Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 62: Проблеми во Давидовиот дом

Приказна 62: Проблеми во Давидовиот дом

ОТКАКО Давид почнал да владее во Ерусалим, Јехова ѝ дал на неговата војска многу победи над непријателите. Јехова им ветил на Израелците дека ќе им ја даде земјата Ханаан. На крајот, со Јеховина помош, целата земја што им била ветена, станала нивна.

Давид бил добар владетел. Тој го сакал Јехова. Затоа, една од првите работи што ги направил по освојувањето на Ерусалим е тоа што го донел во него Јеховиниот ковчег на сојузот. Сакал да изгради и храм во кој требало да стои тој ковчег.

Сепак, на постари години, Давид направил голема грешка. Тој знаел дека е погрешно да се земе нешто што му припаѓа на некој друг. Но, една вечер, додека бил на покривот на својата палата, погледнал долу и здогледал една многу убава жена. Таа се викала Витсавеа, а нејзиниот маж бил еден од неговите војници, кој се викал Урија.

Давид толку многу посакал да ја има Витсавеа што наредил да ја донесат во неговата палата. Нејзиниот маж се борел некаде далеку. Така, Давид водел љубов со неа, а подоцна таа открила дека ќе има бебе. Давид бил многу загрижен и му порачал на својот воен заповедник Јоав да го стави Урија во првите редови на борбата за да биде убиен. Кога Урија загинал, Давид се оженил со Витсавеа.

Јехова бил многу лут на Давид. Затоа го испратил својот слуга Натан да му каже за неговите гревови. Тука можеш да го видиш Натан како разговара со Давид. Давид бил многу тажен поради тоа што го направил, па затоа Јехова не го погубил. Но Јехова му рекол: 'Поради тоа што ги направи овие лоши работи, ќе имаш многу проблеми во својот дом‘. И Давид навистина имал големи проблеми!

Натан му дава совет на Давид

Прво, синот на Витсавеа умрел. Потоа, Давидовиот првороден син Амнон отишол со својата сестра Тамара на место каде што биле сами и ја силувал. Поради тоа, Давидовиот син Авесалом толку се налутил што го убил Амнон. Подоцна, Авесалом ја придобил наклоноста на многумина од народот, и самиот себеси се поставил за цар. На крајот, Давид победил во војната против Авесалом, кој бил убиен. Да, Давид имал многу проблеми.

Додека се случувало сето тоа, Витсавеа му родила син кој се викал Соломон. Кога Давид остарел и се разболел, неговиот син Адонија се обидел да се постави себеси за цар. Тогаш Давид му наредил на еден свештеник, кој се викал Садок, да излее масло врз главата на Соломон за да покаже дека тој ќе биде цар. Набрзо потоа, Давид умрел на 70 години. Тој владеел 40 години, а следен цар на Израел бил Соломон.

2. Самоилова 11:1-27; 12:1-18; 1. Царевите 1:1-48.



Прашања

  • Што се случило на крајот со земјата Ханаан со Јеховина помош?
  • Што се случило една вечер додека Давид бил на покривот на својата палата?
  • Зошто Јехова бил многу лут на Давид?
  • Кого Јехова го испратил кај Давид, како што се гледа на сликата, за да му каже за неговите гревови, и што требало да му се случи на Давид според зборовите на тој човек?
  • Какви проблеми имал Давид?
  • По Давид, кој станал следниот цар на Израел?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Самоилова 11:1-27.

    Како сме заштитени кога сме многу зафатени со службата за Јехова?

    Како паднал Давид во грев, и какво предупредување е тоа за Јеховините слуги денес? (2. Сам. 11:2; Мат. 5:27-29; 1. Кор. 10:12; Јак. 1:14, 15).

  • Прочитај 2. Самоилова 12:1-18.

    Која поука може да ја извлечат старешините и родителите од начинот на кој Натан му зборувал на Давид за да му даде совет? (2. Сам. 12:1-4; Изр. 12:18; Мат. 13:34).

    Зошто Јехова бил милосрден кон Давид? (2. Сам. 12:13; Пс. 32:5; 2. Кор. 7:9, 10).