Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Божјето Царство владее!

 ПОГЛАВЈЕ 6

Проповедници на добрата вест — „твојот народ спремно ќе се понуди“

Проповедници на добрата вест — „твојот народ спремно ќе се понуди“

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Царот собира голема војска од проповедници

1, 2. Што прорекол Исус, и кое важно прашање се поставува?

ПОЛИТИЧАРИТЕ честопати даваат ветувања кои остануваат неисполнети. Дури и оние што имаат најдобри намери понекогаш не можат да го остварат она што го ветиле. За разлика од нив, месијанскиот Цар — Исус Христос — секогаш си стои на зборот.

2 Откако станал Цар во 1914 год., тој почнал да исполнува едно пророштво кое го дал 1.900 години пред тоа. Кратко пред да биде погубен, Исус рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет“ (Мат. 24:14). Исполнувањето на овие пророчки зборови требало да биде едно обележје на знакот кој ќе покажел дека тој е присутен како Цар. Но, се поставува едно важно прашање: Како ќе успее Царот да собере војска од доброволци кои спремно ќе ја проповедаат добрата вест во последните денови, кога повеќето луѓе ќе бидат себични, бесчувствителни и безбожни? (Мат. 24:12; 2. Тим. 3:1-5). Одговорот на ова прашање ги засега сите вистински христијани.

3. Во што бил уверен Исус, и зошто?

3 Да се осврнеме уште еднаш на пророштвото на Исус. Со тоа што рекол дека добрата вест „ќе биде проповедана“, тој покажал доверба дека ќе има луѓе кои спремно ќе го поддржуваат во последните денови. Зошто бил толку уверен во тоа? Затоа што научил од својот Татко да има доверба во луѓето (Јован 12:45; 14:9). Пред да дојде на Земјата, Исус можел од прва рака да види дека Јехова воопшто не се сомнева во своите верни слуги и во нивната спремност да му служат. Како Бог покажувал таква доверба?

,Како капки роса‘

4. Што побарал Јехова од Израелците, и како реагирале тие?

4 Сети се што се случило кога Јехова му заповедал на Мојсеј да го направи светиот шатор, каде што целиот израелски народ доаѓал да му се поклони на Бог. Преку овој свој слуга, Јехова ги повикал сите Израелци да ја поддржат изработката на шаторот. Мојсеј им рекол: „Секој што има спремно срце нека донесе... прилог за Јехова“.  Што направиле тие? Библијата вели дека ,донесувале доброволни приноси утро по утро‘. Всушност, народот бил толку великодушен што на крајот ,не му било дозволено да донесе уште нешто‘! (2. Мој. 35:5; 36:3, 6). Израелците навистина ја оправдале довербата што Јехова ја покажал во нив.

5, 6. Според Псалм 110:1-3, што очекувале Јехова и Исус од своите поданици во времето на крајот?

5 Дали Јехова очекувал и неговите слуги во последните денови да покажат таква спремност? Да. Повеќе од 1.000 години пред да се роди Исус, под водство на Божјиот дух Давид запишал едно пророштво за времето кога ќе почне да владее Месијата. (Прочитај Псалм 110:1-3.) Тој прорекол дека Исус, новоустоличениот Цар, ќе има непријатели што ќе му се противат. Но, претскажал и дека ќе има цела војска од верни поданици. Никој од нив немало да биде присилен да му служи на Царот. Дури и младите во оваа војска спремно ќе се ставеле на располагање, и ќе биле бројни како капки роса кои ја прекриваат земјата и блескаат на утринското сонце. *

Верните поданици на Царството се бројни како капки роса (Види во пасус 5)

6 Исус знаел дека пророштвото од Псалм 110 се однесува на него (Мат. 22:42-45). Затоа воопшто не се сомневал дека ќе има верни поданици кои со сето срце ќе ја проповедаат добрата вест по целата Земја. Што покажуваат историските факти? Дали Царот навистина собрал војска од спремни проповедници во овие последни денови?

„Имам чест и одговорност да ја објавувам таа порака“

7. Кои чекори ги презел Исус за да ги подготви своите следбеници за делото што им претстоело?

7 Кратко откако се зацарил, Исус презел чекори да ги подготви своите следбеници за огромната задача што требало да ја извршат. Како што видовме во второто поглавје, тој го проверил и пречистил Божјиот народ во периодот од 1914 до првата половина на 1919 год. (Мал. 3:1-4).  А подоцна во 1919 год., го поставил верниот роб над своите слуги за да ги предводи и да дели духовна храна (Мат. 24:45). Оттогаш наваму, преку конгресни предавања и печатени публикации, овој роб постојано нагласува дека секој христијанин има одговорност да проповеда.

8-10. Како конгресите му дале замав на проповедничкото дело? Наведи пример. (Види ја и рамката „ Првите конгреси кои му дале замав на проповедањето“.)

8 Конгресни предавања. Желно очекувајќи да бидат поучени од Јехова, Истражувачите на Библијата се собрале на својот прв голем конгрес по Првата светска војна. Тој се одржал од први до осми септември 1919 год., во Седар Поинт (Охајо, САД). На вториот ден, брат Ратерфорд одржал говор во кој јасно им кажал на присутните: „Секој христијанин на Земјата има задача да ја објавува пораката за Божјето Царство“.

9 Три дена подоцна, тој го изнел најважниот говор на програмата, со наслов „Обраќање до соработниците“, кој подоцна излегол во Стражарска кула во статијата „Објавување на Царството“. Брат Ратерфорд рекол: „Кога еден христијанин длабоко размислува за својот живот, нормално е да се праша: ,Зошто сум овде?‘ Вистинскиот одговор на ова прашање е: ,Затоа што Господарот милостиво ме поставил како свој застапник за да им ја пренесувам на луѓето неговата порака на помирување. Јас имам чест и одговорност да ја објавувам таа порака‘“.

10 Во тој историски говор, брат Ратерфорд најавил дека ќе почне да излегува едно ново списание со наслов Златен век (сега Разбудете се!). Целта на ова списание била да им помогне на луѓето да сфатат дека Царството е единствената надеж за човештвото. Потоа брат Ратерфорд прашал кој од присутните би сакал да учествува во делењето на ова списание. Во еден извештај за конгресот пишувало: „Сите шест илјади присутни станаа како еден. Тоа навистина беше незаборавна глетка!“ * Било очигледно дека Царот има верни поданици кои со сето срце сакале да го објавуваат Царството!

11, 12. Според една Стражарска кула од 1920 год., кога требало да се изврши делото што го претскажал Исус?

11 Печатени публикации. Благодарение на списанието Стражарска кула, станувало сѐ појасно колку е важно делото што го прорекол Исус — проповедањето на добрата вест за Царството. Да разгледаме неколку примери од почетокот на 1920-тите.

12 Која порака требало да се проповеда во склад со она што Исус го претскажал во Матеј 24:14? И, кога требало да се проповеда? Во статијата „Добрата вест за Царството“, која излегла во Стражарска кула од 1 јули 1920 год., пишувало: „Добрата вест која е спомната во овој стих се однесува на крајот на стариот поредок и воспоставувањето на месијанското Царство“. Било јасно кажано и кога ќе се проповеда таа добра вест: „Оваа порака мора да им се  пренесе на луѓето во периодот меѓу големата светска војна [Првата светска војна] и ,големата неволја‘“. Затоа, во заклучокот пишувало: „Сега е време... добрата вест да се објавува низ целиот христијански свет“.

13. На што биле поттикнати помазаните христијани во Стражарска кула од 1921 год.?

13 Дали Божјите слуги биле принудени да проповедаат? Не. Статијата „Бидете храбри“, која излегла во Стражарска кула од 15 март 1921 год., ги поттикнала помазаните христијани доброволно да се стават на располагање. Секој од нив требало да се праша: „Освен што сум должен да учествувам во оваа служба, зарем тоа за мене не е и најголема чест?“ Понатаму во статијата пишувало: „Ако така гледате на својата задача, уверени сме дека ќе бидете исти како Еремија. Во неговото срце Божјата реч била ,како распламтен оган, затворен во неговите коски‘, и затоа едноставно не можел да молчи“ (Ерем. 20:9). Ова срдечно охрабрување било одраз на довербата која ја имаат Јехова и Исус во своите верни поданици.

14, 15. Според една Стражарска кула од 1922 год., како требало помазаните христијани да ја пренесуваат пораката за Царството?

14 Како требало вистинските христијани да им ја пренесуваат пораката за Царството на другите? Во Стражарска кула од 15 август 1922 год., излегла една кратка статија со наслов „Службата на проповедање е од непроценлива важност“. Таа им дала силен поттик на помазаните христијани „да им ги нудат нашите публикации на луѓето и да разговараат со нив на врата, и на тој начин да им сведочат дека небесното Царство е на прагот“.

15 Јасно е дека, од 1919 год. наваму, Христос го користи својот верен и разборит роб за секогаш одново да им нагласува на христијаните дека имаат и чест и должност да ја објавуваат пораката за Царството низ целиот свет. Но, како реагирале Истражувачите на Библијата на поттикот да проповедаат за Царството?

„Верните слуги спремно ќе се стават на располагање“

16. Како некои старешини гледале на службата на проповедање?

16 Во 1920-тите и 1930-тите, некои не се согласувале со тоа дека сите помазани христијани треба да проповедаат. Во Стражарска кула од 1 ноември 1927 год., било објаснето што се случувало во собранијата: „Некои што служат на одговорна положба како старешини... не сакаат да ги поттикнуваат своите браќа да одат во служба, а и самите одбиваат да проповедаат... За нив е понижување да одат од врата до врата и да им ја пренесуваат на луѓето пораката за Бог, за неговиот Цар и за неговото Царство“. Во статијата отворено пишувало: „Време е верните Божји слуги да ги обележат и да ги избегнуваат таквите поединци. Треба јасно да им се каже дека повеќе нема да можат да служат како старешини“. *

17, 18. а) Како реагирале повеќето браќа и сестри на упатствата од верниот роб? б) Каков став имале милиони објавители во изминативе 100 години?

 17 Сепак, повеќето браќа и сестри во собранијата со радост ги прифатиле упатствата од верниот роб. За нив било чест да ја објавуваат пораката за Царството. Во врска со ова, во Стражарска кула од 15 март 1926 год. стоело следново: „Верните Божји слуги спремно ќе се стават на располагање... да им ја пренесуваат добрата вест на луѓето“. Тие навистина постапиле во склад со она што било проречено во Псалм 110:3, и спремно го поддржале месијанскиот Цар.

18 Во последните 100 години, милиони објавители со сето срце ја ширеле веста за Царството. Во следните неколку поглавја ќе видиме како проповедале — односно кои методи и средства ги користеле — и какви биле резултатите. Но, најпрво ќе разгледаме зошто милиони доброволци спремно ги трошат своето време и сила во службата иако живеат во еден свет во кој повеќето мислат само на себеси. Додека го правиме тоа, добро е да се прашаме: ,Зошто јас ја објавувам добрата вест?‘

,Барајте го најнапред царството‘

19. Зошто сме послушни на советот на Исус да го ,бараме најнапред царството‘?

19 Исус им рекол на своите следбеници да ,го бараат најнапред царството‘ (Мат. 6:33). Зошто сме послушни на тој совет? Пред сѐ, затоа што сфаќаме дека Царството е многу важно и дека има пресудна улога во Божјата намера. Како што видовме во претходното поглавје, светиот дух постепено разоткрил значајни детали за таа влада. Кога скапоцената вистина за Царството нѐ допира до срце, поттикнати сме да го ставиме на прво место во животот.

Слично на човек кој е пресреќен што нашол скриено богатство, христијаните се радуваат што ја нашле вистината за Царството (Види во пасус 20)

20. Како од споредбата за скриеното богатство се гледа дека Исус знаел на кој начин ќе реагираат неговите следбеници на советот да го ,бараат најнапред царството‘?

20 Исус знаел дека неговите следбеници ќе го послушаат советот да го бараат најнапред Царството. Тоа се гледа од неговата споредба за скриеното богатство. (Прочитај Матеј 13:44.) Во неа се зборува за еден човек кој, додека работел на нивата, нашол скриено богатство и веднаш сфатил колку вреди тоа. Што направил? Исус рекол: „Од радост оди и продава сѐ што има, па ја купува таа нива“. Што учиме од ова? Кога ќе ја најдеме вистината за Царството и ќе сфатиме колку скапоцено е тоа, спремни сме со радост да ги направиме сите потребни жртви за да го задржиме на прво место во нашиот живот. *

21, 22. Како верните поданици на Царот покажуваат дека го бараат најнапред Царството? Наведи пример.

21 Верните поданици на Царот покажуваат на дело, а не само со збор, дека Царството им е најважно од сѐ. Тие ги користат своите способности и средства — односно целиот свој живот — за да го поддржуваат проповедничкото дело. Мнозина направиле големи жртви за да служат полновремено. Сите тие спремни проповедници се увериле од прва рака дека Јехова ги благословува оние што најнапред го бараат Царството. Да разгледаме еден пример од почетокот на 20 век.

 22 При крајот на 1920-тите, Ејвери и Ловенија Бристоу почнале да служат заедно како колпортери (пионери) во јужниот дел на САД. Ловенија подоцна рекла: „Јас и Ејвери со години му служиме на Јехова како пионери, и тоа ни причинува голема радост. Многу пати не знаевме од каде ќе најдеме пари за бензин или за храна. Но, Јехова никогаш не нѐ остави. Ние само си ја вршевме задачата и бевме решени да истраеме. Секогаш го имавме она што навистина ни беше потребно“. Во една прилика, додека служеле во градот Пенсакола (Флорида), останале со многу малку пари и храна. Но, кога се вратиле во камп-приколката во која живееле, пред вратата нашле две торби полни со храна и картичка на која пишувало: „Со љубов, од собранието Пенсакола“. Во врска со тие децении што ги поминале во полновремена служба, Ловенија рекла: „Јехова секогаш се грижи за своите слуги. Тој никогаш нема да ја изневери нивната доверба во него“.

23. Како гледаш на вистината за Царството, и што си решен да правиш?

23 Бидејќи околностите ни се различни, не можеме сите да проповедаме во иста мера. Сепак, секој од нас може со сета душа да ја објавува добрата вест и да го смета тоа за чест (Кол. 3:23). Бидејќи многу ја цениме скапоцената вистина за Царството, ние сме спремни да ги направиме сите потребни жртви за да му служиме на Јехова во најголема можна мера. Дали и ти имаш таков став?

24. Кое е едно од најзначајните достигнувања на Царството во овие последни денови?

24 Во изминатиов век, Царот навистина го исполнил она што го претскажал во Матеј 24:14. Тоа го постигнал без да присилува некого да му служи. Откако излегле од овој себичен свет, неговите следбеници спремно се ставиле на располагање да проповедаат. Проповедањето на добрата вест низ целиот свет е едно обележје на знакот за Христовата присутност, но и едно од најзначајните достигнувања на Царството во овие последни денови.

^ пас. 5 Во Библијата, росата е поврзана со изобилство (1. Мој. 27:28; Мих. 5:7).

^ пас. 10 Во една брошурка со наслов Оние на кои им е доверено делото пишувало: „Списанието Златен век ќе го делиме од куќа до куќа за да им ја пренесеме пораката за Царството на што е можно повеќе луѓе... Откако ќе му посведочиме на станарот, добро е да му оставиме еден примерок од ова списание, сеедно дали тој ќе сака да направи претплата или не“. Во следните години, браќата биле поттикнувани да нудат претплата и на Златен век и на Стражарска кула. Од 1 февруари 1940 год., Јеховините слуги биле охрабрени да им оставаат на луѓето поединечни броеви и да известуваат колку списанија дале во службата.

^ пас. 16 Во тоа време, секое собрание избирало старешини по демократски пат. Затоа, членовите на собранието можеле да одлучат да не гласаат за оние што се противеле на проповедањето. Во 12. поглавје ќе видиме како старешините почнале да се именуваат на теократски начин.

^ пас. 20 Исус кажал нешто слично во споредбата за еден трговец кој патувал барајќи убави бисери. Кога нашол таков бисер, овој трговец веднаш продал сѐ што имал и го купил (Мат. 13:45, 46). Од двете споредби учиме уште нешто — вистината за Царството може да ја дознаеме на различни начини. Некои случајно ја наоѓаат, а некои намерно ја бараат. Сепак, сеедно како ќе дојдеме до вистината, спремни сме да правиме жртви за да го ставиме Царството на прво место во животот.

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Служи му на Јехова пред да дојдат тешки денови

Какви убави можности имаат постарите христијани да ја зголемат својата служба?