Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Зачувај ја Божјата љубов

 ДОДАТОК

Кога и зошто се носи покривало на главата?

Кога и зошто се носи покривало на главата?

Според Библијата, кога и зошто една христијанка треба да носи покривало на главата? Да видиме што напишал апостол Павле во врска со ова. Воден од духот, тој ни дал совети што ќе ни помогнат да донесуваме добри одлуки со кои ќе го славиме Бог (1. Коринќаните 11:3-16). Павле открива три фактори што треба да се земат предвид: 1) при кои активности, 2) во кои околности и 3) од кои мотиви една жена треба да носи покривало на главата.

Активности. Павле спомнува две активности: молитвата и пророкувањето (стихови 4, 5). Се разбира, молитвата е обраќање до Јехова полно со почит. Денес, за еден христијанин може да се каже дека пророкува кога ги пренесува библиските учења. Дали Павле сакал да каже дека една жена треба да си ја покрие главата секојпат кога се моли или кога поучува за библиската вистина? Не. Тоа многу зависи од околностите во кои се моли или поучува.

Околности. Зборовите на Павле се однесуваат на две различни околности, или ситуации — во семејството и во собранието. Павле вели: „Глава на жената е мажот... секоја жена која се моли или пророкува со непокриена глава,  ја срамоти својата глава“ (стихови 3, 5). Во семејството, Јехова го поставил мажот да ѝ биде глава на својата жена. Ако жената не го почитува авторитетот на маж ѝ и презема одговорности што Јехова му ги доделил нему, ќе го срамоти својот маж. На пример, ако ситуацијата налага во присуство на маж ѝ да води библиска студија, ќе покаже дека го почитува неговиот авторитет со тоа што ќе носи покривало на главата. Треба да си ја покрие главата без разлика дали маж ѝ е крстен или не, зашто тој е глава на семејството. * Ако треба да се моли или да поучува во присуство на својот крстен малолетен син, и тогаш треба да носи покривало — не затоа што тој е глава на семејството, туку за да покаже почит кон него како кон крстен член на христијанското собрание.

Павле го спомнал и собранието кога рекол: „Ако некој сака да се препира околу тоа и да наметнува некој друг обичај, ние друг обичај немаме, ниту, пак, го имаат Божјите собранија“ (стих 16). Во христијанското собрание, поглаварството им е доделено на крстените мажи (1. Тимотеј 2:11-14; Евреите 13:17). Само мажи се именуваат за старешини и за слуга-помошници кои имаат одговорност пред Бог да се грижат за Божјето стадо (Дела 20:28). Меѓутоа, понекогаш околностите можеби налагаат една христијанка да се погрижи за некоја должност што обично би ја извршил крстен брат. На пример, можеби ќе треба да го води состанокот за проповедање затоа што нема крстен брат. * Или, можеби ќе треба во присуство на крстен брат да води библиска студија што однапред била договорена. Кога извршува вакви должности, треба да носи покривало на главата за да покаже дека прави нешто што обично би го правел брат.

Од друга страна, при многу други аспекти од службата, од една сестра не се бара да си ја покрива главата.  На пример, нема потреба да носи покривало на главата кога коментира на христијанските состаноци, кога проповеда од куќа до куќа заедно со маж ѝ или со друг крстен брат, или кога се моли со своите некрстени деца. Се разбира, има и други ситуации, и ако некоја сестра не е сигурна дали треба да носи покривало на главата или не, може да истражува малку повеќе на таа тема. * Ако и после тоа не е сигурна и ако совеста ѝ налага да носи покривало, нема ништо погрешно во тоа, како што се гледа на сликата.

Мотиви. Во 10. стих наоѓаме две причини зошто една христијанка би требало да носи покривало на главата: „Поради ангелите, жената треба да има на главата знак на подложност“. Прво, обрни внимание на изразот „знак на подложност“. Со тоа што ќе носи покривало на главата, една жена ќе покаже дека го прифаќа авторитетот што Јехова им го дал на крстените мажи во собранието. Така покажува дека го сака и дека му е верна на Јехова Бог. Втората причина е содржана во зборовите „поради ангелите“. Како тоа што една жена носи покривало на главата влијае врз тие моќни духовни суштества?

За ангелите е добро кога гледаат дека во Јеховината организација, како на небото така и на Земјата, се покажува почит кон Јеховиниот авторитет. Исто така, од помош им е кога гледаат како несовршените луѓе го прават тоа. На крајот на краиштата, и самите ангели треба да бидат подложни на начинот на кој Јехова ги уредил работите — испит на кој многу од нив паднале во минатото (Јуда 6). Точно, понекогаш ангелите можеби ќе видат случаи кога една христијанка има поголемо искуство, поголемо знаење и  поголема интелигенција од некој крстен маж во собранието, но таа сепак спремно се подложува на неговиот авторитет. Во некои случаи, жената е помазана христијанка и сонаследник со Христос. Еден ден таа ќе служи на положба повисока дури и од положбата што ја имаат ангелите и ќе владее заедно со Христос на небото. Колку убав пример гледаат ангелите! Навистина, сите сестри имаат извонредна можност да покажат дека се понизно послушни со тоа што ќе бидат лојални и подложни пред очите на милиони верни ангели!

^ пас. 3 Една христијанка обично не се моли наглас во присуство на својот крстен маж, освен во некои невообичаени ситуации, како на пример, ако поради болест ја изгубил способноста да зборува.

^ пас. 1 Една сестра не треба да носи покривало на главата ако води однапред договорена библиска студија во присуство на некрстен објавител кој не ѝ е сопруг.

^ пас. 2 Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 јули 2002, страници 26-27, и Стражарска кула од 15 февруари 1977, страници 125-128 (англ.).