Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Зачувај ја Божјата љубов

 ПЕТНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Уживај во резултатите од својот труд

Уживај во резултатите од својот труд

„Секој човек... да ужива во доброто од сиот свој труд“ (ПРОПОВЕДНИК 3:13).

1-3. а) Што мислат мнозина за својата работа? б) Како нѐ поттикнува Библијата да гледаме на работата, и кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?

НА МНОГУ луѓе денес, работата им е сѐ освен уживање. Секој ден им минуваат морници кога треба да тргнат на работа, зашто знаат дека ги чека долг и напорен ден на работно место што баш и не го сакаат. Кога некој има ваков став, тешко е да го мотивираш малку повеќе да се заинтересира за својата работа, а камоли да ужива во неа.

2 Сепак, Библијата нѐ поттикнува да гледаме позитивно на работата. Во неа се вели дека работата и резултатите што произлегуваат од неа се вистински благослов. Соломон напишал: „Секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:13). Јехова, кој нѐ сака и секогаш ни го мисли најдоброто, сака работата да нѐ исполнува и да им се радуваме на резултатите од нашиот труд. За да ја зачуваме неговата љубов, треба да се држиме за неговите начела и да гледаме на работата онака како што гледа тој. (Прочитај Проповедник 2:24; 5:18.)

3 Во ова поглавје ќе разгледаме четири прашања: Како може да уживаме во резултатите од својот труд? Какво вработување не е за вистинските христијани? Како да држиме рамнотежа меѓу работата и духовните  активности? Која е најважната работа што можеме да ја правиме? Но, најпрво да го разгледаме примерот на двајцата највредни работници во целата вселена — Јехова Бог и Исус Христос.

НАЈГОЛЕМИОТ РАБОТНИК И ВЕШТИОТ ГРАДИТЕЛ

4, 5. Како покажува Библијата дека Јехова е вреден работник?

4 Јехова е најголемиот работник. Во 1. Мојсеева 1:1 читаме: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. Кога завршил со создавањето на сѐ што е на Земјата, видел дека е „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Со други зборови, тој бил сосема задоволен од сѐ што направил. Без сомнение, Јехова, „среќниот Бог“, наоѓал голема радост во работата (1. Тимотеј 1:11).

5 Нашиот вреден Бог никогаш не престанува да работи. Долго откако било создадено сѐ на Земјата, Исус рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега“ (Јован 5:17). А што прави Таткото? Од небото, каде што е неговото живеалиште, тој и понатаму го води човештвото и се грижи за него. Подготвил едно „ново создание“, христијаните родени со дух кои ќе владеат со Исус на небото (2. Коринќаните 5:17). А постојано работи на исполнувањето на својата намера за луѓето — оние што го сакаат да добијат вечен живот во новиот свет (Римјаните 6:23). Јехова сигурно многу се радува кога ги гледа резултатите од својата работа. Затоа што Бог ги привлекол, милиони луѓе ја прифаќаат пораката за Царството и прават промени во својот живот за да ја зачуваат неговата љубов (Јован 6:44).

6, 7. Како се покажал Исус како вреден работник?

6 И Исус веќе долго време е познат како вреден работник. Пред да стане човек, тој бил Божјиот „вешт градител“ кој учествувал во создавањето на „сѐ на небесата и на земјата“ (Изреки 8:22-31; Колошаните 1:15-17). Кога дошол на Земјата, Исус продолжил вредно да работи. Уште од мал научил занает и станал познат  како „дрводелецот“ * (Марко 6:3). Овој занает барал тешка физичка работа и разни вештини — особено во времето пред пиланите, железариите и електричните апарати. Замисли си што морал да прави Исус — да оди сам да си најде дрва за граѓа, а можеби морал и да ги исече и да ги пренесе до местото каде што работел. Можеш ли да си го замислиш како гради куќи — ги изработува и ги мести гредите за покривот, прави врати, па дури и мебел? Исус сигурно знаел од лично искуство колкаво е задоволството кога убаво ќе завршиш некоја тешка работа.

7 Исус бил особено вреден работник во поглед на проповедањето. Три и пол години му бил потполно посветен на ова многу важно дело. Сакал да дојде до што е можно повеќе луѓе, па затоа не губел време — станувал рано и проповедал до доцна во ноќта (Лука 21:37, 38; Јован 3:2). Патувал „од град во град и од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство“ (Лука 8:1). Дословно поминал стотици километри, одејќи пеш по правливите патишта само за да им ја пренесе на луѓето добрата вест.

8, 9. Зошто Исус се радувал на резултатите од својата напорна работа?

8 Дали Исус се радувал на резултатите од својот труд во службата? Да! Тој го посеал семето на вистината за Царството и оставил полиња зрели за жетва. Вршењето на Божјето дело толку го исполнувало и му давало сила што бил спремен и да не јаде за да го доврши (Јован 4:31-38). Замисли си колку мора да бил задоволен кога на крајот од својата служба на Земјата можел со право да му каже на својот Татко: „Јас те прославив тебе на земјата, довршувајќи го делото што ми го даде да го извршам“ (Јован 17:4).

 9 Да, Јехова и Исус уживаат во резултатите од својата напорна работа. Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува ‚да се угледаме на Бог‘ (Ефешаните 5:1). Љубовта кон Исус, пак, нѐ поттикнува ‚во сѐ да одиме по неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21). Затоа, сега да разгледаме како можеме и ние да се радуваме на резултатите од својот труд.

КАКО МОЖЕ ДА УЖИВАМЕ ВО РЕЗУЛТАТИТЕ ОД НАШИОТ ТРУД

Ако се држиш за библиските начела, ќе уживаш во резултатите од својот труд

10, 11. Што може да ти помогне позитивно да гледаш на својата работа?

10 Работата е дел од животот на вистинските христијани. Ние сакаме да најдеме радост и извесна мера задоволство во работата, но ова може да биде многу тешко ако работиме нешто што не го сакаме. Сепак, како можеме и тогаш да уживаме во резултатите од нашиот труд?

11 Гледај позитивно. Не е секогаш можно да ги смениме околностите, но можеме да го смениме својот став. За да гледаме позитивно на работата, од помош ќе ни биде да размислуваме за Божјето гледиште. На пример, ако си семеен поглавар, размислувај за тоа дека твојата работа, сеедно колку ниска ти се чини, ти овозможува да се грижиш за материјалните потреби на твоето семејство. А грижата за блиските не е мала работа во очите на Бог. Во неговата Реч се вели дека оној што не се грижи за своето семејство „полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Ако сфатиш дека работата ти служи за да ја постигнеш саканата цел — да се грижиш за одговорноста што си ја добил од Бог — тоа ќе ти помогне да најдеш смисла и задоволство во работата какви што твоите колеги можеби немаат.

12. Какви добри резултати може да имаме ако сме вредни и чесни работници?

12 Биди вреден и чесен работник. Ќе имаме добри резултати од работата ако сме вредни и ако научиме добро  да си ја вршиме. Работодавците обично многу ги ценат вредните и вешти работници (Изреки 12:24; 22:29). Како вистински христијани, мораме да бидеме и чесни на работа — да не крадеме пари, материјали или време од нашиот работодавец (Ефешаните 4:28). Како што видовме во претходното поглавје, чесноста носи убави награди. Луѓето најчесто имаат доверба во работник кој е познат како чесен човек. И без разлика дали работодавецот забележува дека сме вредни работници или не, ќе бидеме среќни затоа што имаме „чиста совест“ и затоа што знаеме дека со тоа го радуваме Бог, кого многу го сакаме (Евреите 13:18; Колошаните 3:22-24).

13. Што можеме да постигнеме со нашето добро однесување на работа?

 13 Биди свесен дека твоето однесување може да му донесе чест на Бог. Кога на работното место се држиме за високите морални мерила дадени за христијаните, другите сигурно ќе го забележат тоа. Што може да се постигне така? На тој начин ‚го украсуваме во сѐ учењето на нашиот Спасител, Бог‘ (Тит 2:9, 10). Да, поради нашето убаво однесување другите може да бидат привлечени кон нашиот начин на обожавање. Зарем не би било убаво кога некој колега би се заинтересирал за вистината затоа што сме оставиле убав пример на работа? Но, што е најважно, зарем има нешто поубаво од тоа да знаеш дека со своето добро однесување му донесуваш чест на Јехова и го радуваш? (Прочитај Изреки 27:11; 1. Петрово 2:12.)

МУДРО ДА ИЗБЕРЕМЕ ШТО ЌЕ РАБОТИМЕ

14-16. За кои две клучни прашања треба да размислиме кога донесуваме одлуки во врска со вработувањето?

14 Библијата не наведува во детали што е прифатливо, а што не кога станува збор за вработувањето. Но, ова не значи дека можеме да прифатиме секакво вработување. Светото писмо може да ни помогне да избереме добра, чесна работа која е по волјата на Бог, и да одбиеме вработување што не му е по волја (Изреки 2:6). Кога донесуваме одлука во врска со некое вработување, треба да размислиме за две клучни прашања.

15 Дали самата работа е осудена во Библијата? Божјата Реч отворено ги осудува крадењето, лажењето и правењето идоли (2. Мојсеева 20:4; Дела 15:29; Ефешаните 4:28; Откровение 21:8). Затоа, ќе одбиеме секакво работно место на кое од нас ќе се бара да правиме такво нешто. Од љубов кон Бог, никогаш не би прифатиле вработување на кое ќе треба да правиме работи што ги прекршуваат Божјите заповеди. (Прочитај 1. Јованово 5:3.)

 16 Дали со таа работа би бил соучесник во нешто погрешно или би ги поттикнувал другите на такво нешто? Размисли за следниов пример. Нема ништо лошо во тоа некој да работи како портир. Но, што ако на некој христијанин му биде понудено да работи како портир во некоја клиника за абортуси? Точно, од него нема да се бара да помогне директно во извршувањето на абортусите. Но сепак, зарем со својата работа таму нема да го потпомага работењето на клиниката чија  главна цел е да врши абортуси — нешто што е во остра спротивност со Божјата Реч? (2. Мојсеева 21:22-24). Од љубов кон Јехова, не би сакале да бидеме вмешани во нешто што е осудено во Библијата.

17. а) Кои фактори треба да ги земеме предвид кога донесуваме одлуки во врска со вработувањето? (Види ја рамката „ Да ја прифатам ли оваа работа?“.) б) Како може совеста да ни помогне да донесуваме одлуки што ќе го радуваат Бог?

17 Многу дилеми во врска со вработувањето може да се решат ако внимателно се размисли за двете клучни прашања што беа поставени во 15. и 16. пасус. Освен тоа, има и други фактори за кои треба добро да размислиме кога донесуваме одлуки околу вработувањето. * Не можеме да очекуваме „верниот и разборит роб“ да  даде правила што ќе ја опфатат секоја можна ситуација. Кога нема конкретно правило, треба добро да размислиме и да ги одмериме работите. Како што видовме во второто поглавје, треба да си ја обликуваме совеста така што ќе ја проучуваме Божјата Реч и ќе живееме според неа. Ако така ја извежбаме својата „моќ на согледување преку искуство“, ќе можеме да донесуваме одлуки што ќе го радуваат Бог и што ќе ни помогнат да ја зачуваме неговата љубов (Евреите 5:14).

ДА БИДЕМЕ УРАМНОТЕЖЕНИ ВО ПОГЛЕД НА РАБОТАТА

18. Зошто е потребна борба за да не дозволиме да ни ослабне духовноста?

18 Овие ‚последни денови‘ се „особено тешки времиња“, и потребна е вистинска борба за да не дозволиме да ни ослабне духовноста (2. Тимотеј 3:1). Може да биде навистина тешко да се најде и да се задржи некое работно место. Како вистински христијани, сфаќаме колку е важно вредно да работиме за да се грижиме за семејството. Но, ако не сме претпазливи, притисоците на работното место или материјализмот кој се шири во светот како некоја зараза може да нѐ попречат да ја извршуваме нашата служба за Бог (1. Тимотеј 6:9, 10). Затоа, да разгледаме што ќе ни помогне да бидеме урамнотежени и да процениме „што е најважно“ (Филипјаните 1:10).

19. Зошто Јехова заслужува да имаме потполна доверба во него, и како ќе ни помогне таквата доверба?

19 Имај потполна доверба во Јехова. (Прочитај Изреки 3:5, 6.) Јехова заслужува таква доверба, нели? На крајот на краиштата, тој се грижи за нас (1. Петрово 5:7). Тој знае подобро од нас самите што ни треба и може секогаш да се погрижи да го имаме тоа (Псалм 37:25). Затоа, добро е да послушаме кога неговата Реч вели: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате.  Зашто, [Бог] рекол: ‚Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам‘“ (Евреите 13:5). Многу полновремени слуги на Бог ќе ти потврдат дека тој може да го обезбеди она што ни е потребно. Ако имаме потполна доверба дека Јехова ќе се грижи за нас, нема да бидеме претерано загрижени околу материјалните работи потребни за семејството (Матеј 6:25-32). Нема да  дозволиме поради работата да ги запоставиме духовните активности, како што се проповедањето на добрата вест и состаноците (Матеј 24:14; Евреите 10:24, 25).

20. Што значи да имаш бистро око, и што ќе ти помогне да живееш едноставно?

20 Имај бистро око. (Прочитај Матеј 6:22, 23.) Да имаш бистро око значи да живееш едноставно. Еден христијанин со бистро око е сконцентриран само на една работа — да ја врши Божјата волја. Ако окото ни е сконцентрирано на исправни работи, нема да бидеме преокупирани со постојаната трка по добро платена работа и по раскошен живот. Нема да се впуштиме ни во бескрајната трка по најновите и најдобрите работи кои рекламната индустрија сака да нѐ убеди дека мораме да ги имаме за да бидеме среќни. Што ќе ни помогне да задржиме бистро око? Нема да се задолжуваме непотребно. Нема да трупаме работи и предмети на кои само би трошеле премногу време и внимание. Ќе се држиме за библискиот совет да бидеме задоволни со „храна, облека и покрив над главата“ (1. Тимотеј 6:8). Ќе се трудиме да живееме што е можно поедноставно.

21. Зошто мораме да ги подредиме работите во животот по важност, и што треба да ни биде на прво место?

21 Духовните работи нека ти бидат на прво место. Бидејќи сите имаме ограничено време, мораме да ги подредиме работите во животот по важност. Инаку, помалку важните работи може да ни голтаат скапоцено време, истиснувајќи ги така поважните работи. Што треба да ни биде на прво место во животот? На мнозина во светот денес главна цел им е да добијат високо образование за да можат да изградат добра кариера. Но, Исус ги поттикнал своите следбеници ‚најнапред да го бараат царството‘ (Матеј 6:33). Да, како вистински христијани, нам на прво место во животот ни е Божјето Царство. Од сѐ што правиме во животот — одлуките што ги донесуваме, целите што си ги поставуваме и работите со кои се занимаваме — треба да се  гледа дека Царството и Божјата волја ни се поважни од материјалните работи и достигнувања во светот.

ТРУДОЉУБИВИ ВО ПРОПОВЕДАЊЕТО

Ќе покажеме љубов кон Јехова со тоа што проповедањето ќе ни биде на прво место

22, 23. а) Кое е најважното дело во животот на вистинските христијани, и како ќе покажеме дека ни е важно? (Види ја рамката „ Мојата одлука ми донесе радост и задоволство во животот“.) б) Што нема да ѝ дозволиме на работата?

22 Знаеме дека длабоко сме навлезени во времето на крајот и затоа сме сконцентрирани на најважната работа што ја имаат христијаните — проповедањето и правењето ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). И ние како Исус, нашиот најдобар пример, сакаме да бидеме потполно посветени на ова дело што може да спаси животи. Како ќе покажеме дека ова дело ни е важно? Поголемиот број Божји слуги со сите сили се посветуваат на проповедањето како собраниски објавители. Некои си ги организираат работите за да служат како пионери или мисионери. Многу родители сфаќаат колку е важно да се поставуваат цели во службата за Јехова и ги охрабруваат своите деца да служат полновремено. Дали ревносните објавители на Царството уживаат во резултатите од својот труд во службата? И тоа како! Да му се служи на Јехова со цела душа е најдобриот начин да најдеме среќа, задоволство и безброј благослови. (Прочитај Изреки 10:22.)

23 Многумина од нас мораат да поминуваат долги часови на работното место за материјално да го згрижат своето семејство. Но, да не заборавиме дека Јехова сака да им се радуваме на добрите резултати од нашиот труд. Ако го усвоиме неговиот став и ако постапуваме според неговите начела, ќе најдеме задоволство во она што го работиме. Меѓутоа, никогаш да не дозволиме работата да нѐ одвлече од нашето главно дело — објавувањето на добрата вест за Божјето Царство. Кога ова дело го ставаме на прво место во животот, му покажуваме на Јехова дека го сакаме, а така ќе ја зачуваме и неговата љубов.

^ пас. 6 Според една публикација, грчкиот збор преведен со „дрводелец“ е „општ израз за некој што работел со дрво, сеедно дали градел куќи, изработувал мебел или што и да било од дрво“.

^ пас. 17 Повеќе информации во врска со тоа кои фактори треба да се земат предвид при изборот на вработување има во Стражарска кула од 15 април 1999, страници 28-30, и Стражарска кула од 1 ноември 1982, рамка на страници 44-46.

Нешто повеќе

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Патот до вистинскиот успех

Пет практични чекори што водат до вистински успех.