Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Зачувај ја Божјата љубов

 ДОДАТОК

Поздравување на знамето, гласање и цивилна служба

Поздравување на знамето, гласање и цивилна служба

Поздравување на знамето. Јеховините сведоци сметаат дека поздравувањето на знамето или поклонувањето пред него, честопати проследено со интонирање на химната, е чин на обожавање со кој спасението не му се припишува на Бог, туку на државата и на нејзините водачи (Исаија 43:11; 1. Коринќаните 10:14; 1. Јованово 5:21). Еден таков водач бил Навуходоносор, царот на древниот Вавилон. За да ги одушеви луѓето со своето величество и со својот верски жар, овој моќен владетел подигнал голем лик и ги натерал сите свои поданици да се поклонат пред него додека се свирела музика, слично на химна. Меѓутоа, тројца Евреи — Седрах, Мисах и Авденаго — не сакале да се поклонат пред ликот, иако казната за тоа била смрт (Даниел, 3. поглавје).

Во нашево време, знамето е „предмет на обожавање“, напишал историчарот Карлтон Хејс. „Мажите си ги симнуваат капите кога се крева знамето, а поетите пишуваат песни и децата пеат химни во негова чест.“ Тој додал дека национализмот има свои „свети денови“, свои „светци и херои“, а има и свои „храмови“, или светилишта. При една државна прослава во Бразил, претседателот на Врховниот воен суд рекол: „Знамето се почитува и се обожава... како што се обожава и татковината“. Да,  „исто како крстот, и знамето е свето“, пишувало во една енциклопедија (The Encyclopedia Americana).

Во едно подоцнежно издание на истата енциклопедија било кажано дека државните химни „се израз на патриотските чувства и честопати во нив се бара од Бог да ги штити и да им помага на луѓето или на владетелите“. Според тоа, Јеховините слуги не се неразумни кога патриотските прослави во кои е вклучено поздравување на знамето и интонирање на химната ги сметаат за религиозен чин. Всушност, во врска со тоа зошто децата на Јеховините сведоци во училиштата во САД одбиваат да го поздравуваат знамето или да ја кажат заклетвата за верност, во една книга пишува: „Во неколку судски случаи, Врховниот суд потврди дека овие секојдневни ритуали се со верски карактер“ (The American Character).

Иако не учествуваат во прослави за кои сметаат дека немаат поткрепа во Библијата, Јеховините слуги го почитуваат правото на другите да го прават тоа. Исто така, го почитуваат државното знаме како симбол и ги прифаќаат законски поставените власти како „Божји слуги“ (Римјаните 13:1-4). Затоа Јеховините сведоци се послушни на поттикот да се молат „за цареви и за сите што се на власт“. Но од кој мотив го правиме тоа? „Да можеме да водиме мирен и тивок живот во потполна оддаденост на Бог и во чесност“ (1. Тимотеј 2:2).

Гласање на политички избори. Вистинските христијани го почитуваат правото на другите да гласаат. Не протестираат кога има избори, и соработуваат со избраните власти. Меѓутоа, остануваат строго неутрални во поглед на политичките работи на државите (Матеј 22:21; 1. Петрово 3:16). Што треба да направи еден христијанин во земја каде што гласањето е задолжително или во случај кога се шират непријателски чувства кон оние што нема да отидат на гласачките места? Имајќи на ум дека Седрах, Мисах и Авденаго отишле во рамницата Дура, еден христијанин во слични околности можеби ќе реши да оди на гласачкото место, доколку совеста му го допушта тоа. Меѓутоа, ќе внимава да не ја прекрши својата неутралност. Треба да ги земе предвид следниве шест начела:

  1.   Следбениците на Исус ‚не се дел од светот‘ (Јован 15:19).

  2. Христијаните се претставници на Христос и на неговото Царство (Јован 18:36; 2. Коринќаните 5:20).

  3. Христијанското собрание е обединето во своите верувања, и неговите членови ги врзува љубов како Христовата (1. Коринќаните 1:10; Колошаните 3:14).

  4. Оние што ќе изберат некој политичар носат одговорност за она што тој го прави. (Обрни внимание на начелата содржани во зборовите запишани во 1. Самоилова 8:5, 10-18 и 1. Тимотеј 5:22.)

  5. Кога Израелците изразиле желба да имаат човечки владетел, за Јехова тоа било знак дека го отфрлиле (1. Самоилова 8:7).

  6. Христијаните мораат со чист образ да им зборуваат за Божјето Царство на луѓето од сите политички убедувања (Матеј 24:14; 28:19, 20; Евреите 10:35).

Цивилна служба. Во некои земји, од оние што ќе одбијат да одат во војска, државата бара извесно време да вршат некој вид цивилна служба. Кога одлучуваме во врска со ова, треба да се молиме, а можеби и да разговараме со некој зрел сохристијанин и потоа да донесеме одлука на темел на нашата совест (Изреки 2:1-5; Филипјаните 4:5).

Божјата Реч ни вели ‚да им бидеме подложни и покорни на властите и на владетелите, да бидеме спремни за секое добро дело и да бидеме разумни‘ (Тит 3:1, 2). Имајќи го ова на ум, добро е да размислиме за следниве прашања: ‚Дали со тоа што ќе ја прифатам цивилната служба што ми е предложена ќе ја погазам својата христијанска неутралност или ќе се вмешам во лажната религија?‘ (Михеј 4:3, 5; 2. Коринќаните 6:16, 17). ‚Дали ако го работам тоа ќе ми биде тешко да си ги исполнам одговорностите што ги имам како христијанин, па дури и воопшто не ќе можам да ги извршувам?‘ (Матеј 28:19, 20; Ефешаните 6:4; Евреите 10:24, 25). ‚Од друга страна, дали цивилната служба ќе ми остави повеќе време за да си ја зголемам службата како христијанин,  па можеби дури и да служам полновремено?‘ (Евреите 6:11, 12).

Ако еден христијанин на темел на својата совест заклучи дека може да извршува цивилна служба наместо да оди во затвор, сохристијаните треба да ја почитуваат неговата одлука (Римјаните 14:10). Но, ако смета дека не може да го направи тоа, другите треба да му ја почитуваат и таа одлука (1. Коринќаните 10:29; 2. Коринќаните 1:24).