Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Зачувај ја Божјата љубов

 ТРЕТО ПОГЛАВЈЕ

Сакај ги оние што ги сака Бог

Сакај ги оние што ги сака Бог

„Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (ИЗРЕКИ 13:20).

1-3. а) Кој непобитен факт е изнесен во Библијата? б) Како да си најдеме пријатели кои позитивно ќе влијаат врз нас?

ВО ИЗВЕСНА смисла, луѓето се како сунѓери — го впиваат она што е околу нив. Многу е лесно да се прифатат, макар и несвесно, ставовите, мерилата, навиките и особините на оние со кои се дружиме.

2 Библијата изнесува еден непобитен факт: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20). Оваа изрека не се однесува само на повремените контакти со некого. Изразот „оди со“ укажува на често дружење. * За овој стих, во едно дело пишува: „Да одиш со некого значи да ја сакаш таа личност и да си близок со неа“. Сигурно ќе се сложиш дека сме склони да ги имитираме оние што ги сакаме. Бидејќи емотивно се приврзуваме за нив, тие може да имаат силно влијание врз нас — или добро или лошо.

3 За да ја зачуваме Божјата љубов, многу е важно да си најдеме пријатели кои добро ќе влијаат на нас. Што ќе ни помогне во тоа? Едноставно кажано, треба да ги сакаме оние што ги сака Бог, неговите пријатели да бидат и наши пријатели. Размисли за тоа. Каде можеме да најдеме најдобри пријатели?  Зарем не меѓу оние што имаат особини какви што сака Јехова да имаат неговите пријатели? Ајде сега да разгледаме какви луѓе сака Бог. Кога добро ќе го знаеме гледиштето на Јехова, ќе ни биде полесно да си најдеме добри пријатели.

ОНИЕ ШТО ГИ САКА БОГ

4. Зошто Јехова има право внимателно да избира кој ќе му биде пријател, и зошто го нарекол Авраам „мојот пријател“?

4 Јехова многу внимателно ги избира своите пријатели. И зарем нема право на тоа? На крајот на краиштата, тој е Севишниот Господар на вселената и нема поголема чест од тоа да се биде негов пријател. Тогаш, кого избира Јехова за свои пријатели? Тој се зближува со оние што имаат доверба во него и потполно се потпираат на него. Да го земеме за пример Авраам, кој е познат по својата огромна вера. За еден татко нема поголем испит на верата отколку од него да биде побарано да го принесе својот син како жртва. * Сепак, Авраам ‚го принел Исак‘, потполно уверен дека „Бог може и од мртвите да го подигне“ (Евреите 11:17-19). Бидејќи Авраам покажал толку голема вера и послушност, Јехова со љубов го нарекол „мојот пријател“ (Исаија 41:8; Јаков 2:21-23).

5. Како гледа Јехова на оние што му се верни и послушни?

5 На Јехова многу му значи кога некој му е верен и послушен. Тој ги сака оние на кои им е најважно да му бидат верни. (Прочитај 2. Самоилова 22:26.) Како што видовме во 1. поглавје од оваа книга, Јехова многу ги сака луѓето што избираат да му бидат  послушни од љубов. За него во Изреки 3:32 се вели: „Близок е со справедливите“. Јехова љубезно ги поканува оние што верно ги исполнуваат неговите барања да бидат гости во неговиот „шатор“ — добредојдени се да го обожаваат и можат слободно да му се обратат во молитва (Псалм 15:1-5).

6. Како ќе покажеме дека го сакаме Исус, и што чувствува Јехова кон оние што го сакаат неговиот Син?

6 Јехова ги сака оние што го сакаат Исус, неговиот единороден Син. Исус рекол: „Ако некој ме сака, ќе ја држи мојата реч, и мојот Татко ќе го сака, и ќе дојдеме кај него и ќе живееме со него“ (Јован 14:23). Како ќе покажеме дека го сакаме Исус? Со тоа што ќе ги држиме неговите заповеди, меѓу кои е и заповедта да ја проповедаме добрата вест и да правиме ученици (Матеј 28:19, 20; Јован 14:15, 21). Покажуваме дека го сакаме и кога ‚во сѐ одиме по неговите стапки‘, односно кога со нашите зборови и постапки се трудиме да го следиме неговиот пример најдобро што можеме (1. Петрово 2:21). Јехова многу се радува кога гледа како некој од љубов кон Исус прави сѐ за да ги следи неговите стапки.

7. Зошто е мудро нашите пријатели да бидат пријатели и на Јехова?

7 Вера, лојалност, послушност и љубов кон Исус и кон неговите мерила — ова се некои од особините што Јехова сака да ги имаат Неговите пријатели. Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали моите пријатели имаат такви особини и мерила? Дали моите пријатели му се пријатели и на Јехова?‘ Мудро е да си бираме такви пријатели. Оние што имаат побожни особини и кои ревносно ја проповедаат добрата вест за Царството може позитивно да влијаат врз нас и да нѐ храбрат да продолжиме да правиме сѐ за да го радуваме Бог. (Види ја рамката „ Што е добар пријател?“.)

 ПОУКИ ОД ЕДЕН БИБЛИСКИ ПРИМЕР

8. Што ти се допаѓа во пријателството меѓу а) Ноемина и Рут? б) тројцата млади Евреи? в) Павле и Тимотеј?

8 Во Библијата има многу примери за луѓе што мудро избрале кои ќе им бидат пријатели, а тоа многу добро се одразило врз нив. Можеш да прочиташ за пријателството меѓу Ноемина и нејзината снаа Рут, пријателството меѓу тројцата млади Евреи кои останале блиски во Вавилон, како и пријателството меѓу Павле и Тимотеј (Рут 1:16; Даниел 3:17, 18; 1. Коринќаните 4:17; Филипјаните 2:20-22). Но, сега да разгледаме еден друг многу убав пример — пријателството меѓу Давид и Јонатан.

9, 10. На што се засновало пријателството меѓу Давид и Јонатан?

9 Библијата кажува дека, откако Давид го убил Голијат, ‚душата на Јонатан се врзала за душата на Давид, и Јонатан го засакал како својата душа‘ (1. Самоилова 18:1). Така почнало едно нераскинливо пријателство кое, и покрај големата разлика во годините, траело сѐ додека Јонатан не загинал на бојното поле * (2. Самоилова 1:26). На што се засновало цврстото пријателство што ги врзувало овие двајца мажи?

10 Она што ги врзувало Давид и Јонатан била нивната љубов кон Јехова и нивната голема желба да му останат верни. Значи, ги врзувала желбата да му угодат на Бог. Секој од нив имал особини кои многу му се допаѓале на другиот. Јонатан, без сомнение, бил одушевен од храброста и ревноста на младиот Давид, кој бестрашно го бранел Јеховиното име. Давид, пак, сигурно многу го почитувал својот постар пријател кој лојално се подложил на начинот на кој Јехова ги водел  работите и несебично го ставал доброто на Давид пред своето. На пример, размисли што се случило кога Давид минувал низ еден многу тежок период додека живеел како бегалец во пустината за да се спаси од бесот на злобниот цар Саул, таткото на Јонатан. Јонатан на многу впечатлив начин покажал дека му е верен на својот пријател: ‚Отишол кај Давид... за да ја зацврсти неговата доверба во Бог‘ (1. Самоилова 23:16). Можеш  да си замислиш како се чувствувал Давид кога неговиот сакан пријател дошол и го охрабрил! *

11. Што учиме за пријателството од примерот на Јонатан и Давид?

11 Што учиме од примерот на Јонатан и Давид? Пред сѐ, гледаме дека најважно е пријателите да имаат исти духовни вредности. Кога се зближуваме со луѓе што имаат исти верувања, исти морални вредности и иста желба како нас да му останат верни на Бог, ќе размениме мисли, чувства и искуства кои ќе нѐ охрабрат  и зајакнат. (Прочитај Римјаните 1:11, 12.) Такви пријатели на кои им се важни духовните работи можеме да најдеме меѓу нашите соверници. Но, дали тоа значи дека секој што доаѓа на состаноците во Салата на Царството е добро друштво? Не секогаш.

КАКО ДА ГИ ИЗБИРАМЕ БЛИСКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

12, 13. а) Зошто мораме внимателно да си ги бираме пријателите дури и меѓу сохристијаните? б) Каков проблем имало во собранијата од првиот век, и какво предупредување дал Павле во врска со тоа?

12 Дури и во самото собрание мораме внимателно да си ги бираме пријателите ако сакаме да имаме пријатели кои ќе ни помагаат да растеме духовно. Дали ова треба да нѐ изненади? Не. На некои христијани во собранието можеби им треба повеќе време да достигнат духовна зрелост, како што на некои плодови на едно дрво може да им треба подолго време да узреат. Според тоа, во секое собрание има христијани кои се на различен степен од духовниот раст (Евреите 5:12 — 6:3). Се разбира, треба да бидеме стрпливи и да им покажеме љубов на поновите или послабите, зашто сакаме да им помогнеме да растат духовно (Римјаните 14:1; 15:1).

13 Одвреме-навреме може да дојде до некоја ситуација во собранието кога ќе мора да внимаваме со кого се дружиме. Некои може да почнат да прават работи што не им прилегаат на христијани. Други може да станат огорчени или да почнат да се жалат за сѐ и сешто. Во собранијата од првиот век од н.е. имало сличен проблем. Иако повеќето христијани биле верни, некои не постапувале како што треба. Некои во собранието во Коринт не прифаќале извесни христијански учења и затоа апостол Павле го предупредил собранието: „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:12, 33). Павле го предупредил Тимотеј дека дури и меѓу сохристијаните може да има некои кои не постапуваат исправно. Тој му рекол  на Тимотеј да се држи понастрана од таквите и да не се зближува со нив. (Прочитај 2. Тимотеј 2:20-22.)

14. Како ќе покажеме дека го почитуваме начелото што стои зад зборовите на Павле во врска со друштвото?

14 Како ќе покажеме дека го почитуваме начелото што стои зад овие зборови на Павле? Нема да бидеме блиски со никој — сеедно дали е во собранието или не — што би можел да влијае лошо врз нас (2. Солуњаните 3:6, 7, 14). Мораме да си го чуваме нашето пријателство со Бог. Да не заборавиме дека, како еден сунѓер, ние ги впиваме ставовите и мерилата на нашите блиски пријатели. Кога ќе ставиме сунѓер во оцет, не можеме да очекуваме да впие вода. Слично на тоа, кога се дружиме со луѓе што имаат лошо влијание врз нас, не можеме да очекуваме да впиеме нешто добро (1. Коринќаните 5:6).

Меѓу соверниците можеш да најдеш добри пријатели

15. Што можеш да направиш за да најдеш пријатели во собранието кои даваат сѐ од себе да имаат добар однос со Јехова?

15 За среќа, меѓу соверниците можеме да најдеме голем број добри пријатели (Псалм 133:1). Што ќе ти помогне да најдеш во собранието пријатели кои даваат сѐ од себе да имаат добар однос со Јехова? Ако вистински се трудиш да живееш онака како што му се допаѓа на Бог, без сомнение и другите што живеат така ќе сакаат да се дружат со тебе. Исто така, можеби ќе треба да направиш некои практични чекори за да стекнеш нови пријатели. (Види ја рамката „ Како стекнавме добри пријатели“.) Барај пријатели кои имаат особини какви што сакаш да имаш и ти. Следи го библискиот совет ‚широко да го отвориш своето срце‘ така што ќе бараш пријатели меѓу соверниците без разлика на нивната раса, националност или култура (2. Коринќаните 6:13; прочитај 1. Петрово 2:17). Немој да се дружиш само со оние што се на твоја возраст. Сети се дека Јонатан бил многу постар од Давид. Голем број од постарите браќа и сестри имаат големо искуство и мудрост и можеме многу да учиме ако се дружиме со нив.

 КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ДО ПРОБЛЕМИ

16, 17. Зошто не треба да ги прекинеме контактите со собранието ако некој соверник нѐ повреди со нешто?

16 Бидејќи во собранието има луѓе со најразличен карактер и потекло, понекогаш може да дојде до проблеми. На пример, некој соверник може да рече или да направи нешто што ќе нѐ повреди (Изреки 12:18). Понекогаш доаѓа до несогласувања поради разликите во карактерот, поради недоразбирања или поради разлики во мислењето. Дали таквите разлики ќе нѐ сопнат и ќе ги прекинеме врските со собранието? Ако вистински ги сакаме Јехова и оние што тој ги сака, нема да го сториме тоа.

17 Јехова, кој ни го дал и ни го одржува животот, заслужува да го сакаме и да му бидеме оддадени од сѐ срце (Откровение 4:11). Освен тоа, и собранието што тој со задоволство го користи заслужува верно да  соработуваме со него (Евреите 13:17). Затоа, ако некој соверник нѐ повреди или нѐ разочара со нешто, нема, во знак на протест, да го прекинеме контактот со собранието. Тоа нема логика. Јехова не е тој што нѐ навредил. Љубовта кон Јехова никогаш нема да ни дозволи да му го свртиме грбот нему и на неговиот народ! (Прочитај Псалм 119:165.)

18. а) Што можеме да правиме за да има мир во собранието? б) Какви благослови ќе имаме ако одлучиме да простиме кога имаме добра основа за тоа?

18 Љубовта кон соверниците нѐ поттикнува постојано да се трудиме да има мир во собранието. Јехова не очекува совршенство од оние што ги сака, па не треба да очекуваме ни ние. Љубовта ни помага да преминеме преку помалите грешки и да имаме на ум дека сите сме несовршени и грешиме (Изреки 17:9; 1. Петрово 4:8). Таа ни помага ‚спремно да си простуваме еден на друг‘ (Колошаните 3:13). Но, не е секогаш лесно да го послушаме овој совет. Ако дозволиме негативните чувства да нѐ обземат, може да останеме огорчени и да си мислиме дека со тоа што сме лути, на некој начин, го казнуваме оној што ни згрешил. Но реално гледано, огорченоста ни носи само штета. Ако одлучиме да простиме, кога имаме добра основа за тоа, ќе имаме големи благослови (Лука 17:3, 4). Ќе имаме мирно срце и нема да го нарушиме мирот во собранието, а пред сѐ, ќе останеме во добар однос со Јехова (Матеј 6:14, 15; Римјаните 14:19).

КОГА ДА ПРЕСТАНЕШ ДА СЕ ДРУЖИШ СО НЕКОГО

19. Во кои ситуации ќе треба да престанеме да се дружиме со некого?

19 Понекогаш од нас се бара да престанеме да се дружиме со некој што бил член на собранието. Тоа се случува кога некој што непокајнички го прекршува Божјиот закон ќе биде исклучен или кога ќе отпадне од верата и ќе почне да поучува лажни доктрини или самиот  ќе се одвои од собранието. Божјата Реч отворено ни кажува ‚да престанеме да се дружиме‘ со таквите * (Прочитај 1. Коринќаните 5:11-13; 2. Јованово 9-11). Може да ни биде навистина тешко да избегнуваме некого што ни бил пријател или што ни е роднина. Дали цврсто ќе се придржуваме за Божјата Реч, покажувајќи дека најважно ни е да му бидеме верни на Јехова и на неговите праведни закони? Да не заборавиме, Јехова многу се радува кога сме му верни и послушни.

20, 21. а) Зошто исклучувањето е мерка која е одраз на љубов? б) Зошто е важно мудро да избираме со кого ќе се дружиме?

20 Исклучувањето е мерка што е одраз на Јеховината љубов. Зошто го велиме ова? Кога некој непокајнички грешник е исклучен, со тоа се покажува љубов кон Јехова, кон неговото свето име и кон неговите мерила (1. Петрово 1:15, 16). Исклучувањето е за доброто на собранието. На тој начин верните браќа и сестри се заштитени од лошото влијание на оние што намерно грешат, и можат да продолжат да му служат на Јехова сигурни дека собранието е безбедно место каде што можат да најдат засолниште од овој злобен свет (1. Коринќаните 5:7; Евреите 12:15, 16). Но, оваа строга мерка е знак на љубов и кон оној што греши. Можеби таа е токму она што му треба за да се свести и да направи сѐ што е потребно за да му се врати на Јехова (Евреите 12:11).

21 Факт е дека нашите блиски пријатели имаат силно влијание врз нас. Затоа, многу е важно мудро да избираме со кого ќе се дружиме. Ако за пријатели си ги избереме оние што му се пријатели на Јехова и ако ги сакаме оние што ги сака Бог, ќе ги имаме најдобрите пријатели на светот. Она што ќе го впиеме од нив ќе ни помогне да продолжиме да правиме сѐ за да го радуваме Јехова.

^ пас. 2 Хебрејскиот збор преведен со „има работа со“ се преведува и како ‚се дружи со‘ (Изреки 22:24).

^ пас. 4 Кога го побарал ова од Авраам, Јехова навестил каква жртва ќе даде тој самиот со тоа што ќе го принесе својот единороден Син (Јован 3:16). Во случајот на Авраам, Јехова интервенирал и обезбедил овен за да биде принесен наместо Исак (1. Мојсеева 22:1, 2, 9-13).

^ пас. 9 Давид бил многу млад — „дете“ — кога го убил Голијат, а имал околу 30 години кога загинал Јонатан (1. Самоилова 17:33; 31:2; 2. Самоилова 5:4). Очигледно Јонатан, кој загинал на 60-тина години, бил околу 30 години постар од Давид.

^ пас. 10 Како што е запишано во 1. Самоилова 23:17, Јонатан кажал пет работи што го охрабриле Давид: 1) Му рекол да не се плаши. 2) Го уверил дека Саул нема да успее во своите намери. 3) Го потсетил дека ќе биде цар, како што ветил Бог. 4) Му се заколнал на верност. 5) Му кажал дека и самиот Саул е свесен колку неговиот син му е верен на Давид.

^ пас. 19 Повеќе информации во врска со тоа како треба да постапуваме со исклучените и со оние што сами се одвоиле од собранието има во Додатокот под темата „Како да се однесуваме со исклучените“.