Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 58: Давид и Голијат

Приказна 58: Давид и Голијат

ФИЛИСТЕЈЦИТЕ повторно дошле да се борат против Израел. Тројцата најстари браќа на Давид биле во Сауловата војска. Затоа, еден ден, Јесеј му рекол на Давид: 'Однеси им на твоите браќа малку жито и неколку лебови и распрашај се како се‘.

Голијат

Кога пристигнал во воениот логор, Давид отрчал до местото каде што се водела борбата за да ги побара своите браќа. Филистејскиот џин Голијат излегол за да ги исмејува Израелците. Тоа го правел секое утро и секоја вечер 40 дена. Тој викал: 'Изберете еден од вашите луѓе за да се бори со мене. Ако ме победи и ме убие, ние ќе ви бидеме робови. Но, ако јас победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови. Ајде, ако имате смелост, изберете некого да се бори со мене‘.

Давид прашал некои војници: 'Што ќе добие човекот кој ќе го убие овој Филистеец и ќе го ослободи Израел од овој срам?‘

'На тој човек, Саул ќе му даде големо богатство‘, рекол еден војник, 'и ќе му ја даде и својата ќерка за жена.‘

Но, сите Израелци се плашеле од Голијат бидејќи тој бил толку голем. Бил висок околу 3 метри, и друг војник му го носел штитот.

Некои војници отишле и му кажале на цар Саул дека Давид сака да се бори со Голијат. Но Саул му рекол на Давид: 'Ти не можеш да се бориш со овој Филистеец. Ти си уште дете, а тој е војник цел живот‘. Давид му одговорил: 'Јас убив мечка и лав кои зедоа по една од овците на татко ми. Истото ќе го снајде и овој Филистеец. Јехова ќе ми помогне‘. Затоа Саул рекол: 'Оди, и Јехова нека биде со тебе‘.

Давид слегол до еден поток, зел пет мазни камења и ги ставил во својата торба. Потоа ја зел својата праќа и излегол да се бори со џинот. Кога го здогледал, Голијат не можел да поверува. Тој мислел дека ќе биде многу лесно да го убие Давид.

Давид фрла камен

'Само дојди ми‘, му рекол Голијат, 'па ќе им го дадам твоето тело на птиците и на животните да го изедат.‘ Но Давид му возвратил: 'Ти доаѓаш против мене со меч и со копје, но јас доаѓам против тебе во името на Јехова. Денес Јехова ќе те предаде во моите раце, и јас ќе те убијам‘.

Тогаш Давид се стрчал кон Голијат. Зел еден камен од торбата, го ставил во праќата и го фрлил со сета сила. Каменот го погодил Голијат право во главата, и тој паднал мртов. Кога виделе дека нивниот јунак паднал, Филистејците почнале да бегаат. Израелците се стрчале по нив и ги победиле во битката.

1. Самоилова 17:1-54.



Прашања

  • Каков предизвик ѝ упатил Голијат на Израелската војска?
  • Колку голем бил Голијат, и каква награда му ветил цар Саул на човекот што ќе го убие Голијат?
  • Што му одговорил Давид на Саул кога тој му рекол дека не може да се бори со Голијат затоа што е уште дете?
  • Како се гледа од одговорот што Давид му го дал на Голијат дека Давид имал доверба во Јехова?
  • Што користел Давид за да го убие Голијат, како што се гледа на сликата, и што направиле Филистејците потоа?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Самоилова 17:1-54.

    Зошто Давид бил толку бестрашен, и што да правиме за да бидеме храбри како него? (1. Сам. 17:37, 45; Еф. 6:10, 11).

    Зошто христијаните не треба да имаат натпреварувачки дух како Голијат кога играат некоја игра или се рекреираат? (1. Сам. 17:8; Гал. 5:26; 1. Тим. 4:8).

    Како покажуваат зборовите на Давид дека тој верувал дека Бог ќе му помогне? (1. Сам. 17:45-47; 2. Лет. 20:15).

    Како покажува овој извештај дека битката меѓу двете војски не била само обичен натпревар, туку вистинска борба меѓу лажните богови и вистинскиот Бог, Јехова? (1. Сам. 17:43, 46, 47).

    Како помазаниот остаток покажува иста доверба во Јехова како што покажал Давид? (1. Сам. 17:37; Ерем. 1:17-19; Отк. 12:17).