Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Добра вест од Бог!

 ЛЕКЦИЈА 4

Кој е Исус Христос?

Кој е Исус Христос?

1. Како започнал животот на Исус?

Со кои особини Исус покажал дека е пристаплив? (МАТЕЈ 11:29; МАРКО 10:13-16)

За разлика од другите луѓе, пред да се роди на Земјата, Исус живеел како духовно суштество на небото (Јован 8:23). Тој бил првото суштество создадено од Бог, и помагал во создавањето на сѐ друго. Исус е единствениот што бил создаден директно од Јехова, и затоа со право е наречен Божјиот „единороден“ Син (Јован 1:14). Бидејќи служел како Божји Гласноговорник, Исус е наречен и „Речта“. (Прочитај Изреки 8:22, 23, 30; Колошаните 1:15, 16.)

2. Зошто Исус дошол на Земјата?

Бог го испратил својот Син на Земјата на тој начин што го пренел неговиот живот од небото во утробата на Еврејката Марија, која била девица. Значи, татко на Исус не бил некој човек (Лука 1:30-35). Тој дошол на Земјата: 1) за да ги поучи луѓето за вистината за Бог, 2) за да ни остави пример како да ја вршиме Божјата волја дури и кога ни е тешко, и 3) за да го даде својот совршен живот „како откупнина“. (Прочитај Матеј 20:28.)

3. Зошто ни е потребна откупнина?

Откупнина е цената што се плаќа за некој да биде ослободен од смртна казна (2. Мојсеева 21:29, 30). Бог никогаш немал намера луѓето да стареат и да умираат. Од каде го знаеме тоа? На првиот човек, Адам, Бог му рекол дека ќе умре ако го направи она што Библијата го нарекува ‚грев‘. Значи, да не згрешел, Адам немало никогаш да умре (1. Мојсеева 2:16, 17; 5:5). Библијата вели дека смртта ‚влегла‘ меѓу луѓето преку Адам. Така, на сите свои потомци Адам им пренел грев, а казна за гревот е смртта. Затоа, за да бидеме ослободени од смртната казна  што сме ја наследиле од Адам, потребна ни е откупнина. (Прочитај Римјаните 5:12; 6:23.)

Кој можел да ја плати откупнината за да нѐ ослободи од смртта? Кога ќе умреме, ја плаќаме казната само за сопствените гревови. Ниеден несовршен човек не може да плати за гревовите на другите. (Прочитај Псалм 49:7-9.)

4. Зошто умрел Исус?

За разлика од нас, Исус бил совршен. Не морало да умре за своите гревови бидејќи никогаш не направил грев. Но, умрел за гревовите на другите луѓе. Бог покажал дека неизмерно нѐ сака со тоа што го испратил својот Син да умре за нас. И Исус покажал дека нѐ сака така што го послушал својот Татко и го дал животот за нашите гревови. (Прочитај Јован 3:16; Римјаните 5:18, 19.)

5. Што прави Исус сега?

Кога бил на Земјата, Исус ги лекувал болните, ги воскреснувал мртвите и им помагал на оние што страдале. Така покажал што ќе направи еден ден за сите послушни луѓе (Матеј 15:30, 31; Јован 5:28). По смртта на Исус, Бог го оживеал како духовно суштество (1. Петрово 3:18). Потоа чекал од десната страна на Бог сѐ додека Јехова не го овластил да владее како Цар над целата Земја (Евреите 10:12, 13). Сега Исус е на небото и владее како Цар, а неговите следбеници ја објавуваат таа добра вест низ целиот свет. (Прочитај Даниел 7:13, 14; Матеј 24:14.)

Наскоро, Исус ќе покаже колку моќен Цар е со тоа што ќе му стави крај на сето страдање и на оние што го предизвикуваат. Сите што веруваат во Исус и го слушаат, ќе живеат во рај на Земјата. (Прочитај Псалм 37:9-11.)

 

Нешто повеќе

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Откупнината — најголемиот дар од Бог

Што е откупнината? Од какво значење е таа за тебе?