Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Дали животот е Божје дело?

Кој бил прв?

Кој бил прв?

Во последниве години, научниците и конструкторите, буквално кажано, учат од растенијата и од животните (Јов 12:7, 8). Сакајќи да создадат нови производи и да ги подобрат својствата на веќе постоечките, тие ги изучуваат и ги копираат карактеристиките на различни организми. Тоа научно поле е познато како биомиметика. Додека ги разгледуваш примерите што следат, запрашај се: ‚Кој навистина ја заслужува честа за овие творби?‘

 Перките на китот

Што можат да научат конструкторите на авиони од грбавиот кит? Многу работи. Еден возрасен грбав кит тежи околу 30 тони — колку еден натоварен камион — и има релативно круто тело со големи перки кои личат на крилја. Ова животно, долго 12 метри, е неверојатно подвижно под вода.

Она што особено ги заинтересира истражувачите беше како ова суштество со толку круто тело успева да се врти во неверојатно мали кругови. Открија дека тајната се крие во обликот на неговите перки. Предниот раб на перките не е мазен како кај крилото на авионот, туку е запчест, со еден ред испакнати грпки наречени туберкули.

Додека китот ја сече водата, овие туберкули ја зголемуваат силата на потисокот и го намалуваат отпорот на водата. Како? Во списанието Natural History се објаснува дека туберкулите предизвикуваат водата побрзо да минува над перката со глатко, ротирачко движење, дури и кога китот се издига под многу остар агол.10

Кој е сопственик на патентите во природата?

Какво значење може да има ова откритие? Изгледа дека на авионските крила направени според моделот на перките на грбавиот кит ќе треба да има помал број подвижни крилца или други механички направи што ќе го променат воздушното струење. Таквите крила ќе бидат побезбедни и полесни за одржување. Џон Лонг, експерт по биомеханика, верува дека наскоро „секој млазен патнички авион најверојатно ќе има грпки какви што има и грбавиот кит на своите перки“.11

Крилјата на галебот

Се разбира, крилата на авионите веќе го копираат обликот на крилјата на птиците. Меѓутоа, конструкторите неодамна отидоа чекор понапред. Во списанието New Scientist пишува: „Истражувачите од Универзитетот во Флорида направија прототипно летало со далечинско управување кое може да лебди, нагло да се спушта и да се издигнува исто како галебот“.12

Галебите ги изведуваат своите неверојатни движења така што ги свиткуваат крилјата во зглобот на лактот и на рамото. Следејќи го овој модел на подвижно крило, „61 сантиметар долгото  прототипно летало има мал мотор кој контролира низа метални лостови што ги движат крилата“, се вели во тоа списание. Овие добро конструирани крила му овозможуваат на малото летало да лебди и нагло да се спушта меѓу високите згради. Некои воени лица сакаат да се направи вакво лесно подвижно летало кое би се користело за да се открива хемиско или биолошко оружје во големите градови.

Нозете на галебот

Галебот не се смрзнува дури ни кога стои на мраз. Како оваа птица успева да ја зачува телесната топлина? Дел од тајната е една неверојатна карактеристика што ја имаат голем број животни во студените предели. Станува збор за механизмот за спротивно струење на топлината.

Топлината се пренесува и останува во телото. Студот останува во стапалата

Што е спротивно струење на топлината? За да ти биде појасно, замисли си две цевки за вода што се цврсто врзани една за друга. Во едната цевка тече жешка, а во другата ладна вода. Ако и во едната и во другата цевка водата тече во ист правец, околу половина од топлината од жешката вода ќе премине на ладната. Меѓутоа, ако жешката вода тече во спротивен правец од ладната, речиси целата топлина од жешката вода ќе премине на ладната.

И галебот има ваков механизам во своите нозе, односно еден пар вени што се цврсто прилепени една до друга. Кога галебот стои на мраз, овој механизам ја загрева крвта додека се враќа од неговите студени стапала. Така топлината се задржува во телото на птицата и се спречува таа да се изгуби преку стапалата. Артур П. Фрас, машински и аеронаутички инженер, вели дека овој механизам е „еден од најефикасните механизми за обновлива топлина“.13 Тој механизам е толку генијален што инженерите решиле да го копираат.

 Кој ја заслужува честа?

Оваа риба, која создава неочекувано мал отпор а сепак е стабилна, беше инспирација за замислата на ова возило

Во меѓувреме, НАСА усовршува робот со повеќе нозе кој оди како скорпија, а конструкторите во Финска веќе имаат направено трактор со шест нозе кој може да се искачува преку пречки исто како што тоа го прават инсектите. Други истражувачи имаат направено ткаенина со мали ресички кои се отвораат и се затвораат на ист начин како боровите шишарки. Оваа ткаенина се приспособува на телесната температура на оној што ја носи. Еден производител на автомобили проектира возило според обликот на една риба од фамилијата Ostraciodontidae, која има неочекувано мал отпор на телото. Други истражувачи, пак, за да направат полесна и поцврста заштитна опрема за човечкото тело, ги испитуваат амортизациските способности на еден вид школки (Haliotis tuberculata).

Сонарот на делфините е далеку подобар од копијата што ја направиле луѓето

Од природата доаѓаат толку многу добри идеи што истражувачите имаат направено архива во која веќе се внесени илјадници различни биолошки системи. Научниците можат да пребаруваат низ оваа архива „за да најдат во природата решенија за своите проблеми при конструирањето“, се вели во списанието The Economist. Природните системи што се чуваат во оваа архива се познати како „биолошки патенти“. Обично, сопственик на патент е лицето или компанијата која законски регистрира некоја нова идеја или машина. Во врска со оваа архива на биолошки патенти, The Economist вели: „Со тоа што биомиметичките трикови ги нарекуваат ‚биолошки патенти‘, истражувачите само нагласуваат дека, всушност, сопственик на патентите е природата“.14

Научниците ги испитуваат амортизациските способности на овој вид школки

Од каде во природата сите овие брилијантни идеи? Многу истражувачи сметаат дека генијалните градби во природата се резултат на безброј обиди и грешки во текот на милионите години еволуција. Но, други истражувачи дошле до поинаков заклучок. Микробиологот Мајкл Бехе, во весникот The New York Times од 7 февруари 2005 год., напиша: „Сите творби во природата се толку генијално осмислени што едноставно доаѓаме до заклучокот дека зад нив мора да стои генијален ум. Што би се рекло, ако нешто  изгледа, оди и квака како патка, и нема цврст доказ за нешто спротивно, мораме да заклучиме дека тоа е патка“. Гледиштето на Бехе е: „Ако е толку очигледно дека нешто е дело на генијален ум, не смееме да го игнорираме тој факт“.15

Со помош на молекуларните сили, геконот може да се држи и на најмазната површина

Се разбира, конструкторот што ќе направи побезбедно и подобро авионско крило заслужува чест за својот изум. И изумителот што ќе измисли поудобен материјал за облека или подобро моторно возило заслужува чест за својот изум. Всушност, на производителот што ќе копира туѓ изум, а нема да го признае или да му ја оддаде честа на изумителот, може да се гледа како на криминалец.

Сега размисли за овие факти: Искусните и учени истражувачи само бледо ги копираат системите во природата за да решат тешки проблеми при конструирањето. Сепак, некои од нив би ѝ ја припишале интелигентната оригинална идеја на еволуцијата, во која не е вклучена никаква интелигенција. Дали ова ти звучи разумно? Ако за копијата е потребен интелигентен конструктор, тогаш што да се каже за оригиналот? Кој заслужува поголема чест, оној што го направил изумот или оној што само го копира тој изум?

Логичен заклучок

Откако ќе ги разгледаат доказите во природата кои укажуваат на тоа дека Бог го создал животот, многу луѓе се согласуваат со библискиот писател Павле, кој рекол: „[Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:19, 20).