Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 51: Рут и Ноемина

Приказна 51: Рут и Ноемина

ВО БИБЛИЈАТА ќе најдеш една книга која се вика Рут. Тоа е приказна за едно семејство кое живеело во времето кога во Израел имало судии. Рут била млада жена од земјата Моав и не припаѓала на Божјиот народ Израел. Но, кога дознала за вистинскиот Бог Јехова, многу го засакала. Ноемина била постара жена која и помогнала на Рут да го запознае Јехова.

Ноемина била Израелка. Таа со мажот и со двата сина се преселила во моавската земја во време кога во Израел имало многу малку храна. Еден ден, умрел мажот на Ноемина. Подоцна, синовите на Ноемина се ожениле за две девојки од Моав, кои се викале Рут и Орфа. Но околу 10 години подоцна, умреле и двата сина на Ноемина. Ноемина и двете млади жени биле многу, многу тажни. Што направила Ноемина тогаш?

Еден ден, Ноемина решила да тргне на долг пат за да се врати дома, кај својот народ. Рут и Орфа сакале да останат со неа, па затоа тргнале и тие. Но откако поминале дел од патот, Ноемина им рекла на младите жени: 'Вратете се дома и останете со своите мајки‘.

Ноемина ги бакнала за збогум, а тие се расплакале, бидејќи многу ја сакале Ноемина. Тогаш ѝ рекле: 'Не! Ќе дојдеме со тебе кај твојот народ‘. Но Ноемина им одговорила: 'Мора да се вратите, ќерки мои. Дома ќе ви биде подобро‘. Затоа Орфа се вратила. Но Рут не заминала.

Ноемина ѝ рекла: 'Орфа замина. Врати се и ти со неа‘. Но Рут ѝ одговорила: 'Не убедувај ме да те оставам! Пушти ме да дојдам со тебе. Каде што ќе одиш ти, таму ќе одам и јас, и каде што ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас. Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог ќе биде мој Бог. Каде што ќе умреш ти, таму ќе умрам и јас, и таму ќе бидам погребана‘. Кога Рут ѝ го рекла тоа, Ноемина престанала да ја тера да се врати назад.

На крајот, двете жени дошле во Израел, и таму се населиле. Рут веднаш почнала да работи на една нива, бидејќи било време за собирање на јачменот. Еден човек, кој се викал Вооз, ја пуштил да собира јачмен на неговата нива. Знаеш ли која му била мајка на Вооз? Тоа била Раав од градот Ерихон.

Еден ден, Вооз ѝ рекол на Рут: 'Чув сѐ за тебе, и за тоа колку добра си била со Ноемина. Знам дека си ги оставила татко ти и мајка ти и твојата земја и си дошла да живееш меѓу луѓе кои никогаш порано не си ги познавала. Јехова нека биде добар со тебе!‘

Рут му одговорила: 'Ти си многу добар со мене, господару. Ми зборуваш многу љубезно‘. Рут многу му се допаѓала на Вооз и, по кратко време, тие двајцата се венчале. Ноемина била многу среќна поради тоа. Но уште посреќна била кога се родил Овид, првиот син на Рут и Вооз. Подоцна Овид му станал прататко на Давид, за кого ќе научиме многу работи понатаму во книгата.

Рут и Ноемина

Библиската книга Рут.



Прашања

  • Зошто Ноемина дошла во земјата Моав?
  • Кои биле Рут и Орфа?
  • Како реагирале Рут и Орфа кога Ноемина им рекла да се вратат кај својот народ?
  • Кој бил Вооз, и како тој им помагал на Рут и на Ноемина?
  • Како се викало детето што им се родило на Вооз и Рут, и зошто треба да го запомниме?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Рут 1:1-17.

    На каков прекрасен начин Рут ја изразила својата лојална љубов? (Рут 1:16, 17).

    На кој начин ставот на Рут одлично го покажува ставот на 'другите овци‘ кон помазаниците што се на Земјата денес? (Јован 10:16; Зах. 8:23).

  • Прочитај Рут 2:1-23.

    На кој начин Рут им дала добар пример на денешните млади жени? (Рут 2:17, 18; Изр. 23:22; 31:15).

  • Прочитај Рут 3:5-13.

    Како гледал Вооз на желбата на Рут да се омажи за него наместо за некој помлад маж?

    Што учиме за лојалната љубов од ставот на Рут? (Рут 3:10; 1. Кор. 13:4, 5).

  • Прочитај Рут 4:7-17.

    На кој начин можат денешните христијански мажи да бидат како Вооз? (Рут 4:9, 10; 1. Тим. 3:1, 12, 13; 5:8).

Нешто повеќе

БИБЛИСКИ СТРИПОВИ

Рут — пример за верност

Иако не била Израелка, со својата верност ја стекнала Божјата милост и добила прекрасен благослов.