Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 65: Царството е разделено

Приказна 65: Царството е разделено

ЗНАЕШ ЛИ зошто овој човек ја кине на парчиња својата наметка? Јехова му рекол да го стори тоа. Овој човек е Божјиот пророк Ахија. Знаеш ли што е тоа пророк? Тоа е човек кому Бог однапред му кажува што ќе се случи.

Ахија и Јеровоам

Ахија овде зборува со Јеровоам. Јеровоам бил човек кого Соломон го поставил да надгледува дел од неговите градежни работи. Кога го сретнал Јеровоам на патот, Ахија направил нешто чудно. Ја соблекол својата нова наметка и ја раскинал на 12 парчиња. На Јеровоам му рекол: 'Земи за себе 10 парчиња‘. Знаеш ли зошто Ахија му дал на Јеровоам 10 парчиња?

Ахија му објаснил дека Јехова ќе му го одземе царството на Соломон и ќе му даде 10 племиња на Јеровоам. Ова значело дека само две племиња ќе му останат на Соломоновиот син Ровоам за да владее над нив.

Кога слушнал што му рекол Ахија на Јеровоам, Соломон многу се налутил. Тој се обидел да го убие Јеровоам. Но Јеровоам избегал во Египет. По некое време Соломон умрел. Тој бил цар 40 години, а по него бил поставен за цар неговиот син Ровоам. Во Египет Јеровоам слушнал дека Соломон е мртов, па се вратил во Израел.

Ровоам не бил добар цар. Тој бил уште полош кон луѓето отколку татко му Соломон. Јеровоам и некои други важни луѓе отишле кај царот Ровоам и го молеле да биде подобар кон народот. Но, Ровоам не ги послушал. Всушност, тој станал уште полош отколку порано. Затоа народот го поставил Јеровоам за цар на 10 племиња, но племето на Венијамин и племето на Јуда го задржале Ровоам како свој цар.

Јеровоам не сакал неговиот народ да оди во Ерусалим за да му се поклонува на Јехова во неговиот храм. Затоа направил две златни телиња и го убедил народот од 10-племенското царство да им се поклонува ним. Набрзо потоа земјата се исполнила со злосторства и насилство.

И во двоплеменското царство имало неволји. Не поминале ни пет години откако Ровоам станал цар, а царот на Египет дошол да се бори против Ерусалим. Тој однел од Јеховиниот храм големо богатство. Така, храмот само за кратко останал ист како кога бил изграден.

1. Царевите 11:26-43; 12:1-33; 14:21-31.



Прашања

  • Како се викаат двајцата мажи на сликата, и што се тие?
  • Што направил Ахија со наметката што ја носел, и што значело тоа?
  • Што се обидел да му направи Соломон на Јеровоам?
  • Зошто народот го поставил Јеровоам за цар на десет племиња?
  • Зошто Јеровоам направил две златни телиња, и што се случило со земјата набрзо потоа?
  • Што се случило со двоплеменското царство и со Јеховиниот храм во Ерусалим?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Царевите 11:26-43.

    Каков човек бил Јеровоам, и што му ветил Јехова дека ќе му даде ако се држи за Божјите закони? (1. Цар. 11:28, 38).

  • Прочитај 1. Царевите 12:1-33.

    Што можат да научат родителите и старешините од лошиот пример на Ровоам во врска со злоупотребата на авторитетот? (1. Цар. 12:13; Проп. 7:7; 1. Пет. 5:2, 3).

    Од кого треба денешните млади да бараат сигурно водство кога треба да донесат важни одлуки во животот? (1. Цар. 12:6, 7; Изр. 1:8, 9; 2. Тим. 3:16, 17; Евр. 13:7).

    Што го поттикнало Јеровоам да направи два центри на обожавање на телиња, и како покажува тоа дека тој немал доволно вера во Јехова? (1. Цар. 11:37; 12:26-28).

    Кој го навел народот на десетплеменското царство да му се спротивстави на исправниот начин на служење на Бог? (1. Цар. 12:32, 33).