Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 50: Две храбри жени

Приказна 50: Две храбри жени

КОГА Израелците ќе упаднеле во неволја, барале помош од Јехова. Јехова им одговарал така што им давал храбри водачи за да им помогнат. Тие водачи Библијата ги нарекува судии. Првиот судија бил Исус Навин, а некои од судиите што се појавиле подоцна се викале Готонил, Ехуд и Самегар. Но меѓу луѓето што им помогнале на Израелците биле и две жени, кои се викале Девора и Јаила.

Девора разговара со Варак

Девора била пророчица. Јехова ѝ давал информации за иднината, а таа му кажувала на народот што ѝ рекол Јехова. Девора била и судија. Таа седела под една палма во планините, а луѓето доаѓале кај неа за да им помогне да ги решат своите проблеми.

Во тоа време, Јавин бил цар на Ханаан. Тој имал 900 бојни коли. Неговата војска била толку силна што многу Израелци биле присилени да му станат слуги на Јавин. Заповедникот на војската на царот Јавин се викал Сисара.

Еден ден, Девора испратила луѓе кај судијата Варак и му порачала: 'Јехова рече: "Земи 10.000 мажи и одведи ги на планината Тавор. Ќе го доведам Сисара во долината што е под планината. И ќе ти помогнам да го победиш него со неговата војска“‘.

Варак ѝ одговорил на Девора: 'Ќе одам само ако дојдеш со мене и ти‘. Девора отишла со него, но му рекла на Варак: 'Ти нема да ја добиеш заслугата за победата, зашто Јехова ќе го предаде Сисара во рацете на една жена‘. И токму тоа се случило.

Варак слегол од планината Тавор за да се судри со војниците на Сисара. Наеднаш, Јехова предизвикал поплава, и многу непријателски војници се удавиле. Но Сисара се качил на својата кола и побегнал.

Варак, Јаила и Сисара

По некое време, Сисара дошол во шаторот на Јаила. Таа го поканила да влезе внатре и му дала да пие млеко. Од тоа му се приспало, и наскоро цврсто заспал. Тогаш Јаила зела еден шаторски клин и го забила во главата на тој лош човек. Подоцна, кога дошол Варак, таа му го покажала мртвиот Сисара. Како што гледаш, се исполнило она што го кажала Девора.

На крајот бил убиен и царот Јавин, а Израелците повторно имале мир за некое време.

Судиите 2:14-22; 4:1-24; 5:1-31.



Прашања

  • Кои биле судиите, и како се викале некои од нив?
  • Која посебна чест ја имала Девора, и што правела таа?
  • Која порака од Јехова му ја пренела Девора на судијата Варак кога на Израел му се заканиле цар Јавин и неговиот заповедник, Сисара, дека ќе го нападнат, и кој требало да ја добие заслугата за тоа, според нејзините зборови?
  • Како Јаила покажала дека била храбра жена?
  • Што се случило по смртта на царот Јавин?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Судиите 2:14-22.

    Како Израелците го натерале Јехова да им се налути, и која поука можеме да ја извлечеме од тоа? (Суд. 2:20; Изр. 3:1, 2; Езек. 18:21-23).

  • Прочитај Судиите 4:1-24.

    Кои поуки во врска со верата и храброста можат да ги извлечат денешните христијанки од примерот на Девора и на Јаила? (Суд. 4:4, 8, 9, 14, 21, 22; Изр. 31:30; 1. Кор. 16:13).

  • Прочитај Судиите 5:1-31.

    На кој начин може победничката песна на Варак и Девора да се користи како пример за молитва во врска со претстојната војна Армагедон? (Суд. 5:3, 31; 1. Лет. 16:8-10; Отк. 7:9, 10; 16:16; 19:19-21).