Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 100: Исус во градината

Приказна 100: Исус во градината

ОТКАКО заминале од горната соба, Исус и неговите апостоли отишле во градината Гетсиманија. Тие биле таму многу пати пред тоа. Исус им рекол да останат будни и да се молат. Потоа се оддалечил малку од нив, го наведнал лицето до земјата и се молел.

Подоцна Исус се вратил кај своите апостоли. Што мислиш, што правеле тие? Спиеле! Исус трипати им рекол да останат будни, но секојпат кога ќе се врател ги наоѓал како спијат. 'Како можете да спиете во вакво време?‘ — рекол Исус кога се вратил последниот пат. 'Дојде часот да им бидам предаден на моите непријатели.‘

Во истиот момент се чула врева од големо мноштво. Гледај! Луѓето што дошле имале мечеви и стапови! Носеле и факли за да имаат светло. Кога се приближиле, некој се издвоил од мноштвото и дошол право кај Исус. Го бакнал, како што можеш да видиш на сликата. Тој човек бил Јуда Искариот! Зошто го бакнал Исус?

Јуда го предава Исус

Исус го прашал: 'Јуда, дали ме предаваш со бакнеж?‘ Да, бакнежот бил знак. Јуда им покажал на луѓето кои биле со него дека тоа е Исус, човекот кого го барале. Тогаш Исусовите непријатели пристапиле за да го фатат. Но, Петар не сакал да им дозволи да го заробат Исус без борба. Тој го извлекол мечот што го понел со себе и го удрил човекот што бил блиску до него. Мечот ја промашил неговата глава, но му го отсекол десното уво. Но, Исус му го допрел увото на човекот и го излекувал.

Тогаш Исус му рекол на Петар: 'Врати го мечот на свое место. Мислиш ли дека не можам да го замолам Татко ми да ми испрати илјадници ангели за да ме спасат?‘ Да, можел! Но Исус не барал од Бог да му испрати ангели бидејќи знаел дека дошло времето неговите непријатели да го фатат. Затоа им дозволил да го одведат. Да видиме што се случило со Исус понатаму.

Матеј 26:36-56; Лука 22:39-53; Јован 18:1-12.



Прашања

  • Каде отишле Исус и неговите апостоли откако заминале од горната соба, и што им рекол тој да прават?
  • Што правеле апостолите кога Исус се вратил кај нив, и колку пати се случило тоа?
  • Кој влегол во градината, и што направил Јуда Искариот, како што се гледа на сликата?
  • Зошто Јуда го бакнал Исус, и што направил Петар?
  • Што му рекол Исус на Петар, но зошто Исус не барал од Бог да му испрати ангели?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Матеј 26:36-56.

    Како начинот на кој Исус ги советувал своите ученици е убав пример за христијанските старешини денес? (Мат. 20:25-28; 26:40, 41; Гал. 5:17; Еф. 4:29, 31, 32).

    Што мислел Исус за употребата на оружје против ближниот? (Мат. 26:52; Лука 6:27, 28; Јован 18:36).

  • Прочитај Лука 22:39-53.

    Дали тоа што еден ангел му се појавил на Исус во градината Гетсиманија за да го зајакне покажало дека се колебал во верата? Објасни. (Лука 22:41-43; Иса. 49:8; Мат. 4:10, 11; Евр. 5:7).

  • Прочитај Јован 18:1-12.

    Како Исус ги заштитил своите ученици од противниците, и што можеме да научиме од овој пример? (Јован 10:11, 12; 18:1, 6-9; Евр. 13:6; Јак. 2:25).