Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Зачувај ја Божјата љубов

 СЕДМО ПОГЛАВЈЕ

Го цениш ли животот како што го цени Бог?

Го цениш ли животот како што го цени Бог?

„Во тебе е изворот на животот“ (ПСАЛМ 36:9).

1, 2. а) Кој вреден дар ни го дал Бог? б) Зошто денес е особено важно да живееме според библиските начела?

НАШИОТ небесен Татко нѐ обдарил со нешто од бесценета вредност — ни го дал животот и способност да имаме особини како неговите (1. Мојсеева 1:27). Благодарение на тој скапоцен дар, ние можеме да размислуваме за библиските начела и да донесуваме одлуки на темел на нив. Ако се водиме по тие начела, можеме да станеме духовно зрели луѓе кои го сакаат Јехова и чија „моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14).

2 Особено денес е многу важно да живееме според библиските начела, зашто светот станал толку комплициран што нема закони кои ќе ја опфатат секоја можна ситуација. Добар пример за тоа е медицината, особено во поглед на препаратите и медицинските постапки поврзани со крв. Ова е важна работа што го засега секој што сака да му биде послушен на Јехова. Сепак, ако ги разбираме библиските начела што се поврзани со ова прашање, ќе можеме да донесеме мудри одлуки со кои ќе имаме мирна совест и ќе ја зачуваме Божјата љубов (Изреки 2:6-11). Да разгледаме некои од овие начела.

ЖИВОТОТ И КРВТА СЕ СВЕТИ

3, 4. Кога за првпат во Библијата се спомнува светоста на крвта, и на кои начела се темели тоа?

3 Јехова за првпат покажал дека постои тесна врска меѓу животот и крвта и дека тие се свети веднаш откако  Каин го убил Авел. Тој му рекол на Каин: „Слушај! Крвта на брат ти вика кон мене од земјата“ (1. Мојсеева 4:10). Во очите на Јехова, крвта на Авел била исто што и неговиот живот кој бил брутално прекинат. Значи, може да се каже дека крвта на Авел викала кон Бог за одмазда (Евреите 12:24).

4 По Потопот во времето на Ное, Бог им дозволил на луѓето да го јадат месото од животните, но не и крвта. Тој рекол: „Само не смеете да јадете месо со неговата душа, односно со неговата крв! А ќе ја барам и вашата крв, вашите души“ (1. Мојсеева 9:4, 5). Оваа заповед важи за сите потомци на Ное, сѐ до денес. Таа ја потврдува мислата што Бог му ја кажал на Каин — дека душата, односно животот на сите суштества е претставен со крвта. Исто така, заповедта докажува дека Јехова, Изворот на животот, ги смета за одговорни сите што ја потценуваат вредноста на животот и крвта (Псалм 36:9).

5, 6. Како од Мојсеевиот закон се гледало дека крвта е света и скапоцена? (Види ја и рамката „ Почитувај го животот на животните“.)

5 Овие два важни факта можеле да се видат и во Мојсеевиот закон. Во 3. Мојсеева 17:10, 11 пишува: „Ако некој... јаде каква и да е крв, ќе се свртам против таквиот човек што ќе јаде крв, па ќе го погубам, и така ќе го отстранам од неговиот народ. Зашто, душата на телото е во крвта и јас ви ја одредив за жртвеникот за очистување на вашите души; крвта е она што врши очистување, бидејќи душата е во неа“. * (Види ја рамката „ Моќта на крвта да очистува“.)

6 Ако крвта на некое заклано животно не се користела на жртвеникот, требало да се истури на земјата. Со тоа, на еден симболичен начин, животот се враќал кај својот првобитен Сопственик (5. Мојсеева 12:16; Езекиел 18:4). Но, забележи дека Израелците не морале да одат во крајности за да не остане ни трага крв во месото на животното.  Ако животното било заклано и искрвавено како што треба, Израелците можеле да го јадат со чиста совест, зашто со тоа би покажале почит кон Јехова, кој го дал животот.

7. Како Давид покажал почит кон светоста на крвта?

7 Давид, „човек по [Божјето] срце“, ги сфатил начелата на кои се темелел Божјиот закон за крвта (Дела 13:22). Во една прилика кога бил многу жеден, тројца од неговите  луѓе продреле во непријателскиот логор, нацрпиле вода од бунарот и му ја донеле на Давид. Како реагирал тој? „Зар да ја пијам крвта на овие луѓе што ја изложија на опасност својата душа?“ — прашал. Во очите на Давид, да пие од таа вода било како да пие од крвта на тие луѓе кои си го довеле животот во опасност. Затоа, иако бил жеден, Давид ‚ја истурил пред Јехова‘ (2. Самоилова 23:15-17).

8, 9. Дали Божјето гледиште во врска со животот и крвта се сменило кога било основано христијанското собрание? Објасни.

8 Околу 2.400 години откако му била дадена заповедта на Ное и околу 1.500 години откако бил склучен сојузот на Законот, Јехова, со својот свет дух, го водел водечкото тело на христијанското собрание во првиот век да напише: „Светиот дух и ние решивме да не ставаме ника кво додатно бреме на вас, освен ова што е неопходно: да се воздржувате од она што е жртвувано на идоли, од крв, од удавено и од блуд“ (Дела 15:28, 29).

9 Очигледно, водечкото тело во првиот век сфатило дека крвта е света и дека е морално погрешно ако таа не се користи исправно, исто толку погрешно како и идолопоклонството или блудот. Денес, вистинските христијани го прифаќаат ова гледиште. Освен тоа, бидејќи се водат по библиските начела, можат да го израдуваат Јехова кога донесуваат одлуки поврзани со употребата на крвта.

КРВТА ВО МЕДИЦИНАТА

Како би му ја објаснил на еден лекар мојата одлука во врска со крвните фракции?

10, 11. а) Каков е ставот на Јеховините сведоци во врска со трансфузијата на полна крв и на главните состојки на крвта? б) За кои прашања во врска со крвта христијаните може да имаат различни мислења?

10 На Јеховините сведоци им е јасно дека ‚да се воздржуваат од крв‘ значи да не примаат трансфузија на крв и да не ја даруваат ниту да ја складираат својата крв за трансфузија. Бидејќи го почитуваат Божјиот закон, не ги прифаќаат ни четирите главни состојки на крвта: црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца, крвни плочки и плазма.

 11 Денес, овие состојки може да се разложат на фракции кои се користат на најразлични начини. Може ли еден христијанин да ги прифати овие фракции? Дали ќе ги смета за „крв“? Секој мора сам да одлучи во врска со овие прашања. Истото важи и за медицинските постапки како што се хемодијализа, хемодилуција и колекционирање на клетки при кои се користи крвта на пациентот, под услов да не била претходно складирана. (Види го Додатокот под темата „Крвни фракции и медицински постапки“.)

12. Како треба да гледаме на работите што се оставени на совест?

12 Дали работите за кои секој сам треба да донесе одлука не му се важни на Јехова? Не, зашто него многу го засегаат нашите мисли и мотиви. (Прочитај Изреки 17:3; 24:12.) Затоа, откако ќе му се помолиме на Јехова да нѐ води и откако добро ќе се информираме за некој лек или некоја медицинска постапка, треба да го направиме  она што ни го кажува нашата совест, која сме ја научиле да реагира во склад со библиските начела (Римјаните 14:2, 22, 23). Се разбира, другите не треба да ни го наметнуваат својот став, а не треба ни ние да прашуваме: „Што би направил ти да си на мое место?“ Во врска со овие работи, секој христијанин треба да „го носи својот товар“ * (Галатите 6:5; Римјаните 14:12; види ја рамката „ Дали ја сметам крвта за света?“).

ЗАКОНИТЕ НА ЈЕХОВА — ДОКАЗ ЗА НЕГОВАТА ТАТКОВСКА ЉУБОВ

13. Што ни покажуваат за Јехова неговите закони и начела? Дај пример.

13 Законите и начелата што се наоѓаат во Библијата ни покажуваат дека Јехова е и мудар Законодавец и Татко кој многу ги сака своите деца и им го мисли најдоброто (Псалм 19:7-11). Иако заповедта ‚да се воздржуваме од крв‘ не била дадена како мерка за здравствена заштита, таа ни помага да се заштитиме од разни компликации поврзани со трансфузијата на крв (Дела 15:20). Всушност, многу лекари ја сметаат бескрвната хирургија за најдобрата практика во современата медицина. За вистинските христијани ова едноставно е доказ за неизмерната мудрост и татковска љубов на Јехова. (Прочитај Исаија 55:9; Јован 14:21, 23.)

14, 15. а) Од кои закони се гледа дека Бог го сакал својот народ? б) Како можеш да ги примениш начелата што стојат зад овие безбедносни мерки?

14 И многу други закони што ги дал Јехова покажуваат дека тој се грижел за доброто на својот народ во стариот Израел. На пример, тој барал од Израелците на покривите од своите куќи да направат ограда за да не дојде до некоја несреќа, зашто во тоа време многу активности се одвивале на покривите (5. Мојсеева 22:8; 1. Самоилова 9:25, 26; Неемија 8:16; Дела 10:9). Исто така, Бог им заповедал на оние што имале опасни  бикови добро да ги чуваат (2. Мојсеева 21:28, 29). Ако некој не се држел за овие заповеди, покажувал големо непочитување за доброто на другите и можел да биде виновен за крв.

15 Како можеш да ги примениш начелата што лежат во суштината на овие закони? Па, размисли добро во каква состојба е твојот автомобил, како возиш, како се грижиш за животните што ги имаш, за својот дом, за работното место и како се рекреираш. Во некои земји, несреќите се главна причина за смртта меѓу младите, честопати затоа што се изложуваат на непотребни ризици. Меѓутоа, младите што сакаат да ја зачуваат Божјата љубов го ценат животот и не се впуштаат во опасни потфати само заради забава. Не се залажуваат со мислата дека затоа што се млади, ништо не може да им се случи. Напротив, тие уживаат во својата младост со тоа што не се изложуваат на непотребни неволји (Проповедник 11:9, 10).

16. Кое библиско начело се однесува на абортусот? (Види ја и фуснотата.)

16 Дури и животот на едно неродено бебе е скапоцен за Бог. Во стариот Израел, ако некој повредел бремена жена при што или таа или бебето умреле, Бог го сметал за убиец, и казната била „живот за живот“. * (Прочитај 2. Мојсеева 21:22, 23.) Тогаш, замисли си како му е на Јехова кога гледа како безброј неродени бебиња намерно се абортирани секоја година, а многу од нив се убиени едноставно затоа што се непожелни во моментот или затоа што родителите имаат слаб морал.

17. Како можеш да утешиш некоја жена што пред да ги дознае Божјите мерила имала абортус?

17 Но, што ако некоја жена имала абортус пред да ја дознае вистината од Библијата? Дали тоа значи дека Бог  нема да ѝ покаже милост? Не. Секој што од срце се кае може да биде уверен дека Јехова ќе му прости на темел на пролеаната крв на Исус (Псалм 103:8-14; Ефешаните 1:7). Самиот Христос рекол: „Не дојдов да ги повикам на покајание праведниците, туку грешниците“ (Лука 5:32).

 ИСКОРЕНИ ЈА ОМРАЗАТА!

18. Како во Библијата е покажано која е главната причина за голем дел од крвопролевањата?

18 Јехова не очекува од нас само да не ги повредуваме другите, туку и да ја искорениме од срцето главната причина за голем дел од крвопролевањата — омразата. „Секој што го мрази својот брат е убиец“, напишал апостол Јован (1. Јованово 3:15). Еден таков човек не само што не го сака својот брат, туку сака да го види мртов. Омразата може да го наведе злобно да клевети или да изнесува лажни обвиненија дека братот направил нешто што заслужува осуда од Јехова (3. Мојсеева 19:16; 5. Мојсеева 19:18-21; Матеј 5:22). Значи, многу е важно да ја искорениме омразата што можеби пуштила корен во нашето срце! (Јаков 1:14, 15; 4:1-3).

19. Како некој што живее според библиските начела гледа на стиховите како што се Псалм 11:5 и Филипјаните 4:8, 9?

19 Оние што го ценат животот како што го цени Јехова и што сакаат да ја зачуваат неговата љубов, не го сакаат ни насилството. Во Псалм 11:5 се вели: „[Јехова] многу го мрази оној што го сака насилството“. Поентата на овој стих не е само да ни каже нешто за тоа каква личност е Бог — во него е дадено начело што треба да нѐ води во животот. Овој стих ги поттикнува сите оние што го сакаат Бог да немаат ништо со каква и да било забава во која насилството е прикажано како нешто нормално, па дури и привлечно. Освен тоа, зборовите дека Јехова е „Богот на мирот“ ги поттикнуваат неговите слуги во срцето и во умот да ставаат работи што се пријатни, што се доблесни и што заслужуваат пофалба — работи кои придонесуваат да бидат во добри односи со другите. (Прочитај Филипјаните 4:8, 9.)

ОРГАНИЗАЦИИ ВИНОВНИ ЗА КРВ

20-22. Каков став имаат христијаните во поглед на светот, и зошто?

20 Бог смета дека светот на Сатана е виновен за крв. Политичките системи во светот, кои во Библијата се  претставени со диви ѕверови, имаат убиено безброј луѓе, меѓу кои и многу слуги на Јехова (Даниел 8:3, 4, 20-22; Откровение 13:1, 2, 7, 8). Блиски соработници на овие моќни сили слични на ѕверови се големите бизниси и науката. Тие имаат создадено некои од најужасните оружја што човек може да си ги замисли, и заработуваат големи пари со нив. Навистина е точно дека „целиот свет е под власта на Злобниот“! (1. Јованово 5:19).

21 Следбениците на Исус „не се дел од светот“ и воопшто не се мешаат во политиката и во војните. Затоа не сносат ниту лична ниту колективна вина за крв * (Јован 15:19; 17:16). Следејќи го примерот на Христос, не враќаат со насилство кога другите ги прогонуваат. Напротив, тие ги сакаат дури и своите непријатели, па и се молат за нив (Матеј 5:44; Римјаните 12:17-21).

22 Пред сѐ, вистинските христијани немаат ништо со „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија, кое носи најголема вина за крв. Божјата Реч  вели: „Во тој град се најде крвта на пророци и на свети и на сите што беа убиени на земјата“. Затоа сме предупредени: „Излезете од неа, народе мој!“ (Откровение 17:6; 18:2, 4, 24).

23. Што значи да излезеш од Големиот Вавилон?

23 Некој да излезе од Големиот Вавилон не значи само да му биде избришано името од официјалните регистри. Тој треба да ги мрази лошите работи што лажната религија ги одобрува или што отворено ги застапува. Некои такви работи се неморалот, мешањето во политиката и алчното трчање по пари. (Прочитај Псалм 97:10; Откровение 18:7, 9, 11-17.) Многу често, овие работи се причина за големи крвопролевања!

24, 25. На темел на што Бог може да му покаже милост на некој што е виновен за крв, но кој искрено се кае, и со што било предочено тоа во библиски времиња?

24 Пред да ја дознаеме вистината од Библијата, сите ние на некој начин сме го поддржувале светот на Сатана, и затоа во извесна мера сме виновни за крв. Меѓутоа, бидејќи сме се смениле, сме покажале вера во откупната жртва на Христос и сме му го заветувале својот живот на Бог, тој ни покажува милост и нѐ штити од сѐ што може духовно да ни наштети (Дела 3:19). Оваа заштита е предочена со градовите-прибежишта што постоеле во библиски времиња (4. Мојсеева 35:11-15; 5. Мојсеева 21:1-9).

25 Како функционирале тие градови? Ако некој Израелец ненамерно предизвикал нечија смрт, морал да избега во некој од градовите-прибежишта. Откако поставените судии ќе донеле одлука во врска со тој случај, ненамерниот убиец морал да живее во градот-прибежиште до смртта на првосвештеникот. Потоа можел да живее каде сака. Ова е навистина одличен пример за милоста на Бог и за тоа колку многу тој го цени човечкиот живот! Градовите-прибежишта се претслика на она што го направил Јехова — давајќи го Христос како откупна жртва — за да нѐ зачува од смрт поради ненамерните прекршоци на Божјата заповед за светоста  на животот и крвта. Го цениш ли тоа? Како ќе го покажеш своето ценење? Еден начин на кој можеш да покажеш ценење е така што ќе повикуваш и други да извлечат корист од она што било претставено со градот-прибежиште, особено со оглед на тоа дека ‚големата неволја‘ брзо се приближува (Матеј 24:21; 2. Коринќаните 6:1, 2).

ПРОПОВЕДАЈ ЈА ПОРАКАТА ЗА ЦАРСТВОТО

26-28. Во која смисла нашата ситуација е слична на ситуацијата на пророкот Езекиел, и како можеме да ја зачуваме Божјата љубов?

26 Денес, ситуацијата на Божјиот народ нѐ потсетува на ситуацијата во која се наоѓал пророкот Езекиел, на кого Јехова му дал задача да служи како стражар кој ќе им ги објавува Божјите предупредувања на Израелците. „Слушај ја речта од мојата уста и опоменувај ги во мое име“, му рекол Бог. Ако Езекиел не си ја извршувал задачата, ќе бил одговорен за крвта на оние што биле погубени кога Бог го повикал Ерусалим на одговорност (Езекиел 33:7-9). Но, Езекиел бил послушен и не си навлекол никаква вина за крв.

27 Пред нас е крајот на Сатановиот свет. Затоа, Јеховините сведоци сметаат дека имаат и одговорност и чест заедно со пораката за Царството да го објавуваат и „денот на одмаздата“ од Бог (Исаија 61:2; Матеј 24:14). Учествуваш ли и ти потполно во тоа? Апостол Павле многу сериозно си ја сфатил задачата да проповеда. Затоа, можел да каже: „[Јас] сум чист од крвта на сите, бидејќи не пропуштив да ви ја објавам во потполност Божјата намера“ (Дела 20:26, 27). Многу убав пример за нас!

28 Се разбира, за и понатаму да нѐ грее големата татковска љубов на Јехова, не е доволно само да гледаме на животот и на крвта како што гледа тој. Мораме да останеме и чисти или свети во неговите очи, како што ќе видиме во следното поглавје.

^ пас. 5 Во врска со изјавата на Бог: „Душата на телото е во крвта“, во едно списание стои: „Иако оваа изјава може да се сфати како метафора, таа е точна и дословно гледано: за да има живот, потребни се сите видови крвни клетки“ (Scientific American).

^ пас. 12 Види во Разбудете се! од август 2006, страници 3-12, издадено од Јеховините сведоци.

^ пас. 16 Библиските лексикографи велат дека според начинот на кој е изразена мислата на хебрејски во овој стих, „по сѐ изгледа, не е можно дека се мисли само на повредата врз жената“. Исто така, во Библијата никаде не е кажано дека староста на ембрионот влијае врз мислењето на Јехова.

^ пас. 70 Повеќе информации има во Додатокот под темата „Крвни фракции и медицински постапки“.

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Зошто мора да бидеме свети

Дали некогаш ти било здодевно да ја читаш библиската книга 3. Мојсеева или, пак, ти била нејасна? Скапоцените поуки од оваа книга можат да ти помогнат да му служиш на Јехова на чист и прифатлив начин.