Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Зачувај ја Божјата љубов

 ТРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Празници и прослави што Бог не ги сака

Празници и прослави што Бог не ги сака

„Испитувајте што е прифатливо за Господарот“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:10).

1. Какви луѓе Јехова привлекува кон себе, и зошто тие мораат да внимаваат да го прават она што е прифатливо за него?

„ВИСТИНСКИТЕ поклоници“, рекол Исус, „ќе му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина, зашто Таткото бара такви да го почитуваат“ (Јован 4:23). Кога Јехова ќе најде такви луѓе — како што те нашол тебе — тој ги привлекува кон себе и кон својот Син (Јован 6:44). Огромна чест, зарем не? Меѓутоа, оние што ја сакаат вистината од Библијата мораат ‚да испитуваат што е прифатливо за Господарот‘, зашто Сатана е мајстор за измама (Ефешаните 5:10; Откровение 12:9).

2. Објасни како гледа Јехова на оние што сакаат да ја мешаат вистинската религија со лажната.

2 Да разгледаме што се случило во близината на планината Синај, кога Израелците побарале од Арон да им направи бог. Арон попуштил пред нивните барања и направил златно теле кое наводно го претставувало Јехова. „Утре има свеченост во чест на Јехова“, им рекол тој. Дали на Јехова му било сеедно кога видел дека вистинската религија се меша со лажната? Не. Како последица од тоа, околу 3.000 идолопоклоници биле убиени (2. Мојсеева 32:1-6, 10, 28). Што учиме од ова? Ако сакаме да ја зачуваме Божјата љубов, не смееме да ‚допираме ништо нечисто‘ и треба со жар да ја пазиме вистината да не се извалка со што и да било (Исаија 52:11; Езекиел 44:23; Галатите 5:9).

3, 4. Зошто треба да ги земеме предвид библиските начела кога размислуваме за некои општоприфатени обичаи и прослави?

 3 За жал, по смртта на апостолите, кои не дозволувале во собранието да навлезе отпад, таканаречените христијани што не ја сакале библиската вистина почнале да ги прифаќаат паганските обичаи, прослави и празници, нарекувајќи ги „христијански“ (2. Солуњаните 2:7, 10). Додека разгледуваме некои такви прослави, забележи дека тие не го одразуваат духот на Бог, туку духот на светот. Општо земено, сите празници имаат нешто заедничко: Наменети се да ги задоволат телесните желби и да шират лажни верувања и спиритизам — главните обележја на „Големиот Вавилон“ * (Откровение 18:2-4, 23). Исто така, не заборавај дека Јехова со свои очи ги видел одвратните пагански верски обреди од кои потекнуваат многу денешни обичаи. Без сомнение, таквите прослави му се одвратни и денес. А зарем не треба најважно да ни биде што мисли тој за работите? (2. Јованово 6, 7).

4 Како вистински христијани, знаеме дека има прослави што Јехова не ги сака. Но, длабоко во срцето, мораме да бидеме цврсто решени да немаме ништо со нив. Сега накратко ќе разгледаме зошто Јехова не ги сака тие прослави. Тоа ќе ни помогне уште порешително да избегнуваме сѐ што би можело да ни ја одземе Божјата љубов.

БОЖИЌ — НОВО ИМЕ ЗА ОБОЖАВАЊЕТО НА СОНЦЕТО

5. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус не се родил ниту на 25 декември ниту на 7 јануари?

5 Никаде во Библијата не се спомнува дека некогаш се славел роденденот на Исус. Всушност, дури не се ни знае точниот датум кога е роден. Но, едно е сигурно — не е  роден на 25 декември ниту на 7 јануари, кога зимите во тој дел од светот се прилично студени. * Еден факт кој го поткрепува тоа е она што го запишал Лука. Тој напишал дека, кога Исус се родил, ‚овчарите живееле надвор‘ и си ги чувале стадата под ведро небо (Лука 2:8-11). Ако било вообичаено овчарите цела година да ‚живеат надвор‘, зошто Лука воопшто би ја спомнал таа информација? Меѓутоа, бидејќи зимите во Витлеем се проследени со студени дождови и снег, во тоа време од годината стадата се чувале во покриени трла, а овчарите сигурно не би ‚живееле надвор‘. Освен тоа, Јосиф и Марија отишле во Витлеем затоа што цезарот Август наредил да се спроведе попис на населението (Лука 2:1-7). Многу мала е веројатноста дека цезарот би наредил Евреите, кои и онака биле огорчени на римската власт, сред зима да патуваат до местата од каде што им е потеклото.

6, 7. а) Од каде потекнуваат голем број божиќни обичаи? б) Каква разлика може да се види помеѓу давањето подароци меѓу вистинските христијани и давањето подароци за Божиќ?

6 Божиќ не потекнува од Библијата, туку од древните пагански празници, како што бил римскиот празник Сатурналии кој се празнувал во чест на Сатурн, богот на земјоделието. Исто така, според нивното сметање на времето, поклониците на богот Митра го славеле 25 декември како „раѓање на непобедливото сонце“ (New Catholic Encyclopedia). Според истата енциклопедија, „Божиќ потекнува од времето кога во Рим бил особено силен култот на сонцето“, околу три века по смртта на Христос.

Вистинските христијани даваат од љубов

7 За време на тие празници, паганите си давале подароци и се гоштевале — обичаи што и ден-денес се дел од божиќните празнувања. Меѓутоа, како и денес, во голема мера давањето подароци на тие празници не било во  духот на зборовите запишани во 2. Коринќаните 9:7: „Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“. Вистинските христијани даваат подароци од љубов, без да се врзуваат за одредени датуми и без да очекуваат нешто за возврат (Лука 14:12-14; прочитај Дела 20:35). Освен тоа, многу се благодарни што не мора да бидат дел од божиќната треска и што не мора да запаѓаат во долгови во тоа време од годината (Матеј 11:28-30; Јован 8:32).

8. Дали астролозите му донеле роденденски подароци на Исус? Објасни.

8 Можеби некои ќе речат: ‚Па, зарем астролозите не му донеле подароци на Исус кога се родил?‘ Не. Со своите дарови, тие едноставно му оддале чест на Исус како на важна личност, што било обичај во библиски времиња (1. Царевите 10:1, 2, 10, 13; Матеј 2:2, 11). Всушност, тие  и не дошле вечерта кога се родил Исус. Кога дошле кај него, тој не бил новороденче ставено во јасли, туку веќе бил детенце и живеел во куќа.

ШТО КАЖУВА БИБЛИЈАТА ЗА РОДЕНДЕНИТЕ

9. Што се случило на единствените роденденски прослави спомнати во Библијата?

9 Раѓањето на едно дете отсекогаш бил убав и радосен настан, но во Библијата никаде не се спомнува дека некој Божји слуга славел роденден (Псалм 127:3). Дали се работи за пропуст? Не, зашто сепак се спомнати две роденденски прослави — на египетскиот фараон и на Ирод Антипа. (Прочитај 1. Мојсеева 40:20-22; Марко 6:21-29.) Меѓутоа, овие прослави се прикажани како неубави настани — особено роденденот на Ирод, кога му била пресечена главата на Јован Крстител.

10, 11. Како гледале првите христијани на славењето родендени, и зошто?

 10 Според една енциклопедија, „првите христијани... сметале дека славењето на нечиј роденден е пагански обичај“ (The World Book Encyclopedia). Античките Грци, на пример, верувале дека секој човек си има дух-заштитник кој бил присутен на неговото раѓање и кој го штител цел живот. Една книга вели: „Тој дух на некој мистичен начин бил поврзан со богот на чиј роденден била родена таа личност“ (The Lore of Birthdays). Исто така, родендените од многу одамна се тесно поврзани со астрологија и хороскопи.

11 Освен поради поврзаноста на родендените со паганството и спиритизмот, Божјите слуги во минатото најверојатно не ги славеле и од принцип. Зошто? Па, тоа биле понизни, скромни луѓе кои не сметале дека нивното раѓање било толку важно што треба да се слави * (Михеј 6:8; Лука 9:48). Напротив, тие го славеле Јехова и му благодареле за животот што им го дал * (Псалм 8:3, 4; 36:9; Откровение 4:11).

12. Како може смртниот ден да биде подобар од денот на раѓање?

12 Сите оние што ќе умрат верни на Бог остануваат во неговото сеќавање и иднината им е засигурана (Јов 14:14, 15). Во Проповедник 7:1 стои: „Подобро е добро име отколку добро масло, и смртниот ден е подобар од денот на раѓањето“. Нашето „добро име“ е убавиот глас што сме си го стекнале кај Бог со нашата верна служба. Интересно, со единствениот настан кој на христијаните им е заповедано да го прославуваат не  се одбележува раѓање, туку смрт — смртта на Исус, чие извонредно „име“ е неопходно за нашето спасение (Евреите 1:3, 4; Лука 22:17-20).

ВЕЛИГДЕН — МАСКА ЗА ОБРЕДИТЕ НА ПЛОДНОСТА

13, 14. Од каде влечат корени денешните велигденски обичаи?

13 Иако се тврди дека Велигден се празнува во чест на Христовото воскресение, овој празник, всушност, влече корени од лажната религија. А како дошло до тоа јајцата и зајаците да станат заштитен знак на Велигден? Јајцата „се симбол за нов живот и воскресение“, стои во една енциклопедија, а зајакот веќе одамна служи како симбол за плодноста (Encyclopædia Britannica). Според тоа, Велигден всушност е обред на плодноста, невешто замаскиран како празник во чест на Христовото воскресение. *

14 Дали Јехова би одобрил со еден ваков одвратен обред на плодноста да се одбележува воскресението на неговиот Син? Тешко е и да се помисли такво нешто! (2. Коринќаните 6:17, 18). Всушност, Библијата ниту заповеда ниту, пак, одобрува да се одбележува воскресението на Исус! Кога тоа се прави под маската на Велигден, се работи за уште поголема неверност.

ПОТЕКЛОТО НА НОЌТА НА ВЕШТЕРКИТЕ

15. Од каде потекнува празникот Ноќ на вештерките, и што е интересно во врска со датумот на кој се слави овој празник?

15 Празникот Ноќ на вештерките, кој се слави на 31 октомври и е познат по вештерки, чудовишта и други страшни украси и декорации, потекнува од древните  Келти во Британија и Ирска. Вечерта на полна месечина која се паѓала најблизу до 1 ноември, тие го славеле празникот Сауин, што значи „крај на летото“. Келтите верувале дека таа ноќ паѓа преградата меѓу човечкиот и натприродниот свет и дека духовите — и добрите и лошите — шетаат по Земјата. Мислеле дека душите на умрените се враќаат во своите домови, па затоа семејствата ваделе храна и пијалак за овие духови со надеж дека така ќе им угодат. Во наше време децата, преправени во духови и вештерки, одат од врата на врата и им се закануваат на домаќините дека ќе им направат некоја беља ако не ги почестат со нешто. Со тоа несвесно ги продолжуваат обичаите што се правеле на празникот Сауин.

ПРИСТОЈНИ СВАДБИ

16, 17. а) Зошто христијаните што планираат да се венчаат треба да ги испитаат локалните свадбени обичаи имајќи ги на ум библиските начела? б) Што треба да земат предвид христијаните кога станува збор за обичаи како што е фрлањето ориз или бонбони, конфети и слично?

16 Наскоро „глас од младоженец и невеста повеќе нема да се чуе во [Големиот Вавилон]“ (Откровение 18:23). Зошто? Делумно, поради неговите спиритистички обичаи, кои можат да го обесчестат бракот уште од самиот почеток — од свадбата (Марко 10:6-9).

17 Обичаите се разликуваат од земја до земја. Некои обичаи, кои можеби изгледаат сосем невино, може да потекнуваат од вавилонските обичаи, за кои се верувало дека им носат ‚среќа‘ на младенците и на нивните гости (Исаија 65:11). Еден таков обичај е фрлањето ориз или бонбони, конфети и слично. Можно е овој обичај да потекнува од верувањето дека храната ги смирува злите духови и ги спречува да им напакостат на младоженецот и невестата. Освен тоа, уште од многу одамна се сметало дека оризот има некоја мистична врска со плодноста, среќата и долговечноста. Очигледно, секој што сака да ја зачува Божјата љубов нема да има ништо  заедничко со овие валкани обичаи (Прочитај 2. Коринќаните 6:14-18).

18. Кои библиски начела треба да ги имаат на ум и оние што планираат свадба и оние што се поканети на свадбата?

18 Слугите на Јехова не ги прават ни обичаите кои можат да го срушат христијанското достоинство на една свадба или кои можат да ја повредат совеста на другите. На пример, не држат говори полни со сарказам или со вулгарности и избегнуваат коментари и шеги на туѓа сметка со кои би ги засрамиле младенците или другите (Изреки 26:18, 19; Лука 6:31; 10:27). Исто така, не прават раскошни свадби со кои не се покажува скромност, туку ‚се истакнува својот имот‘ (1. Јованово 2:16). Ако планираш свадба, секогаш имај на ум дека Јехова сака тој посебен ден да биде нешто на што ќе се сеќаваш со радост, а не со жалење. *

НАЗДРАВУВАЊЕТО — ВЕРСКИ ОБИЧАЈ?

19, 20. Што вели една книга во врска со потеклото на наздравувањето, и зошто христијаните не наздравуваат?

19 Чест обичај на свадбите и на другите седенки е наздравувањето. Во една книга (International Handbook on Alcohol and Culture од 1995 год.) се вели: „Наздравувањето... најверојатно потекнува од древните жртви налевници, при што на боговите им била принесувана света течност... во замена за исполнување на некоја желба, и тоа било еден вид молитва сумирана во зборовите ‚За многу години!‘ или ‚На здравје!‘“

20 Точно, денес многу луѓе можеби не се свесни дека наздравувањето е верски или суеверен обичај. Сепак, кога се крева чашата кон небото, тоа изгледа како од „небото“ — од некоја натприродна сила — да се бара благослов на начин кој не е во склад со Библијата (Јован 14:6; 16:23). *

 „ВИЕ КОИ ГО САКАТЕ ЈЕХОВА, МРАЗЕТЕ ГО ЗЛОТО“

21. Иако можеби немаат никаква религиозна заднина, кои популарни прослави треба да ги избегнуваат христијаните, и зошто?

21 Како резултат на сѐ понискиот морал во светот — зад кој директно или индиректно стои Големиот Вавилон — во некои земји секоја година се одржуваат карневали или паради на кои има разуздано танцување и на кои дури се велича животот на хомосексуалците. Дали би било во ред некој што ‚го сака Јехова‘ да гледа или да оди на еден таков настан? Ако го направи тоа, дали ќе покаже дека вистински го мрази злото? (Псалм 1:1, 2; 97:10). Многу подобро е да имаме став како псалмистот, кој се молел: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“! (Псалм 119:37).

22. Во кои случаи христијанинот одлучува на темел на својата совест дали ќе учествува во некоја прослава или не?

22 Тие денови кога има некои празници, христијаните треба да внимаваат како се однесуваат за да не остават впечаток дека и тие го слават празникот. Апостол Павле напишал: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31; види ја рамката „ Мудри одлуки“). Од друга страна, ако е јасно дека некој обичај или некоја прослава нема никакви траги од лажната религија, не е дел од некоја политичка или патриотска свеченост и не ги прекршува библиските начела, тогаш секој христијанин треба самиот да одлучи дали ќе учествува во одбележувањето или не. Но, во исто време, треба да ги земе предвид чувствата на другите за да не даде некому повод за спрепнување.

СЛАВИ ГО БОГ СО ЗБОРОВИ И СО ДЕЛА

23, 24. Како можеме да дадеме добро сведоштво за Јеховините праведни мерила?

23 Многу луѓе гледаат на извесни празници пред сѐ како на прилики кога може да се собере целото семејство и пријателите. Затоа, ако некој дојде до погрешен заклучок дека поради нашиот библиски став сме  бесчувствителни или дека одиме во крајности, можеме љубезно да му објасниме дека на Јеховините сведоци многу им значи кога семејството и пријателите се собираат заедно (Изреки 11:25; Проповедник 3:12, 13; 2. Коринќаните 9:7). Ние сакаме да се дружиме со нив низ целата година, но од љубов кон Бог и кон неговите праведни мерила не сакаме да ги извалкаме тие убави прилики со обичаи кои го повредуваат. (Види ја рамката „ Обожавањето на вистинскиот Бог носи најголема радост“.)

24 Некои Сведоци вешто го користат 16. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата? * за да им го објаснат нашиот став на оние што со искрени намери ги распрашуваат во врска со празниците. Но, секогаш да имаме на ум дека нашата цел е да ги заинтересираме луѓето за вистината, а не да им докажуваме дека не се во право. Затоа, да зборуваме со почит и со благост, а „[нашиот] збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол“ (Колошаните 4:6).

25, 26. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ја зајакнат верата и да ја продлабочат љубовта кон Јехова?

25 Како слуги на Јехова, ние сме многу добро информирани. Знаеме зошто веруваме и правиме одредени работи, а зошто не правиме други (Евреите 5:14). Затоа родители, учете ги своите деца да ги сфатат библиските начела. Така ќе им ја зајакнете верата, ќе им помогнете да одговорат на темел на Библијата кога некој ги распрашува за нивните верувања и ќе ги уверите дека Јехова ги сака (Исаија 48:17, 18; 1. Петрово 3:15).

26 Сите што му оддаваат почит на Бог „со дух и со вистина“ не само што не учествуваат во прослави што не се во склад со Библијата, туку и се трудат со сите сили да бидат чесни во сѐ (Јован 4:23). Денес мнозина сметаат дека не е практично да се биде чесен. Но, во следното поглавје ќе видиме дека секогаш е најдобро да се држиме за Божјето гледиште.

^ пас. 3 Види ја рамката „ Дали да учествувам во прославата?“. Некои конкретни празници и прослави се наведени во Индексот на публикации на Јеховините сведоци, издаден од Јеховините сведоци.

^ пас. 5 Според библиската хронологија и световната историја, Исус најверојатно се родил во 2 год. пр.н.е. во еврејскиот месец етаним, кој според нашиот календар одговара на септември/октомври. (Види во книгата Увид во Светото писмо, том 2, страници 56-57 [англ.], издадена од Јеховините сведоци.)

^ пас. 11 Види ја рамката „ Празниците и сатанизмот“.

^ пас. 11 Според сојузот на Законот, кога една жена ќе се породела, требало да му принесе на Бог жртва за грев (3. Мојсеева 12:1-8). Како горко потсетување дека луѓето им пренесуваат грев на своите деца, ова барање од Законот им помагало на Израелците да гледаат разумно на раѓањето на едно дете и можеби ги спречувало да прифатат некои пагански роденденски обичаи (Псалм 51:5).

^ пас. 13 Англиското име за Велигден (Истер) се поврзува со Естра, или Остра, англосаксонска божица на зората и пролетта. Таа била и божица на плодноста. Според едно дело, „таа имала зајак... кој сакал јајца, а понекогаш била прикажувана со глава на зајак“ (The Dictionary of Mythology).

^ пас. 18 Разгледај ги трите статии во врска со свадбите и другите собири во Стражарска кула од 15 октомври 2006, страници 18-31.

^ пас. 20 Види во Стражарска кула од 15 февруари 2007, страници 30-31.

^ пас. 24 Издадена од Јеховините сведоци.

[Фуснота]

^ пас. 99 Заради едноставност, користиме женски род. Меѓутоа, начелата што се разработени овде важат и за мажите.