Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 92: Исус подига мртви

Приказна 92: Исус подига мртви

ДЕВОЈЧЕТО што го гледаш овде има 12 години. Исус го држи за рака, а мајка му и татко му стојат од страната. Знаеш ли зошто се толку среќни? Ајде да откриеме.

Исус ја воскреснал ќерката на Јаир

Таткото на девојчето бил важен човек кој се викал Јаир. Еден ден, ќерка му се разболела, па морала да лежи в кревет. Но, воопшто не ѝ станувало подобро, туку само полошо. Јаир и жена му биле многу загрижени бидејќи изгледало дека нивното девојче ќе умре. Тоа им било единствената ќерка. Затоа Јаир отишол да го побара Исус, бидејќи чул за чудата што ги правел Исус.

Кога Јаир го нашол Исус, околу него биле собрани големо мноштво луѓе. Но, Јаир се пробил низ мноштвото и паднал на колена пред нозете на Исус. 'Ќерка ми е многу, многу болна‘, рекол тој. 'Те молам, дојди и излечи ја.‘ Исус му рекол дека ќе дојде.

Додека оделе, луѓето се туркале и го притискале Исус. Наеднаш Исус застанал. 'Кој ме допре?‘ — прашал тој. Исус почувствувал дека излегла сила од него, па затоа знаел дека некој го допрел. Но кој? Го допрела една жена која 12 години била многу болна. Таа дошла, ја допрела Исусовата облека и била излечена!

Кога се случило тоа, Јаир се чувствувал подобро бидејќи можел да види колку лесно било за Исус да излечи некого. Но, тогаш дошол гласник и му рекол на Јаир: 'Не мачи го повеќе Исус. Ќерка ти умре‘. Исус го слушнал тоа и му рекол на Јаир: 'Не грижи се, со неа ќе биде сѐ во ред‘.

Кога конечно стигнале до Јаировата куќа, луѓето плачеле од голема жал. Но Исус рекол: 'Не плачете. Детето не умрело. Тоа само спие‘. Но тие се насмеале и му се подбивале на Исус бидејќи знаеле дека тоа било мртво.

Тогаш Исус ги одвел таткото и мајката на девојчето, заедно со тројца свои апостоли, во собата каде што лежело детето. Го фатил за рака и рекол: 'Стани!‘ И тоа оживеало, како што можеш овде да видиш. Тогаш станало и почнало да оди! Ете затоа мајка му и татко му биле многу, многу среќни.

Ова не бил првиот човек кого Исус го подигнал од мртвите. Првиот за кој Библијата ни кажува, бил синот на една вдовица која живеела во градот Наин. Подоцна, Исус го подигнал од мртвите и Лазар, братот на Марија и Марта. Кога ќе владее како цар поставен од Бог, Исус ќе оживее многу, многу мртви луѓе. Зарем нема да бидеме среќни поради тоа?

Лука 8:40-56; 7:11-17; Јован 11:17-44.



Прашања

  • Кој бил таткото на девојчето на сликата, и зошто тој и неговата жена биле многу загрижени?
  • Што направил Јаир кога го нашол Исус?
  • Што се случило додека Исус одел кон Јаировата куќа, и каква порака добил Јаир по патот?
  • Зошто луѓето во куќата на Јаир му се подбивале на Исус?
  • Што направил Исус откако ги одвел таткото и мајката на девојчето, заедно со тројца свои апостоли, во нејзината соба?
  • Кого уште Исус го подигнал од мртвите, и што покажува тоа?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Лука 8:40-56.

    Како Исус покажал сочувство и разумност кон жената која страдала од крвавење, и што можат да научат од тоа христијанските старешини денес? (Лука 8:43, 44, 47, 48; 3. Мој. 15:25-27; Мат. 9:12, 13; Кол. 3:12-14).

  • Прочитај Лука 7:11-17.

    Зошто оние на кои им умрел некој близок можат многу да се утешат кога ќе дознаат што направил Исус за вдовицата од Наин? (Лука 7:13; 2. Кор. 1:3, 4; Евр. 4:15).

  • Прочитај Јован 11:17-44.

    Како покажал Исус дека е нормално да жалиме ако умре некој што го сакаме? (Јован 11:33-36, 38; 2. Сам. 18:33; 19:1-4).