Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Божјето Царство владее!

 ПОГЛАВЈЕ 19

Градежни проекти кои му носат слава на Јехова

Градежни проекти кои му носат слава на Јехова

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Со градежните проекти низ целиот свет се поддржува делото за Царството

1, 2. а) Што прават Јеховините слуги уште од дамнина? б) Што најмногу цени Јехова?

ВЕРНИТЕ слуги на Јехова уште од дамнина градат објекти кои му носат слава на Неговото име. На пример, Израелците воодушевено учествувале во изработката на светиот шатор и великодушно ги приложиле сите потребни материјали (2. Мој. 35:30-35; 36:1, 4-7).

2 Меѓутоа, скапоцениот градежен материјал не е она што му носи слава на Јехова и што е највредно во негови очи (Мат. 23:16, 17). Дарот што тој најмногу го цени и со кој му се искажува најголема чест е верната служба која неговите слуги ја вршат ревносно и со сето срце (2. Мој. 35:21; Мар. 12:41-44; 1. Тим. 6:17-19). Важно е да го имаме ова на ум. Зошто? Затоа што градбите не траат засекогаш. На пример, светиот шатор и храмот повеќе не постојат. Сепак, Јехова не ја заборавил великодушноста и трудот на своите верни слуги кои ја поддржале нивната изградба. (Прочитај 1. Коринќаните 15:58; Евреите 6:10.)

3. Што ќе разгледаме во ова поглавје?

3 И денешните Јеховини слуги напорно работат за да изградат сали во кои го слават својот Бог. Она што го постигнуваме под водство на нашиот Цар, Исус Христос, навистина е извонредно! Јасно е дека Јехова го благословува нашиот труд (Пс. 127:1). Во ова поглавје ќе разгледаме само дел од сето она што било направено досега. Ќе видиме како нашите градежни проекти му донеле фалба на Јехова и какви впечатоци имаат некои браќа и сестри кои учествувале во нив.

Изградба на сали за состаноци

4. а) Зошто ни се потребни сѐ повеќе сали за состаноци? б) Зошто некои подружници биле споени? (Види ја рамката „ Изградба на подружници во склад со новите потреби“.)

4 Како што видовме во 16. поглавје, Јехова ни заповедал да се состануваме за да го славиме (Евр. 10:25). Нашите состаноци ни ја зајакнуваат верата и нѐ поттикнуваат да проповедаме со уште поголем жар. Додека одминуваат последните денови, Јехова го забрзува проповедничкото дело. Како резултат на тоа, секоја година стотици илјади луѓе се слеваат во неговата организација (Иса. 60:22). Бидејќи  расте бројот на поданици на Царството, расте и потребата за библиска литература и за објекти во кои таа ќе се печати. А потребни се и повеќе сали за состаноци.

5. На што укажува називот на нашите сали во многу земји, и зошто е тоа соодветно? (Види ја и рамката „ Црква на новата светлина“.)

5 Уште од самиот почеток, Истражувачите на Библијата увиделе дека е добро да имаат свои простории каде што ќе можат да одржуваат состаноци. По сѐ изгледа, една од првите такви сали била изградена во Западна Вирџинија (САД), во 1890 год. До 1930-тите, Јеховините слуги изградиле или реновирале повеќе сали, но овие места сѐ уште немале посебно име по кое би се разликувале од другите верски објекти. Ова се сменило во 1935 год. Тогаш брат Ратерфорд бил во посета на Хаваите, каде што во склоп на новата подружница била изградена и сала. Кога го прашале како би можеле да ја наречат оваа градба, тој одговорил: „Бидејќи нашата главна задача е да ја проповедаме добрата вест за Царството, зарем не би било добро да се вика ,Сала на Царството‘?“ * (Мат. 24:14). Ова соодветно име наскоро  почнало да се користи и во многу други земји за салите во кои се одржуваат собраниски состаноци на Јеховините сведоци.

 

6, 7. Што се постигнало со методата за брза изградба?

6 До 1970-тите, потребата од нови сали за состаноци нагло порасна. Поради тоа, браќата во САД развија делотворна метода за брза изградба со која се правеа убави и практични сали за само неколку дена. До 1983 год., со помош на таа метода, во САД и во Канада беа изградени околу 200 сали за состаноци. За да може добро да се организира работата, во различни региони беа основани одбори за изградба. Овој пристап се покажа толку делотворен што, во 1986 год., Водечкото тело официјално го одобри и, до 1987 год., во САД беа основани 60 Регионални одбори за изградба. * До 1992 год., вакви одбори се формираа и во Австралија, Аргентина, Германија, Јапонија, Јужноафриканската Република, Мексико, Франција и Шпанија. Браќата и сестрите кои неуморно градат сали за состаноци и конгресни сали навистина ја заслужуваат нашата поддршка бидејќи нивната работа е еден вид света служба за Бог.

7 Салите за состаноци кои беа направени со методата за брза изградба придонесоа да се даде прекрасно сведоштво во околината. На пример, во еден весник во Шпанија излезе статија со наслов „Верата поместува планини“. Во врска со изградбата на една таква сала за состаноци во градот Мартос, во статијата беше поставено прашањето: „Како е можно во денешниов себичен свет да се соберат доброволци  од разни краеви [на Шпанија] и спремно да дојдат во Мартос за да изградат објект со кој ги урнаа сите рекорди во поглед на брзината, квалитетот и организираноста?“ Како одговор на ова прашање беа цитирани зборовите на еден од Сведоците кои служеа како доброволци: „Причината е едноставна — ние сме народ кој е поучен од Јехова“.

 

Градежни проекти во земји со ограничени финансиски средства

8. Која нова програма ја одобри Водечкото тело во 1999 год., и зошто?

8 При крајот на 20 век, сѐ повеќе луѓе од посиромашните земји ја прифаќаа вистината и стануваа дел од Јеховината организација. Браќата во тамошните собранија правеа сѐ што можеа за да изградат свои места за состанување. Но, во некои земји се соочија со исмејување и предрасуди затоа што нивните сали изгледаа прилично неугледно во споредба со верските објекти на другите религии. Затоа, во 1999 год., Водечкото тело одобри една програма со цел да се забрза изградбата на сали за состаноци во земјите во развој. На овие браќа им беа ставени на располагање финансиски средства од побогатите земји „за да дојде до изедначување“. (Прочитај 2. Коринќаните 8:13-15.) Освен тоа, доброволци од разни делови на светот се пријавија да помагаат во градењето.

9. Која задача изгледала невозможна, но што било постигнато?

9 Во почетокот, оваа задача се чинеше невозможна. Според еден извештај од 2001 год., имаше потреба од над 18.300 нови сали за состаноци во 88 земји во развој. Но,  ништо не е невозможно кога ја имаме поддршката на Божјиот дух и на нашиот Цар, Исус Христос (Мат. 19:26). За околу 15 години, од 1999 до 2013 год., во склоп на оваа програма Божјите слуги изградија 26.849 сали за состаноци. * Но, Јехова и понатаму го благословува проповедничкото дело. Затоа, во 2013 год. беше потребно да се изградат уште околу 6.500 сали во тие земји. Таа бројка секоја година се зголемува за неколку стотини.

Изградбата на сали за состаноци во земјите со ограничени финансиски средства си има посебни предизвици

10-12. Како градењето сали за состаноци му носи слава на Јеховиното име?

10 Како градењето на тие нови сали за состаноци му носи слава на Јеховиното име? Во еден извештај од подружницата во Зимбабве пишуваше: „Обично само еден месец откако ќе се изгради нова сала за состаноци бројот на присутни двојно се зголемува“. Се чини дека во многу земји луѓето не се спремни да доаѓаат на нашите состаноци сѐ додека не се изгради пристојно место за таа цел. Но, штом има нова сала, таа веднаш се полни и потребно е да се изгради уште една! Меѓутоа, луѓето не ги привлекува кон Јехова само изгледот на нашите сали. Врз нивниот став кон Божјата организација влијае и вистинската христијанска љубов што ја покажуваат оние кои учествуваат во изградбата. Да разгледаме неколку примери.

11 Индонезија. Еден човек некое време набљудувал како нашите браќа градат сала за состаноци. Кога дознал дека сите работници се доброволци, рекол: „Вие сте навистина неверојатни! Гледам дека сите работите радосно и со сето срце, иако не добивате плата за тоа. Мислам дека ниту една религија не е како вашата!“

12 Украина. Една жена која секој ден поминувала покрај местото каде што се правела нова сала заклучила дека работниците сигурно се Јеховини сведоци и дека тоа што го градат е сала за состаноци. Таа им рекла на браќата: „Слушнав за Јеховините сведоци од сестра ми, која исто така е Сведок. Гледајќи како работите, посакав и јас да бидам дел од вашето духовно семејство. Видов дека навистина се сакате еден со друг“. Оваа жена почнала да ја проучува Библијата и се крстила во 2010 год.

13, 14. а) Што учиш од реакцијата на еден брачен пар кој набљудувал како се гради нова сала за состаноци? б) Како можеш да придонесеш вашата сала за состаноци да му донесе слава на Јеховиното име?

13 Аргентина. Еден брачен пар му пристапил на братот што ја надгледувал изградбата на една сала за состаноци. Сопругот му рекол дека веќе некое време ги гледаат како работат и дека би сакале да учат за Бог на ова место. Потоа прашал: „Што треба да правиме за да можеме да доаѓаме на вашите состаноци?“ Братот им предложил да ја проучуваат Библијата. Тие се согласиле, но само под услов целото нивно семејство да присуствува на библиски курс. Се разбира, браќата со задоволство го прифатиле овој услов.

14 Иако можеби не си имал прилика да помагаш кога се градела вашата сала, сепак можеш да направиш многу за  таа да му носи фалба на Јеховиното име. На пример, можеш срдечно да ги каниш оние со кои проучуваш, заинтересираните лица што ги посетуваш, како и други луѓе да доаѓаат на нашите состаноци. Исто така, можеш да помагаш во чистењето и одржувањето на вашата сала. Ако добро планираш, би можел и со своите прилози да помогнеш да се покријат собраниските трошоци или да се градат вакви објекти во други делови на светот. (Прочитај 1. Коринќаните 16:2.) На сите овие начини придонесуваш да му се оддаде уште поголема слава на Јехова.

„Твојот народ спремно ќе се понуди“

15-17. а) Кој го врши поголемиот дел од работата во текот на изградбата? б) Што учиш од изјавите на брачните парови кои работеле на меѓународни градежни проекти?

15 Поголемиот дел од работата при изградбата на салите за состаноци, конгресните сали и подружниците го извршуваат локалните браќа и сестри. Но, честопати им помагаат и соверници од други земји, кои имаат градежно искуство. Некои од тие доброволци направиле промени за да можат неколку седмици да работат на проекти во странска земја. Други одлучиле потполно да се посветат на таа служба, и со години се селат од еден на друг градежен проект.

Тимо и Лина Лапалеинен (Види во пасус 16)

16 Меѓународните слуги за изградба се соочуваат со посебни предизвици, но доживуваат и бројни благослови. На пример, Тимо и Лина патувале низ Азија, Европа и Јужна Америка за да работат на изградба на сали за состаноци, конгресни сали и подружници. Тимо вели: „Во изминатите 30 години, добивав нова задача отприлика на секои две години“. Лина, која се омажила за Тимо пред 25 години, вели: „Заедно со Тимо служев во десет земји. Треба многу сила и време да се приспособиш на нова храна, нова  клима, нов јазик и ново подрачје за проповедање, а и да стекнеш нови пријатели“. * Дали сиот тој труд се исплаќа? Лина вели: „Она што во почетокот ни беше предизвик, на крајот ни донесе најголеми благослови. Ја почувствувавме христијанската љубов и гостопримство, и се уверивме дека Јехова со љубов се грижи за нас. Видовме и како се исполнува Исусовото ветување запишано во Марко 10:29, 30. Навистина добивме стократно во духовен поглед — и браќа, и сестри и мајки“. Тимо вели: „Пресреќни сме што можеме да ги користиме нашите способности за највозвишената цел — да придонесеме да се зголемува имотот на Царот“.

17 Дарен и Сара служеле на градежни проекти во Азија, Африка, Европа, Јужна и Средна Америка, како и на островите во Тихиот Океан. И покрај предизвиците со кои се соочиле, тие сметаат дека добиле многу повеќе од она што го дале. Дарен вели: „Навистина е нешто посебно да се соработува со браќа од различни делови на светот. Се уверив дека нашата љубов кон Јехова е како нераскинлива нишка која нѐ поврзува и нѐ обединува, без оглед каде сме на Земјата“. Сара вели: „Научив многу од браќата и сестрите од различни култури. Кога гледам какви жртви прават за да му служат на Јехова, уште поодлучна сум да му го давам најдоброто од себе“.

18. Како се исполнува пророштвото од Псалм 110:1-3?

18 Цар Давид прорекол дека Божјиот народ „спремно ќе се понуди“ да му служи на Царството, и покрај тоа што ќе се соочува со проблеми. (Прочитај Псалм 110:1-3.) Сите што се вклучени во делото со кое се поддржува Божјето Царство имаат удел во исполнувањето на овие пророчки зборови (1. Кор. 3:9). Големиот број подружници, стотиците конгресни сали и десетиците илјади сали за состаноци низ целиот свет се јасен доказ дека Божјето Царство навистина владее. Многу сме среќни што можеме да му служиме на нашиот Цар, Исус Христос, и да му ја искажуваме на Јехова честа која само тој со право ја заслужува!

^ пас. 5 Од јазични причини, на македонски повеќе не се користи називот „Сала на Царството“. Сега го користиме изразот „Сала на Јеховините сведоци“.

^ пас. 6 Во 2013 год., повеќе од 230.000 доброволци соработуваа со 132 Одбори за изградба во САД. Во последниве години, под водство на тие одбори се градеа околу 75 нови сали годишно, а се реновираа или поправаа околу 900 сали.

^ пас. 9 Во оваа бројка не се вклучени многуте сали за состаноци кои беа изградени во другите земји.

^ пас. 16 Меѓународните слуги и доброволците за изградба работат поголем дел од времето на градежниот проект, но ги поддржуваат и локалните собранија така што проповедаат со објавителите навечер или во текот на викендот.