Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Дали животот е Божје дело?

Еволуција — заблуди и факти

Еволуција — заблуди и факти

„Еволуцијата е исто толку факт колку што е факт и Сончевата топлина“, тврди професор Ричард Докинс, познат еволуционист.16 Се разбира, експериментите и директните набљудувања докажуваат дека Сонцето е жешко. Но, дали експериментите и директните набљудувања даваат исто толку непобитни докази и за еволуцијата?

Пред да одговориме на ова прашање, мора да разјасниме нешто. Многу научници забележале дека, со текот на времето, потомците на живите суштества можат да претрпат незначителни промени. На пример, луѓето можат селективно да ги парат кучињата за, на крајот, да добијат потомци со покуси нозе или со подолго влакно од нивните предци. * Некои научници ги нарекуваат овие незначителни промени „микроеволуција“.

Меѓутоа, еволуционистите велат дека, во текот на милијарди години, овие мали промени се надоврзувале една на друга и довеле до големите промени што биле потребни за рибите да станат водоземци и мајмуните да станат луѓе. Ваквите наводни големи промени се нарекуваат „макроеволуција“.

Чарлс Дарвин и неговата книга Потекло на видовите

 На пример, Чарлс Дарвин тврдел дека малите промени што можеме да ги видиме укажуваат на тоа дека се возможни и многу поголеми промени, кои никој не ги видел.17 Тој сметал дека во текот на долги временски периоди, овие првобитни, или таканаречени прости животни облици — со помош на „незначително мали промени“ — малку по малку еволуирале во милионите различни животни облици што постојат на Земјата.18

На многу луѓе ова тврдење им звучи разумно. Тие си мислат: ‚Ако во рамките на еден вид можат да настанат мали промени, тогаш зошто во текот на долги временски периоди еволуцијата не би довела и до големи промени?‘ * Но, реалноста е дека учењето за еволуција се темели на три заблуди. Да ги разгледаме.

Заблуда 1. Мутациите овозможуваат да се создаваат нови видови. Учењето за макроеволуција се темели на тврдењето дека мутациите — случајни промени во генетскиот код на растенијата и животните — можат да создадат не само нови видови туку и сосема нови фамилии растенија и животни.19

Мутациите можат да доведат до промени кај растенијата — како што е овој мутант со голем цвет — но само во определени граници

Факти. Многу карактеристики на некое растение или животно ги одредуваат упатствата што се содржани во неговиот генетски код, односно планот што е содржан во јадрото на секоја клетка. * Истражувачите откриле дека мутациите можат да доведат до промени кај следните генерации растенија и животни. Но, можат ли мутациите да создадат потполно нови видови? Што е откриено во изминативе 100 години истражувања на полето на генетиката?

Кон крајот на 1930-тите, научниците воодушевено прифатија една нова идеја. Тие веќе сметаа дека природната селекција — процес при кој организмите што се најдобро приспособени на својата животна средина имаат најголеми шанси да преживеат и да се размножуваат — можела да создаде нови видови растенија благодарение на случајни мутации. Тогаш дојдоа до заклучокот дека вештачката селекција на мутации предизвикани од човек би требало да го постигне истото на уште поефикасен начин. „Меѓу повеќето биолози, а особено меѓу генетичарите и одгледувачите на растенија и животни, завладеа еуфорија“, изјавил Волф-Екехард Лониг, научник од германскиот Институт Макс Планк на отсекот за вкрстено размножување на растенија. * Зошто сета таа еуфорија?  Лониг, кој околу 30 години ги изучувал мутациите во гените на растенијата, рекол: „Овие истражувачи мислеа дека дошло време од корен да се промени традиционалниот метод на вкрстено размножување на растенија и на животни. Тие помислија дека, со тоа што ќе предизвикаат и ќе селектираат поволни мутации, ќе успеат да создадат нови и подобри растенија и животни“.20 Всушност, некои се надеваа дека ќе создадат сосема нови видови.

Мутираните овошни мушички, иако се изобличени, си остануваат овошни мушички

Научници во САД, во Азија и во Европа започнаа истражувачки програми во кои беа вложени огромни средства и се користеа методи што ветуваа дека ќе ја забрзаат еволуцијата. Какви беа резултатите по повеќе од 40 години интензивно истражување? „И покрај огромните финансиски трошоци“, вели истражувачот Петер фон Зенгбуш, „обидот да се добијат сѐ попродуктивни видови со помош на озрачување [кое предизвикува мутации] се покажа неуспешен.“21 Лониг вели: „Во 1980-тите, надежта и еуфоријата меѓу научниците во целиот свет спласнаа. Во западните земји беше стопирано вкрстеното размножување со мутации како посебна гранка на истражувањето. Речиси сите мутанти... изумреа или беа послаби од природните видови“. *

Сепак, податоците што се собрани сега, по околу 100 години истражувања на полето на мутациите воопшто, и особено по 70 години вкрстено размножување со помош на мутации, им овозможуваат на научниците да дојдат до некои заклучоци во врска со тоа дали мутациите можат да создадат нови видови. Откако ги испитал доказите, Лониг заклучил: „Мутациите не можат да променат еден вид [било растителен било животински] во сосема нов вид. Овој заклучок е во склад со сите искуства и резултати што се добиени од истражувањата на полето на мутациите во 20-тиот век, како и со законите на веројатноста“.

Значи, можат ли мутациите да предизвикаат еден вид да еволуира во потполно нов вид? Доказите покажуваат дека тоа е невозможно! Истражувањата го навеле Лониг да заклучи дека „прецизно дефинираните видови имаат граници што не можат да се поништат ниту да се преминат со случајни мутации“.22

Размисли што значи сево ова. Ако високо образованите научници не можат да создадат нови видови со помош на вештачки предизвикани мутации од кои ги избираат само поволните, дали е веројатно дека еден процес во кој не е вклучена никаква интелигенција ќе заврши подобра работа? Ако истражувањата покажуваат дека мутациите не можат да променат еден вид во сосема нов вид, тогаш како се одвивала наводната макроеволуција?

Заблуда 2. Природната селекција довела до создавање на нови видови. Дарвин верувал дека животните облици што се најприспособени на својата животна средина опстануваат, додека оние што не се добро приспособени, со текот на времето, изумираат. Овој процес го нарекол природна селекција. Денешните еволуционисти велат дека, како што видовите се ширеле и станувале засебни групи, природната селекција ги избирала оние што, поради генетските мутации, можеле да преживеат во својата нова животна средина. Како резултат на тоа, еволуционистите претпоставуваат дека овие засебни групи, со текот на времето, се развиле во сосема нови видови.

Факти. Како што рековме претходно, доказите од истражувањата јасно покажуваат дека мутациите не можат да создадат сосема нови видови растенија или животни. Сепак, какви докази имаат еволуционистите за да го поткрепат  тврдењето дека природната селекција избира корисни мутации за да се создадат нови видови? Една брошура, што во 1999 год. ја издаде Американската академија на науките, се осврнува на „13-те видови зеби што ги изучувал Дарвин на Островите Галапагос и кои денес се познати како зеби на Дарвин“.23

Во 1970-тите, една група научници предводени од Питер и Розмари Грант од Универзитетот Принстон, почнале да ги изучуваат овие зеби и откриле дека, по една сушна година, зебите што имале малку поголеми клунови полесно преживеале отколку оние со помали клунови. Бидејќи големината и обликот на клуновите се некои од главните карактеристики по кои се разликуваат 13-те видови зеби, овие откритија се сметаа за многу значајни. Во брошурата понатаму стои: „Грантови проценија дека, ако на островите настапува суша на секои 10 години, за само 200 години би можеле да се појават нов вид зеби“.24

Меѓутоа, во истата брошура е изоставен фактот дека во годините по сушата, бројот на зеби со помали клунови повторно го надминал бројот на зеби со поголеми клунови. Научниците откриле дека, како што се менувале климатските услови на островот, една година имало повеќе зеби со подолг клун, но подоцна биле побројни зебите со помал клун. Исто така, забележале дека некои од различните „видови“ зеби се пареле меѓу себе и имале потомство кое полесно преживувало од родителите. На крајот заклучиле дека, ако продолжи таквото парење, би можело да дојде до спојување на два „вида“ во само еден вид.25

Сѐ што покажуваат зебите на Дарвин е дека еден вид може да се приспособи на промените во климата

Значи, дали природната селекција навистина создава сосема нови видови? Уште пред многу децении, еволуционистот и биолог Џорџ Кристофер Вилијамс почнал да се сомнева дека природната селекција може да направи такво нешто.26 Во 1999 год., еволуционистот Џефри Шварц напишал дека природната селекција можеби им помага на видовите да се приспособат на променливите услови за опстанок, но таа не создава ништо ново.27

Факт е дека зебите на Дарвин не стануваат „ништо ново“. Тие си остануваат зеби. А тоа што меѓусебно се парат ги доведува во прашање методите што некои еволуционисти ги користат за да  дефинираат некој вид. Освен тоа, информациите за овие птици го разоткриваат фактот дека дури и угледните научни установи знаат да бидат пристрасни кога изнесуваат докази.

Заблуда 3. Фосилите даваат доказ за макроеволуциони промени. Претходно спомнатата брошура на Американската академија на науките му остава впечаток на читателот дека фосилите што ги пронашле научниците даваат повеќе од доволно докази за макроеволуцијата. Во оваа брошура се вели: „Откриени се толку многу преодни облици помеѓу рибите и водоземците, помеѓу водоземците и влекачите, помеѓу влекачите и цицачите и кај приматите, што честопати е тешко прецизно да се открие кога настанува преод од еден во друг вид“.28

Факти. Оваа изјава, кажана со толкава увереност, е за изненадување. Зошто? Според Најлс Елдреџ, тврдокорен еволуционист, фосилите покажуваат дека нема постепено надоврзување на промени, туку дека, во текот на долги временски периоди, „кај повеќето видови дошло само до мали или никакви еволуциони промени“. *29

Фосилите покажуваат дека сите главни групи на животни се појавиле одеднаш и останале речиси непроменети

Досега, научниците имаат пронајдено и архивирано околу 200 милиони големи фосили и милијарди мали фосили. Многу истражувачи се согласуваат дека овие обемни и детални податоци покажуваат дека сите главни групи на животни се појавиле одеднаш и останале речиси непроменети и дека многу видови исчезнале исто толку ненадејно како што се појавиле.

Учењето за еволуција бара голема „вера“

Зошто многу истакнати еволуционисти упорно тврдат дека макроеволуцијата е факт? Угледниот еволуционист Ричард Левонтин отворено напишал дека многу научници се спремни да прифатат недокажани научни тврдења „затоа што веќе се определиле во што ќе веруваат — во материјализмот“. * Многу научници одбиваат дури и да размислат за можноста дека постои мудар Творец бидејќи, како што пишува Левонтин, „во науката нема место за Бог“.30

Во врска со ова, во списанието Scientific American е цитирана следнава изјава на социологот Родни Старк: „Веќе 200 години се пропагира идејата дека, ако сакаш да бидеш човек што е по науката, мора да си го ослободиш умот од прангите на религијата“. Понатаму, тој вели дека на универзитетите за научни истражувања „религиозните луѓе си молчат“ во врска со своите верувања.31

Ако го прифатиш како вистинито учењето за макроеволуција, ќе мораш да веруваш дека научниците што се агностици или атеисти нема да дозволат нивните лични верувања да влијаат врз нивното толкување на научните откритија. Ќе мораш да веруваш дека сите сложени облици на живот настанале со мутации и природна селекција, и покрај тоа што по еден век истражувања доказите потврдуваат дека со мутациите ниеден прецизно дефиниран вид не преминал во некој сосема нов вид. Ќе мораш да веруваш дека сите живи суштества постепено еволуирале од еден заеднички предок, иако фосилите јасно покажуваат дека основните видови растенија и животни се појавиле одеднаш и не еволуирале во некои други видови дури ни во текот на долги временски периоди. Што мислиш, дали ваквото верување ќе се темели на факти или на заблуди? За да ја прифатиш еволуцијата, навистина ти треба голема „вера“.

^ пас. 3 Промените што можат да ги предизвикаат одгледувачите на кучиња честопати се резултат на аномалии во функцијата на гените. На пример, малиот раст на јазовичарот е резултат на прекин во нормалниот развој на ’рскавицата, што доведува до џуџест раст.

^ пас. 6 Во овој дел често се користи зборот „вид“ како научен израз и означува биолошка категорија. Овој збор го има и во библиската книга 1. Мојсеева, но треба да се забележи дека таму не се користи како научен израз и има многу пошироко значење. Честопати, кога научниците тврдат дека по пат на еволуција настанал некој нов вид, едноставно станува збор за промени во рамките на еден ист „вид“ во библиска смисла на зборот.

^ пас. 8 Истражувањата покажуваат дека и цитоплазмата, мембраната и другите составни делови на клетката играат улога во обликувањето на еден организам.

^ пас. 9 Лониг верува дека животот бил создаден од мудар Творец. Неговите изјави што се цитирани во оваа публикација се негов личен став и не го претставуваат мислењето на Институтот Макс Планк.

^ пас. 10 Експериментите со мутации секојпат покажуваа дека има сѐ помалку нови мутанти и дека постојано се појавуваат веќе добиените мутанти. Освен тоа, само помалку од 1 отсто од мутациите кај растенијата беа избрани за натамошно истражување, а само помалку од 1 отсто од нив беа погодни за комерцијална употреба. Но, никогаш не беше создаден некој потполно нов вид. Кај животните, резултатите од вкрстеното размножување со мутации беа уште полоши отколку кај растенијата, и овој метод беше целосно отфрлен.

^ пас. 21 Дискутабилни се дури и малкуте примери од фосилните остатоци што истражувачите ги посочуваат како доказ за еволуцијата. Види го 5. поглавје од книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 24 Зборот „материјализам“ овде се однесува на теоријата дека сѐ во вселената, вклучувајќи го и сиот жив свет, настанало без посредство на некоја виша сила.

Нешто повеќе

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Што вели Библијата за еволуцијата?

Дали библискиот извештај за создавањето е во спротивност со науката?