Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Божјето Царство владее!

 ПОГЛАВЈЕ 13

Законско потврдување на нашето право да проповедаме

Законско потврдување на нашето право да проповедаме

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Противниците се обидуваат по законски пат да ги спречат Христовите следбеници да проповедаат

1, 2. а) Што направиле верските водачи за да го спречат проповедањето, но како реагирале апостолите? б) Зошто апостолите не престанале да проповедаат?

САМО неколку седмици по Педесетница 33 год. од н.е., Сатана очигледно заклучил дека е вистинскиот момент да го нападне новооснованото христијанско собрание во Ерусалим. Тој сакал да го уништи собранието пред да порасне и да се зацврсти. Затоа ги навел еврејските верски водачи да им забранат на Христовите следбеници да ја проповедаат добрата вест за Царството. И покрај тоа, апостолите храбро продолжиле да сведочат, и многу мажи и жени станале „верници во Господарот“ (Дела 4:18, 33; 5:14).

Апостолите се радувале што биле „достојни да поднесат срам поради неговото име“

2 Разбеснетите противници не се откажале. Тие одново нападнале така што заповедале апостолите да бидат фрлени в затвор. Меѓутоа, во текот на ноќта, еден Јеховин ангел ги отворил вратите на затворот и, штом се разденило, апостолите продолжиле да проповедаат. Поглаварите повторно наредиле да бидат уапсени. Кога Судскиот совет ги обвинил дека ја прекршиле заповедта со која им забраниле да проповедаат, апостолите смело одговориле: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“. Тогаш поглаварите толку се разгневиле што сакале „да ги убијат“. Но, во тој пресуден миг, станал да зборува Гамалиел, еден почитуван учител по Законот. Тој им го дал следново предупредување: „Добро размислете што ќе направите... Не гибајте ги тие луѓе, туку пуштете ги“. За чудо, поглаварите го послушале неговиот совет, и ги пуштиле апостолите на слобода. А тие храбро продолжиле ,без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус‘ (Дела 5:17-21, 27-42; Изр. 21:1, 30).

3, 4. а) Која метода Сатана успешно ја користи веќе долго време за да го напаѓа Божјиот народ? б) Што ќе разгледаме во ова и во следните две поглавја?

3 Ова судење во 33 год. од н.е било првиот, но не и последниот случај во кој властите му се спротивставиле на христијанското собрание (Дела 4:5-8; 16:20; 17:6, 7). И во нашево време Сатана ги наведува противниците на вистинската религија да ги подбуцнуваат властите да го забранат нашето проповедничко дело. Непријателите изнесувале најразлични обвиненија против Божјиот народ. На пример, нѐ обвинувале дека го нарушуваме јавниот ред и мир, дека поттикнуваме  на побуна против властите и дека сме обични трговци. Кога сметале дека е соодветно, нашите браќа покренувале судски парници за да докажат дека таквите обвиненија не се точни. Каков бил исходот од овие случаи? Како пресудите што биле донесени пред многу децении влијаат врз нас денес? Да разгледаме неколку судски случаи кои ни помогнале ,да го одбраниме и законски да го потврдиме правото да ја проповедаме добрата вест‘ (Фил. 1:7).

4 Во ова поглавје ќе видиме како го браневме нашето право слободно да проповедаме. Во следните две поглавја ќе разгледаме некои од правните битки кои ги водевме за да останеме одвоени од светот и да живееме според мерилата на Божјето Царство.

Го нарушуваме јавниот ред или верно го застапуваме Божјето Царство?

5. Зошто при крајот на 1930-тите биле уапсени стотици објавители на Царството, и што одлучиле да направат одговорните браќа?

5 При крајот на 1930-тите, властите во разни градови и сојузни држави во САД барале од Јеховините сведоци да извадат законска дозвола за да проповедаат. Но, нашите браќа не го прифатиле тоа барање. Зошто? Затоа што дозволата може во секој миг да биде укината, а тие сметале дека ниту една човечка влада нема право да им забрани да ја проповедаат веста за Царството бидејќи тоа е заповед што на христијаните им ја дал самиот Исус (Мар. 13:10). Поради тоа, стотици објавители биле уапсени. Ова ги навело одговорните браќа да се обидат да го решат проблемот по судски пат. Тие се надевале дека ќе успеат да докажат дека државата незаконски им забранува на Сведоците слободно да ја исповедаат својата вера. Но, во 1938 год., се случило нешто што на крајот водело до одлука која била судски преседан.

6, 7. Што доживеало семејството Кантвел?

6 Во вторник наутро, на 26 април 1938 год., брат Њутон Кантвел, кој имал 60 години, како и неговата жена, Естер, и нивните синови, Хенри, Расел и Џеси, тргнале во служба. Сите петорица биле специјални пионери и планирале цел ден да проповедаат во градот Њу Хејвен (Конектикат). Всушност, биле свесни дека можеби ќе мора да се задржат и повеќе од еден ден. Зошто? Затоа што дотогаш веќе биле апсени неколку пати, и знаеле дека тоа може повторно да им се случи. Сепак, ова не им ја згаснало желбата да ја проповедаат веста за Царството. Пристигнале во Њу Хејвен со две коли. Њутон ја возел нивната кола која била натоварена со библиска литература и преносливи грамофони, а 22-годишниот Хенри ја возел колата со разглас. Токму како што очекувале, за неколку часа биле запрени од полицијата.

7 Најпрво бил уапсен 18-годишниот Расел, а потоа и Њутон и Естер. Џеси, кој тогаш имал 16 години, гледал оддалеку како полицијата ги приведува неговите родители и брат му. Бидејќи Хенри проповедал во друг дел на градот, младиот Џеси бил сам. И покрај тоа, го зел грамофонот и продолжил  да проповеда. Двајца католици му дозволиле да им пушти снимка од говорот на брат Ратерфорд со наслов „Непријатели“. Додека ја слушале снимката, толку се разгневиле што сакале да го удрат Џеси. Тој смирено си заминал откај нив, но за кратко време го запрел полицаец. Така и Џеси завршил во притвор. Полицијата ја пуштила сестра Кантвел, но поднела обвинение против нејзиниот сопруг и нивните синови. Сепак, истиот ден тие биле ослободени со кауција.

8. Зошто Џеси Кантвел бил осуден за нарушување на јавниот ред и мир?

8 Неколку месеци подоцна, во септември 1938 год., семејството Кантвел било изведено пред Основниот суд во Њу Хејвен. Њутон, Расел и Џеси биле осудени за собирање прилози без законска дозвола и за нарушување на јавниот ред. Кога подоцна се жалеле до Врховниот суд на Конектикат, Њутон и Расел биле ослободени од оптужбата за нарушување на јавниот ред и мир, но Џеси бил прогласен за виновен. Зошто? Затоа што двајцата католици на кои им ја пуштил снимката изјавиле пред судот дека тоа предавање го сфатиле како провокација и како навреда за нивната религија. За да ја оспорат неправедната пресуда, браќата кои ја предводеле организацијата поднеле жалба до Врховниот суд на САД, највисоката правна инстанца во државата.

9, 10. а) Каква пресуда донел Врховниот суд на САД во случајот на семејството Кантвел? б) Како оваа пресуда ни користи до ден-денес?

9 Судењето започнало на 29 март 1940 год. Претседателот на Врховниот суд, Чарлс Хјуз, и другите осум судии ги  сослушале аргументите на брат Хајден Ковингтон, адвокатот на Јеховините сведоци. * Кога адвокатот што ја застапувал државата Конектикат ги изнел своите аргументи за да докаже дека Сведоците го нарушуваат јавниот ред и мир, еден од судиите го прашал: „Зарем и пораката што ја објавувал Исус Христос не предизвикала негодување кај луѓето?“ Државниот адвокат одговорил: „Точно! А ако добро се сеќавам, во Библијата исто така пишува што го снашло Исус затоа што ја објавувал таа порака“. Со тоа, всушност, кажал сѐ! Без да сака, тој ги поврзал Сведоците со Исус, а државата со оние што го осудиле! На 20 мај 1940 год., Врховниот суд донел едногласна пресуда во корист на Сведоците.

Хајден Ковингтон (напред, во средината), Глен Хау (лево) и некои други излегуваат од судницата по една правна победа

10 Зошто таа одлука била толку важна? Со неа било заштитено правото на слобода на вероисповед така што ни локалните ни државните власти повеќе не можеле законски да ја ограничуваат верската слобода. Исто така, Судот заклучил дека постапките на Џеси „не претставувале никаква закана за јавниот ред и мир“. Според тоа, со оваа пресуда јасно било утврдено дека Јеховините сведоци не го нарушуваат јавниот ред. Ова навистина било голема победа за Божјиот народ! Зошто таа е важна и за нас денес? Еден брат кој е адвокат вели: „Тоа што имаме право слободно и без неправедни ограничувања да ја исповедаме својата вера ни овозможува да им ја пренесуваме утешната библиска порака на луѓето на подрачјето каде што живееме“.

Поттикнуваме на побуна против властите или ја објавуваме вистината?

Трактатот Силната омраза на Квебек кон Бог, Христос и слободата е срамота за цела Канада

11. Во каква акција учествувале нашите браќа во Канада, и зошто?

11 Во текот на 1940-тите, Јеховините сведоци во Канада се соочиле со жестоко прогонство. За да ја информираат јавноста дека властите ги кршат верските слободи, во 1946 год. нашите браќа во оваа земја спровеле акција што траела 16 дена. Во неа го делеле трактатот Силната омраза на Квебек кон Бог, Христос и слободата е срамота за цела Канада. Овој трактат имал четири страници, и во него биле разоткриени поединости за немирите што ги подбуцнало свештенството, за суровоста на полицијата и за нападите на насилните толпи врз нашите браќа во провинцијата Квебек. Во трактатот пишувало: „Продолжуваат незаконските апсења на Јеховините сведоци. Досега се поднесени околу 800 кривични пријави против Сведоците во Монтреал и околината“.

12. а) Како реагирале противниците на акцијата со трактатот? б) За што биле обвинети нашите браќа? (Види ја и фуснотата.)

12 Како реагирале властите на акцијата со трактатот? Премиерот на Квебек, Морис Диплеси, кој тесно соработувал со католичкиот кардинал Вилнев, им објавил „безмилосна војна“ на Јеховините сведоци. Бројот на пријави брзо пораснал од 800 на 1.600. „Полицијата нѐ апсеше толку многу пати што престанавме да броиме“, рекла една сестра која служела како пионер. Сведоците кои биле фатени како го делат  трактатот биле обвинети дека поттикнуваат на побуна против властите, односно дека шират „клевети против државата“. *

13. Кои биле првите Јеховини сведоци во Канада што излегле на суд под обвинение дека поттикнуваат на побуна против властите, и каква одлука донел судот?

13 Во 1947 год., биле изведени на суд брат Еме Бушер и неговите две ќерки — Жизел, која имала 18 години, и Лусил, која имала 11 години. Тие биле првите Јеховини сведоци обвинети дека поттикнуваат на побуна против властите. Ова семејство го делело трактатот Силната омраза на Квебек во близина на својата фарма, јужно од градот Квебек. Но, било многу тешко некој да си ги замисли како злосторници. Брат Бушер бил понизен, кроток и мирољубив човек, кој се грижел за својата фарма и понекогаш одел до градот со запрежна кола. За жал, неговото семејство било жртва токму на такво малтретирање за кое се зборувало во трактатот. Судијата во Основниот суд, кој не можел да ги смисли Сведоците, одбил да ги разгледа доказите кои покажувале дека ова семејство е невино. Наместо тоа, го прифатил тврдењето на обвинителството дека трактатот поттикнува на омраза, и дека затоа семејството Бушер треба да биде прогласено за виновно. Неговото гледиште се сведувало на следново: Злосторство е да се каже вистината! Еме и Жизел биле осудени за ширење клевети против државата, па дури и малата Лусил поминала два дена в затвор. Браќата поднеле жалба на оваа пресуда до Врховниот суд на Канада, кој прифатил да го разгледа случајот.

14. Што правеле браќата во Квебек во годините додека траело прогонството?

14 Во меѓувреме, нашите храбри браќа и сестри во Квебек продолжиле да ја проповедаат добрата вест и покрај непопустливите и жестоки напади. Нивната ревност донела извонредни резултати. Од 1946 год., кога започнала акцијата со трактатот, за четири години бројот на Сведоци во Квебек пораснал од 300 на 1.000! *

15, 16. а) Каква пресуда донел Врховниот суд на Канада во случајот на семејството Бушер? б) Како влијаела оваа победа врз нашите браќа и врз другите?

15 Во јуни 1950 год., сите девет судии на Врховниот суд на Канада го разгледале случајот на Еме Бушер. Шест месеци подоцна, на 18 декември 1950 год., овој суд пресудил во наша корист. Зошто? Брат Глен Хау, адвокатот на Јеховините сведоци, објаснил дека судот се сложил со аргументите на одбраната, која истакнала дека некој може да биде обвинет за „побуна“ само ако ги поттикнува другите на насилство или на бунт против владата. Бидејќи трактатот „со ништо не поттикнувал на такво нешто, едноставно бил законски облик на слобода на изразување“. Брат Хау додал: „Видов од прва рака како Јехова ни подари победа“. *

16 Одлуката на Врховниот суд навистина била убедлива победа за Божјето Царство. Благодарение на оваа пресуда, биле отфрлени и преостанатите 122 нерешени случаи во кои Сведоците во Квебек биле обвинети дека поттикнуваат на побуна против властите. Освен тоа, со оваа одлука граѓаните на Канада и Комонвелтот добиле слобода јавно да го изразат  своето мислење за начинот на кој владата го спроведува својот авторитет. Исто така, оваа победа го осуетила нападот во кој Црквата и политичарите во Квебек со здружени сили се обиделе да им ги одземат правата и слободите на Јеховините сведоци. *

Обични трговци или ревносни објавители на Божјето Царство?

17. Како властите во некои земји се обидуваат да го ограничат нашето проповедничко дело?

17 Слично на првите христијани, денешните Јеховини слуги не „тргуваат со Божјата реч“. (Прочитај 2. Коринќаните 2:17.) Сепак, некои влади се обидуваат да ги ограничат нашите проповеднички активности применувајќи на нас закони кои важат за трговијата. Да разгледаме два судски случаи во кои беше даден јасен одговор на прашањето дали Јеховините сведоци се трговци или проповедници.

18, 19. Како властите во Данска се обиделе да го ограничат проповедањето?

18 Данска. На 1 октомври 1932 год., стапил на сила еден закон кој забранувал да се продаваат печатени материјали без дозвола за тргување. Но, нашите браќа не извадиле таква дозвола. Следниот ден, пет објавители проповедале во Роскилде, гратче на околу 30 километри западно од главниот град Копенхаген. Кога повторно се собрале на крајот на денот, едниот од нив, Аугуст Леман, го немало. Тој бил уапсен и обвинет дека продавал литература без дозвола.

19 На 19 декември 1932 год., Аугуст Леман бил изведен на суд. Тој изјавил дека ги посетувал луѓето за да им нуди библиска литература, но не ја продавал. Основниот суд го прифатил неговото тврдење. Во пресудата пишувало: „Обвинетиот... е способен сам да се издржува, и не остварувал никаква парична добивка од своите активности ниту, пак, имал намера да заработува на ваков начин. Напротив, ги посетувал луѓето на свој трошок“. Судот застанал на страната на Сведоците, и пресудил дека она што го правел Леман „не може да се смета за тргување“. Меѓутоа, непријателите на Божјиот народ биле решени по секоја цена да го ограничат проповедањето во цела Данска (Пс. 94:20). Јавниот обвинител се жалел на сите судски нивоа сѐ додека случајот не стигнал до Врховниот суд. Како реагирале нашите браќа?

20. Каква пресуда донел Врховниот суд на Данска, и како реагирале нашите браќа?

20 Една седмица пред да биде разгледан случајот на Врховниот суд, Сведоците низ цела Данска ја зголемиле својата проповедничка активност. Во вторник, на 3 октомври 1933 год., Врховниот суд ја изрекол својата пресуда. Тој ја потврдил одлуката на нижиот суд дека Аугуст Леман не го прекршил законот. По оваа пресуда, Сведоците можеле и понатаму слободно да проповедаат. За да му покажат на Јехова колку се благодарни што им ја дал оваа правна победа, браќата и сестрите продолжиле уште поревносно да ја објавуваат добрата вест. Оттогаш наваму, Јеховините сведоци во Данска ја вршат својата служба без никакви пречки од страна на властите.

Храбри Сведоци во Данска во 1930-тите

21, 22. Каква пресуда донел Врховниот суд на САД во случајот на брат Мердок?

 21 Соединетите Држави. Во недела, на 25 февруари 1940 год., пионерот Роберт Мердок и седум други Сведоци биле уапсени додека проповедале во Џинет, град во близина на Питсбург, во државата Пенсилванија. Биле осудени затоа што нуделе литература без дозвола. Браќата поднеле жалба до Врховниот суд на САД, кој се согласил да го разгледа случајот.

22 На 3 мај 1943 год., Врховниот суд пресудил во корист на Јеховините сведоци. Тој изјавил дека не е во ред властите да бараат од Сведоците да купат дозвола бидејќи тоа би значело дека „им наплаќаат за едно право кое е загарантирано со Уставот“. Судот ја поништил градската одредба со образложение дека таа ја „ограничува слободата на печат и слободата на вероисповед“. Зборувајќи во името на повеќето судии, судијата Вилијам Даглас изјавил: „Не станува збор само за проповедање или само за раздавање верска литература. Делото на Јеховините сведоци ги опфаќа и двете работи“. А потоа додал: „Овој облик на верска служба е заштитен со Првиот амандман исто како што се заштитени црковните богослужби и проповеди“.

23. Зошто судските победи во 1943 год. се важни за нас денес?

23 Оваа одлука на Врховниот суд била значајна правна победа за Божјиот народ. Таа потврдила дека ние навистина  сме христијански слуги, а не трговци. На тој незаборавен ден во 1943 год., Јеховините сведоци добиле 12 од нивните 13 случаи на Врховниот суд, меѓу кои спаѓал и случајот Мердок. Овие пресуди послужија како важен преседан во неодамнешните судски случаи, кога противниците повторно се обидоа да го оспорат нашето право да ја проповедаме пораката за Царството на јавни места и од куќа до куќа.

„Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“

24. Што прават Божјите слуги кога некоја влада им забранува да проповедаат?

24 Како Јеховини слуги, многу сме благодарни кога властите ни дозволуваат слободно да ја проповедаме веста за Царството. Но, кога некоја влада ќе го забрани нашето дело, едноставно ги менуваме методите и продолжуваме да сведочиме на секој можен начин. Исто како апостолите, и ние „мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29; Мат. 28:19, 20). Во меѓувреме, се обраќаме до судовите за да ја укинат забраната на нашите активности. Да разгледаме два примера.

25, 26. Како Јеховините сведоци во Никарагва стигнале до Врховниот суд на таа земја, и каков бил исходот?

25 Никарагва. На 19 ноември 1952 год., Донован Манстерман, кој бил мисионер и слуга на подружницата во Никарагва, влегол во Службата за имиграција во главниот град Манагва. Тој добил налог да се јави кај капетан Арнолдо Гарсија, кој бил раководител на оваа служба. Капетанот го известил брат Донован дека на сите Јеховини сведоци во Никарагва „им се забранува да ги шират своите учења и да ја пропагираат својата вера“. Кога братот прашал зошто била донесена таква одлука, капетанот објаснил дека Сведоците немаат дозвола од надлежниот министер да ја вршат својата верска служба. Освен тоа, биле обвинети дека се комунисти. Кој го изнел ова обвинение? Римокатоличките свештеници.

Браќа во Никарагва за време на забраната

 26 Брат Донован веднаш поднел жалба до министерството за религии, како и до претседателот Анастасио Сомоза Гарсија, но залудно. Затоа браќата решиле да ги приспособат своите методи на проповедање на новите околности. Ја затвориле салата, се состанувале во помали групи и престанале да сведочат на улица, но и понатаму ја проповедале добрата вест. Исто така, поднеле петиција до Врховниот суд на Никарагва со која барале да се укине забраната. Многу весници пишувале за оваа забрана и за содржината на нашата петиција. Судот одлучил да го разгледа случајот и, на 19 јуни 1953 год., едногласно пресудил во корист на Јеховините сведоци. Тој утврдил дека со забраната биле прекршени уставните права на слобода на говор, совест и вероисповед. Освен тоа, Судот ѝ наложил на владата на Никарагва да им ги врати на Јеховините сведоци правата кои ги имале пред тоа.

27. Зошто граѓаните на Никарагва биле многу изненадени од одлуката на Судот, и што мислеле браќата за оваа победа?

27 Граѓаните на Никарагва биле многу изненадени што Врховниот суд застанал на страна на Сведоците. Сѐ дотогаш, свештениците имале толку силно влијание во земјата што овој суд избегнувал да дојде во судир со нив. Освен тоа, политичарите во владата имале толку голема моќ што Судот многу ретко се спротивставувал на нивните одлуки. Нашите браќа биле уверени дека ја извојувале оваа победа само затоа што добиле заштита од својот Цар и затоа што не престанале да проповедаат (Дела 1:8).

28, 29. До каков ненадеен пресврт дошло во Заир во средината на 1980-тите?

28 Заир. Во средината на 1980-тите, во Заир (денешна Демократска Република Конго) имаше околу 35.000 Сведоци. За да се држи чекор со постојаниот напредок на делото во земјата, започна изградбата на нови објекти на подружницата. Во декември 1985 год., во главниот град Киншаса беше одржан меѓународен конгрес на кој присуствуваа 32.000 делегати од многу земји. Но, потоа дојде до ненадеен пресврт. Што се случи?

29 Во тоа време, во Заир служеше брат Марсел Филто, мисионер од Квебек (Канада), кој претрпел прогонство за време на режимот на Диплеси. Тој раскажа што се случило: „На 12 март 1986 год., на одговорните браќа им беше врачено писмо со кое беа известени дека заедницата на Јеховините сведоци во Заир е забранета“. Забраната беше потпишана од претседателот на земјата, Мобуту Сесе Секо.

30. Каква тешка одлука морале да донесат членовите на Одборот на подружницата, и што решиле да направат?

30 Следниот ден, на државното радио беше објавено: „Никогаш повеќе нема да слушнеме за Јеховини сведоци во [Заир]“. Веднаш потоа започна прогонство. Многу сали за состаноци беа уништени, а нашите браќа беа ограбувани, апсени и тепани. Дури и нивните деца беа ставани в затвор. Потоа, на 12 октомври 1988 год., властите го запленија имотот на нашата заедница, а Цивилната гарда (една воена единица) ги зазеде објектите на подружницата.  Одговорните браќа поднесоа жалба до претседателот Мобуту, но не добија никаков одговор. Тогаш Одборот на подружницата мораше да донесе тешка одлука — дали да поднесе жалба до Врховниот суд или да чека? Тимоти Холмс, мисионер кој во тоа време служеше како координатор на Одборот, вели: „Го молевме Јехова за мудрост и водство“. По многу молитви и размислување, членовите на Одборот заклучија дека не е време да се преземат правни мерки. Наместо тоа, одлучија главно да се посветат на две работи — да им помагаат на браќата и да бараат начини да продолжат со проповедањето.

„Додека траеше судскиот процес, видовме како Јехова може да ја смени која и да било ситуација“

31, 32. Каква неочекувана одлука донел Врховниот суд на Заир, и како таа влијаела врз нашите браќа?

31 Поминаа неколку години. Притисокот врз Сведоците попушти, а во земјата почна да им се придава сѐ поголема важност на човековите права. Одборот на подружницата заклучи дека е време да поднесе жалба до Врховниот суд на Заир за да се укине забраната. Браќата се изненадија кога Врховниот суд се согласи да го разгледа случајот. Потоа, на 8 јануари 1993 год., речиси седум години откако претседателот ја потпиша забраната, Судот пресуди дека владата презела незаконски мерки против Сведоците, и ја укина забраната. Замисли што значеше тоа! Судиите ја поништија одлуката на претседателот на земјата иако така си го ставија на коцка сопствениот живот! Брат Холмс вели: „Додека траеше судскиот процес, видовме како Јехова може да ја смени која и да било ситуација“ (Дан. 2:21). Оваа победа им ја зајакна верата на нашите браќа. Тие беа уверени дека Царот, Исус, им дал водство за да знаат кога и како да ги направат потребните чекори.

Сведоците во Демократска Република Конго се радуваат затоа што можат слободно да му служат на Јехова

 32 Откако беше укината забраната, на подружницата ѝ беше дозволено да поканува мисионери, да гради нови објекти и да внесува библиска литература во земјата. * Божјите слуги низ целиот свет многу се радуваат кога гледаат како Јехова го штити својот народ во духовен поглед (Иса. 52:10).

„Јехова е мојот помошник“

33. Што учиме од судските случаи што ги разгледавме во ова поглавје?

33 Овој преглед на некои правни битки ни помага да се увериме дека Исус навистина си стоел на зборот. Тој ветил: „Јас ќе ви дадам зборови и мудрост на која сите ваши противници заедно не ќе можат да им се спротивстават, ниту ќе можат да ги оспорат“. (Прочитај Лука 21:12-15.) Очигледно Јехова и во нашево време користел луѓе слични на Гамалиел за да го заштити својот народ или, пак, поттикнувал некои храбри судии и адвокати да се борат за правдата. Јехова потполно ги осуетил нападите на нашите непријатели. (Прочитај Исаија 54:17.) Никакво противење не може да го спречи Божјето дело.

34. Зошто нашите правни победи се неверојатни, и што докажуваат тие? (Види ја и рамката „ Значајни пресуди на највисоките судови во корист на проповедањето“.)

34 Зошто нашите правни победи се неверојатни? Затоа што Јеховините сведоци не се ниту истакнати ниту влијателни луѓе. Ние не гласаме, не учествуваме во политички кампањи и не се обидуваме да ги придобиеме политичарите на наша страна. Освен тоа, во очите на луѓето, повеќето Сведоци кои биле изведени пред највисоките судови се „неуки и обични“ (Дела 4:13). Затоа, од човечка гледна точка, судовите немале посебна причина да застанат на наша страна и да пресудат против интересите на нашите моќни религиозни и политички противници. И покрај тоа, во многу случаи носеле одлуки во наша корист! Нашите правни победи се непобитен доказ дека Бог е со нас и дека сме „во единство со Христос“ (2. Кор. 2:17). Затоа, исто како апостол Павле, и ние велиме: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам“ (Евр. 13:6).

^ пас. 9 Случајот Кантвел против државата Конектикат, бил првиот од 43 случаи во кои брат Хајден Ковингтон ги застапувал браќата на Врховниот суд на САД. Тој почина во 1978 год. Неговата сопруга, Дороти, верно му служеше на Јехова до крајот на животот. Таа почина во 2015, на 92-годишна возраст

^ пас. 12 Обвиненијата се темелеле на еден закон кој бил донесен во 1606 год. Според тој закон, поротниците можеле да осудат некого ако сметале дека тој поттикнувал на омраза кон властите — дури и ако ја зборувал вистината.

^ пас. 14 Во 1950 год., во Квебек служеле 164 полновремени проповедници. Во нив спаѓале и 63 мисионери од школата Гилеад, кои спремно ја прифатиле задачата иако знаеле дека ги очекува жестоко противење.

^ пас. 15 Брат Глен Хау бил храбар адвокат кој, од 1943 до 2003 год., успешно водел стотици правни битки за Јеховините сведоци во Канада и во други земји.

^ пас. 16 Повеќе информации за овој случај има во статијата „Битката не е ваша, туку Божја“, која излезе во Разбудете се! од 8 август 2000, на страници 24-30.

^ пас. 32 Иако по некое време Цивилната гарда ги напушти објектите на подружницата, новата подружница беше изградена на друго место.