоа е близу до нас.

14 Да спомнеме една вистинита случка. Една мајка од Соединетите Држави итно го однела своето двегодишно синче на лекар затоа што имало тежок случај на ангина. По прегледот, докторите ѝ рекле дека таа ноќ детето ќе мора да остане во болница. Каде ја минала мајката ноќта? Во болничката соба, покрај своето  болно дете! За неа не било прашање дали ќе остане крај него или не. А нашиот небесен Татко сигурно би направил дури и повеќе за нас! Всушност, ние сме создадени според неговиот лик (1. Мојсеева 1:26). Зборовите од Псалм 34:18 нѐ уверуваат дека, кога сме „скршени во срцето“ и „со скршен дух“, Јехова е „близу“ до нас. Како еден грижлив родител полн со сочувство, тој е спремен да ни помогне.

15. Што прави Јехова за да му помогне на секого од нас?

15 На кој начин Јехова му помага на секого од нас? Тој нема секогаш да ја отстрани причината за нашето страдање. Но, направил многу за да им помогне на оние што го молат за помош. Во неговата Реч, Библијата, се запишани совети што можат многу да ни користат. А во собранието, Јехова се погрижил да има духовно зрели мажи, кои се трудат да се угледаат на Бог додека сочувствително им помагаат на своите браќа и сестри (Јаков 5:14, 15). Бидејќи „ги слуша молитвите“, Јехова им дава „свет дух на оние што го молат за тоа“ (Псалм 65:2; Лука 11:13). Тој дух може да ни влее „сила, која ја надминува нормалната“, за да издржиме сѐ додека Божјето Царство не ги отстрани сите проблеми што нѐ мачат (2. Коринќаните 4:7). Зар не сме благодарни за сите овие работи? Никогаш да не заборавиме дека тие се израз на Јеховиното длабоко сочувство.

16. Кој е најголемиот доказ дека Јехова има длабоко сочувство, и какво значење има тоа за секого од нас?

16 Се разбира, најголемиот доказ дека Јехова има длабоко сочувство е тоа што го дал својот најмил Син за да нѐ откупи. Јехова го направил тоа од љубов и така ни овозможил да добиеме спасение. Не заборавај, откупнината е наменета за секого од нас. Затоа Захарија, татко му на Јован Крстител, прорекол дека со тој дар се велича „длабокото сочувство на нашиот Бог“ (Лука 1:78).

 Кога нема основа за сочувство

17-19. а) Како Библијата покажува дека Јеховиното сочувство има граници? б) Зошто Израелците повеќе не заслужувале Јехова да покажува сочувство кон нив?

17 Дали треба да мислиме дека Јеховиното сочувство нема граници? Не. Напротив, од Библијата јасно гледаме дека Јехова со право не покажува сочувство кон оние што ги отфрлаат неговите праведни начела (Евреите 10:28). За да сфатиме зошто, да се потсетиме на примерот на Израелците.

18 Иако Јехова многупати ги спасувал Израелците од нивните непријатели, еден ден на неговото сочувство му дошол крај. Тој тврдоглав народ вршел идолопоклонство, па дури и ги донел своите одвратни богови во Јеховиниот храм! (Езекиел 5:11; 8:17, 18). Освен тоа, во Библијата пишува: „Тие постојано им се подбиваа на гласниците на вистинскиот Бог, Јехова, ги презираа неговите зборови и ги исмејуваа неговите пророци, сѐ додека неговиот гнев не дојде врз неговиот народ, та веќе немаше лек“ (2. Летописи 36:16). Израелците грешеле толку многу што повеќе немало основа да им биде покажано сочувство и затоа Јехова со право се разгневил на нив. Со каков резултат?

19 Јехова повеќе не можел да покажува сочувство кон својот народ. Тој рекол: „Нема да им се смилувам и нема да ги жалам, ќе ги сотрам без милост“ (Еремија 13:14). Така Ерусалим и неговиот храм биле уништени, а Израелците биле одведени во ропство во Вавилон. Колку е трагично кога несовршените луѓе ќе станат толку бунтовни што повеќе не заслужуваат Бог да покажува сочувство кон нив! (Плач Еремиин 2:21).

20, 21. а) Што ќе се случи кога повеќе нема да има основа Бог да покажува сочувство? б) За што ќе стане збор во следното поглавје?

20 А како е денес? Јехова не се променил. Затоа што  е сочувствителен, на своите Сведоци им дал задача да ја проповедаат добрата вест за Царството по целиот свет (Матеј 24:14). Кога луѓето со искрени срца ќе покажат интерес за пораката за Царството, Јехова им помага да ја разберат (Дела 16:14). Но, тоа дело нема да трае вечно. Не би било сочувствително од страна на Јехова да дозволи овој свет, кој е преполн со беда и страдања, да постои бесконечно. Кога повеќе нема да има основа да покажува сочувство, Бог ќе го уништи овој злобен свет. Со тоа Јехова сепак ќе покаже сочувство — од обѕир кон своето „свето име“ и кон своите верни слуги (Езекиел 36:20-23). Ќе го отстрани злото и ќе воспостави еден праведен нов свет. А во врска со злобните, Јехова вели: „Моето око нема да се сожали и нема да се смилувам. Нивните дела ќе им ги фрлам на нивна глава“ (Езекиел 9:10).

21 Сѐ дотогаш, Јехова покажува сочувство кон сите луѓе, дури и кон оние што ги чека уништување. Но, на оние што искрено се каат за своите гревови, тој им простува. Простувањето е уште еден доказ за тоа колку е сочувствителен Јехова. Во следното поглавје ќе разгледаме неколку библиски споредби кои на многу убав начин покажуваат до кој степен простува Јехова.

^ пас. 3 Интересно е што во Псалм 103:13, хебрејскиот глагол раха́м ја означува милосрдноста, односно сочувството што го покажува еден татко кон своите деца.