Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 56: Саул — првиот цар на Израел

Приказна 56: Саул — првиот цар на Израел
Самоил го помазува Саул за цар

ВИДИ ГО Самоил како става масло врз главата на човекот. Тоа обично се правело за да се покаже дека некој е избран за цар. Јехова му рекол на Самоил да стави масло врз главата на Саул. Тоа било едно посебно масло со пријатен мирис.

Саул не мислел дека е доволно добар за да биде цар. 'Јас сум од племето на Венијамин, кое е најмало во Израел‘, му рекол на Самоил. 'Зошто велиш дека јас ќе бидам цар?‘ На Јехова му се допаднал Саул затоа што не се правел дека е некој голем и важен. Токму затоа го избрал за цар.

Но, Саул не бил сиромашен или мал човек. Тој потекнувал од богато семејство и бил многу убав и висок. Тој бил скоро за една глава повисок од сите во Израел! Саул, исто така, многу брзо трчал и бил многу силен. Народот бил радосен со тоа што Јехова го избрал Саул за цар. Целиот народ почнал да извикува: 'Да живее царот!‘

Непријателите на Израел, како и секогаш, биле силни. Тие сѐ уште им правеле многу лоши работи на Израелците. По кратко време откако Саул бил поставен за цар, Амонците дошле да се борат против нив. Но Саул собрал голема војска и ги победил. Тоа придонело народот да се радува што Саул е цар.

Додека минувале годините, Саул ги водел Израелците во многу победи над нивните непријатели. Саул, исто така, имал храбар син кој се викал Јонатан. И Јонатан им помагал на Израелците да победат во многу битки. Филистејците сѐ уште им биле најголемите непријатели. Еден ден, илјадници Филистејци дошле да се борат против Израелците.

Самоил му рекол на Саул да чека додека тој да дојде и да му принесе жртва, односно дар на Јехова. Но, Самоил малку задоцнил. Саул се исплашил дека Филистејците ќе ја започнат битката, па затоа самиот ја принел жртвата. Кога конечно дошол, Самоил му рекол на Саул дека бил непослушен. 'Јехова ќе избере друг човек за цар на Израел‘, рекол Самоил.

Подоцна Саул повторно бил непослушен. Затоа Самоил му рекол: 'Подобро е да го слушаш Јехова отколку да му ги даваш како дар најдобрите овци. Бидејќи ти не го послуша Јехова, Јехова нема да те остави да бидеш цар на Израел‘.

Од ова можеме да извлечеме добра поука. Тоа ни покажува колку е важно секогаш да го слушаме Јехова. Исто така, ни покажува дека еден добар човек, како што бил Саул, може да се промени и да стане лош. Ние никогаш не сакаме да станеме лоши, нели?

1. Самоилова, поглавја 9-11; 13:5-14; 14:47-52; 15:1-35; 2. Самоилова 1:23.



Прашања

  • Што прави Самоил на сликата, и зошто?
  • Зошто Саул му се допаѓал на Јехова, и каков човек бил тој?
  • Како се викал синот на Саул, и што направил тој син?
  • Зошто Саул принел жртва наместо да го чека Самоил да го стори тоа?
  • Која поука можеме да ја извлечеме од извештајот за Саул?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Самоилова 9:15-21 и 10:17-27.

    Како му помогнала скромноста на Саул да не избрза со реакцијата кога некои луѓе зборувале навредливо за него? (1. Сам. 9:21; 10:21, 22, 27; Изр. 17:27).

  • Прочитај 1. Самоилова 13:5-14.

    Каков грев направил Саул во Гилгал? (1. Сам. 10:8; 13:8, 9, 13).

  • Прочитај 1. Самоилова 15:1-35.

    Каков сериозен грев направил Саул во врска со Агаг, амаличкиот цар? (1. Сам. 15:2, 3, 8, 9, 22).

    Како Саул се обидел да се оправда за своите постапки и да ја префрли вината на друг? (1. Сам. 15:24).

    На кое предупредување треба да помислиме кога ќе добиеме совет? (1. Сам. 15:19-21; Пс. 141:5; Изр. 9:8, 9; 11:2).