Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 52: Гедеон и неговите 300 луѓе

Приказна 52: Гедеон и неговите 300 луѓе

ГЛЕДАШ ЛИ што се случува? Сите овие мажи се борци на Израел. Наведнатите луѓе пијат вода. А човекот што стои до нив е судијата Гедеон. Тој ги набљудувал како пијат вода.

Види колку различно пијат. Некои пијат директно од реката, но еден си зел вода во дланката за да може да гледа што се случува околу него. Тоа било важно, бидејќи Јехова му рекол на Гедеон да ги избере само тие мажи што гледале околу себе додека пиеле. Останатите, Бог му рекол да ги испрати дома. Да видиме зошто.

Израелците повторно биле во голема неволја. Тоа им се случило затоа што не му биле послушни на Јехова. Мадијамците станале посилни од нив и биле лоши кон нив. Затоа Израелците го молеле Јехова да им помогне, и Јехова ги услишил нивните молби.

Јехова му рекол на Гедеон да собере војска, и тој собрал 32.000 борци. Но против Израел дошла војска од 135.000 луѓе! И покрај тоа, Јехова му рекол на Гедеон: 'Имаш премногу луѓе‘. Зошто Јехова го рекол тоа?

Затоа што, ако победеле во војната, Израелците можеби ќе мислеле дека победиле со свои сили. Можеби ќе помислеле дека за таа победа не им била потребна Јеховината помош. Затоа Јехова му рекол на Гедеон: 'Кажи им на сите што се плашат да си одат дома‘. Кога Гедеон им го кажал тоа, си заминале 22.000 војници. Му останале само 10.000 луѓе за да се борат против тие 135.000 војници.

Гедеон ги избира своите луѓе

Но замисли, Јехова пак рекол: 'Сѐ уште имаш премногу луѓе‘. Затоа му заповедал на Гедеон да ги доведе војниците на потокот да пијат вода, а потоа да ги испрати дома сите што ќе пијат директно од реката. На крајот му ветил: 'Јас ќе ти помогнам да победиш со тие 300 луѓе што гледаа околу себе додека пиеја‘.

Дошло време да се борат. Гедеон ги распоредил своите 300 луѓе во три групи. Секому му дал по еден рог и по еден ќуп со факел во него. Кон полноќ, сите се наредиле околу логорот на непријателските војници. И тогаш, во исто време, сите затрубиле во роговите, ги скршиле ќуповите и извикале: 'Мечот Јеховин и Гедеонов!‘ Кога се разбудиле, непријателските војници се збуниле и се исплашиле. Почнале да бегаат, и Израелците победиле во битката.

Судиите, поглавја 6-8.



Прашања

  • Како и зошто биле Израелците во голема неволја?
  • Зошто Јехова му рекол на Гедеон дека има премногу луѓе во својата војска?
  • Колку луѓе му останале на Гедеон откако им рекол на плашливите да се вратат дома?
  • Со помош на сликата објасни како Јехова го намалил бројот на Гедеоновите војници на само 300 луѓе.
  • Како Гедеон ги распоредил своите 300 луѓе, и како победил Израел во борбата?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Судиите 6:36-40.

    На кој начин Гедеон станал сигурен која е Јеховината волја?

    Како откриваме ние денес која е Јеховината волја? (Изр. 2:3-6; Мат. 7:7-11; 2. Тим. 3:16, 17).

  • Прочитај Судиите 7:1-25.

    Која поука можеме да ја извлечеме од тие 300 луѓе што биле претпазливи за разлика од оние што покажале немарност? (Суд. 7:3, 6; Рим. 13:11, 12; Еф. 5:15-17).

    Исто како што тие 300 луѓе учеле гледајќи го Гедеон, како учиме ние гледајќи го Поголемиот Гедеон, Исус Христос? (Суд. 7:17; Мат. 11:29, 30; 28:19, 20; 1. Пет. 2:21).

    На кој начин Судиите 7:21 ни помага да бидеме задоволни со задачата што ни ја дава Јеховината организација, сеедно каде мораме да ја вршиме? (1. Кор. 4:2; 12:14-18; Јак. 4:10).

  • Прочитај Судиите 8:1-3.

    Што учиме од начинот на кој постапил Гедеон во препирката со Ефремовците, и како тоа ќе ни помогне да расчистиме лични недоразбирања со некој брат или сестра? (Изр. 15:1; Мат. 5:23, 24; Лука 9:48).