Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Зачувај ја Божјата љубов

 ДЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Бракот — дар од Бог

Бракот — дар од Бог

„Трикратно јаже не се кине лесно“ (ПРОПОВЕДНИК 4:12).

1, 2. а) Што се прашуваме понекогаш кога ќе видиме двајца младенци, и зошто? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?

САКАШ ЛИ да одиш на свадби? Мнозина сакаат, зашто тоа се обично убави прилики. Младенците се во најубаво светло. Лицата им бликаат од радост! Пресреќни се, а иднината им изгледа светла и убава.

2 Сепак, мора да се признае дека денес бракот, како институција, е во распад. Иако им посакуваме сѐ најубаво на младенците, понекогаш се прашуваме: ‚Каков ќе биде овој брак? Ќе биде ли среќен? Ќе трае ли?‘ Одговорот на овие прашања ќе зависи од тоа дали брачните другари имаат доверба во советите што Бог ги дава за бракот и дали се држат за нив. (Прочитај Изреки 3:5, 6.) Тоа е потребно ако сакаат да ја зачуваат Божјата љубов. Сега да го разгледаме библискиот одговор на следниве прашања: Зошто да стапам во брак? Кој би бил добар брачен другар? Како да се подготвам за брак? Што ќе ми помогне да имам среќен брак?

ЗОШТО ДА СТАПАМ ВО БРАК?

3. Зошто не е мудро да се стапи во брак од банални причини?

3 Некои мислат дека бракот е предуслов за среќа — дека животот е бесмислен и празен ако не си во брак. Тоа едноставно не е точно! Исус, кој не бил женет, го сметал самештвото за дар и ги поттикнал оние што можат, да живеат така (Матеј 19:11, 12). И апостол Павле зборувал за предностите што ги носи самештвото  (1. Коринќаните 7:32-38). Но, ниту Исус ниту Павле не поставиле правило дека мора да се остане самец. Всушност, да се забранува брак значи да се шират „учења на демони“ (1. Тимотеј 4:1-3). Сепак, еден самец може без пречки да прави многу во службата за Јехова. Според тоа, не би било мудро да се стапи во брак од банални причини, како што е притисокот од околината.

4. Каков темел е добриот брак за подигање деца?

4 Од друга страна, има ли издржани причини зошто е добро да се стапи во брак? Да, има. И бракот е дар од нашиот сакан Бог. (Прочитај 1. Мојсеева 2:18.) Значи и тој има свои предности и може да биде извор на среќа. На пример, добриот брак е најдобриот темел за подигање деца. На децата им треба стабилна средина и родители кои ќе ги воспитуваат со љубов, стега и поука (Псалм 127:3; Ефешаните 6:1-4). Меѓутоа, да се има деца не е единствената причина за да се стапи во брак.

5, 6. а) Според Проповедник 4:9-12, кои се некои практични користи од едно блиско пријателство? б) Како може бракот да биде како трикратно јаже?

5 Размисли за контекстот на стихот на кој се темели ова поглавје: „Подобро им е на двајца отколку на еден, зашто имаат добра плата за својот труд. Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој. А како ќе му биде на едниот ако падне, а нема кој да го подигне? И двајца ако лежат заедно, ќе се згреат. А еден — како ќе се згрее сам? И ако некој го совлада едниот, ако се двајца, ќе можат да му се спротивстават. А трикратно јаже не се кине лесно“ (Проповедник 4:9-12).

6 Овие стихови првенствено се однесуваат на пријателството. Се разбира, бракот е најблиската пријателска врска. Како што покажуваат стиховите, во една таква врска двајца можат да си помагаат, да се тешат и да се штитат еден со друг. Еден брак е особено стабилен кога тоа е повеќе од врска меѓу двајца. Како што  се гледа од стихот, двократно јаже може да се скине. Но, многу е потешко да се скинат три нишки испреплетени заедно. Кога и на двајцата брачни партнери им е најважно да го прават она што му се допаѓа на Јехова, нивниот брак е како такво трикратно јаже. Бидејќи Јехова е важен дел од бракот, нивната врска е вистински цврста.

7, 8. а) Каков совет напишал Павле за самците што се борат со сексуални желби? б) Каква реална слика ни дава Библијата за бракот?

7 Исто така, само во бракот е исправно да се задоволат сексуалните желби, и само во бракот половите односи се вистински извор на радост (Изреки 5:18). Иако еден самец не е веќе во „цутот на младоста“ — како што се нарекува во Библијата времето кога еден млад човек почнува да чувствува силни сексуални нагони — можеби сѐ уште се бори со сексуалните желби. Ако не ги контролира тие желби, може да направи нешто нечисто или непристојно. Воден од светиот дух, Павле го напишал овој совет за самците: „Ако не можат да се самосовладуваат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се стапи во брак отколку да се гори од страст“ (1. Коринќаните 7:9, 36; Јаков 1:15).

8 Сеедно какви причини има некој за да стапи во брак, треба да се биде реален. Како што рекол Павле, оние што стапуваат во брак „ќе имаат телесни неволји“ (1. Коринќаните 7:28). Луѓето што се во брак имаат проблеми коишто самците ги немаат. Но, ако решиш да се венчаш, што можеш да направиш за да имаш што помалку проблеми и да бидеш што посреќен? Една работа е мудро да го избереш брачниот другар.

КОЈ БИ БИЛ ДОБАР БРАЧЕН ДРУГАР?

9, 10. а) Со кој пример покажал Павле колку е опасно да се биде во блиска врска со некој што не му служи на Јехова? б) Какви се честопати последиците кога некој нема да го послуша советот од Бог да не стапува во брак со некого што не е негов слуга?

9 Павле, под вдахновение од светиот дух, напишал  едно многу важно начело кое треба да се применува кога се избира брачен другар: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“ (2. Коринќаните 6:14). Примерот што го користел Павле е земен од земјоделието. Ако ставиш во јарем две животни што се разликуваат по големината или по силата, само ќе се мачат. Слично на тоа, во брак во кој едниот е Сведок а другиот не, несомнено ќе има притисоци и напнатост. Сведокот ќе сака да ја зачува Божјата љубов, а на другиот можеби тоа воопшто нема да му биде важно, поради што ќе имаат различни цели во животот, а веројатно и многу непријатности како резултат на тоа. Затоа Павле ги поттикнал христијаните да стапуваат во брак „само во Господарот“ (1. Коринќаните 7:39).

10 Има случаи кога некои христијани што не се во брак мислат дека ќе им биде подобро да се во нееднаков јарем отколку да се осамени. Некои свесно не го слушаат советот од Библијата и стапуваат во брак со некого што не му служи на Јехова. Тоа речиси секогаш има лоши последици. Во брак се со човек со кого не можат да зборуваат за најважните работи во животот. Затоа може да се чувствуваат уште поосамени отколку кога не биле во брак. Убаво е што илјадници немажени и неженети христијани верно ги слушаат и имаат доверба во советите што Бог ги дава во врска со бракот. (Прочитај Псалм 32:8.) Иако се надеваат дека еден ден ќе стапат во брак, чекаат додека не си најдат брачен другар меѓу оние што му служат на Јехова Бог.

11. Што може да ти помогне мудро да избереш со кого ќе стапиш во брак? (Види ја и рамката „ Каков брачен другар сакам?“.)

11 Се разбира, ако некој е слуга на Јехова, не значи дека автоматски ќе ти биде добар брачен другар. Ако размислуваш за брак, барај некој што ќе ти одговара по карактер, со кого имаш исти духовни цели  и кој го сака Бог исто колку и ти. Верниот и разборит роб има издадено многу статии на оваа тема. Добро е да се молиш и да размислуваш за овие библиски совети и да дозволиш тие да те водат кога ќе ја донесеш оваа многу важна одлука. * (Прочитај Псалм 119:105.)

12. Каков обичај поврзан со бракот има во многу земји, и кој пример од Библијата е од помош?

12 Во многу земји има обичај родителите да им избираат брачни партнери на своите деца. Таму обично се смета дека родителите се помудри и имаат поголемо искуство и затоа можат да донесат добра одлука во врска со оваа важна работа. Договорените бракови честопати успеваат, како што било и во библиски времиња. Родителите што треба да најдат брачен другар за своето дете можат многу да научат од примерот кога Авраам го испратил својот слуга да му најде жена на Исак. На Авраам не му биле важни парите и статусот. Тој презел сѐ што е во негова моќ за да му најде жена на Исак меѓу оние што му служат на Јехова * (1. Мојсеева 24:3, 67).

КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИШ ЗА ДА ИМАШ ДОБАР БРАК?

13-15. а) Како може начелото од Изреки 24:27 да му помогне на еден млад човек кој сака да се ожени? б) Како може една млада жена да се подготви за брак?

13 Ако сериозно размислуваш за брак, добро е да се запрашаш: ‚Дали навистина сум подготвен?‘ Тоа не зависи само од твојот став кон љубовта, сексот,  другарството или подигањето деца. Напротив, има конкретни работи за кои треба да размисли секој што сака да стапи во брак.

14 Еден млад човек кој сака да си најде жена треба внимателно да размисли за ова начело: „Сврши ја својата работа надвор и уреди си ја нивата. Потоа гради го својот дом“ (Изреки 24:27). Што е поентата на овој стих? Во тоа време, ако некој сакал да се венча и да основа семејство, требало да размисли: ‚Спремен ли сум да ја издржувам и да се грижам за сопругата и за децата што можеби ќе ги имаме?‘ Прво морал да работи, да се грижи за своите ниви. Истото начело важи и денес. Ако еден млад човек сака да се ожени, треба прво да се подготви за одговорностите што го чекаат. Сѐ додека е физички способен, ќе треба да работи. Од Божјата Реч учиме дека ако еден маж не сака да се грижи за физичките, емоционалните и духовните потреби на своето семејство, полош е и од неверник! (Прочитај 1. Тимотеј 5:8.)

15 И една жена што ќе реши да стапи во брак треба да биде спремна да понесе голем број сериозни одговорности. Во Библијата пофално се зборува за вештините и особините што на една жена можеби ќе ѝ требаат за да му помага на својот маж и да се грижи за својот дом (Изреки 31:10-31). Оние што избрзано влетуваат во брак без претходно да се подготват за одговорностите што ги чекаат, всушност се себични и не размислуваат што можат тие да дадат во бракот. Но, за оние што сакаат да стапат во брак најважно е да бидат духовно подготвени.

16, 17. За кои библиски начела треба да размислат оние што сакаат да стапат во брак?

16 За да се подготват за брак, и двајцата треба да размислат за улогите што Бог им ги дал на мажот и на жената во бракот. Мажот треба да знае што значи  да се биде поглавар во христијанското семејство. Таа улога не му дава за право да биде тиранин. Напротив, тој мора да биде поглавар каков што е Христос (Ефешаните 5:23). Слично, и една христијанка треба да сфати каква улога има жената во семејството. Дали е спремна да се подложи на „законот на мажот“? (Римјаните 7:2). Таа веќе е под законот на Јехова и на Христос (Галатите 6:2). Авторитетот што мажот го има во домот е уште еден закон на кој ќе треба да се подложи. Може ли да го поддржува и да се подложи на авторитетот на еден несовршен човек? Ако помислата на ова не ѝ годи, подобро ќе ѝ биде да не се мажи.

17 Освен тоа, и двајцата брачни другари треба да бидат спремни да се грижат за она што му треба на другиот. (Прочитај Филипјаните 2:4.) Павле напишал: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“. Воден од Божјиот дух, Павле сфатил дека на мажот му треба да чувствува дека жена му длабоко го почитува. На жената, пак, ѝ треба да чувствува дека маж ѝ ја сака (Ефешаните 5:21-33).

Додека се во врска, мудро е паровите да бидат во друштво со уште некој

18. Зошто оние што се во врска треба да знаат да се самосовладуваат?

18 Значи, периодот кога двајца се во врска не е време само за безгрижна забава. Тоа е време кога треба да научат како да постапуваат еден со друг и да видат дали е мудро да се венчаат. Но, тоа е и време кога треба да покажат самосовладување! Поради физичката привлечност, која е сосема нормална, искушението да си ја покажат наклоноста на начин што сексуално ќе ги возбуди може да биде многу силно. Меѓутоа, оние што вистински се сакаат, нема да направат ништо со што на другиот би му го нарушиле односот со Бог (1. Солуњаните 4:6). Затоа, ако си во врска, покажувај самосовладување. Таа особина  многу ќе ти користи во животот, сеедно дали ќе стапиш во брак или не.

КАКО БРАКОТ ДА ОПСТОИ?

19, 20. За разлика од повеќето луѓе денес, како треба христијаните да гледаат на бракот? Објасни.

19 Ако двајца сакаат бракот да им биде трајна врска, треба да имаат исправно гледиште за обврската што ја носи тој. Во книгите и во филмовите, бракот честопати е среќниот крај по кој копнеат сите. Но, во реалноста, бракот не е крај, туку почеток — почеток на нешто што Јехова го осмислил да биде трајно (1. Мојсеева 2:24). За жал, повеќето луѓе денес не мислат така. Во некои земји, кога двајца ќе се венчаат, се вели дека „го врзале јазолот“. Луѓето можеби не сфаќаат, но тоа многу добро го опишува ставот што преовладува денес. Зошто го велиме ова? Точно е дека еден цврст јазол треба да остане заврзан колку што е потребно, но како што може да се врзе, јазолот може и да се разврзе.

20 Мнозина денес го сметаат бракот за нешто привремено. Лесно влегуваат во брак зашто си мислат дека тоа е она што им треба, но и дека можат да му стават крај штом не им оди сѐ како што сакаат. Но, да се сетиме со што е спореден бракот во Библијата — со јаже. Јажињата на бродовите се издржливи, направени да не се истенчат и да не се расплетат и во најсилната бура. Слично на тоа, и бракот треба да опстои и да издржи сѐ. Исус рекол: „Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:6). Ако стапиш во брак, и ти треба така да гледаш на бракот. Дали оваа обврска го прави бракот товар? Не.

21. Каков став треба да имаат еден кон друг мажот и жената, и што може да им помогне во тоа?

21 Сопругот и сопругата треба да имаат исправно гледиште еден за друг. Ако секој се труди да се концентрира  на доброто кај другиот, ќе имаат убав брак што секогаш ќе им носи радост и ќе им дава нови сили. Дали е нереално да се има вакво добро мислење за еден несовршен човек? Јехова никогаш не е нереален, а сепак ни е важно тој да има добро мислење за нас. Псалмистот прашал: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Слично на Јехова, еден маж и една жена треба да ги гледаат убавите особини еден кај друг и да си простуваат. (Прочитај Колошаните 3:13.)

22, 23. Каков добар пример им оставиле Авраам и Сара на сопружниците?

 22 Годините што минуваат можат уште повеќе да ги зголемат среќата и задоволството во бракот. Во Библијата читаме каков им бил бракот на Авраам и Сара на постари години. Се разбира, животот не им бил без проблеми и тешкотии. Замисли си како ѝ било на Сара, која веројатно имала 60-тина години, да си замине од својот удобен дом во богатиот град Ур и да живее во шатори до крајот на животот. Но, му била подложна на својот сопруг. Како вистинско дополнение и помошничка на Авраам, таа правела сѐ за неговите одлуки да имаат добар исход. Но, не му била подложна само колку да видат другите, туку и „во себе“ својот маж го сметала за свој господар (1. Мојсеева 18:12; 1. Петрово 3:6). Таа од срце го почитувала Авраам.

23 Се разбира, тоа не значи дека Авраам и Сара имале исто мислење за сѐ. Таа еднаш кажала нешто што воопшто не му се допаднало на Авраам. Но, како што му рекол Јехова, Авраам понизно ја послушал својата жена, и на крајот тоа било за благослов на семејството (1. Мојсеева 21:9-13). И денес, сопружниците, дури и оние што со децении се во брак, можат многу да учат од оваа побожна брачна двојка.

24. Кои бракови му донесуваат фалба на Јехова Бог, и зошто?

24 Во христијанското собрание има илјадници среќни бракови — бракови во кои жената длабоко го почитува својот маж, мажот ја сака и ја цени својата жена и во кои и двајцата заедно се трудат вршењето на Божјата волја да им биде пред сѐ друго. Ако решиш да стапиш во брак, мудро избери го својот партнер, добро подготви се за бракот и работи на тоа во твојот брак да владеат мирот и љубовта, зашто таквиот брак му носи фалба на Јехова Бог. Ако го правиш тоа, твојот брак ќе ти помогне да ја зачуваш Божјата љубов.

^ пас. 11 Види го 2. поглавје од книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 12 Некои верни семејни поглавари во древни времиња имале повеќе од една жена. Во нивно време и во времето на израелскиот народ, Јехова ја дозволувал полигамијата. Иако не ја вовел тој, сепак дал прописи за неа. Меѓутоа, христијаните знаат дека Јехова повеќе не дозволува полигамија меѓу неговите слуги (Матеј 19:9; 1. Тимотеј 3:2).

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Како да изградиш стабилен и среќен брак

Пет „градежни блокови“ можат да ти помогнат да изградиш стабилен и среќен брак.

Приближи му се на Јехова

„Живејте во љубов“

Во 1. Коринќаните се истакнати 14 начини на кои можеме да покажеме љубов.