Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 48: Мудрите Гаваонци

Приказна 48: Мудрите Гаваонци

МНОГУ градови во Ханаан се спремиле да се борат против Израелците. Мислеле дека можат да ги победат. Но жителите на градот Гаваон, кој се наоѓал во близината, не мислеле така. Тие верувале дека Бог им помагал на Израелците, па не сакале да се борат против Него. Знаеш ли што направиле Гаваонците?

Решиле да се преправаат дека живеат на некое многу далечно место. Затоа неколку мажи облекле парталави алишта и износени сандали. На своите магариња натовариле стари вреќи и зеле бајат, сув леб. Тогаш дошле кај Исус Навин и му рекле: 'Доаѓаме од една многу далечна земја, зашто чувме за вашиот славен Бог Јехова. Чувме за сите работи што ги направил за вас во Египет. Затоа нашите водачи ни рекоа да земеме храна и да се подготвиме за на пат, па да дојдеме и да ви кажеме: "Ваши слуги сме. Ветете ни дека нема да водите војна со нас“. Сами гледате дека алиштата што ги носиме ни остарија од долгиот пат, а лебот што го понесовме стана бајат и се исуши‘.

Исус Навин и другите водачи им поверувале на Гаваонците. Затоа им ветиле дека нема да се борат со нив. Но, по три дена откриле дека Гаваонците, всушност, живееле во близина.

'Зошто ни рековте дека доаѓате од далечна земја?‘ — ги прашал Исус Навин.

А Гаваонците му одговориле: 'Го сторивме тоа затоа што дознавме дека вашиот Бог Јехова ви ветил дека ќе ви ја даде целата ханаанска земја. Затоа се исплашивме дека ќе нѐ убиете‘. Но, Израелците го исполниле своето ветување, и не ги убиле Гаваонците. Наместо тоа, ги зеле за свои слуги.

Царот на Ерусалим се налутил што Гаваонците склучиле мир со Израелците. Затоа им рекол на четири други цареви: 'Дојдете и помогнете ми да се борам против Гаваон‘. И токму тоа го направиле тие пет цареви. Дали било мудро што Гаваонците склучиле мир со Израелците и ги навеле овие цареви да се борат против нив? Одговорот ќе го добиеме во следната приказна.

Исус Навин 9:1-27; 10:1-5.

Исус Навин и Гаваонците


Прашања

  • По што се разликувале жителите на Гаваон од Ханаанците во околните градови?
  • Што направиле Гаваонците, како што е покажано на сликата, и зошто?
  • Што им ветиле Исус Навин и водачите на Израел на Гаваонците, но што откриле три дена подоцна?
  • Што се случило кога царевите на другите градови чуле дека Гаваонците склучиле мир со Израел?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Исус Навин 9:1-27.

    Со оглед на тоа што Јехова му дал упатства на израелскиот народ 'да ги истреби сите жители на таа земја‘, кои негови особини доаѓаат до израз во тоа што ги поштедил Гаваонците? (Ис. Нав. 9:22, 24; Мат. 9:13; Дела 10:34, 35; 2. Пет. 3:9).

    Како Исус Навин дал одличен пример за денешните христијани со тоа што се држел за ветувањето што им го дал на Гаваонците? (Ис. Нав. 9:18, 19; Мат. 5:37; Еф. 4:25).

  • Прочитај Исус Навин 10:1-5.

    На кој начин големото мноштво денес постапува како Гаваонците, и чија мета станува поради тоа? (Ис. Нав. 10:4; Зах. 8:23; Мат. 25:35-40; Отк. 12:17).