Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Божјето Царство владее!

 ПОГЛАВЈЕ 11

Морална чистота — одраз на Божјата светост

Морална чистота — одраз на Божјата светост

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Како Царот ги поучувал своите поданици да се држат за Божјите морални мерила

Замисли си како минуваш низ влезот кој води до надворешниот двор на Јеховиниот голем духовен храм

1. Какво величествено видение добил Езекиел?

ПРЕД околу 2.500 години, пророкот Езекиел добил едно величествено видение. Замисли да си бил на негово место. Се приближуваш до еден голем, блескав храм. Пред него те чека моќен ангел кој е спремен да ти го покаже ова прекрасно здание. Се искачуваш по седумте скалила кои водат до еден од трите влезови. Кога зачекоруваш внатре и го креваш погледот нагоре, се исполнуваш со восхит. Влезот е висок околу 30 метри! Потоа забележуваш дека во него има стражарници, како и столбови кои наликуваат на величествени палми (Езек. 40:1-4, 10, 14, 16, 22; 41:20).

2. а) Што претставува духовниот храм? (Види ја и фуснотата.) б) На што укажуваат наведените обележја на храмот?

2 Целата оваа прекрасна градба, всушност, е духовниот храм од видението што Јехова му го дал на Езекиел. Описот што го запишал овој пророк е толку детален што опфаќа девет поглавја од неговата книга. Овој симболичен храм, за кој се зборува во поглавја 40-48, го претставува сето она што Јехова го подготвил за да му служиме на прифатлив начин. Секое обележје на храмот укажува на некој аспект од службата што ја вршиме за Бог во овие последни денови. * На пример, што означуваат високите влезови? Тие нѐ потсетуваат дека секој што влегува во духовниот храм мора да живее во склад со Јеховините возвишени и праведни мерила. Дури и столбовите во облик на палми имаат слично значење, бидејќи во Библијата палмите понекогаш се користат како симбол за праведноста (Пс. 92:12). А на што укажуваат стражарниците? Очигледно на фактот дека на луѓето што не ги почитуваат Божјите мерила нема да им биде дозволено да влезат во ова прекрасно духовно светилиште и да добијат вечен живот (Езек. 44:9).

3. Зошто на Христовите следбеници им е потребно постојано пречистување?

3 Како се исполнува видението на Езекиел? Во второто поглавје од оваа книга, видовме дека Јехова преку Христос на посебен начин го пречистил својот народ во периодот од 1914 до почетокот на 1919 год. Дали пречистувањето завршило тогаш? Во никој случај! Во изминатите сто години, Христос непоколебливо ги застапувал Јеховините свети мерила, а продолжил да им помага и на своите следбеници да ги држат. Ним им е потребно постојано пречистување бидејќи доаѓаат од морално расипан свет, а Сатана секогаш одново се обидува да ги  врати во калта од којашто излегле. (Прочитај 2. Петрово 2:20-22.) Да разгледаме на кои три подрачја вистинските христијани морале да ги усогласат своите ставови и својот живот со Божјите мерила. Најпрво ќе видиме какви промени направиле во поглед на моралот и нечистите навики. Потоа ќе дознаеме што било преземено за собранијата да останат чисти. На крајот, ќе видиме каква помош добиле семејствата.

Пречистување во поглед на моралот и навиките

4, 5. Со која тактика се служи Сатана уште одамна, и со каков успех?

4 На Јеховините слуги отсекогаш им било важно да водат морално чист живот и да постапуваат исправно. Затоа, од срце ги прифаќале сѐ појасните совети кои ги добивале во врска со тоа. Да разгледаме неколку примери.

5 Сексуален неморал. Јехова имал намера половите односи меѓу брачните партнери да бидат чисти и да им причинуваат задоволство. Но, Сатана ужива да го претвори тој скапоцен дар во нешто валкано и изопачено. А го користи и како мамка за да нѐ наведе да згрешиме и да ја изгубиме Божјата милост. На пример, тој успешно се послужил со оваа тактика во времето на пророкот Валаам, и тоа имало трагични последици. Во овие последни денови, Ѓаволот ја користи повеќе од кога и да било порано (4. Мој. 25:1-3, 9; Отк. 2:14).

6. Кој завет бил објавен во Стражарска кула, за што служел, и зошто бил укинат? (Види ја и фуснотата.)

6 За да можат Божјите слуги да се заштитат од замките на Сатана, во Стражарска кула од 15 јуни 1908 год. бил објавен еден завет во кој, меѓу другото, стоело: „Секаде и во секое време ќе се однесувам со лицата од спротивниот пол исто како што би се однесувал со нив на некое јавно место“. * Иако не било задолжително да се даде ваков завет, мнозина го направиле тоа, и ги испратиле своите имиња да бидат објавени во Стражарска кула. Со години подоцна, се увидело дека тој завет, кој некое време им бил корисен на многумина, се претворил во обичен ритуал, и затоа бил укинат. Сепак, високите морални начела врз кои се темелел никогаш не престанале да важат.

7. За кој проблем се зборувало во Стражарска кула од 1 март 1935 год., и што било нагласено?

7 Со текот на времето, Сатана уште повеќе ги засилил своите напади. Во Стражарска кула од 1 март 1935 год., многу отворено се зборувало за еден сѐ почест проблем меѓу Божјиот народ. По сѐ изгледа некои си мислеле дека, штом одат во служба, не мора да се држат за Јеховините морални мерила во својот приватен живот. Во истата Стражарска кула било јасно кажано: „Треба да имаме на ум дека од нас не се бара само да проповедаме. Како Јеховини сведоци, ние сме претставници на Бог и должни сме во секое време достојно да го застапуваме него и неговото Царство“. Во истата статија биле дадени јасни совети за бракот и моралната чистота, кои му помогнале на Божјиот народ да ,бега од блуд‘ (1. Кор. 6:18).

8. Зошто Стражарска кула често го нагласува значењето на грчиот збор порниа?

8 Во последниве децении, во Стражарска кула често се нагласува точното значење на зборот порниа, со кој во Библијата се укажува на сексуален неморал. Овој збор не се однесува  само на половиот однос туку опфаќа најразлични бесрамни и неморални постапки кои се вообичаени за јавните куќи. Ваквите објаснувања им помагаат на Христовите следбеници да се заштитат од сексуалната изопаченост која се шири како чума во денешниов свет. (Прочитај Ефешаните 4:17-19.)

9, 10. а) За кој друг проблем се зборувало во Стражарска кула од 1 март 1935 год.? б) Кое урамнотежено гледиште за алкохолот е изнесено во Библијата?

9 Злоупотреба на алкохол. Во Стражарска кула од 1 март 1935 год., бил спомнат уште еден проблем: „Забележано е дека некои одат во служба или вршат други теократски активности под дејство на алкохол. Според Библијата, во кои прилики би било исправно да се пие вино? Дали би било во ред да пиеме вино до таа мера што тоа ќе влијае врз нашата служба во Божјата организација?“

10 Во продолжение на статијата било објаснето урамнотеженото библиско гледиште за алкохолот. Божјата Реч не го забранува умереното пиење вино или други алкохолни пијалаци, но строго го осудува пијанството (Пс. 104:14, 15; 1. Кор. 6:9, 10). А дали Бог одобрува некој да врши света служба под дејство на алкохол? Во врска со ова, Библијата содржи силно предупредување во извештајот за синовите на Арон, кои Јехова ги погубил затоа што принеле недозволен оган на неговиот жртвеник. Истиот извештај ни открива дека најверојатно алкохолот бил причина за таа неразумна постапка. Зошто го велиме ова? Затоа што, кратко по овој настан, Бог им забранил на сите свештеници да пијат „вино и опоен пијалак“ додека извршуваат свети задолженија (3. Мој. 10:1, 2, 8-11). Во склад со ова начело, денес Христовите следбеници не учествуваат во теократски активности под дејство на алкохол.

11. Како на Божјите слуги им користело тоа што стекнале поточно разбирање за алкохолизмот?

11 Во последниве децении, Христовите следбеници добија повеќе информации и совети за алкохолизмот, односно зависноста од алкохол. Овие навремени совети им помогнаа на мнозина да се справат со овој проблем и повторно да воспостават контрола над својот живот. На многу други, пак, библиските совети им помогнаа сосема да ја избегнат таа замка. Никој од нас не мора поради злоупотребата на алкохол да си ги изгуби достоинството, семејството, и најважно од сѐ, честа да му служи на светиот Бог, Јехова.

„Незамисливо е нашиот Господар да мирисал на тутун или да ставал во својата уста нешто што би го извалкало“ (Чарлс Расел)

12. Како гледале Христовите следбеници на тутунот уште пред да започнат последните денови?

12 Употреба на тутун. Уште пред да започнат последните денови, Христовите следбеници гледале со неодобрување на употребата на тутун. Пред многу години, еден постар брат по име Чарлс Кејпен раскажал како изгледала неговата прва средба со брат Расел при крајот на 19 век. Чарлс, кој тогаш имал 13 години, стоел заедно со тројца негови браќа на скалите во Библиската куќа во Алегени (Пенсилванија). Кога поминал покрај нив, брат Расел ги прашал: „Момчиња, да не пушите? Ми мириса на тутун“. Тие му одговориле дека не пушат. Без сомнение, по оваа кратка средба им било сосема јасно како гледа брат Расел на пушењето. Во врска со 2. Коринќаните 7:1, во Стражарска кула од 1 август 1895 год., тој напишал: „Не сфаќам како употребата на тутун во кој и да било  облик би можела да му носи слава на Бог или да му користи на некој христијанин... Незамисливо е нашиот Господар да мирисал на тутун или да ставал во својата уста нешто што би го извалкало“.

13. Какви упатства во врска со тутунот добил Божјиот народ во 1973 год.?

13 Во Стражарска кула од 1935 год., тутунот бил наречен „валкано растение“. Освен тоа, во неа пишувало дека секој што ќе продолжи да пуши или да џвака тутун не може да остане член на бетелското семејство ниту да биде претставник на Божјата организација во пионерската или во патувачката служба. Подоцна, во 1973 год., Божјиот народ доби уште појасни упатства во овој поглед. Истата година, во Стражарска кула од 1 јуни беше објаснето дека ниту еден Јеховин сведок не може да биде на добар глас во собранието ако продолжи да ѝ робува на оваа смртоносна, валкана и себична навика. Оние што не сакаа да се откажат од тутунот беа исклучени од собранието. * Ова бил уште еден важен чекор со кој Христос ги пречистил своите следбеници.

14. а) Какво е Божјето гледиште за крвта? б) Како трансфузијата на крв станала вообичаена медицинска метода?

14 Злоупотреба на крв. Во времето на Ное, Бог јасно кажал дека не смее да се јаде крв. Таа заповед ја повторил во Законот што им го дал на Израелците, а подоцна и членовите на христијанското собрание добиле упатства „да се воздржуваат од крв“ (Дела 15:20, 29; 1. Мој. 9:4; 3. Мој. 7:26). Но, како што можело и да се очекува, Сатана пронашол начин и во поново време да наведе многумина да ја прекршат оваа Божја заповед. Иако лекарите вршеле експерименти со трансфузија уште во 19 век, оваа метода почнала многу повеќе да се користи откако биле откриени крвните групи. Од 1937 год., почнало да се складира крв во таканаречените банки за крв, а во Втората светска војна трансфузијата зела особено голем замав. За кратко време, оваа медицинска метода станала вообичаена во целиот свет.

15, 16. а) Каков став зазеле Јеховините сведоци во поглед на трансфузијата на крв? б) Каква помош добиваат Христовите следбеници во врска со бескрвното лекување, и со каков резултат?

15 Уште во 1944 год., во Стражарска кула пишувало дека, кога некој прима трансфузија, тоа е исто како да јаде крв. Следната година, ова библиско гледиште било објаснето уште подетално. Во 1951 год., била објавена статија со прашања и одговори која им помогнала на Божјите слуги да им го објаснат својот став на лекарите. Христовите верни следбеници низ целиот свет храбро го застапувале библиското гледиште за крвта, и покрај тоа што честопати наидувале на осуда, противење, па дури и на отворено прогонство. Но, Христос продолжил да им помага преку Божјата организација. Биле објавени разни брошури и статии со многу детални и темелно истражени информации.

16 Потоа, во 1979 год., некои старешини почнаа да ги посетуваат болниците за да им помогнат на лекарите подобро да го разберат нашиот став за трансфузијата, како и библиските начела на кои се темели. Освен тоа, им посочија и некои бескрвни методи на лекување. Во 1980 год., старешините од 39 градови во САД добија посебна обука како да ја  вршат оваа служба. Со текот на времето, Водечкото тело одобри низ целиот свет да се формираат Одбори за контактирање со болниците. Дали целиот тој труд вроди со плод? Секако. Денес десетици илјади медицински лица — вклучувајќи хирурзи, анестезиолози и други лекари — им излегуваат во пресрет на пациентите кои се Сведоци и ја почитуваат нивната одлука да се лекуваат без крв. Сѐ повеќе болници нудат бескрвно лекување, а некои стручњаци сметаат дека тоа дава најдобри резултати. Зарем не сме воодушевени кога размислуваме на кои сѐ начини Исус ги штител своите следбеници од обидите на Сатана да ги извалка? (Прочитај Ефешаните 5:25-27.)

Сѐ повеќе болници нудат бескрвно лекување, а некои стручњаци сметаат дека тоа дава најдобри резултати

17. Како може да покажеме дека го цениме сето она што го прави Христос за да ги пречисти своите следбеници?

17 Добро е секој од нас да се праша: ,Дали сум благодарен што Христос нѐ пречистува како свои следбеници, поучувајќи нѐ да се држиме за Јеховините високи морални мерила?‘ Да не заборавиме дека Сатана непрестајно се обидува да го поткопа нашето ценење за Божјите мерила со цел да нѐ оддалечи од Бог и од Исус. За да нѐ заштити од таквото лошо влијание, Јеховината организација секогаш одново со љубов нѐ предупредува и нѐ потсетува да се чуваме од моралната расипаност на овој свет. Затоа, спремно да ги прифаќаме и да ги применуваме сите скапоцени совети што ги добиваме (Изр. 19:20).

 Христос се грижи собранието да остане чисто

18. Што ни покажува видението на Езекиел во врска со оние што намерно ги кршат Божјите мерила?

18 Божјиот народ морал да прави промени на уште едно подрачје — биле преземени мерки собранието да остане чисто. За жал, некои што му се заветуваат на Јехова и ги прифаќаат неговите мерила на однесување подоцна го погазуваат своето ветување. Со текот на времето, го менуваат својот став и намерно почнуваат да ги кршат Божјите мерила. Што треба да се преземе во таков случај? Еден интересен детаљ од видението на Езекиел за духовниот храм ни открива нешто во врска со тоа. Во почетокот на ова поглавје, видовме дека влезовите на храмот биле многу високи и дека во нив имало стражарници. Стражарите требало да го чуваат храмот, очигледно за да ги спречат луѓето со „необрежано срце“ да влезат внатре (Езек. 44:9). Ова е јасно потсетување дека само оние што се трудат да живеат според високите морални мерила кои ги поставил Јехова имаат чест да му служат. Во склад со тоа, оние што не се држат за тие мерила не можат да останат во христијанското собрание.

19, 20. а) Како Христос постепено им помагал на своите следбеници да ги решаваат правните случаи на Јеховин начин? б) Наведи три причини поради кои треба да биде исклучен некој што направил тежок грев и не се кае поради тоа.

19 Уште во 1892 год., во Стражарска кула пишувало дека „наша должност е да ги исклучиме (од собранието) оние што директно или индиректно одрекуваат дека Христос го дал својот живот како откупнина за сите“. (Прочитај 2. Јованово 10.) Во 1904 год., во книгата Новото создание било објаснето дека оние што упорно прават грев претставуваат голема опасност за собранието бидејќи можат да ги расипат и обесхрабрат неговите членови. Во тоа време, кога некој ќе направел тежок грев, целото собрание учествувало во решавањето на случајот. Сепак, ваквите ситуации биле ретки. Во 1944 год., во Стражарска кула било објаснето дека само одговорните браќа треба да ги решаваат правните случаи. А во 1952 год. била образложена библиската постапка која требало да ја следат додека го прават тоа. Во истата статија била истакната една клучна причина за исклучување на оние што не се каат — да се зачува чистотата на собранието.

20 Во децениите што следеле, Христос им помагал на своите следбеници подобро да разберат како треба да се постапи во случај на тежок грев. Старешините се добро поучени да ги решаваат правните случаи на Јеховин начин, постапувајќи и праведно и милостиво. Денес ни е сосема јасно дека има најмалку три причини од кои треба да се исклучи некој што не се кае за својот грев: 1) да не му се нанесува срам на Јеховиното име, 2) да се заштити собранието од штетно влијание и 3) доколку е можно, да му се помогне на грешникот да се покае.

21. Зошто може да се каже дека исклучувањето на непокајничките грешници претставува заштита за Божјиот народ?

21 Дали сфаќаш зошто исклучувањето на непокајничките грешници претставува голема заштита за Христовите следбеници? Во древниот Израел, престапниците обично влијаеле многу лошо врз народот, а понекогаш биле дури и побројни од оние кои го сакале Јехова и кои се труделе да постапуваат исправно.  Кога постапувал расипано, израелскиот народ му нанесувал срам на името на Јехова, и поради тоа ја губел неговата милост (Ерем. 7:23-28). А како е денес? Во нашево време Божјиот народ го сочинуваат поединци од разни нации кои вистински го ценат својот однос со Јехова. Но, што се случува со оние што прават грев и не се каат поради тоа? Тие повеќе не можат да бидат дел од Божјиот народ. Така Сатана не може да ги користи како оружје за да му нанесе уште поголема штета на собранието и да го наруши неговиот углед. Напротив, влијанието на закоравените грешници е сведено на минимум. Благодарение на тоа, ние како народ можеме да ја зачуваме Божјата милост. Никогаш да не заборавиме дека Јехова ни ветил: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“ (Иса. 54:17). Дали верно ги поддржуваме старешините, кои имаат сериозна одговорност да ги решаваат правните случаи?

Да го славиме нашиот Татко, кому секое семејство му го должи своето име

22, 23. а) Зошто длабоко ги цениме нашите соверници кои живееле во почетокот на 20 век? б) Што покажува дека им била потребна поголема урамнотеженост во врска со семејството?

22 Бракот и семејниот живот се третото подрачје на кое Христос постојано им помагал на своите следбеници да се подобруваат. Како нашето гледиште за семејството се менувало низ годините? Кога читаме за Божјите слуги кои живееле во почетокот на 20 век, ние сме просто воодушевени од нивната самопожртвуваност. Длабоко ги цениме затоа што ја ставале светата служба за Бог на прво место во животот. Сепак, очигледно е дека им била потребна поголема урамнотеженост. Во кој поглед?

23 Тогаш било вообичаено женетите браќа кои служеле како пионери или патувачки надгледници да прифаќаат задачи поради кои со месеци биле одвоени од семејството. Освен тоа, понекогаш самците биле строго советувани да не стапуваат во брак, бидејќи во тоа време не се разбирале исправно библиските начела во врска со таа работа. Од друга страна, се зборувало многу малку за тоа како да се зајакне брачната врска. Дали истото е случај и сега? Воопшто не.

Браќата внимаваат да не ги запостават своите семејни одговорности поради теократските задолженија

24. Како Христос им помогнал на своите верни следбеници да стекнат поурамнотежено гледиште за бракот и за семејството?

24 Денес браќата внимаваат да не ги запостават своите семејни одговорности поради теократските задолженија. (Прочитај 1. Тимотеј 5:8). Исто така, Христос води сметка неговите верни следбеници редовно да добиваат корисни и урамнотежени библиски совети за бракот и за семејството (Еф. 3:14, 15). Во 1978 год., излезе книгата Направи го среќен семејниот живот. Околу 18 години подоцна беше објавена книгата Тајната на семејната среќа. Освен тоа, во Стражарска кула излегуваат многу статии кои им помагаат на брачните парови да ги применуваат библиските начела во својот живот.

25-27. Како низ годините се посветувало сѐ поголемо внимание на потребите на децата од сите возрасти?

25 А како е со младите? Низ годините, почнало да се посветува сѐ поголемо внимание и на нивните потреби. Јеховината организација отсекогаш обезбедувала поучни и интересни публикации за децата од сите возрасти, но денес го прави  тоа повеќе од кога и да било порано. На пример, од 1919 до 1921 год., во списанието Златен век излегувала рубриката „Библиски поуки за младите“. Потоа, во 1920 год., била објавена брошурата Библиски буквар на Златен век, а во 1941 год. книгата Деца. Во 1970-тите, излегоа книгите Слушај го Големиот Учител, Твојата младост — извлечи го најдоброто од неа и Мојата книга со библиски приказни. Во 1982 год., во Разбудете се! почна да излегува рубриката „Младите прашуваат“, а подоцна, во 1989 год., многу статии од неа беа објавени во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори.

Децата се израдуваа кога ја добија брошурата Учам од Библијата (конгрес во Германија)

26 Денес имаме ново издание на книгата Младите прашуваат во два тома, а рубриката со истиот наслов и понатаму излегува на интернет-страницата jw.org. Ја добивме и книгата Учи од Големиот Учител. На нашата интернет-страница има најразлични содржини за децата и младите, како што се картички со библиски ликови и разни рубрики кои им помагаат на децата од сите возрасти да ја истражуваат Библијата. Исто така, имаме филмови и видеоклипови, библиски стрипови и поучни библиски песнички за деца до три години. Сето ова  јасно покажува дека Христос и денес ги сака младите како што ги сакал и во првиот век, кога ги земал дечињата во својата прегратка и ги благословувал (Мар. 10:13-16). Тој има желба нашите млади да се чувствуваат сакани и да бидат добро згрижени во духовен поглед.

27 Освен тоа, Исус сака децата да бидат заштитени. За жал, додека овој свет сѐ повеќе тоне во морален поглед, расте и бројот на случаи на злоупотреба на деца. Затоа, во нашите публикации излегуваат јасни и отворени совети кои им помагаат на родителите да ги заштитат своите деца од оваа голема опасност. *

28. а) Според видението на Езекиел за храмот, што се очекува од вистинските Божји слуги? б) Што си решен да правиш?

28 Сигурно сме восхитени кога размислуваме како Христос постојано ги пречистува своите следбеници со тоа што ги поучува да ги ценат Јеховините високи морални мерила и да живеат според нив. Да се навратиме уште еднаш на видението што го добил Езекиел за храмот. Сети се на неговите високи порти. Иако не станува збор за дословен туку за духовен храм, дали тој сепак е реален за тебе? За да влеземе во него, не е доволно само да одиме на собраниските состаноци, да ја отвораме Библијата или да ѕвониме на нечија врата кога сме во служба. Ова се само постапки кои другите околу нас можат да ги видат. Сето тоа може да го прави и некој што е лицемерен, а сепак никогаш да не влезе во Јеховиниот храм. Но, таквите наши постапки ќе имаат вистинска вредност ако истовремено се трудиме да живееме во склад со возвишените морални мерила на Јехова и ако му служиме од исправни мотиви. Само тогаш може да бидеме сигурни дека сме влегле во величествениот духовен храм и дека го славиме Бог на тоа најсвето место. Никогаш да не престанеме да ја цениме оваа огромна чест. И понатаму да даваме сѐ од себе за да ја одразуваме светоста на Јехова така што ќе живееме според неговите праведни мерила!

^ пас. 2 Во 1932 год., во книгата Оправдување, том 2, првпат било спомнато дека пророштвата за враќањето на Божјиот народ во неговата земја се исполнуваат и во наше време, но не врз родените, туку врз духовните Израелци. Тие укажуваат на обновата на обожавањето на вистинскиот Бог. Во Стражарска кула од 1 март 1999 год. беше објаснето дека видението на Езекиел за храмот е едно такво важно пророштво, и дека тоа има важно духовно исполнување во последните денови.

^ пас. 6 Според овој завет, две лица од спротивен пол кои не биле брачни другари или блиски роднини не смееле да бидат сами во некоја просторија ако вратата не била широко отворена. Неколку години, овој завет секојдневно се читал во текот на библиската утринска програма во Бетел.

^ пас. 13 Во злоупотреба на тутун спаѓа пушење, џвакање, како и одгледување тутун за ваква намена.

^ пас. 27 На пример, види во поглавје 32 од книгата Учи од Големиот Учител; види ги и уводните статии „ ; види ги и уводните статии „ ; види ги и уводните статии „Заштитете ги своите деца!“ во Разбудете се! од октомври 2007.

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Зошто мора да бидеме свети

Дали некогаш ти било здодевно да ја читаш библиската книга 3. Мојсеева или, пак, ти била нејасна? Скапоцените поуки од оваа книга можат да ти помогнат да му служиш на Јехова на чист и прифатлив начин.