Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Божјето Царство владее!

 ПОГЛАВЈЕ 12

Организирани да му служиме на „Богот на мирот“

Организирани да му служиме на „Богот на мирот“

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Јехова постепено воведува организациски промени

1, 2. Што било сменето во Стражарска кула од јануари 1895 год., и како браќата реагирале на таа промена?

КОГА Џон Бонет, ревносен Истражувач на Библијата, добил Стражарска кула од јануари 1895 год., се воодушевил од нејзиниот изглед. Списанието имало впечатлива нова насловна страница — слика на светилник кој се издига над разбранувано море и го осветлува мрачното небо. За новиот изглед се зборувало во статијата со наслов „Нашето ново руво“.

2 Брат Бонет бил толку восхитен од таа промена што веднаш му испратил писмо на Расел. „Се израдував кога ја видов КУЛАТА во такво прекрасно издание“, напишал тој. „Изгледа многу убаво“. Еден друг верен Истражувач на Библијата, Џон Браун, го напишал следново за насловната страница: „Навистина е впечатлива! Кулата изгледа толку цврсто што ни бурата ни брановите не ѝ можат ништо“. Новата насловна страница била првата промена таа година, но не и последната. Во ноември бил најавен уште еден значаен новитет. Во симболична смисла, и тој бил поврзан со разбранувано море.

3, 4. За кој проблем се зборувало во Стражарска кула од 15 ноември 1895 год., и која значајна промена била најавена?

3 Во Стражарска кула од 15 ноември 1895 год., излегла една подолга статија во која отворено се зборувало за еден сѐ поголем проблем. Меѓу Истражувачите на Библијата имало сѐ почести расправии околу тоа кој треба да предводи во собранијата. Тие расправии, како бранови на разбеснето море, се заканувале да го одземат мирот меѓу браќата. Со цел да им се помогне да сфатат што треба да преземат за да го искоренат таквиот разорен натпреварувачки дух од собранијата, во оваа статија организацијата била споредена со брод. Одговорните браќа искрено признале дека пропуштиле да го подготват овој „брод“ за бурни времиња. Што морало да се стори?

4 Во статијата било истакнато дека еден искусен капетан секогаш проверува дали на бродот има доволно појаси за спасување и дали екипажот е спремен брзо да дејствува во случај на невреме. Слично на ова, оние што ја  предводеле организацијата требало да се погрижат собранијата да бидат подготвени за бурни времиња. За таа цел, била најавена една значајна промена која требало веднаш да стапи на сила. Браќата добиле упатства „во секое собрание да избираат старешини кои ќе ,го надгледуваат‘ стадото“ (Дела 20:28).

5. а) Зошто одлуката да се постават старешини во собранијата била донесена во вистинско време? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

5 Одлуката да се постават старешини била донесена во вистинско време, и многу придонела за стабилноста на собранијата. Таа им помогнала на нашите браќа успешно да ја пребродат бурата од неволји во Првата светска војна. Во децениите што следеле, имало и други организациски подобрувања кои му помогнале на Божјиот народ уште поделотворно да му служи на Јехова. Кое библиско пророштво укажувало на тие позитивни промени? На кои организациски промени си бил сведок ти, и како ти користеле?

„Ќе го поставам мирот за твој надгледник“

6, 7. а) Што значат зборовите од Исаија 60:17? б) На што укажуваат зборовите „надгледник“ и „управител“?

6 Како што видовме во деветтото поглавје, Исаија претскажал дека Јехова ќе го благослови својот народ со огромен пораст (Иса. 60:22). Но, Бог ветил дека ќе направи уште нешто. Во истото пророштво, тој рекол: „Наместо бакар ќе донесам злато, наместо железо ќе донесам сребро, наместо дрво — бакар, наместо камења — железо. Ќе го поставам мирот за твој надгледник и правдата за твој управител“ (Иса. 60:17). Што значат овие пророчки зборови? Како се исполнуваат на нас денес?

Исаија не прорекол дека ќе има промена од лошо на добро, туку од добро на подобро

7 Исаија прорекол дека еден материјал ќе биде заменет со друг. Но, забележи дека оваа промена не е од лошо на добро, туку од добро на подобро. Тоа што бакарот е заменет со злато е подобрување, а истото може да се каже и за другите материјали кои се спомнати во ова пророштво. Всушност, со оваа споредба, Јехова открил дека неговиот народ ќе напредува чекор по чекор. За каков напредок станува збор? Со тоа што ги спомнал зборовите „надгледник“ и „управител“, Јехова укажал дека ќе има постепени промени во начинот на кој неговите слуги ќе бидат духовно згрижени и организирани.

8. а) Кој е заслужен за подобрувањата спомнати во пророштвото на Исаија? б) Како ни користат овие организациски промени? (Види ја и рамката „ Понизно прифатил совет“.)

8 Кој стои зад овој организациски напредок? Јехова рекол дека тој ,ќе донесе злато и сребро‘ и дека тој ,ќе постави мир‘. Од ова може да заклучиме дека, за подобрувањата во начинот на кој се организирани собранијата, не е заслужен некој човек, туку Бог. А откако Исус бил поставен за Цар, Јехова продолжил да воведува промени преку него. Како ни користат тие? Во истиот стих се вели дека подобрувањата ќе донесат ,мир‘ и ,правда‘. Кога го прифаќаме Божјето водството и ги правиме потребните промени, меѓу нас владее мир. Освен тоа, расте и нашата љубов  кон правдата, која нѐ поттикнува да му служиме на Јехова, „Богот на мирот“ (Фил. 4:9).

9. На што се темелат редот и единството во собранието? Објасни.

9 Апостол Павле напишал дека Јехова „не е Бог на нередот, туку на мирот“ (1. Кор. 14:33). Интересно е што тој рекол дека мирот — а не редот — е спротивен на нередот. Зошто? Размисли за следново: Редот сам по себе не води секогаш до мир. На пример, една чета војници може во совршен ред да маршира кон бојното поле, но тоа нема да води до мир, туку до војна. Затоа, како христијани, мора постојано да ја имаме на ум следнава важна вистина: Секое уредување кое не се темели на мир порано или подоцна ќе пропадне. За разлика од тоа, уредувањето што се темели на мирот кој доаѓа од Бог ќе трае вечно. Колку сме благодарни и среќни што нашата организација ја води и ја усовршува ,Богот кој дава мир‘! (Рим. 15:33). Токму на тој мир се темелат редот и вистинското единство кои ги красат собранијата низ целиот свет, а нам ни носат голема радост (Пс. 29:11).

10. а) Какви промени биле направени во нашата организација на крајот на 19 и во почетокот на 20 век? (Види ја и рамката „ Организациски подобрувања“.) б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

10 Во рамката „ Организациски подобрувања“ е даден краток преглед на корисните организациски промени кои беа направени на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Но како Јехова, преку нашиот Цар, донесе ,злато наместо бакар‘ во поново време? Како ваквите промени ги зајакнаа мирот и единството во собранијата низ целиот свет? Како тоа ти помага тебе лично да му служиш на „Богот на мирот“?

Како Христос го води собранието

11. а) Што разбрале појасно браќата по едно темелно истражување на Библијата? б) Што сакале со сето срце да прават браќата кои служеле како водечко тело?

11 Од 1964 до 1971 год., браќата кои служеа како водечко тело надгледуваа еден проект чија цел беше темелно да се истражат повеќе библиски теми, меѓу кои и начинот на кој било организирано христијанското собрание во првиот век. * Истражувањето покажа дека собранијата во тоа време не биле надгледувани само од еден човек туку од група старешини, односно старешинство. (Прочитај Филипјаните 1:1; 1. Тимотеј 4:14.) Кога појасно го разбраа ова, браќата од водечкото тело сфатија дека нивниот Цар, Исус, ги поттикнува да ја подобрат организациската структура на Божјиот народ. Се разбира, тие со сето срце сакаа да се подложат на неговото водство. Затоа веднаш ги презедоа потребните чекори за да можат старешините да бидат именувани во склад со библиските упатства. Кои промени беа направени во почетокот на 1970-тите?

12. а) Каква промена била направена во водечкото тело? б) Објасни како е организирано Водечкото тело денес. (Види ја рамката „ Како Водечкото тело се грижи за делото на Царството“.)

12 Првата промена се однесуваше на самото водечко тело. До 1971 год., оваа група ја сочинуваа седум помазаници кои воедно беа и членови на управниот одбор на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania. Но, таа  година водечкото тело беше проширено од 7 на 11 членови, и јасно беше истакната разликата меѓу оваа група и управниот одбор. Сите браќа во Водечкото тело се меѓусебно рамноправни, и оттогаш наваму претседавачот се менува секоја година по азбучен редослед.

13. а) Како биле надгледувани собранијата од 1932 до 1972 год.? б) Што направило Водечкото тело во 1972 год.?

13 Другата промена влијаеше врз сите собранија. Во кој поглед? Од 1932 до 1972 год., секое собрание го надгледувал главно еден брат. Браќата кои биле именувани да ја вршат таа одговорност совесно се грижеле за духовната состојба на стадото. До 1936 год., ваквиот именуван брат бил нарекуван „управител за служба“. Подоцна називот бил сменет во „слуга на друштвото“, па во „слуга на собранието“ и, на крајот, во „собраниски надгледник“. Надгледникот обично донесувал одлуки за собранието без да се советува со браќата кои служеле како негови помошници. Но, во текот на 1972 год., Водечкото тело го подготви теренот за една историска промена.

14. а) Која промена стапила на сила на 1 октомври 1972 год.? б) Како координаторите на старешинствата го применуваат советот од Филипјаните 2:3?

14 Беше одлучено собранијата повеќе да не ги надгледува само еден брат, туку старешинство кое се состои од неколку браќа што ги исполнуваат библиските барања и се именувани на теократски начин. Оваа промена стапи на сила на 1 октомври 1972 год. Денес координаторот на  старешинството не се смета за поважен од другите старешини туку, напротив, се однесува „како помал“ (Лука 9:48). Тие понизни браќа се навистина голем благослов за нашето меѓународно братство! (Фил. 2:3).

Нашиот Цар на мудар начин се погрижи неговите следбеници да ги добијат потребните пастири во вистинско време

15. а) Какви користи има од тоа што за собранијата почнаа да се грижат старешинства? б) Што покажува дека нашиот Цар постапувал мудро?

15 Има многу користи од тоа што собраниските одговорности беа поделени меѓу членовите на старешинството. Да наведеме три од нив. Прво и основно, таквото надгледување им помага на сите старешини — сеедно какви одговорности имаат — никогаш да не заборават дека Исус е Главата на собранието (Еф. 5:23). Второ, во Изреки 15:22 се вели: „Успехот лежи во мноштвото советници“. Кога старешините се советуваат како да му помагаат на собранието духовно да напредува и ги земаат предвид меѓусебните предлози, можат полесно да донесат одлуки кои се во склад со библиските начела (Изр. 27:17). Јехова ги благословува нивните одлуки, и затоа тие водат до успех. Трето, благодарение на тоа што повеќе браќа служат како старешини, организацијата може да се грижи за сѐ поголемиот број собранија, кои имаат потреба од водство и пастирска грижа (Иса. 60:3-5). Всушност, бројот на собранија во целиот свет порасна од над 27.000 во 1971 год. на повеќе од 113.000 во 2013 год.! Ова јасно покажува дека  нашиот Цар на мудар начин се погрижи неговите следбеници да ги добијат потребните пастири во вистинско време (Мих. 5:5).

„Бидете му пример на стадото“

16. а) Каква одговорност имаат старешините? б) Како гледале Истражувачите на Библијата на зборовите на Исус: „Паси ги моите овчички“?

16 Уште од самите почетоци на Истражувачите на Библијата, старешините јасно сфаќале дека имаат одговорност да им помагаат на соверниците истрајно да му служат на Бог. (Прочитај Галатите 6:10.) Во Стражарска кула од 1908 год., излегла една статија во која биле разгледани зборовите на Исус: „Паси ги моите овчички“ (Јован 21:15-17). Во неа бил даден следниов поттик за старешините: „Задачата што нашиот Господар ни ја дал во врска со стадото треба да има важно место во нашето срце. Треба длабоко да ја цениме огромната чест што ни ја доверил — да ги храниме неговите следбеници и да се грижиме за нив“. Потоа, во Стражарска кула од 1925 год., повторно била нагласена важноста на пастирската служба. На старешините им било дадено следново потсетување: „Собранието му припаѓа на Бог... и Нему ќе му поднесат сметка сите што имаат чест да им служат на своите браќа“.

17. Каква помош добиле старешините за да бидат добри духовни пастири?

17 Како Јеховината организација им помогнала на старешините подобро да ја извршуваат својата пастирска служба и на тој начин, во симболична смисла, да го ,заменат железото со сребро‘? Клучна улога во тоа одиграла теократската обука. Во 1959 год., била одржана првата Школа за именувани браќа. Во еден дел од програмата била разгледана темата „Да покажеме личен интерес“. Старешините биле советувани „да си направат план за да ги посетуваат објавителите во нивните домови“. Им биле дадени  и различни предлози за тоа како да ги охрабрат своите браќа во текот на тие посети. Во 1966 год., програмата за оваа школа била ревидирана. На пример, се разгледувала и темата „Важноста на пастирската служба“. Која била главната поука на тој дел од програмата? Било истакнато дека браќата што предводат „треба со љубов да се грижат за Божјето стадо, но притоа не смеат да го занемарат своето семејство и службата на проповедање“. Во последниве години беа одржани и други школи и семинари за старешини. Што се постигнало благодарение на обуката која постојано ја обезбедува Јеховината организација? Денес во христијанското собрание има илјадници зрели браќа кои служат како духовни пастири.

Школа за именувани браќа на Филипините (1966)

18. а) Која сериозна задача им е доверена на старешините? б) Зошто Јехова и Исус многу ги сакаат трудољубивите старешини?

18 Преку својот Син, Исус, Јехова им доверил една многу сериозна задача на христијанските старешини. Тие треба да го предводат Божјето стадо во најкритичниот период од човечката историја (Еф. 4:11, 12; 2. Тим. 3:1). Јехова и Исус многу ги сакаат трудољубивите старешини бидејќи овие браќа се послушни на следниов библиски совет: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно... горливо [и] бидете му пример на стадото“ (1. Пет. 5:2, 3). Да разгледаме само два начина на кои христијанските пастири му даваат пример на стадото и придонесуваат за мирот и радоста во собранието.

Како старешините се грижат за Божјето стадо денес

19. Како се чувствуваме кога старешините одат во служба со нас?

19 Прво, старешините одат во служба со браќата и сестрите од собранието. Во своето евангелие, Лука го напишал следново во врска со Исус: „[Тој] почна да оди од град во град и од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја  добрата вест за Божјето царство. Со него беа и дванаесеттемина“ (Лука 8:1). Исто како што Исус проповедал заедно со своите апостоли, така и примерните старешини соработуваат со своите соверници во службата на проповедање. Тие се свесни дека со тоа многу придонесуваат за добриот дух во собранието. Како гледаат објавителите на соработката со старешините? Жанин, една сестра која има речиси 90 години, вели: „Сакам да одам во служба со старешините, бидејќи тогаш можам да разговарам со нив и подобро да ги запознаам“. Стивен, кој има околу 35 години, вели: „Кога проповедам од врата до врата со некој старешина, чувствувам дека навистина сака да ми помогне. Тоа многу ме радува“.

Како што пастирот ја бара загубената овца, така и старешините настојуваат да ги најдат оние кои се оддалечиле од собранието

20, 21. На кој начин старешините можат да постапуваат како пастирот од споредбата на Исус? Наведи пример. (Види ја и рамката „ Седмичните посети раѓаат плод“.)

20 Второ, Јеховината организација ги поучува старешините да им обрнат внимание и на оние што се оддалечиле од собранието (Евр. 12:12). Зошто треба да им помагаат на таквите лица кои духовно ослабнале, и како треба да го прават тоа? Одговорот го наоѓаме во споредбата на Исус за пастирот и загубената овца. (Прочитај Лука 15:4-7.) Кога забележува дека фали една овца во стадото, пастирот тргнува да ја бара како таа да е единствената што ја има. Во кој поглед христијанските старешини денес го следат примерот на тој пастир? Исто како што изгубената овца е скапоцена за пастирот, така и оној што се оддалечил од Божјиот народ и понатаму е скапоцен за старешините. Тие гледаат на духовно слабиот поединец како на изгубена овчичка, а не како на изгубен случај. Освен тоа, исто како што пастирот ,ја бара загубената овца додека не ја најде‘, така и старешините настојуваат да ги најдат оние што ослабнале во верата и да им помогнат.

21 Што прави пастирот од споредбата кога ја наоѓа овцата? Тој нежно ја крева, ,ја става на рамењата‘ и ја враќа во стадото. На сличен начин, искрената грижа што ја покажуваат старешините кон духовно слабиот поединец може да го подигне и да го поттикне да се врати во Божјето стадо. Токму тоа се случило со Виктор, еден брат од Африка кој се оддалечил од собранието. Тој раскажува: „Иако цели осум години бев неактивен, старешините не кренаа раце од мене“. Што особено го трогнало? Тој објаснува: „Еден ден, кај мене дојде Џон, старешина со кој бев на Пионерската школа, и ми покажа некои заеднички слики од школата. Тие ми вратија толку многу пријатни спомени што посакав повторно да ја почувствувам радоста која ја имав додека му служев на Јехова“. Кратко по таа посета на Џон, Виктор се вратил во собранието. Денес тој повторно служи како пионер. Грижливите старешини навистина многу ни помагаат да бидеме радосни (2. Кор. 1:24). *

 Организациските подобрувања го зајакнуваат единството меѓу Божјиот народ

22. Како правдата и мирот го зајакнуваат единството во христијанското собрание? (Види ја и рамката „ Бевме восхитени“.)

22 Како што видовме, Јехова прорекол дека правдата и мирот ќе бидат сѐ поистакнати обележја на неговиот народ (Иса. 60:17). Овие две одлики го зајакнуваат единството во собранијата. На кој начин? Кога станува збор за правдата, добро е да го имаме на ум она што Библијата го вели во 5. Мојсеева 6:4: „Јехова, нашиот Бог е еден“. Неговите праведни начела, неговите мерила за исправно и погрешно, не се разликуваат од една до друга земја. Напротив, тие се едни исти за „сите собранија на светите“ (1. Кор. 14:33). Според тоа, собранијата можат да напредуваат само ако постапуваат во склад со Божјите праведни начела. А кога станува збор за мирот, нашиот Цар не само што сака да има мир во собранијата туку сака и секој од нас да биде ,миротворец‘ (Мат. 5:9). Затоа „се стремиме кон она што придонесува за мир“ и правиме сѐ што можеме за да ги расчистуваме несогласувањата кои понекогаш се појавуваат меѓу нас (Рим. 14:19). На тој начин, го зајакнуваме мирот и единството во собранието (Иса. 60:18).

23. Во каква духовна благосостојба ужива Божјиот народ денес?

23 Кога во Стражарска кула од ноември 1895 год. за првпат најавиле дека ќе се именуваат старешини во собранијата, одговорните браќа објасниле и зошто донеле таква одлука. Тие напишале дека искрено се надеваат и се молат оваа промена да му помогне на Божјиот народ „брзо да постигне единство во верата“. Кога размислуваме за изминатите децении, среќни сме затоа што организациските промени кои ги воведе Јехова преку нашиот Цар навистина го зацврстија нашето единство (Пс. 99:4). Благодарение на тоа, денес Јеховините слуги низ целиот свет ,размислуваат и постапуваат исто‘, и му служат на „Богот на мирот“ радосно и сложно (2. Кор. 12:18; прочитај Софонија 3:9).

^ пас. 11 Резултатите од тоа обемно истражување беа објавени во енциклопедијата Помош за разбирање на Библијата.

^ пас. 21 Види ја статијата „Старешини — ,наши соработници за да бидеме радосни‘“ која излезе во Стражарска кула од 15 јануари 2013.

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Јехова отсекогаш ги организирал своите слуги

Како извештаите за древниот Израел и за христијаните од првиот век ни покажуваат дека Јеховините слуги треба да бидат организирани?

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Да останеме заедно додека наближува крајот на овој свет

Четири библиски примери покажуваат колку е скапоцено единството, и зошто тоа ќе биде уште поважно во иднина.