Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 46: Ѕидиштата на Ерихон

Приказна 46: Ѕидиштата на Ерихон

ЗОШТО паѓаат ѕидиштата на Ерихон? Изгледа како да ги погодила голема бомба. Но во тоа време немало бомби. Немало дури ни пиштоли. Јехова направил уште едно чудо! Ајде да дознаеме како се случило тоа.

Паѓаат ѕидиштата на Ерихон

Слушај што му рекол Јехова на Исус Навин: 'Ти и твоите борци одете и марширајте околу градот. Шест дена обиколувајте го по еднаш на ден. Со себе носете го ковчегот на сојузот. Седум свештеници треба да одат напред и да трубат во рогови.

На седмиот ден обиколете го градот седум пати. Потоа трубете долго со роговите, и секој нека вика силно како во војна. Тогаш ѕидиштата ќе се урнат до темел‘.

Исус Навин и народот направиле како што им рекол Јехова. Додека го обиколувале градот, сите молчеле. Никој не кажал ни збор. Единствено се слушал звукот на роговите и на чекорите. Непријателите на Божјиот народ што се наоѓале во Ерихон сигурно биле уплашени. Ја гледаш ли црвената врвца што виси од прозорецот? Чиј прозорец е тоа? Да, Раав направила така како што ѝ рекле двајцата извидувачи. Со неа во куќата било и целото нејзино семејство, и сите заедно набљудувале што се случува.

Исус Навин

На крајот, откако на седмиот ден го обиколиле градот седум пати, затрубиле роговите, борците почнале да викаат, и ѕидиштата паднале. Тогаш Исус Навин рекол: 'Убијте ги сите што се во градот, а градот запалете го! Запалете сѐ! Зачувајте ги само среброто, златото, бакарот и железото, и предајте ги во ризницата на Јеховиниот шатор‘.

А на двајцата извидувачи, им рекол: 'Отидете во куќата на Раав и оттаму изведете ги нејзе и целото нејзино семејство‘. Раав и нејзиното семејство биле спасени, токму како што ѝ ветиле извидувачите.

Исус Навин 6:1-25.



Прашања

  • Што им рекол Јехова на борците и на свештениците да прават шест дена?
  • Што требало да прават луѓето на седмиот ден?
  • Што се случило со ѕидиштата на Ерихон, како што се гледа на сликата?
  • Зошто една црвена врвца висела од прозорецот?
  • Што им рекол Исус Навин на борците да направат со луѓето и со градот, а што со среброто, златото, бакарот и железото?
  • Што им било речено на двајцата извидувачи да направат?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Исус Навин 6:1-25.

    На кој начин марширањето на Израелците околу Ерихон на седмиот ден е слично со проповедањето на Јеховините сведоци во овие последни денови? (Ис. Нав. 6:15, 16; Иса. 60:22; Мат. 24:14; 1. Кор. 9:16).

    На кој начин, околу 500 години подоцна, се исполнило пророштвото запишано во Исус Навин 6:26, и што учиме од тоа за Јеховината реч? (1. Цар. 16:34; Иса. 55:11).