Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Божјето Царство владее!

 ПОГЛАВЈЕ 17

Обука за објавителите на Царството

Обука за објавителите на Царството

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Теократските школи ги подготвуваат објавителите на Царството да ја вршат својата служба

1-3. Што презел Исус за да може добрата вест да се проповеда во уште поголема мера, и кои прашања се поставуваат?

ИСУС проповедал две години низ цела Галилеја. (Прочитај Матеј 9:35-38.) Одел во многу градови и села, каде што поучувал во синагогите и ја објавувал добрата вест за Царството. Секаде каде што проповедал, мноштвата се собирале околу него за да го слушаат. „Жетвата е голема“, рекол тој. Било очигледно дека има потреба од повеќе работници.

2 Затоа Исус презел чекори за да може добрата вест да се проповеда во уште поголема мера. Тој ги испратил своите 12 апостоли „да го проповедаат Божјето царство“ (Лука 9:1, 2). Тие веројатно имале многу прашања во врска со задачата што требало да ја извршат. Затоа, Исус со љубов им ја дал потребната обука. Тој добро знаел колку е важно ова бидејќи и самиот добил обука од својот небесен Татко.

3 Се поставуваат неколку прашања: Што научил Исус од својот Татко? Каква обука им дал тој на своите апостоли? Дали месијанскиот Цар и денес ги поучува своите следбеници да ја вршат службата? Ако да, на кој начин?

„Зборувам така како што ме научи Таткото“

4. Кога и каде Јехова го поучувал Исус?

4 Исус јасно кажал дека бил поучен од својот Татко. За време на својата служба, тој рекол: „Зборувам така како што ме научи Таткото“ (Јован 8:28). Кога и каде бил поучуван Исус? Очигледно, Јехова почнал да го поучува својот првороден Син веднаш откако го создал (Кол. 1:15). Додека бил на небото, Синот поминал неброени години слушајќи го и набљудувајќи го својот Татко — ,Најголемиот Учител‘ (Иса. 30:20). Тоа му помогнало да стекне неспоредливо спознание за особините, делата и намерите на својот небесен Татко.

5. Како Таткото го подготвил својот Син за службата која требало да ја изврши на Земјата?

5 Со текот на времето, Јехова го поучил својот Син и за службата што требало да ја врши на Земјата. Да видиме како Библијата го опишува односот меѓу Најголемиот Учител и неговиот првороден Син. (Прочитај Исаија 50:4, 5.) Исаија напишал дека Јехова го будел својот Син  „секое утро“. Ова ни пренесува слика на учител кој рано наутро го буди својот ученик за да го поучува. Во еден библиски прирачник се вели: „Јехова, во симболична смисла, го носи Исус на училиште како да е ученик, и го поучува за што да проповеда и како да го прави тоа“. Во небесното „училиште“, Исус бил темелно подготвен за својата задача. Ова јасно се гледа од следните негови зборови: „Самиот Татко, кој ме испрати, ми даде заповед што да кажам и што да зборувам“ (Јован 12:49). Но, Таткото му објаснил и како да ги поучува другите. * Додека бил на Земјата, Исус добро го искористил знаењето што го стекнал за да ја изврши својата служба, но и за да ги поучи своите следбеници да ја вршат нивната служба.

6, 7. а) Какви упатства им дал Исус на своите апостоли, и за што ги подготвил со тоа? б) Каква обука им обезбедил Исус на своите следбеници во нашево време?

6 Каква обука им дал Исус на своите апостоли? Според Матеј, поглавје 10, тој им дал конкретни упатства за службата. На пример, ги поучил каде да проповедаат (стихови 5, 6), која порака да ја пренесуваат (стих 7), колку е важно да имаат доверба во Јехова (стихови 9, 10), како да им пристапуваат на луѓето (стихови 11-13), како да постапат ако некој ги одбие (стихови 14, 15) и што да прават ако наидат на прогонство (стихови 16-23). * Овие јасни упатства ги подготвиле апостолите храбро да предводат во проповедничкото дело во првиот век од н.е.

7 А како е во нашево време? Исус, Царот на Божјето Царство, им ја доверил на своите следбеници најважната задача — да ја проповедаат добрата вест за Царството „по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14). Дали нашиот небесен Цар нѐ подготвил за оваа значајна задача? Да! Тој се погрижил неговите следбеници да научат да проповедаат и да извршуваат посебни одговорности во собранието.

Христовите следбеници се поучени да проповедаат

8, 9. а) Која беше главната цел на Теократската школа за служба? б) Како Теократската школа за служба ти помогнала уште поделотворно да проповедаш?

8 Јеховината организација веќе долго време ги обучува вистинските христијани да проповедаат, давајќи им поуки на собирите, на конгресите и на собраниските состаноци, како што е Состанокот за нашата служба. Но, од 1940-тите, браќата од главното седиште почнале да основаат и различни школи. Целта на овие школи е Божјите слуги да се оспособат на уште подобар начин да ја извршуваат својата главна задача.

9 Теократска школа за служба. Како што видовме во претходното поглавје, оваа школа била основана во 1943 год. Дали нејзината цел била само да ги поучи учесниците да држат добри говори на собраниските состаноци? Не. Главната цел на оваа школа отсекогаш била да ги поучи Божјите слуги да го користат дарот на говор за да го фалат Јехова во службата на проповедање (Пс. 150:6). Таа им  помогна на сите браќа и сестри кои имаа учество во неа уште поделотворно да ја објавуваат веста за Царството.

10, 11. Кој може денес да присуствува на Школата Гилеад, и која е целта на наставната програма?

10 Библиска школа Гилеад. Оваа школа почнала да се одржува во понеделник, на 1 февруари 1943 год. Во почетокот, целта била да се обучат пионери и други полновремени објавители за да служат како мисионери во различни делови на светот. Но, од октомври 2011 год., на Гилеад можат да присуствуваат само браќа и сестри кои веќе се во некој вид специјална полновремена служба — специјални пионери, патувачки надгледници со своите сопруги, бетелски слуги и мисионери на подрачјето што сѐ уште не биле на оваа школа.

11 Која е целта на нејзината наставна програма? Еден долгогодишен инструктор вели: „Целта е да им се зајакне верата на учесниците со тоа што темелно ќе ја проучуваат Божјата Реч, и да им се помогне да ги развијат потребните христијански особини за да можат успешно да се справат со предизвиците кои ги очекуваат на нивната задача. Освен тоа, една од главните цели на наставата е да им всади желба со уште поголема ревност да ја извршуваат службата на проповедање“ (Еф. 4:11).

12, 13. Какво влијание имала Школата Гилеад врз проповедањето низ целиот свет? Наведи пример.

12 Како влијаела Школата Гилеад врз проповедањето низ целиот свет? Од 1943 год. наваму, оваа школа ја посетиле повеќе од 8.500 браќа и сестри, * кои биле испратени да служат како мисионери во повеќе од 170 земји. Низ годините, мисионерите добро ја искористиле својата обука. Тие дале прекрасен пример со својата ревност во службата, а им помогнале и на другите да проповедаат на сличен начин. Во многу случаи, токму мисионерите ја прошириле добрата вест на подрачја каде што пред тоа немало речиси ниту еден објавител на Царството.

13 Да видиме што се случило во Јапонија, каде што организираното проповедање речиси целосно замрело во текот на Втората светска војна. Во август 1949 год., таму немало ни 10 објавители. Но, до крајот на годината, во таа земја биле испратени 13 мисионери од Гилеад кои почнале ревносно да проповедаат. По нив дошле уште многу други мисионери. Во почетокот, тие сведочеле главно во поголемите градови, но подоцна продолжиле да проповедаат и во други места. Мисионерите сесрдно им ја препорачувале пионерската служба и на другите објавители и на своите интересенти. Нивната ревност и труд родиле богат плод. Денес во Јапонија има повеќе од 216.000 објавители на Царството, а речиси 40 отсто од нив се во пионерска служба! *

14. За што се доказ теократските школи? (Види ја и рамката „ Теократски школи“.)

14 Други теократски школи. Школата за пионери, Библиската школа за брачни парови и Библиската школа за неженети браќа им помогнале на учесниците да напредуваат  во духовен поглед и ревносно да предводат во проповедањето. * Сите овие теократски школи се јасен доказ дека нашиот Цар потполно ги оспособил своите следбеници да ја извршуваат својата служба (2. Тим. 4:5).

Браќата се обучени да вршат посебни одговорности

15. Во кој поглед именуваните браќа се трудат да го следат примерот на Исус?

15 Сети се на споредбата на Исаија во која беше спомнато дека Јехова го поучувал својот Син. Додека бил со својот Татко на небото, Исус научил ,што да му каже на уморниот‘ (Иса. 50:4). Кога бил на Земјата, тој постапувал во склад со таа поука, и ги закрепнувал оние што биле „изморени и оптоварени“ (Мат. 11:28-30). Следејќи го неговиот пример, браќата кои имаат одговорни задачи се трудат да ги охрабруваат и зајакнуваат своите соверници. Токму за таа цел биле основани различни школи кои им помагаат на именуваните браќа уште подобро да им служат на сохристијаните.

16, 17. Која е целта на Школата за именувани браќа? (Види ја и фуснотата.)

16 Школа за именувани браќа. Оваа школа почнала да се одржува на 9 март 1959 год., во Саут Ленсинг (Њујорк).  На оваа едномесечна обука биле поканети патувачки надгледници и слуги на собранијата (кои сега се нарекуваат координатори на старешинствата). Подоцна наставната програма била преведена од англиски на други јазици, и постепено браќата низ целиот свет можеле да ја добијат истата обука. *

Брат Лојд Бери поучува на Школата за именувани браќа во Јапонија (1970)

17 Целта на оваа школа била опишана во Годишникот на Јеховините сведоци за 1962. Таму пишувало: „И покрај брзото темпо на живот, надгледникот во собранието на Јеховините сведоци мора да си ги планира обврските така што ќе може да им помага и да им посвети соодветно внимание на сите во собранието. Сепак, не смее да си го запостави семејството поради теократските одговорности, односно мора да биде разумен. Слугите на собранијата од целиот свет имаат прекрасна можност да присуствуваат на Школата за именувани браќа и да ја добијат обуката која им е потребна за да го прават токму тоа што според Библијата се очекува од нив!“ (1. Тим. 3:1-7; Тит 1:5-9).

18. Како Школата за именувани браќа влијае позитивно врз целиот Божји народ?

 18 Школата за именувани браќа влијае позитивно врз целиот Божји народ. На кој начин? Кога го применуваат она што го научиле на школата, старешините и слуга-помошниците се вистинско духовно освежување за своите соверници исто како што бил Исус. Зарем не сме среќни кога некој грижлив старешина или слуга-помошник ќе ни каже убав збор, сочувствително ќе нѐ сослуша или ќе нѐ посети за да нѐ охрабри? (1. Сол. 5:11). Таквите браќа се вистински благослов за собранијата!

19. Кои други школи ги надгледува Одборот за поучување, и која е нивната цел?

19 Други теократски школи. Одборот за поучување на Водечкото тело надгледува и други школи во кои се обучуваат браќата што вршат одговорни задачи во организацијата. Целта на школите е да им помогне на тие браќа — собраниските старешини, патувачките надгледници и членовите на Одборите на подружниците — уште подобро да ги извршуваат своите бројни задолженија. Овие школи ги поттикнуваат учесниците секогаш да се трудат да бидат духовно јаки и да ги применуваат библиските начела додека се грижат за скапоцените овци кои им ги доверил Јехова (1. Пет. 5:1-3).

Првиот клас на Школата за организациско оспособување во Малави (2007)

20. Зошто Исус можел да каже дека сите ние сме „поучени од Јехова“, и што си решен да правиш?

20 Месијанскиот Цар навистина се погрижил неговите следбеници да бидат добро обучени за службата која им е доверена. Изворот на поуката е самиот Јехова — тој го поучил својот Син, а Синот ги поучува своите следбеници. Затоа Исус со право кажал дека сите сме „поучени од Јехова“ (Јован 6:45; Иса. 54:13). Да бидеме решени да ги прифатиме сите поуки што ни ги дава нашиот Цар. И никогаш да не заборавиме дека главна цел на сета таа обука е да ни помогне да останеме духовно јаки за потполно да ја извршиме нашата служба.

^ пас. 5 Од каде знаеме дека Таткото го научил својот Син како да поучува? Размисли за следново: Со тоа што често поучувал со споредби, Исус исполнил едно пророштво кое било запишано со векови пред да се роди (Пс. 78:2; Мат. 13:34, 35). Очигледно Јехова, кој го дал тоа пророштво, однапред одредил неговиот Син да поучува со споредби (2. Тим. 3:16, 17).

^ пас. 6 Неколку месеци подоцна, Исус ,одредил седумдесетмина други и ги испратил двајца по двајца‘ да проповедаат. И ним им дал јасни упатства (Лука 10:1-16).

^ пас. 12 Некои браќа и сестри присуствувале неколку пати на Школата Гилеад.

^ пас. 13 Повеќе информации за влијанието на мисионерите од Гилеад врз ширењето на добрата вест низ целиот свет има во книгата Јеховини сведоци објавители на Божјето Царство, поглавје 23.

^ пас. 14 Библиските школи за брачни парови и за неженети браќа беа заменети со Школата за полновремени објавители.

^ пас. 16 Денес сите старешини ја посетуваат Школата за именувани браќа. Таа може да биде со различно времетраење и се одржува на неколку години. Од 1984 год. наваму, и слуга-помошниците добиваат обука на оваа школа.

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

„Израмни ја патеката“ за да ги оствариш духовните цели

Како да ги отстраниш пречките за да ги исполниш духовните цели?

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Помогни им на другите потполно да го искористат својот потенцијал

Како можеме да им помогнеме на младите и на новите браќа да напредуваат?