Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Добра вест од Бог!

 ЛЕКЦИЈА 14

Зошто Бог има организација?

Зошто Бог има организација?

1. Зошто Бог ги организирал древните Израелци?

Од потомците на Авраам, Бог основал народ и го нарекол „Израел“. На Израелците им дал закони, им ја доверил својата реч и им објаснил на кој начин треба да му служат (Псалм 147:19, 20). Преку нив требало да бидат благословени сите други народи на Земјата. (Прочитај 1. Мојсеева 22:18.)

Бог ги избрал Израелците да му бидат сведоци. Од она што им се случувало во минатото може да се види колку е добро да се живее според Божјите закони (5. Мојсеева 4:6). Значи, преку Израелците, другите народи можеле да дознаат кој е вистинскиот Бог. (Прочитај Исаија 43:10, 12.)

2. Зошто се организирани вистинските христијани?

Со текот на времето, Јехова го отфрлил израелскиот народ затоа што му бил неверен, и затоа го заменил со христијанското собрание (Матеј 21:43; 23:37, 38). Денес, наместо Израелците, како сведоци на Јехова служат вистинските христијани. (Прочитај Дела 15:14, 17.)

Исус ги организирал своите следбеници да ја проповедаат добрата вест и да им помагаат на луѓето од сите народи да станат негови ученици (Матеј 10:7, 11; 24:14; 28:19, 20). Денес, кога крајот на светот е толку близу, ова проповедничко дело е во полн ек. За првпат во историјата, Јехова обединил милиони луѓе од сите народи за да му служат на исправен начин (Откровение 7:9, 10). Вистинските христијани се организирани и за да можат да се охрабруваат и да си помагаат. Низ целиот свет, на нивните состаноци се добива истата библиска поука. (Прочитај Евреите 10:24, 25.)

 3. Кои се современите почетоци на Јеховините сведоци?

Во 1870-тите, една мала група Истражувачи на Библијата почнале да ги откриваат библиските вистини кои долго време биле паднати во заборав. Знаеле дека Исус ги организирал своите следбеници да проповедаат. Затоа, почнале едно меѓународно дело на проповедање за Царството. Во 1931 год., го усвоиле името Јеховини сведоци. (Прочитај Дела 1:8; 2:1, 4; 5:42.)

4. Како се организирани Јеховините сведоци?

Христијанските собранија во првиот век, кои ги имало во многу земји, добивале упатства од едно Водечко тело што го признавало Исус како Глава на собранието (Дела 16:4, 5). Слично и денес, Јеховините сведоци во целиот свет добиваат упатства од едно Водечко тело кое се состои од старешини што служат долго време. Тоа ги надгледува подружниците на Јеховините сведоци кои преведуваат, печатат и дистрибуираат публикации за проучување на Библијата на повеќе од 600 јазици. На тој начин Водечкото тело може да ги охрабри и да им даде библиски упатства на повеќе од 100.000 собранија низ целиот свет. Во секое собрание, како старешини, или надгледници, служат мажи што исполнуваат одредени услови. Тие со љубов се грижат за Божјето стадо. (Прочитај 1. Петрово 5:2, 3.)

Јеховините сведоци се организирани да ја проповедаат добрата вест и да им помагаат на луѓето да станат ученици на Исус. Како апостолите, и ние проповедаме од куќа до куќа (Дела 20:20). Освен тоа, ја проучуваме Библијата со оние што искрено сакаат да го запознаат вистинскиот Бог. Но, Јеховините сведоци не се само една организација. Ние сме семејство со еден многу грижлив Татко. Ние сме браќа и сестри кои се грижат еден за друг (2. Солуњаните 1:3). Бидејќи Јеховините сведоци сакаат да ја вршат Божјата волја и да им помагаат на другите, тие се најсреќното семејство на светот. (Прочитај Псалм 33:12; Дела 20:35.)