Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Божјето Царство владее!

 ПОГЛАВЈЕ 15

Правни битки за слобода на вероисповед

Правни битки за слобода на вероисповед

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Како Христос им помагал на своите следбеници да се борат за да добијат законско признание и да имаат право да ги држат Божјите закони

1, 2. а) Како можеш да докажеш дека си граѓанин на Божјето Царство? б) Зошто Јеховините сведоци понекогаш морале да се борат за својата верска слобода?

ДАЛИ си граѓанин на Божјето Царство? Секој Јеховин сведок ја има таа извонредна чест! Но, што е доказ за твоето граѓанство? Се разбира, тоа не е пасош или некоја друга патна исправа, туку начинот на кој му служиш на Јехова. Ако сакаме да го обожаваме Бог на исправен начин, не е доволно само да веруваме во него. Мора и да им бидеме послушни на законите на Божјето Царство. Нашиот однос со Бог влијае на секое поле од нашиот живот, вклучувајќи го воспитувањето на децата, па дури и нашиот избор на лекување.

2 За жал, светот што нѐ опкружува понекогаш не ја почитува нашата желба да живееме како лојални граѓани на Божјето Царство. Некои влади се обидуваат да ни наметнат ограничувања, па дури и потполно да нѐ спречат да му служиме на Јехова. Понекогаш Христовите следбеници морале да се борат за своето право да постапуваат според законите на месијанскиот Цар. Дали ова треба да нѐ изненади? Не. И Божјите слуги во библиски времиња често морале да се борат за да му служат слободно на Јехова.

3. Во каква опасност се нашол Божјиот народ во времето на царицата Естира?

3 На пример, во времето на царицата Естира, Божјите слуги дословно морале да се борат за да си го спасат животот. Зошто? Затоа што злобниот управител Аман го навел персискиот цар Ахасвер да издаде заповед да бидат истребени сите Евреи во неговото царство бидејќи ,нивните закони се разликувале од законите на сите други народи‘ (Ест. 3:8, 9, 13). Дали Јехова ги оставил своите слуги на милост и немилост на непријателот? Не, тој ги благословил Естира и Мардохеј кога храбро му се обратиле на персискиот цар со молба да го заштити Божјиот народ (Ест. 9:20-22).

4. Што ќе разгледаме во ова поглавје?

4 А како е денес? Како што видовме во претходното поглавје, властите понекогаш им се противеле на Јеховините сведоци. Во ова поглавје ќе разгледаме како некои влади се обидувале да нѐ спречат да му служиме на Бог на исправен начин. Ќе обрнеме внимание на три работи: 1) правото да постоиме како организација и да му служиме на Бог како што сака тој, 2) правото да избереме лекување во склад со  библиските начела и 3) правото на родителите да ги воспитуваат децата според Јеховините мерила. Ќе видиме како некои лојални поданици на месијанското Царство бестрашно се бореле за да го зачуваат своето скапоцено граѓанство, и како Јехова го благословил нивниот труд.

Борба за законско признание и за некои основни слободи

5. Како им користи законското признание на вистинските христијани?

5 Мора ли да имаме законско признание од човечките влади за да му служиме на Јехова? Не, но тоа сепак многу ни олеснува да ја вршиме нашата служба. На пример, ни овозможува слободно да се собираме во сопствени сали за состаноци и конгресни сали, да печатиме и да увезуваме библиска литература и непречено да им ја проповедаме добрата вест на другите. Во многу земји, Јеховините сведоци се законски признати и ја уживаат истата верска слобода како и припадниците на другите религии. Но, што се случува кога владата на некоја земја одбива да ни даде законско признание или се обидува да ни ги ограничи основните права и слободи?

6. Со каков проблем се соочиле Јеховините сведоци во Австралија во почетокот на 1940-тите?

6 Австралија. Во почетокот на 1940-тите, за време на војната, генералниот гувернер на Австралија заклучил дека нашите верувања се „штетни“ за борбениот морал на земјата. Затоа делото било забрането. Браќата не можеле слободно да се состануваат и да проповедаат, Бетелот бил затворен и салите за состаноци биле запленети. Било забрането дури и да се поседува библиска литература. Откако неколку години ги вршеле своите активности во тајност, Јеховините сведоци во Австралија конечно добиле олеснување. На 14 јуни 1943 год., Врховниот суд на земјата ја укинал забраната.

7, 8. Објасни како нашите браќа во Русија со години се борат за своето право на верска слобода.

7 Русија. За време на комунизмот, Јеховините сведоци со децении беа забранети во оваа земја. Конечно, во 1991 год., тие беа законски регистрирани. Откако се распадна поранешниот Советски Сојуз, во 1992 год. добивме законско признание и во Руската Федерација. Но, ова не траеше долго. Брзиот пораст на Сведоците им стана трн во очите на некои противници — особено на оние што беа поврзани со Руската православна црква. Во периодот од 1995 до 1998 год., тие поднесоа пет кривични пријави против Јеховините сведоци. Сепак, ниту во еден судски случај, обвинителот не најде докази дека бил прекршен законот. Тоа не ги запре противниците. Во 1998 год., тие поднесоа граѓанска тужба. Сведоците ја добија првата парница, но противниците се жалеа на пресудата и, на крајот, во мај 2001 год., браќата изгубија. Случајот повторно беше разгледан на суд истата година во октомври, а во 2004 год. беше донесена одлука да биде укинато законското тело на Јеховините сведоци во Москва и да се забранат неговите активности.

8 Веднаш потоа следеше бран на прогонство. (Прочитај 2. Тимотеј 3:12.) Сведоците беа малтретирани и напаѓани,  а им беше одземана и литературата. Освен тоа, многу тешко добиваа дозвола да изнајмуваат и да градат сали за состаноци. Замисли како се чувствуваа нашите браќа и сестри во тој тежок период! Во 2001 год., Јеховините сведоци поднесоа жалба до Европскиот суд за човекови права, а во 2004 год. приложија и додатни информации. Пресудата беше донесена во 2010 год. Судот јасно утврди дека нашето дело во Русија е забрането поради верска нетрпеливост. Во пресудата беше кажано дека нема причина да се поддржат одлуките на нижите судови бидејќи нема никакви докази дека некој Сведок го прекршил законот. Исто така, Судот истакна дека целта на забраната била Сведоците да бидат лишени од нивните законски права. Со оваа одлука беше потврдено нашето право на вероисповед. Иако некои државни служби во Русија сѐ уште не ја почитуваат одлуката на Судот, оваа правна победа многу ги охрабри тамошните браќа.

Титос Манусакис (Види во пасус 9)

9-11. Како Јеховините слуги во Грција се бореле за правото да одржуваат христијански состаноци, и каков бил исходот?

9 Грција. Во 1983 год., Титос Манусакис изнајмил просторија во градот Хераклион на островот Крит, каде што една мала група Јеховини сведоци можеле да ги одржуваат своите состаноци (Евр. 10:24, 25). Но, недолго потоа, еден православен свештеник ги пријавил во полиција бидејќи му пречело тоа што браќата ја користеле просторијата за верски активности. Зошто ова толку му пречело? Само затоа што верувањата на Сведоците се разликуваат од верувањата на Православната црква! Властите покренаа кривична постапка против брат Манусакис и тројца други тамошни браќа. Тие беа парично казнети и осудени на два месеца затвор. Како лојални граѓани на Божјето Царство, браќата сметаа дека со оваа одлука се крши нивното право на верска слобода. Затоа се жалеа на сите судски нивоа во земјата, но безуспешно. На крајот се обратија до Европскиот суд за човекови права.

10 Во 1996 год., овој суд донесе одлука со која им беше нанесен тежок удар на нашите противници. Судот заклучи дека „според грчкиот закон, Јеховините сведоци одговараат на дефиницијата на ,позната религија‘“, и дека со пресудите на нижите судови „директно била нарушена нивната верска слобода“. Исто така, Судот истакна дека владата на Грција нема право „да одредува дали се исправни нечии верски убедувања или начинот на кој тие се изразуваат“. Браќата биле ослободени од сите обвиненија, и била потврдена нивната слобода на вероисповед!

11 Дали со оваа победа беа отстранети сите законски пречки за нашите браќа во Грција? За жал, не. Во градот Касандрија беше покрената слична судска парница против Јеховините сведоци. Таа траеше речиси 12 години, и конечно беше разрешена во 2012 год. Во овој случај, зад противењето стоеше еден православен епископ. Сепак, највисокиот управен суд во Грција — Државниот совет — на крајот пресуди во корист на Божјиот народ. Во пресудата беше цитиран  грчкиот устав, кој им гарантира слобода на вероисповед на своите граѓани. Освен тоа, овој суд го отфрли обвинението дека не сме позната религија, кое беше чест аргумент на нашите противници. Судот изјави: „Учењата на ,Јеховините сведоци‘ не се никаква тајна. Според тоа, може да се заклучи дека тие се позната религија“. Членовите на малото собрание во Касандрија се среќни што сега можат да го слават Јехова во своја сала за состаноци.

12, 13. Како противниците во Франција ,создавале проблеми со помош на законот‘, и што се случило на крајот?

12 Франција. И во оваа земја некои противници на Божјиот народ се обидоа да ,создадат проблеми со помош на законот‘. (Прочитај Псалм 94:20.) На пример, во средината на 1990-тите, француската даночна управа почна да врши финансиска ревизија на законското тело што го користат Јеховините сведоци во Франција (Association Les Témoins de Jéhovah). Министерот за финансии откри која е нивната вистинска цел: „Оваа ревизија може да води до судска ликвидација или до кривична постапка... што најверојатно ќе ги наруши или потполно ќе ги спречи активностите [на Сведоците] во нашата земја“. Иако при ревизијата не беа откриени никакви неправилности, даночната управа му наметна огромен данок на нашето законско тело во Франција. Ако овој план успееше, нашите браќа ќе немаа друг избор освен да ја затворат подружницата и да ги продадат објектите за да го платат огромниот данок. Ова беше тежок удар, но Божјите слуги не се предадоа. Тие одлучно се спротивставија на оваа неправда и, на крајот, во 2005 год., го доставија случајот до Европскиот суд.

13 Судот донесе пресуда на 30 јуни 2011 год. Тој заклучи дека државата која им гарантира верска слобода на своите граѓани нема право — освен во екстремни случаи — да ја проценува исправноста на нивните верски убедувања или на начинот на кој ги изразуваат. Во образложението на пресудата стоеше и следново: „Со ваквото оданочување... организацијата ќе остане без основните средства, и на тој начин нејзините членови ќе бидат спречени да ги извршуваат своите верски активности“. Судот донесе едногласна пресуда во корист на Јеховините сведоци! Божјите слуги се многу радосни што владата на Франција конечно ги врати со камата средствата за претходно платениот данок. Освен тоа, на барање на Судот, ги повлече сите решенија за запленување на имотот на нашата подружница.

Можеш редовно да се молиш за соверниците кои моментално се соочуваат со неправди

14. Како можеш да им помогнеш на браќата кои се борат за верска слобода?

14 Исто како Естира и Мардохеј во минатото, слугите на Јехова и денес се борат за правото да му служат во склад со неговите мерила (Ест. 4:13-16). Можеш ли и ти да имаш удел во тоа? Да. Би можел редовно да се молиш за соверниците кои моментално се соочуваат со неправди и дискриминација. Таквите молитви можат многу да им помогнат на браќата и сестрите кои трпат неволји и прогонство. (Прочитај  Јаков 5:16.) Дали Јехова одговара на тие молитви? Нашите победи на судовите покажуваат дека тој навистина ги услишува! (Евр. 13:18, 19).

Право да се лекуваме во склад со нашите уверувања

15. Кои Божјите слуги гледаат на злоупотребата на крвта?

15 Како што видовме во поглавје 11, на граѓаните на Божјето Царство им биле дадени јасни библиски упатства во поглед на злоупотребата на крв, која денес е многу вообичаена (1. Мој. 9:5, 6; 3. Мој. 17:11; прочитај Дела 15:28, 29). Иако не прифаќаме трансфузија на крв, ние сакаме да ја добиеме најдобрата здравствена нега за нас и за нашите најмили, под услов таа да не вклучува лекување кое се коси со Божјите закони. Највисоките судови во многу земји го признале правото на поединецот да прифати или одбие лекување во склад со својата совест и верски убедувања. Но, во некои држави Божјиот народ се соочува со големи тешкотии во овој поглед. Да разгледаме неколку примери.

16, 17. Што ѝ се случило на една сестра од Јапонија, и како биле одговорени нејзините молитви?

16 Јапонија. Сестра Мисае Такеда, 63-годишна домаќинка, морала да оди на тешка операција. Како лојален граѓанин на Божјето Царство, таа јасно му ставила до знаење на својот лекар дека сака да биде оперирана без крв. Но, неколку месеци подоцна, се запрепастила кога дознала дека сепак ѝ дале крв во текот на операцијата. Бидејќи се чувствувала измамена и длабоко повредена, во јуни 1993 год. сестра Такеда поднела тужба против одговорните лекари и болницата. Оваа скромна и кротка жена покажала непоколеблива вера. Иако здравјето ѝ било многу влошено, таа смело сведочела повеќе од еден час во преполната судница. За последен пат се појавила на суд само еден месец пред да почине. Зарем не се восхитуваме на нејзината храброст и вера? Сестра Такеда рекла дека постојано го моли Јехова да ја благослови нејзината борба. Била уверена дека тој ќе одговори на нејзините молитви. Дали Јехова навистина ја услишил?

17 Три години по смртта на сестра Такеда, на 29 февруари 2000 год., Врховниот суд на Јапонија пресуди во нејзина корист. Тој потврди дека било погрешно да ѝ се даде трансфузија на крв спротивно на нејзиното јасно барање. Во пресудата стоеше дека „правото на одлука“ во такви ситуации „мора да се почитува како основно човеково право“. Сестра Такеда решително се бореше да докаже дека има право да избере лекување во склад со својата библиски школувана совест. Благодарение на тоа, денес Јеховините сведоци во Јапонија можат да се лекуваат без страв од присилна трансфузија на крв.

Пабло Албарасини (Види во пасуси 18-20)

18-20. а) Како Врховниот суд на Аргентина го поддржал правото на поединецот да одбие трансфузија на крв со однапред потпишано медицинско полномоштво? б) Како може да покажеме дека се подложуваме на Христовата власт кога станува збор за злоупотреба на крв?

18 Аргентина. Како граѓаните на Царството можат да се подготват за ситуации во кои мора да се донесе одлука за нивното лекување додека тие се во несвесна состојба? Така што секогаш со себе ќе носат правосилен документ кој ќе зборува наместо нив. Токму тоа го направил и Пабло  Албарасини. Во мај 2012 год., тој бил жртва во еден вооружен грабеж во кој бил застрелан неколку пати. Бидејќи бил примен во болницата во бессознание, не можел да го објасни својот став во врска со трансфузијата на крв. Но, со себе носел прописно пополнето трајно полномоштво (ТП картичка) кое го потпишал повеќе од четири години пред тоа. Иако бил во многу тешка состојба и некои од лекарите сметале дека мора да му се даде трансфузија, медицинскиот персонал сепак решил да ги почитува неговите желби. Меѓутоа, татко му на Пабло, кој не е Јеховин сведок, набавил судски налог за да ги натера лекарите да постапат спротивно на желбата на својот син.

19 Адвокатот што ја застапувал сопругата на Пабло веднаш поднел жалба. За само неколку часа, Апелациониот суд го поништил налогот на нижиот суд и пресудил дека треба да се почитуваат желбите на пациентот, кои биле јасно наведени во неговото медицинско полномоштво. Таткото на Пабло се жалел до Врховниот суд на Аргентина. Но, тој суд заклучил дека „нема никаква причина да се сомнева дека [медицинското полномоштво со кое Пабло одбива трансфузија на крв] било потпишано при здрава свест, со јасно одредена намера и без никаква принуда“. Во пресудата на Судот стоело: „Секој возрасен човек при здрава свест има право однапред да се изјасни како би сакал да биде лекуван, и може да прифати или да одбие одредени медицински постапки... Одговорниот лекар мора да ги почитува неговите желби“.

Дали ја имаш пополнето и потпишано твојата ТП картичка?

20 Во меѓувреме, брат Албарасини потполно закрепна. Тој и неговата жена се среќни што однапред го имал пополнето медицинското полномоштво и што го носел со себе. Со тоа што го презел овој едноставен, но многу важен чекор, тој покажал дека сака да му биде подложен на Христос, Владетелот на Божјето Царство. Дали и ти и твоето семејство веќе сте ги пополниле вашите ТП картички?

Ејприл Кадоре (Види во пасуси 21-24)

21-24. а) Каква значајна одлука донел Врховниот суд на Канада? б) На кој начин овој случај може да ги охрабри младите слуги на Јехова?

21 Канада. Повеќето судови сметаат дека родителите имаат право да одлучат кое е најдоброто лекување за нивните деца. Во некои пресуди дури било кажано дека и некој зрел малолетник може сам да одлучи како ќе се лекува. Ова било случај и со Ејприл Кадоре. Кога имала 14 години, таа била примена во болница со тешко внатрешно крварење. Неколку месеци пред тоа, ја пополнила ТП картичката, во која јасно навела дека не сака трансфузија дури ни во итен случај. Меѓутоа, надлежниот лекар одлучил да не го почитува нејзиното јасно барање, и набавил судски налог за да ѝ даде трансфузија. Присилно ѝ биле дадени три единици на црвени крвни зрнца. Подоцна таа ја споредила оваа постапка со силување.

22 Ејприл и нејзините родители решиле да побараат правда на суд. По две години, овој случај бил изнесен пред Врховниот  суд на Канада. Каков бил исходот? Од правна гледна точка, Ејприл изгубила бидејќи законот на темел на кој ѝ била дадена присилна трансфузија не бил прогласен за противуставен. Сепак, судот пресудил да ѝ бидат надоместени судските трошоци, и донел одлука во нејзина корист и во корист на сите зрели малолетници кои сакаат да го искористат своето право сами да изберат како ќе се лекуваат. Во изјавата на Судот стоело: „Во поглед на лекувањето, на младите лица под 16 години треба да им се даде можност да покажат дека се доволно зрели и способни сами да донесат одлука за одреден начин на лекување“.

23 Овој случај е значаен затоа што Врховниот суд ги преиспита уставните права на зрелите малолетници. Пред тоа, канадските судови можеле да им дадат одобрување на лекарите да применат одредена медицинска постапка на дете помало од 16 години доколку сметале дека тоа би било во негов најдобар интерес. Но, по оваа пресуда, судовите повеќе немаат право да одобрат одредена медицинска постапка која е против волјата на детето без пред тоа да му дадат можност  да докаже дека е доволно зрело за самото да си донесе одлука.

„Многу сум среќна што можев барем малку да придонесам да се слави Божјето име и да се докаже дека Сатана е лажливец“

24 Дали вредеше да се води оваа тригодишна битка? „Секако!“, вели Ејприл, која сега служи како општ пионер и има добро здравје. „Многу сум среќна што можев барем малку да придонесам да се слави Божјето име и да се докаже дека Сатана е лажливец.“ Нејзиното искуство покажува дека нашите млади можат храбро да ги бранат своите уверувања и да докажат дека се вистински граѓани на Божјето Царство (Мат. 21:16).

Право да ги воспитуваме децата според Јеховините мерила

25, 26. Какви проблеми може да се појават кога ќе дојде до развод?

25 Јехова им ја доверил на родителите одговорноста да ги воспитуваат децата според неговите мерила (5. Мој. 6:6-8; Еф. 6:4). Оваа задача не е лесна, но уште потешка е во случај на развод, особено ако родителите имаат сосем различно гледиште во поглед на воспитувањето. На пример, родителот кој е Јеховин сведок сака да го воспитува детето според библиските мерила, но другиот родител можеби не се согласува со тоа. Се разбира, христијанскиот родител мора да биде свесен дека разводот ја прекинува само брачната врска, но не и врската на поранешниот сопружник со децата.

26 Родителот кој не е во вистината би можел по судски пат да побара старателство над децата со цел да влијае врз нивното религиозно воспитување. Некои се обидуваат да докажат дека е штетно децата да бидат воспитувани од родители кои се Јеховини сведоци. Можеби тврдат дека нема да им биде дозволено да слават родендени и празници, и дека во случај на итна медицинска интервенција ќе им биде загрозен животот бидејќи нема да им се даде трансфузија на крв. Среќни сме што повеќето судови не донесуваат одлука на темел на своето лично гледиште за тоа дали религијата на некој од родителите е штетна или не, туку првенствено го земаат предвид она што е во најдобар интерес на детето. Да разгледаме неколку примери.

27, 28. Како Врховниот суд на Охајо одговорил на обвинението дека е штетно децата да бидат воспитувани како Јеховини сведоци?

27 Соединетите Држави. Во 1992 год., Врховниот суд на Охајо разгледа еден случај во кој таткото тврдел дека за неговиот син е штетно да биде воспитуван како Јеховин сведок. Нижиот суд го уважи неговото тврдење, и му го додели старателството над детето. На мајката, Џенифер Пејтер, ѝ беше дозволено да го посетува своето синче, Боби, но ѝ беше забрането „да го поучува и на каков и да било друг начин да го изложува на верувањата на Јеховините сведоци“. Оваа пресуда на нижиот суд беше толку општа што можеше да се сфати дека сестра Џенифер не смее дури ни да зборува со својот син за Божјата Реч и за библиските морални мерила! Можеш ли да замислиш како се чувствувала? Иако била скршена од болка, Џенифер научила да биде стрплива и да чека на  Јехова. Таа вели: „Јехова беше секогаш со мене“. Браќата од подружницата ѝ ја дадоа потребната правна помош, и нејзината адвокатка поднесе жалба до Врховниот суд на Охајо.

28 Овој суд не ја поддржа одлуката на нижиот суд, со образложение дека „основно право на секој родител е да ги поучува своите деца, во што спаѓа и правото да им ги пренесува своите морални и религиозни вредности“. Судот јасно наведе дека на мајката не смееле да ѝ се ограничат старателските права врз основа на нејзината верска припадност, освен ако имало докази дека верувањата на Јеховините сведоци можат да му го нарушат физичкото или психичкото здравје на детето. Се разбира, Врховниот суд не најде никакви докази дека учењата на Сведоците можат лошо да влијаат врз неговата психичка или физичка благосостојба.

Многу судови донеле одлуки во корист на Сведоците во споровите околу старателството над децата

29-31. Зошто една сестра во Данска го изгубила старателството над својата ќерка, и каква пресуда донел Врховниот суд?

29 Данска. Анита Хансен се соочи со сличен проблем кога нејзиниот поранешен сопруг побара по судски пат да добие старателство над нивната седумгодишна ќерка Аманда. Иако во 2000 год. Окружниот суд ѝ го додели старателството на сестра Хансен, татко ѝ на Аманда се жалеше до вишиот суд, кој ја поништи претходната пресуда и му го додели старателството нему. Бидејќи поради своите верски убедувања родителите имале спротивно гледиште за животот, вишиот суд заклучил дека таткото е во подобра положба да одлучи какво религиозно воспитание треба да добие неговата ќерка.  Со други зборови, сестра Хансен го изгуби старателството над Аманда само затоа што е Јеховин сведок!

30 Додека минувала низ овој тежок период, сестра Хансен понекогаш била толку очајна што не знаела ни за што да се моли. „Сепак, наоѓав голема утеха во зборовите од Римјаните 8:26 и 27“, вели таа. „Знаев дека Јехова секогаш разбира што сакам да му кажам. Чувствував дека неговото око е над мене. Тој никогаш не ме напушти.“ (Прочитај Псалм 32:8; Исаија 41:10.)

31 Сестра Хансен се жалеше до Врховниот суд на Данска, кој во својата пресуда изјави: „Одлуката за старателството мора да се донесе на темел на конкретна проценка за тоа што е во најдобар интерес на детето“. Понатаму Судот истакна дека при доделување на старателството првенствено треба да се утврди како секој од родителите ги решава несогласувањата, а не какви се „учењата и ставовите“ на Јеховините сведоци. На големо олеснување на сестра Хансен, Судот процени дека таа е способна добро да се грижи за својата ќерка, и ѝ го врати старателството над Аманда.

32. Како Европскиот суд за човекови права ги заштитил од дискриминација родителите кои се Јеховини сведоци?

32 Разни земји во Европа. Некои спорови во врска со старателството над децата не завршија на највисоките државни судови, туку стигнаа дури до Европскиот суд за човекови права. Во два случаја, овој суд утврди дека нижите државни судови постапувале различно кон родителите само врз основа на нивната религиозна припадност. Европскиот суд изјави дека тоа е дискриминација, и заклучи дека „не е прифатливо да се има поинаков однос кон некого само на темел на религиозните разлики“. Една наша сестра, на која ѝ паднал камен од срце кога ја добила парницата на Европскиот суд, рекла: „Најболно од сѐ ми беше тоа што бев обвинета дека ги упропастувам своите родени деца, а јас само се трудев да им го дадам она што мислам дека е најдобро за нив — воспитување во склад со христијанските мерила“.

33. Како би можеле христијанските родители да го применат начелото од Филипјаните 4:5?

33 Се разбира, нашите браќа и сестри на кои законот им го оспорува правото да ги поучуваат своите деца за библиските мерила се трудат да бидат разумни. (Прочитај Филипјаните 4:5.) Исто како што самите го ценат правото да ги поучуваат децата за Божјите мерила, така го уважуваат и правото на својот поранешен сопружник да ги споделува родителските должности, доколку го сака тоа. Но, колку сериозно гледаат Јеховините сведоци на одговорноста да ги воспитуваат своите деца?

34. Што можат да научат христијанските родители од Евреите во времето на Неемија?

34 Еден пример од времето на Неемија може да ни помогне да одговориме на ова прашање. Евреите напорно работеле на поправањето и изградбата на ѕидините околу Ерусалим. Знаеле дека ова е многу важно бидејќи на тој начин тие и нивните семејства ќе биле заштитени од околните непријателски народи. Затоа, Неемија ги поттикнал: „Борете се за  своите браќа, за своите синови и ќерки, за своите жени и за своите домови!“ (Неем. 4:14). Тие Евреи ги сфатиле многу сериозно неговите зборови. На сличен начин, и денес Јеховините сведоци даваат сѐ од себе за да ја всадат библиската вистина во срцето на своите деца. Свесни се дека нивните деца секојдневно се изложени на лошо влијание на училиште и во соседството. Преку електронските медиуми, таквото влијание може незабележително да се вовлече дури и во домот. Родители, навистина вреди да се борите за да им обезбедите на своите деца среќен и сигурен дом во кој ќе можат духовно да напредуваат!

Биди уверен дека Јехова го поддржува својот народ

35, 36. Какви добри резултати произлегле од нашите правни битки, и на што си решен ти?

35 Без сомнение, Јехова го благословува сиот труд што неговата организација го вложува за да му служиме слободно и без пречки. Додека се бореле за своите законски права, Божјите слуги честопати давале силно сведоштво пред судовите и пред пошироката јавност (Рим. 1:8). Освен тоа, нашите многубројни правни победи влијаеле позитивно и врз граѓанските права на мнозина кои не се Сведоци. Сепак, како Божји слуги, не сакаме да воведеме реформи во општеството ниту, пак, по секоја цена да докажеме дека сме во право. Ние се бориме за своите законски права првенствено за да можеме слободно да му служиме на вистинскиот Бог. (Прочитај Филипјаните 1:7.)

36 Никогаш да не го заборавиме примерот што ни го оставиле нашите браќа кои се бореле за да можеме слободно да му служиме на Јехова! Да се угледаме на нивната цврста вера и да му останеме лојални на Јехова, уверени дека тој го поддржува нашето дело и дека ни дава сила да ја вршиме неговата волја (Иса. 54:17).

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА

Мирољубив народ го брани своето добро име

Како Јеховините сведоци го бранеа своето добро име во Русија?