Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Зачувај ја Божјата љубов

 ДВАНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Зборувај го она што „изградува“

Зборувај го она што „изградува“

„Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите“ (ЕФЕШАНИТЕ 4:29).

1-3. а) Каков дар ни дал Јехова, и како може да се злоупотреби тој дар? б) За да ја зачуваме Божјата љубов, како мораме да го користиме говорот?

АКО му дадеш подарок на некој што го сакаш, како ќе ти биде ако тој намерно постапува лошо со него? Да речеме дека си му дал автомобил, но подоцна си дознал дека не внимава како го вози и дека ги повредува другите со него. Зарем нема да бидеш разочаран?

2 Способноста за говор е прекрасен дар од Јехова, од кого доаѓа „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Овој дар, кој ги одвојува луѓето од животните, не само што ни овозможува да си ги искажеме мислењата, туку и чувствата. Меѓутоа, исто како автомобилот, и говорот може да се злоупотреби. Јехова сигурно многу е разочаран кога не внимаваме како зборуваме и ги повредуваме другите!

3 За да ја зачуваме љубовта на Бог, мораме да го користиме дарот што ни го дал — говорот — онака како што замислил тој. Јехова јасно ни кажува каков говор му се допаѓа нему. Во неговата Реч пишува: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што го слушаат“ (Ефешаните 4:29). Сега ќе  разгледаме зошто треба да внимаваме што зборуваме, што не треба да зборуваме и како да зборуваме работи што ‚се добри и ги изградуваат другите‘.

ЗОШТО ДА ВНИМАВАМЕ ШТО ЗБОРУВАМЕ

4, 5. Како некои библиски изреки опишуваат колкава моќ имаат зборовите?

4 Една важна причина зошто треба да внимаваме што зборуваме е тоа што зборовите се моќна алатка. Во Изреки 15:4 стои: „Благиот јазик е дрво на животот, а неговата изопаченост го крши духот“. * Како што водата го живнува сувото дрвце, така и утешните и благи зборови можат да ги живнат луѓето и да ги разведрат. И обратно, изопачените зборови можат да ги столчат. Гледаме дека нашите зборови можат да охрабрат, но и да повредат (Изреки 18:21).

5 И во една друга изрека живописно е кажано каква моќ имаат зборовите: „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч“ (Изреки 12:18). Непромислените зборови можат да нанесат длабоки емоционални рани и да уништат пријателства. Дали некогаш нечии зборови те проболе до срце? Веројатно да, но истата изрека го дава следново охрабрување: „Јазикот на мудрите е лек“. Промислените  зборови што ќе ги каже некој што се раководи од Божјата мудрост можат да го излечат ранетото срце и да ги поправат работите меѓу пријателите. Се сеќаваш ли на некоја прилика кога нечии љубезни зборови ти дошле како мелем на рана? (Прочитај Изреки 16:24.) Штом сме свесни колку голема моќ имаат зборовите, да се трудиме со нашиот говор да ги лечиме, а не да ги повредуваме другите.

Мирниот говор освежува

6. Зошто треба многу напор за да си го контролираме јазикот?

6 Колку и да се трудиме, не можеме потполно да си го контролираме јазикот. Затоа, втора причина зошто треба да внимаваме што зборуваме е тоа што поради гревот и несовршеноста склони сме да грешиме со јазикот. Зборовите извираат од срцето, а „човечкото срце е склоно кон зло“ (1. Мојсеева 8:21; Лука 6:45). Затоа, треба многу напор за да си го зауздаме јазикот. (Прочитај Јаков 3:2-4.) Не можеме совршено да го контролираме, но можеме да се трудиме да се подобруваме во тој поглед. Како што еден пливач кој се обидува да плива спротивно на течението на реката мора да се бори со струите, така и ние мораме да се бориме со грешната склоност да кажуваме работи што не треба.

7, 8. Во која мера сме одговорни пред Јехова за она што го зборуваме?

7 Трета причина зошто треба да внимаваме на говорот е тоа што сме одговорни пред Јехова за она што го зборуваме. Начинот на кој зборуваме не влијае само врз нашиот однос со луѓето, туку и врз нашиот однос со Јехова. Во Јаков 1:26 стои: „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно“. * Како што видовме  во претходното поглавје, нашиот говор е тесно поврзан со нашата служба за Бог. Ако јазикот ни е незауздан — фрла навредливи, отровни зборови — Бог ќе го смета за безвредно сето она што го правиме за да му служиме. Прилично сериозна работа, нели? (Јаков 3:8-10).

8 Очигледно имаме цврсти причини да внимаваме да не го злоупотребиме говорот кој ни е даден како дар. Сега, пред да видиме кој говор изградува, да позборуваме малку за тоа како не треба да зборува еден вистински христијанин.

ЗБОРОВИ ШТО РУШАТ

9, 10. а) Каков говор е вообичаен денес во светот? б) Зошто не треба да зборуваме вулгарно? (Види ја и фуснотата.)

9 Вулгарен јазик. Пцовките, безобразните и другите вулгарни зборови се дел од секојдневниот говор денес. Мнозина пцујат за да му дадат јачина на она што го кажуваат или затоа што им е ограничен речникот. Комичарите честопати користат вулгарни зборови за да ги насмеат луѓето. Но, во тоа нема ништо смешно. Пред околу 2.000 години, апостол Павле, воден од светиот дух, ги советувал христијаните од собранието во Колоси меѓу нив да не се слушаат „безобразни зборови“ (Колошаните 3:8). На собранието во Ефес, пак, му напишал „безобразните шеги“ и други слични работи „дури да не се спомнуваат меѓу“ вистинските христијани (Ефешаните 5:3, 4).

10 Вулгарниот јазик е навреда за Јехова, а ги навредува и оние што го сакаат. Од љубов кон него не сакаме да зборуваме вулгарно. Кога ги набројал „делата на телото“, Павле ја спомнал ‚нечистотијата‘, во која спаѓа и валканиот говор (Галатите 5:19-21). Ова е сериозна работа. Човек може да биде исклучен од христијанското собрание ако и покрај постојаните совети, продолжува непокајнички да зборува  работи што се крајно неморални, срамотни и расипани. *

11, 12. а) Како можат муабетите за другите да преминат во оговарање? б) Зошто слугите на Јехова не треба да клеветат?

11 Оговарање, клеветење. Луѓето се склони да прават муабети за другите и за нивниот живот. Дали тоа секогаш е лошо? Кога само се пренесуваат некои корисни новости, како на пример, кој се крстил или на кого му треба охрабрување, тогаш нема ништо лошо во тоа. Христијаните од првиот век сакале да знаат дали им е добро на нивните браќа и затоа си кажувале некои работи меѓу себе (Ефешаните 6:21, 22; Колошаните 4:8, 9). Но, таквите муабети можат да преминат во оговарање и да бидат штетни ако при тоа се извртуваат фактите или се откриваат лични работи. Што е уште посериозно, оговарањето може да води до клеветење, кое секогаш има лоши последици. Клеветење е „кажување невистини за некого со цел да се оцрни, да се урне неговиот углед“. На пример, фарисеите кажувале злобни клевети за да го оцрнат Исус (Матеј 9:32-34; 12:22-24). Многу често клеветењето е причина за кавги (Изреки 26:20).

12 За Јехова е сериозна работа ако некој го користи дарот што тој ни го дал за да ги оцрни другите или за да предизвика кавги. Јехова ги мрази оние што подбуцнуваат „караници меѓу браќата“ (Изреки 6:16-19). Грчкиот збор преведен со „клеветник“ е дијаболос. Истиот овој збор се користи и како титула за Сатана. Тој е „Ѓавол“ кој злобно го клевети Бог (Откровение 12:9, 10). Сигурно не сакаме да зборуваме на начин со  кој би биле исти како Ѓаволот. Во собранието нема место за клеветење, кое поттикнува на „караници“ и „поделби“, кои спаѓаат во делата на телото (Галатите 5:19-21). Затоа, пред да пренесеш некоја вест што си ја чул за некого, прашај се: ‚Вистина ли е ова? Убаво ли е да им го прераскажам на другите? Дали е пожелно и неопходно да ја пренесам оваа информација?‘ (Прочитај 1. Солуњаните 4:11.)

13, 14. а) Како може да влијаат навредливите зборови врз оние на кои им се упатени? б) Зошто оној што има навика да ги омаловажува другите се доведува во опасна положба?

13 Навредлив говор. Како што беше кажано и претходно, зборовите можат многу да повредат. Факт е дека, како несовршени луѓе, понекогаш кажуваме работи за кои подоцна се каеме. Меѓутоа, Библијата нѐ опоменува да не стекнеме навика да зборуваме на начин кој нема место ниту во еден христијански дом ниту во собранието. Павле ги советувал христијаните: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор“ (Ефешаните 4:31). Во други библиски преводи, изразот „навредлив говор“ се преведува како „злобни зборови“, „погани зборови“ и „погрден говор“. Навредливиот говор — во кој спаѓаат и навредливите прекари и постојаните груби забелешки — може да им го сруши достоинството на другите и да им создаде чувство дека се безвредни. Особено ранливи на навредливиот говор се осетливите детски срца полни со доверба (Колошаните 3:21).

14 Библијата најостро ја осудува навиката да се омаловажуваат другите со понижувачки или навредливи зборови. Оној што има таква навика самиот се доведува во опасна положба, затоа што може да биде исклучен од собранието ако не ги послуша советите што постојано му се даваат и не се смени. Ако не престане со таа навика, може да ја изгуби шансата да  живее во новиот свет (1. Коринќаните 5:11-13; 6:9, 10). Од ова е очигледно дека не ќе можеме да ја зачуваме Божјата љубов ако имаме навика да зборуваме невистинити, расипани и нељубезни работи. Таквиот начин на зборување руши.

ЗБОРОВИ КОИ ‚ГИ ИЗГРАДУВААТ ДРУГИТЕ‘

15. Кои зборови ‚ги изградуваат другите‘?

15 Како можеме да го користиме говорот онака како што замислил Бог? Божјата Реч нѐ поттикнува да зборуваме ‚зборови што се добри, за да ги изградуваат другите‘ (Ефешаните 4:29). Јехова се радува кога нашите зборови ги изградуваат, ги охрабруваат и ги зајакнуваат другите. За да зборуваме така, мораме прво да размислиме што ќе кажеме. Во Библијата не се дадени некои конкретни правила, ниту список со тоа што сѐ спаѓа во „здрав говор“ (Тит 2:8). За да ги ‚изградуваме другите‘, треба да имаме на ум три едноставни, но важни фактори со кои се одликуваат здравите зборови — тие се позитивни, вистинити и љубезни. Сега да разгледаме неколку конкретни примери на зборови што изградуваат. (Види ја рамката „ Дали моите зборови изградуваат?“.)

16, 17. а) Зошто треба да ги пофалуваме другите? б) За што можеме да ги пофалиме другите во собранието и во семејството?

16 Искрена пофалба. И Јехова и Исус знаат дека треба да се даде пофалба и признание (Матеј 3:17; 25:19-23; Јован 1:47). Како христијани, и ние треба искрено да ги пофалуваме другите. Зошто? Во Изреки 15:23 пишува: „Збор кажан во право време — колку е добар!“ Размисли за миг: ‚Како се чувствувам кога ќе добијам искрена пофалба? Зарем не ми доаѓа убаво на душата и зарем не ме разведрува?‘ Да, искрената пофалба ти покажува дека некој забележува што правиш, дека му значиш и дека се исплаќа сиот труд  што го вложуваш. Таквото охрабрување ти дава поголема самодоверба и те поттикнува да правиш уште повеќе. Ако ти е убаво кога ќе добиеш пофалба, зарем не треба и ти да им даваш пофалба на другите? (Прочитај Матеј 7:12.)

17 Научи да го гледаш доброто кај другите, а потоа пофали ги за тоа. Во собранието можеби ќе чуеш некој добар говор, ќе забележиш некој млад што сака да напредува или некој постар што верно доаѓа на состаноците иако го притиснале годините. Со една искрена пофалба може да ги охрабриш и да ги зајакнеш духовно. Во семејството, меѓу мажот и жената треба да има искрени зборови на пофалба и благодарност (Изреки 31:10, 28). Особено на децата им значи кога знаат дека другите ги ценат и го забележуваат она што го прават. За едно дете, пофалбата и признанието се исто што и сонцето и водата за едно растение. Затоа, родители, пофалувајте ги своите деца за нивните убави особини и напори. Таквите пофалби може да им влеат храброст и самодоверба на децата и ќе ги поттикнат уште повеќе да се трудат да го прават она што е исправно.

18, 19. Зошто треба да даваме сѐ од себе за да ги храбриме и тешиме соверниците, и како можеме да го правиме тоа?

18 Охрабрување и утеха. Јехова ги разбира и сака да им помогне на ‚бедните‘ и „скршените“ (Псалм 72:13; Исаија 57:15). Неговата Реч нѐ поттикнува ‚да се тешиме меѓусебно‘ и ‚да ги тешиме потиштените души‘ (1. Солуњаните 5:11, 14). Можеме да бидеме уверени дека Бог забележува и се радува кога гледа дека се трудиме да ги охрабриме и утешиме соверниците чии срца се притиснати од тага.

Јехова се радува кога ги изградуваме другите со нашите зборови

19 Но, што можеш да кажеш за да охрабриш некој сохристијанин кој е разочаран или потиштен? Немој да си мислиш дека мораш да му го решиш проблемот. Честопати, најмногу ќе му помогнат само  неколку едноставни зборови. Кажи му на потиштениот дека ти е важен и дека се грижиш за него. Предложи му да се помолиш наглас со него. Можеш да го молиш Јехова да му помогне да сфати колку многу Бог и другите го сакаат (Јаков 5:14, 15). Увери го дека е сакан и ценет во собранието (1. Коринќаните 12:12-26). Прочитај му некој библиски стих за да му покажеш дека навистина му е важен на Јехова (Псалм 34:18; Матеј 10:29-31). Ако одвоиш доволно време за да му кажеш некој ‚добар збор‘ на потиштениот и ако зборуваш искрено, од срце, сигурно ќе му помогнеш да се чувствува сакан и ценет. (Прочитај Изреки 12:25.)

20, 21. Кои фактори придонесуваат еден совет да даде добри резултати?

20 Совет што дава добри резултати. Како несовршени луѓе, одвреме-навреме на сите нас ни треба совет. Библијата ни вели: „Слушај совет и прифати укор, за после да бидеш мудар“ (Изреки 19:20). Но, давањето совети не е работа само на старешините. Родителите ги советуваат децата (Ефешаните 6:4). Позрелите сестри можеби ќе треба да им дадат совет на помладите (Тит 2:3-5). Кога даваме совет, љубовта нѐ поттикнува да го сториме тоа на таков начин што другиот ќе го прифати без да се чувствува столчен. Што ќе ни помогне да даваме такви совети? Да  разгледаме три фактори што придонесуваат еден совет да даде добри резултати: ставот и мотивот на оној што го дава советот, на што се темели тој совет и начинот на кој се дава советот.

21 Дали еден совет ќе даде добри резултати многу зависи од оној што го дава советот. Размисли: ‚Кога ми е полесно да прифатам некој совет?‘ Штом знаеш дека оној што те советува ти го мисли доброто, не зборува во лутина и нема скриени мотиви, полесно ќе ти биде да го прифатиш советот. Според тоа, кога ти даваш совет, зарем не треба да го имаш истиот став и да те води истиот мотив? Исто така, еден совет ќе даде добри резултати ако се темели на Божјата Реч (2. Тимотеј 3:16). Без разлика дали цитираме директно од Библијата или не, советите што ги даваме треба да имаат поткрепа во Светото писмо. Од таа причина, старешините треба да внимаваат да не им ги наметнуваат своите гледишта на другите, ниту да ги извртуваат работите за да изгледа дека некое лично гледиште има поткрепа во Библијата. Советот ќе има подобри резултати и ако се каже на исправен начин. Кога советот е кажан љубезно, на оној на кого му е упатен му е полесно да го прифати и не му го повредуваме достоинството (Колошаните 4:6).

22. Како сме решени да го користиме говорот?

22 Нема збор — говорот е скапоцен дар од Бог. Љубовта кон Јехова нема да ни дозволи да го злоупотребуваме овој дар. Наместо тоа, ќе нѐ поттикне да го користиме на исправен начин. Секогаш да имаме на ум дека зборовите се моќна алатка — или изградуваат или рушат. Затоа, да се трудиме да го користиме овој дар онака како што Творецот и замислил — за ‚да ги изградуваме другите‘. Ако зборуваме така, ќе ги храбриме и разведруваме оние околу нас и ќе ја зачуваме Божјата љубов.

^ пас. 4 Хебрејскиот збор од Изреки 15:4 преведен со „изопаченост“, може да значи и „расипаност, настраност“.

^ пас. 7 Грчкиот збор преведен со ‚залудно‘, може да се преведе и со „бескорисно“.

^ пас. 10 Во Библијата, зборот „нечистотија“ има широко значење и опфаќа најразлични гревови. Иако за секоја нечистотија не се покренува правна постапка, оној што е вплеткан во сериозна нечистотија и не се кае за тоа, може да биде исклучен од собранието (2. Коринќаните 12:21; Ефешаните 4:19; види ја статијата „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 јули 2006).