Во 1. Коринќаните 6:1-8 апостол Павле зборувал за судски парници меѓу соверниците. Тој бил разочаран од тоа што некои христијани од Коринт ‚се осмелувале да одат на суд пред неправедни [луѓе]‘ (стих 1). Павле навел цврсти причини зошто христијаните не треба да се тужат еден со друг по судовите, туку да си ги решаваат споровите следејќи ги упатствата што му биле дадени на собранието. Да разгледаме некои од причините зошто бил даден овој совет, а потоа ќе разгледаме и неколку ситуации на кои не се однесува советот на Павле.

Ако имаме деловен спор со некој соверник, најпрво треба да се потрудиме да го решиме онака како што би сакал Јехова, а не како што би сакале ние (Изреки 14:12). Како што покажал Исус, најдобро е несогласувањата да се решаваат брзо за да не прераснат во посериозен проблем (Матеј 5:23-26). Но, за жал, некои христијани почнуваат премногу да се расправаат, па дури и ги изнесуваат таквите спорови пред судовите. Павле рекол: „Тоа што се тужите еден со друг е крајно поразително за вас“. Зошто? Главно затоа што таквите судски постапки можат многу лошо да се одразат врз доброто име на собранието и на Богот кому му служиме. Затоа, да го имаме на ум прашањето што го поставил Павле: „Зошто попрвин не ја претрпите неправдата?“ (стих 7).

Павле, исто така, кажал дека Бог му дал на собранието упатства кои помагаат се решат многу спорови. Старешините се христијани чија мудрост е резултат на тоа што добро ги запознале библиските вистини, и Павле вели дека тие ‚можат да судат меѓу браќата‘ во врска со „она што се однесува на овој живот“ (стихови 3-5). Исус покажал дека споровите во кои станува збор за тешки престапи, како што се клеветењето и измамата, треба да се решаваат според следнава постапка од три чекори: прво, вклучените страни треба да се потрудат спорот да го решат меѓу себе; второ, ако не успеат, треба да се обидат да го сторат тоа пред еден или двајца сведоци; и трето, ако и тоа не успее,  треба да го изнесат проблемот пред старешините, кои го претставуваат собранието (Матеј 18:15-17).

Се разбира, тоа не значи дека христијанските старешини мора да бидат правници или бизнисмени и нивната улога не е да даваат правни или деловни совети. Не наметнуваат правила како да се решаваат деловните спорови меѓу браќата. Тие едноставно сакаат да им помогнат на сите вклучени во некој спор да се држат за она што стои во Библијата и да ги средат работите на мирен начин. Во посложените случаи може да се консултираат со покраинскиот надгледник или со Бетел. Меѓутоа, има ситуации на кои не се однесува советот на Павле. Кои се некои такви ситуации?

Во некои случаи судската парница е чиста формалност или законско барање за да се остварат некои несебични и мирољубиви намери. На пример, можеби тоа е единствениот начин да се добие решение за развод на бракот, да се добие старателство над дете, да се одреди висината на алиментацијата, да се добие обештетување од осигурителна компанија, да се стане доверител во стечајна постапка и да се потврди правосилноста на тестамент. Освен тоа, има случаи кога некој брат смета дека мора да поднесе противтужба за да се заштити себеси во некоја судска парница. *

Ако ваквите судски парници не се покренуваат како резултат на расправии, тие не го прекршуваат она што Павле го напишал воден од светиот дух. * Сепак, на еден христијанин најважно треба да му биде да се посвети Јеховиното име и да се зачуваат мирот и единството во собранието. Следбениците на Христос пред сѐ се препознаваат по љубовта што ја имаат меѓу себе, а „љубовта... не ја бара својата корист“ (1. Коринќаните 13:4, 5; Јован 13:34, 35).

^ пас. 2 Иако ретко, сепак се случува некој христијанин да изврши тешко злосторство врз друг христијанин — на пример, силување, физички напад, убиство или голема кражба. Во такви случаи, не е нехристијански злосторството да се пријави кај државните органи, иако тоа може да доведе до судски спор или до покренување кривична постапка.

^ пас. 3 Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 март 1997, страници 17-22, и во Стражарска кула од 15 октомври 1991, страници 25-28.