Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Божјето Царство владее!

 ПОГЛАВЈЕ 14

Лојални само на Божјата влада

Лојални само на Божјата влада

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Божјиот народ не е дел од светот бидејќи му е лојален на Царството

1, 2. а) Кое начело ги води Христовите следбеници до ден-денес? б) Што се обиделе да направат непријателите со нас, и со каков резултат?

ПРИ крајот на својот живот на Земјата, Исус бил изведен пред Пилат, кој тогаш имал највисока судска власт во Израел. Во таа прилика, Христос кажал едно начело кое до ден-денес ги води неговите вистински следбеници: „Моето царство не е дел од овој свет. Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Иако Пилат заповедал Исус да биде погубен, таа победа била краткотрајна. Бог го воскреснал својот Син. Многу моќни римски владетели сакале да ги истребат Христовите следбеници, но сите нивни обиди биле безуспешни. Христијаните ја рашириле пораката за Царството низ целиот тогашен свет (Кол. 1:23).

2 Откако Царството било воспоставено во 1914 год., некои од најмоќните воени сили во историјата се обиделе да го збришат Божјиот народ од лицето на Земјата. Но, ниту една од нив не успеала во тоа. Многу влади и политички партии се обидувале да нѐ натераат да заземеме страна во нивните меѓусебни судири. Сепак, тие не успеале да нѐ разединат. Денес има поданици на Царството во речиси секоја земја во светот. И покрај тоа, сите сме обединети во едно вистинско меѓународно братство, и остануваме потполно неутрални во однос на политичките збиднувања во светот. Нашето единство е силен доказ дека Божјето Царство владее, и дека Царот Исус Христос продолжува да ги води, да ги пречистува и да ги штити своите поданици. Да видиме како го правел тоа во поново време. Во ова поглавје, ќе разгледаме само некои правни победи што Исус им ги дал на Божјите слуги, кои со сите сили се трудат да ,не бидат дел од светот‘ (Јован 17:14). Тоа сигурно многу ќе ни ја зајакне верата.

Важно прашање

3, 4. а) Кои настани се случиле откако било родено Царството? б) Дали Божјиот народ уште од почетокот го разбирал во потполност прашањето за неутралноста? Објасни.

3 По раѓањето на Божјето Царство, избувнала војна на небото, и Сатана бил исфрлен на Земјата. (Прочитај Откровение  12:7-10, 12.) И на Земјата беснеела војна која ја ставила на испит верноста на Божјите слуги. Тие биле решени да одат по Христовите стапки и да не бидат дел од светот. Но, во почетокот не им било сосема јасно какви жртви ќе се бараат од нив за да останат потполно неутрални во поглед на сите политички прашања.

4 На пример, во шестиот том од комплетот Зора на илјадагодишното владеење, * кој излегол во 1904 год., христијаните биле поттикнати да не учествуваат во војна. Но, во него пишувало и дека, ако некој христијанин е регрутиран за војска, треба да бара да извршува задолженија кои не се поврзани со учество во битка. Ако сепак го испратат на бојното поле, во никој случај не смее да убива. Во врска со тогашната ситуација, Херберт Сениор од Британија, кој бил крстен во 1905 год., рекол: „Браќата беа многу збунети. Не беа сигурни дали сепак е во ред да служат како војници, но без да учествуваат во битките“.

5. Како Стражарска кула од 1 септември 1915 год. им помогнала на браќата подобро да го разберат прашањето за неутралноста?

5 Меѓутоа, една статија во Стражарска кула од 1 септември 1915 год., им помогнала на браќата појасно да го разберат прашањето за неутралноста. Таа се осврнала на препораките од Студиите на Светото писмо во врска со воените должности кои не се директно поврзани со учество во битка. Во неа пишувало: „Прашање е дали со ваквото постапување сепак не би ги погазиле христијанските начела“. Но, што ако на некој христијанин му се заканат дека ќе го стрелаат ако одбие да носи униформа и да оди во војна? Во истата статија пишувало: „Што е пострашно — да бидеш убиен затоа што си му лојален и послушен на Кнезот на мирот, или да загинеш под знамето на земните цареви на кои, барем навидум, им ја даваш својата поддршка одрекувајќи се од учењата на нашиот небесен Цар? Ако мора да избереме, ние повеќе би сакале да умреме затоа што сме му верни на нашиот небесен Цар“. И покрај оваа јасна и директна изјава, во заклучокот пишувало: „Не сакаме никого да присилиме да постапи на ваков начин. Сепак, ве поттикнуваме сериозно да размислите за ова“.

6. Што учиме од примерот на брат Херберт Сениор?

6 На некои браќа им било сосема јасно што вклучува неутралноста, и тие биле спремни да се соочат со последиците. Брат Херберт Сениор, кој беше цитиран погоре, рекол: „За мене беше исто дали ќе растоварам муниција од некој брод [должност која не е директно поврзано со учество во битка] или ќе ги полнам пушките со таа муниција и ќе пукам со нив“ (Лука 16:10). Бидејќи одбил воена служба поради приговор на совеста, брат Сениор бил ставен в затвор. Тој и уште четворица браќа биле во групата од вкупно 16 лица од различни вероисповеди кои одбиле да одат во војна поради приговор на совеста. Тие останале запаметени како „Шестнаесеттемина од Ричмонд“, по името на  британското гратче каде отслужиле дел од својата казна. Херберт и другите подоцна биле тајно испратени со брод на првите борбени линии во Франција. Таму биле осудени на смрт со стрелање. Биле изведени пред стрелачки вод, но на крајот сепак не биле погубени. Наместо тоа, смртната казна им била заменета со 10 години затвор.

„Сфатив дека Божјиот народ мора да биде во мир со сите луѓе, дури и кога има закана од војна“ (Сајмон Кракер) (Види во пасус 7)

7. Што му било појасно на Божјиот народ кога почнала Втората светска војна?

7 Кога почнала Втората светска војна, на Јеховините слуги веќе им било многу појасно што значи да се биде неутрален и како можат да го следат примерот на Исус (Мат. 26:51-53; Јован 17:14-16; 1. Пет. 2:21). Во Стражарска кула од 1 ноември 1939 год., излегла една многу важна статија со наслов „Неутралност“. Во неа пишувало: „Народот кој е во сојуз со Јехова мора да биде потполно неутрален во поглед на судирите меѓу завојуваните нации“. Во врска со оваа статија, Сајмон Кракер, кој подоцна служел во главното седиште во Бруклин (Њујорк), рекол: „Сфатив дека Божјиот народ мора да биде во мир со сите луѓе, дури и кога има закана од војна“. Оваа духовна храна стигнала во вистинско време и им помогнала на Божјите слуги да се подготват за еден страшен напад чија цел била да ја скрши нивната лојалност кон Царството.

 Застрашувачка „река“ од противење

8, 9. Како се исполнило пророштвото на апостол Јован?

8 Апостол Јован прорекол дека, по раѓањето на Царството во 1914 год., змејот, односно Сатана Ѓаволот, ќе се обиде да ги уништи поданиците на Божјето Царство така што од својата уста ќе исфрли симболична „вода како река“. * (Прочитај Откровение 12:9, 15.) Како се исполнило ова пророштво? Од 1920-тите наваму, Божјиот народ се соочил со голем бран на противење. Исто како многу други браќа во Северна Америка, во Втората светска војна брат Кракер бил фрлен в затвор затоа што сакал да му остане лојален на Божјето Царство. Всушност, во тоа време во САД, повеќе од две третини од сите што издржувале затворски казни поради приговор на совеста биле Јеховини сведоци.

9 Ѓаволот и неговите застапници на Земјата сакале по секоја цена да ја скршат верноста на сите поданици на Царството. Низ цела Африка, Европа и САД, Христовите следбеници морале да ги бранат своите ставови пред разни судови и комисии. Бидејќи биле цврсто решени да останат неутрални, нашите браќа биле затворани, тепани и осакатувани. Божјите слуги во Германија се нашле под огромен притисок затоа што одбивале да кажат „хајл Хитлер“ и затоа што не сакале да ги поддржат воените активности на кој и да било начин. Се проценува дека околу 6.000 од нив биле затворени во нацистичките логори, а повеќе од 1.600 Сведоци од Германија и од други земји загинале со маченичка смрт. И покрај сѐ, Ѓаволот не успеал да му нанесе трајна штета на Божјиот народ (Мар. 8:34, 35).

„Земјата“ ја проголтува ,реката‘

10. Што претставува „земјата“, и како му помагала на Божјиот народ?

10 Пророштвото што го запишал апостол Јован открило дека „земјата“ — некои поразумни поединци и групи кои имаат одредено влијание во сегашниов свет — ќе ја проголта ,реката‘ од противење, односно ќе му помогне на Божјиот народ. Како се исполнил овој дел од пророштвото? Во децениите по Втората светска војна, симболичната ,земја‘ честопати застанувала на страната на верните поданици на месијанското Царство. (Прочитај Откровение 12:16.) На пример, различни влијателни судови го штителе правото на Јеховините сведоци да одбијат воена служба и да не учествуваат во патриотски церемонии. Најпрво, да разгледаме некои важни победи кои Јехова им ги дал на своите слуги кога им се судело затоа што одбивале воена служба (Пс. 68:20).

11, 12. Со каков проблем се соочиле брат Сикурела и брат Тлименос, и каков бил исходот?

11 Соединетите Држави. Ентони Сикурела пораснал во семејство на Јеховини сведоци, а се крстил на 15 години. Кога наполнил 21 година, бил евидентиран од регрутната комисија како верски проповедник. Две години подоцна, во 1950 год., побарал од оваа комисија да направи промена во  неговиот статус и да го евидентира како лице со приговор на совеста. Иако според извештајот на Федералното истражно биро тоа било во ред, Министерството за правда го отфрлило неговото барање. На крајот, случајот на брат Сикурела стигнал до Врховниот суд на САД, кој пресудил во негова корист и со тоа ја поништил одлуката на нижиот суд. Оваа пресуда претставувала преседан за сите жители на САД кои одбивале воена обврска поради приговор на совеста.

12 Грција. Во 1983 год., Јаковос Тлименос бил осуден на казна затвор затоа што одбил да носи воена униформа. Откако ја одлежал затворската казна, поднел документи да добие дозвола за да работи како сметководител, но бил одбиен бидејќи имал криминално досие. Тој се жалел на судовите во Грција, но ги изгубил сите парници. Затоа одлучил да поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права. Во 2000 год., Големиот судски совет на Европскиот суд, кој се состои од 17 судии, пресудил во негова корист, и на тој начин поставил преседан со кој ѝ бил ставен крај на дискриминацијата. Пред да биде донесена оваа пресуда, повеќе од 3.500 браќа во Грција имале криминално досие затоа што поради својата неутралност биле в затвор. По оваа поволна судска одлука, Грција донела закон кој ги ослободи браќата од сите обвиненија. Освен тоа, кога била извршена ревизија на грчкиот Устав, бил потврден еден закон усвоен неколку години пред тоа, според кој сите граѓани на Грција имаат право наместо воена да извршуваат цивилна служба.

„Пред да влезам во судницата, сесрдно му се помолив на Јехова, и во истиот миг почувствував како ми дава мир“ (Ивајло Стефанов) (Види во пасус 13)

13, 14. Што може да научиме од случаите на Ивајло Стефанов и Вахан Бајатјан?

13 Бугарија. Во 1994 год., Ивајло Стефанов имал 19 години кога добил покана за војска. Тој одбил да служи воен рок и да извршува цивилни обврски во рамките на армијата. Затоа бил осуден на 18 месеци затвор, но се жалел на таа одлука повикувајќи се на правото на приговор на совеста. На крајот, неговиот случај стигнал до Европскиот суд за човекови права. Меѓутоа, во 2001 год., пред да започне судењето, бугарските власти предложиле спогодбено решение. Владата му дала помилување на брат Стефанов, но и на сите други бугарски граѓани кои биле спремни наместо воена да извршуваат цивилна служба. *

14 Ерменија. Во 2001 год., Вахан Бајатјан добил покана да служи воен рок, кој бил задолжителен во неговата земја. * Тој побарал да биде ослободен од воената обврска поради приговор на совеста, но сите судови во Ерменија го одбиле неговото барање. Во септември 2002 год., тој почнал да ја отслужува затворската казна од вкупно две и пол години, но по десет и пол месеци бил пуштен на слобода. Во текот на тоа време, брат Бајатјан се жалел до Европскиот суд за човекови права, кој прифатил да го разгледа неговиот случај. Но, на 27 октомври 2009 год., и овој суд донел  неповолна пресуда. Со тоа им бил нанесен тежок удар на браќата во Ерменија кои се соочувале со истиот проблем. Меѓутоа, Големиот судски совет на Европскиот суд го преиспитал случајот и, на 7 јули 2011 год., пресудил во корист на Вахан Бајатјан. За првпат во својата историја, овој суд потврдил дека правото на слобода на мислењето, совеста и религијата ги штити и оние кои поради своите верски убедувања вложуваат приговор на совеста и одбиваат да служат војска. Со оваа пресуда се гарантираат правата на Јеховините сведоци, но и на стотици милиони други луѓе кои живеат во земјите-членки на Советот на Европа. *

Европскиот суд донесе поволна пресуда со која браќата од Ерменија беа ослободени од затвор

Патриотски церемонии

15. Зошто Јеховините слуги одбиваат да учествуваат во патриотски церемонии?

15 Освен што не служат војска, Јеховините слуги ја покажуваат својата лојалност кон месијанското Царство и така што со почит одбиваат да учествуваат во патриотски церемонии. Особено од почетокот на Втората светска војна, целиот свет го зафати бран на национализам. Од граѓаните  на многу земји се бараше да ѝ се колнат на верност на својата татковина со кажување на заклетва, пеење на државната химна или поздравување на знамето. Но, вистинските христијани му се оддадени само на Јехова (2. Мој. 20:4, 5). Поради тоа, многу наши браќа беа жртви на жестоко прогонство. Меѓутоа, Јехова повторно ја искористи „земјата“ за да проголта дел од противењето. Да разгледаме само неколку значајни победи што Бог ни ги даде преку Христос (Пс. 3:8).

16, 17. Со каков проблем се соочиле Лилиен и Вилијам Гобајтис, и што учиме од нивниот пример?

16 Соединетите Држави. Во 1940 год., со гласање 8 спрема 1, Врховниот суд на САД пресудил против Јеховините сведоци во случајот Училишната управа на Минерсвил против Гобајтис. Дванаесетгодишната Лилиен Гобајтис и нејзиниот десетгодишен брат Вилијам цврсто решиле да му останат верни на Јехова, и затоа одбиле да го поздрават знамето и да кажат заклетва. Поради тоа биле исфрлени од училиштето. Нивниот случај бил изнесен пред Врховниот суд, кој пресудил дека мерките што ги презело училиштето се уставни бидејќи се во интерес на „националното единство“. Оваа пресуда разгорела силно прогонство низ целата земја. И други деца на Јеховини сведоци биле избркани од училиште, многу браќа ја изгубиле работата, а голем број од нив претрпеле немилосрдни напади на толпи. Во една книга се вели дека „прогонството на Сведоците од 1941 до 1943 год. било најголемиот излив на верска нетрпеливост во Америка во 20 век“ (The Lustre of Our Country).

17 Но, победата на Божјите непријатели била краткотрајна. Во 1943 год., Врховниот суд разгледал уште еден сличен случај познат како Одборот за образование на Западна Вирџинија против Барнет. Овој пат, Врховниот суд пресудил во корист на Јеховините сведоци. Тоа било првпат во историјата на САД Врховниот суд да ја поништи сопствената одлука за толку кратко време. По оваа пресуда значително се намалило отвореното прогонство на Јеховиниот народ. Овој судски процес бил чекор напред во поглед на заштитата на правата на сите жители на САД.

18, 19. Што му помогнало на Пабло Барос да остане цврст, и како другите слуги на Јехова можат да се угледаат на него?

18 Аргентина. Во 1976 год., осумгодишниот Пабло Барос и неговиот седумгодишен брат Уго биле исфрлени од училиште затоа што одбиле да учествуваат во церемонијата во која се кревало знамето. Во таа прилика, директорката го турнала Пабло и го удрила по главата. Освен тоа, ги задржала и двете деца уште цел час по наставата обидувајќи се да ги присили да пеат патриотски песни. Спомнувајќи си за тој немил настан, Пабло рекол: „Без Јеховина помош, немаше да му останам верен под таков притисок“.

19 Кога овој случај бил изнесен на суд, судијата ја поддржал одлуката на училиштето. Но, била поднесена жалба  на таа пресуда до Врховниот суд на Аргентина. Во 1979 год., овој суд ја поништил одлуката на нижиот суд наведувајќи го следново образложение: „Изречената казна [исфрлање од училиштето] е спротивна на уставното право на образование (член 14) и на обврската на државата да обезбеди основно образование за сите (член 5)“. Оваа победа им била од голема помош на околу 1.000 деца на Сведоци. Некои воопшто не биле избркани, а други, како Пабло и Уго, повторно се вратиле во училишните клупи.

Голем број млади Сведоци му остануваат верни на Јехова и покрај притисоците

20, 21. Како судскиот случај на Роел и Емили Ембралинаг ни ја зајакнува верата?

20 Филипини. Во 1990 год., деветгодишниот Роел Ембралинаг и неговата десетгодишна сестра Емили, како и повеќе од 65 други деца на Јеховини сведоци, биле исфрлени од училиште затоа што не сакале да го поздравуваат знамето. Леонардо, таткото на Роел и Емили, се обидел да разговара со управата на училиштето, но безуспешно. Ситуацијата сѐ повеќе се влошувала, и затоа Леонардо поднел жалба до Врховниот суд. Неговото семејство немало  ни пари ни адвокат кој би можел да ги застапува, и затоа горливо му се молеле на Јехова за водство. За сето тоа време, децата биле исмевани и навредувани. Бидејќи не се разбирал од правни работи, Леонардо мислел дека нема шанси да го добие случајот.

21 На крајот, семејството го застапувал Фелино Ганал, адвокат кој порано работел за една од најугледните адвокатски фирми во земјата. Тој станал Јеховин сведок, и во тоа време повеќе не работел таму. Врховниот суд го разгледал случајот, и донел едногласна пресуда во корист на Јеховините сведоци. Со тоа биле поништени одлуките за исклучување од училиште. Оние што се обиделе да му ја скршат верноста на Божјиот народ повторно претрпеле пораз.

Неутралноста води до единство

22, 23. а) Зошто успеавме да извојуваме толку многу значајни правни победи? б) За што е доказ нашето меѓународно и мирољубиво братство?

22 Зошто Јеховините слуги извојувале толку многу значајни правни победи? Ние немаме никакво политичко влијание. Сепак, во многу земји, непристрасни судии нѐ штителе од жестоките напади на нашите закоравени противници, и со своите одлуки поставиле преседани во уставните закони. Без сомнение, за сите тие победи е заслужен нашиот Цар, Исус Христос! (Прочитај Откровение 6:2.) Но, зошто воопшто се впуштаме во такви правни битки? Нашата цел не е да воведеме реформи во правниот систем, туку едноставно да продолжиме без пречки да му служиме на нашиот Цар (Дела 4:29).

23 Во овој свет кој е растргнат од политички немири и потонат во длабоко вкоренета омраза, Исус им дава целосна поддршка на своите поданици кои сакаат да останат неутрални. Сатана не успеал да нѐ раздели и да завладее со нас. Царството собрало милиони лица кои повеќе не сакаат „да учат да војуваат“. Вистинско чудо е што во овој свет постои такво меѓународно и мирољубиво братство. Тоа е уште еден непобитен доказ дека Божјето Царство владее! (Иса. 2:4).

^ пас. 4 Овој том е познат и под насловот Новото создание. Подоцна, неколкуте тома од комплетот книги Зора на илјадагодишното владеење биле наречени Студии на Светото писмо.

^ пас. 8 Повеќе информации за ова пророштво има во книгата Откровение — близу е величествената завршница!, поглавје 27, страници 184-186.

^ пас. 13 Со оваа спогодба, владата на Бугарија се обрзала на сите лица со приговор на совеста да им обезбеди цивилна служба во надлежност на цивилните органи.

^ пас. 14 Подетален извештај за овој случај има во статијата „Европскиот суд го признава правото на приговор на совеста“ во Стражарска кула од 1 ноември 2012.

^ пас. 14 Во период од 20 години, владата на Ерменија ставила в затвор повеќе од 450 млади Сведоци. Последниот од нив беше пуштен на слобода во ноември 2013 год.