Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 59: Зошто Давид мора да бега

Приказна 59: Зошто Давид мора да бега

ОТКАКО Давид го убил Голијат, израелскиот заповедник Авенир го довел кај Саул. Саул бил многу задоволен со Давид. Тој го поставил за заповедник на својата војска и го зел да живее во царскиот дом.

Подоцна, кога војската се враќала по победата над Филистејците, жените пееле: 'Саул уби илјади, но Давид десетици илјади‘. Саул станал љубоморен бидејќи на Давид му укажале поголема чест отколку нему. Но, Сауловиот син Јонатан не бил љубоморен. Тој многу го сакал Давид, а и Давид го сакал Јонатан. Затоа обајцата си ветиле еден на друг дека засекогаш ќе бидат пријатели.

Цар Саул фрла копје

Давид многу добро свирел на харфа, а на Саул многу му се допаѓала неговата музика. Но еден ден, Саул од љубомора направил нешто страшно. Додека Давид свирел на харфа, Саул го зел копјето и го фрлил, велејќи си: 'Ќе го приковам Давид за ѕидот!‘ Но, Давид отскокнал настрана, и копјето го промашило. Подоцна Саул повторно го промашил Давид со своето копје. Така Давид знаел дека мора да биде многу внимателен.

Се сеќаваш ли на ветувањето што го дал Саул? Тој рекол дека ќе му ја даде својата ќерка за жена на оној што ќе го убие Голијат. Саул на крајот му рекол на Давид дека ќе му ја даде својата ќерка Михала, но прво мора да убие 100 Филистејци, кои им биле непријатели. Замисли! Саул, всушност, се надевал дека Филистејците ќе го убијат Давид. Но тие не го убиле, па затоа Саул му ја дал на Давид својата ќерка за жена.

Еден ден, Саул им кажал на Јонатан и на сите свои слуги дека сака да го убие Давид. Но Јонатан му рекол на татко си: 'Не прави му ништо лошо на Давид. Тој никогаш не ти погрешил. Напротив, сѐ што направи беше од голема помош за тебе. Го ризикуваше својот живот кога го уби Голијат, а тебе ти беше мило кога го виде тоа‘.

Давид го избегнува копјето

Саул го послушал својот син и ветил дека нема да му направи ништо лошо на Давид. Тогаш го довеле назад, и Давид повторно му служел на Саул во неговиот дом исто како порано. Но, еден ден, додека Давид свирел, Саул повторно го гаѓал со копје. Давид отскокнал настрана, и копјето удрило во ѕидот. Ова било третпат! Давид сега знаел дека мора да бега!

Таа ноќ Давид си отишол дома. Но, Саул испратил неколку луѓе за да го убијат. Михала знаела што планирал татко ѝ, па затоа му рекла на својот маж: 'Ако не побегнеш ноќеска, утре ќе бидеш мртов‘. Таа ноќ Михала му помогнала на Давид да избега низ прозорец. Околу седум години Давид морал да се крие од едно место во друго за Саул да не го најде.

1. Самоилова 17:55-58; 18:1-30; 19:1-18.



Прашања

  • Зошто Саул станал љубоморен на Давид, и зошто неговиот син Јонатан не бил како него?
  • Што се случило еден ден кога Давид му свирел на харфа на Саул?
  • Што побарал Саул од Давид за да може Давид да ја земе за жена Михала, ќерката на Саул, и зошто?
  • Што се случило по трет пат додека Давид му свирел на харфа на Саул, како што покажува сликата?
  • Како Михала му го спасила животот на Давид, и што морал да прави Давид седум години?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Самоилова 18:1-30.

    Како нераскинливата љубов на Јонатан кон Давид ја претскажува заемната љубов меѓу 'другите овци‘ и 'малото стадо‘? (1. Сам. 18:1; Јован 10:16; Лука 12:32; Зах. 8:23).

    Со оглед на фактот дека Јонатан во нормални услови би бил наследникот на Саул, како покажува 1. Самоилова 18:4 дека Јонатан бил извонреден пример за тоа што значи да си му подложен на оној што е избран за цар?

    Како покажува примерот на Саул дека љубомората може да доведе до сериозен грев, и кое предупредување произлегува од тоа за нас? (1. Сам. 18:7-9, 25; Јак. 3:14-16).

  • Прочитај 1. Самоилова 19:1-17.

    Како Јонатан си го довел во опасност сопствениот живот кога се соочил со Саул? (1. Сам. 19:1, 4-6; Изр. 16:14).