Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

Select language македонски

Приказна 69: Едно девојче му помага на еден моќен човек

Приказна 69: Едно девојче му помага на еден моќен човек

ЗНАЕШ ЛИ што зборува ова девојче? Тоа ѝ кажува на жената за Јеховиниот пророк Елисеј и за прекрасните работи што Јехова му помага да ги направи. Таа не знае за Јехова бидејќи не е Израелка. Да видиме зошто девојчето е во домот на таа жена.

Жената е Сиријка. Нејзин маж е Нааман, заповедник на сириската војска. Сиријците го заробиле ова девојче од Израел и ѝ го донеле на жената на Нааман за да ѝ биде слугинка.

Жената на Нааман и нејзината слугинка

Нааман имал лоша болест наречена лепра. Од оваа болест на болниот може да му отпаѓа месото. Затоа, еве што ѝ рекло девојчето на жената на Нааман: 'Би сакала мојот господар да може да појде кај Јеховиниот пророк во Израел. Тој ќе го излечи од лепрата‘. Подоцна, ова му го пренеле на мажот на жената.

Нааман многу сакал да се излечи, па затоа решил да оди во Израел. Кога стигнал таму, отишол во домот на Елисеј. Елисеј му рекол на својот слуга да излезе и да му каже на Нааман да оди и седумпати да се искапе во реката Јордан. Ова многу го налутило Нааман, па рекол: 'Реките што ги имаме во нашата земја се подобри од сите реки во Израел!‘ Откако го кажал тоа, Нааман си заминал.

Но, еден од неговите слуги му рекол: 'Господару, да ти речеше Елисеј да направиш нешто тешко, ќе го направеше. А сега, зошто едноставно не се искапиш, како што рече тој?‘ Нааман го послушал својот слуга, па отишол и седумпати се искапил во реката Јордан. Кога го направил тоа, телото му станало цврсто и здраво!

Нааман бил многу среќен. Тој се вратил кај Елисеј и му рекол: 'Сега сигурно знам дека Богот во Израел е единствениот вистински Бог на целата Земја. Затоа, те молам, земи го овој дар од мене‘. Но, Елисеј му одговорил: 'Не, нема да го земам‘. Елисеј знаел дека би било погрешно да го земе дарот бидејќи Јехова бил тој што го излечил Нааман. Но, Гиезиј, слугата на Елисеј, сакал да го добие дарот.

Затоа, еве што направил Гиезиј. Откако Нааман заминал, Гиезиј потрчал за да го стигне. 'Елисеј ме испрати да ти кажам дека би сакал дел од твојот дар за пријателите кои штотуку дојдоа на посета‘, рекол тој. Тоа, се разбира, било лага. Но, Нааман не знаел дека било лага, па затоа му дал на Гиезиј дел од работите.

Кога Гиезиј се вратил дома, Елисеј знаел што направил. Јехова му кажал. Затоа рекол: 'Поради тоа што ја направи оваа лоша работа, лепрата на Нааман ќе ја добиеш ти‘. Токму тоа се случило, и тоа веднаш!

Што можеме да научиме од сето ова? Прво, дека треба да бидеме како девојчето и да зборуваме за Јехова. Така можеме да им помогнеме на многу луѓе. Второ, не треба да бидеме горди како што бил Нааман на почетокот, туку треба да ги слушаме Божјите слуги. И трето, не треба да лажеме како Гиезиј. Зарем не учиме многу работи од читањето на Библијата?

2. Царевите 5:1-27.



Прашања

  • Што ѝ кажува девојчето на жената на сликата?
  • Која е жената на сликата, и зошто е девојчето во нејзината куќа?
  • Што му рекол Елисеј на својот слуга да му каже на Нааман, и зошто Нааман се разлутил?
  • Што се случило кога Нааман ги послушал своите слуги?
  • Зошто Елисеј го одбил подарокот на Нааман, но што направил Гиезиј?
  • Што му се случило на Гиезиј, и што можеме да научиме од тоа?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Царевите 5:1-27.

    На кој начин може примерот на израелското девојче да ги охрабри младите денес? (2. Цар. 5:3; Пс. 8:2; 148:12, 13).

    Зошто е добро да го имаме на ум примерот на Нааман кога добиваме совет темелен на Библијата? (2. Цар. 5:15; Евр. 12:5, 6; Јак. 4:6).

    Што можеме да научиме ако го споредиме примерот на Елисеј со примерот на Гиезиј? (2. Цар. 5:9, 10, 14-16, 20; Мат. 10:8; Дела 5:1-5; 2. Кор. 2:17).