Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 87: Малиот Исус во храмот

Приказна 87: Малиот Исус во храмот

ВИДИ ГО малото момче кое разговара со овие постари мажи. Тие биле учители во Божјиот храм во Ерусалим. А момчето е Исус. Тој прилично пораснал — имал 12 години.

Учителите биле многу изненадени што Исус знаел толку многу за Бог и за работите што се запишани во Библијата. Но, зошто не биле со него и Марија и Јосиф? Каде биле тие? Ајде да дознаеме.

Малиот Исус разговара со учителите

Секоја година, Јосиф го носел своето семејство во Ерусалим на посебниот празник наречен Пасха. Патот од Назарет до Ерусалим бил долг. Никој немал автомобил и не постоеле возови. Во тоа време немало такви работи. Повеќето луѓе оделе пеш, па им требало околу три дена за да стигнат во Ерусалим.

Во тоа време Јосиф имал големо семејство. Затоа на помалите браќа и сестри на Исус им требало поголемо внимание. Значи, таа година Јосиф и Марија тргнале со своите деца на долгиот пат до дома во Назарет. Тие мислеле дека Исус патува со другите. Но кога застанале на крајот од денот, не можеле да го најдат. Го барале меѓу роднините и пријателите, но не бил со нив! Затоа се вратиле во Ерусалим за да го побараат таму.

На крајот го нашле со учителите во храмот. Тој ги слушал и им поставувал прашања. Сите луѓе биле зачудени од тоа колку Исус бил мудар. Но Марија рекла: 'Дете, зошто ни го направи тоа? Татко ти и јас бевме многу загрижени додека те баравме‘.

'Зошто сте ме барале?‘ — одговорил Исус. 'Зарем не знаевте дека мора да бидам во домот на мојот Татко?‘

Да, Исус многу сакал да биде таму каде што можел да учи за Бог. Зарем не треба да го чувствуваме истото и ние? Дома во Назарет, Исус секоја седмица одел на состаноци за да учи за Бог. Поради тоа што секогаш внимателно слушал, научил многу работи од Библијата. Да бидеме како Исус и да го следиме неговиот пример.

Лука 2:41-52; Матеј 13:53-56.



Прашања

  • Колку години имал Исус на сликата, и каде се наоѓал?
  • Што правел Јосиф секоја година заедно со своето семејство?
  • Зошто Јосиф и Марија се вратиле во Ерусалим откако тргнале на пат за да си одат дома?
  • Каде Јосиф и Марија го нашле Исус, и зошто луѓето таму биле изненадени?
  • Што ѝ одговорил Исус на својата мајка Марија?
  • Како да го следиме Исусовиот пример кога учиме за Бог?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Лука 2:41-52.

    И покрај тоа што, според Законот, само за мажите било задолжително да одат на годишните празници, кој одличен пример им го дале Јосиф и Марија на денешните родители? (Лука 2:41; 5. Мој. 16:16; 31:12; Изр. 22:6).

    Како Исус со пример им покажал на денешните млади што значи да им бидеш подложен на своите родители? (Лука 2:51; 5. Мој. 5:16; Изр. 23:22; Кол. 3:20).

  • Прочитај Матеј 13:53-56.

    Кои четворица родени браќа на Исус се спомнати по име во Библијата, и како што двајца од нив подоцна служеле во христијанското собрание? (Мат. 13:55; Дела 12:17; 15:6, 13; 21:18; Гал. 1:19; Јак. 1:1; Јуда 1).