Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 106: Ослободени од затвор

Приказна 106: Ослободени од затвор

ВИДИ ГО овде ангелот кој ја држи отворена вратата на затворот. Луѓето што тој ги ослободува се апостолите на Исус. Ајде да откриеме зошто се нашле в затвор.

Еден ангел ги ослободува апостолите

Поминало само кратко време откако светиот дух бил излеан врз Исусовите ученици. И еве што се случило: едно попладне, Петар и Јован отишле во храмот во Ерусалим. Близу до портата, седел еден човек кој бил сакат цел живот. Луѓето го донесувале таму секој ден за да може да проси пари од оние што оделе во храмот. Кога ги здогледал Петар и Јован, ги молел да му дадат нешто. Што направиле апостолите?

Тие застанале и го погледнале кутриот човек. 'Јас немам пари‘, рекол Петар, 'но ќе ти го дадам она што го имам. Во името на Исус, стани и оди!‘ Тогаш Петар го фатил човекот за десната рака, и тој веднаш скокнал и почнал да оди. Кога го виделе тоа, луѓето биле зачудени и многу среќни поради ова прекрасно чудо.

'Со моќта од Бог, кој го подигна Исус од мртвите, го направивме ова чудо‘, рекол Петар. Додека тој и Јован зборувале, дошле некои верски водачи. Тие биле лути поради тоа што Петар и Јован му кажувале на народот дека Исус бил подигнат од мртвите. Затоа ги фатиле и ги ставиле в затвор.

Следниот ден верските водачи имале голем состанок. На тој состанок ги довеле Петар и Јован заедно со човекот што го излечиле. 'Со каква сила го направивте ова чудо?‘ — прашале верските водачи.

Петар им одговорил дека тоа било со помош на силата од Бог, кој го подигнал Исус од мртвите. Свештениците не знаеле што да направат бидејќи не можеле да одречат дека тоа прекрасно чудо навистина се случило. Затоа ги опоменале апостолите повеќе да не зборуваат за Исус, а потоа ги пуштиле.

Деновите минувале, а апостолите и понатаму проповедале за Исус и лекувале болни. Вестите за овие чуда се ширеле. Затоа, дури и големи групи луѓе од градовите околу Ерусалим им донесувале на апостолите болни за да ги излечат. Верските водачи станале љубоморни, па затоа ги фатиле апостолите и ги ставиле в затвор. Но тие не останале таму долго време.

Ноќта, еден Божји ангел ја отворил вратата на затворот, како што можеш да видиш на сликата. Ангелот рекол: 'Одете, застанете во храмот и продолжете да му зборувате на народот‘. Следното утро, кога верските водачи испратиле луѓе во затворот да им ги доведат апостолите, нив ги немало. Подоцна луѓето ги нашле како поучуваат во храмот, па ги довеле во салата на Судскиот совет.

'Ние строго ви наредивме повеќе да не поучувате за Исус‘, рекле верските водачи. 'Но вие го исполнивте Ерусалим со вашето учење.‘ Тогаш апостолите им одговориле: 'Ние мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето‘. Затоа продолжиле да поучуваат за 'добрата вест‘. Зарем тоа не е за нас одличен пример што треба да го следиме?

Дела, поглавја 3-5.



Прашања

  • Што им се случило едно попладне на Петар и Јован кога отишле во храмот?
  • Што му рекол Петар на еден сакат човек, и што било тоа што му го дал, а било повредно од пари?
  • Зошто верските водачи биле лути, и што им направиле на Петар и Јован?
  • Што им одговорил Петар на верските водачи, и каква опомена добиле апостолите?
  • Зошто верските водачи станале љубоморни, но што се случило кога апостолите биле ставени в затвор по втор пат?
  • Како одговориле апостолите кога ги довеле во салата на Судскиот совет?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Дела 3:1-10.

    Иако денес не можеме да правиме чуда, како зборовите на Петар запишани во Дела 3:6 ни помагаат да сфатиме колку е вредна пораката за Царството? (Јован 17:3; 2. Кор. 5:18-20; Фил. 3:8).

  • Прочитај Дела 4:1-31.

    Во кој поглед треба да бидеме како нашите христијански браќа од првиот век кога се соочуваме со противење во службата на проповедање? (Дела 4:29, 31; Еф. 6:18-20; 1. Сол. 2:2).

  • Прочитај Дела 5:17-42.

    Како некои што не се Сведоци, и во минатото и денес, покажале разумност во врска со делото на проповедање? (Дела 5:34-39).