МОЈСЕЈ сакал да влезе во Ханаан заедно со Израелците. Затоа молел: 'Дозволи ми, Јехова, да ја преминам реката Јордан и да ја видам добрата земја‘. Но, Јехова му рекол: 'Доста! Не зборувај ми повеќе за тоа!‘ Знаеш ли зошто Јехова му рекол така?

Поради тоа што се случило кога Мојсеј ја удрил карпата. Се сеќаваш? Тој и Арон не му оддале чест на Јехова. Не му кажале на народот дека Јехова бил тој што им извадил вода од карпата. Затоа Јехова рекол дека нема да им дозволи да влезат во Ханаан.

Така, неколку месеци по смртта на Арон, Јехова му рекол на Мојсеј: 'Земи го Исус Навин и доведи го пред свештеникот Елеазар и пред целиот народ. И пред сите нив кажи дека Исус Навин е новиот водач‘. Мојсеј направил токму така како што му рекол Јехова, како што можеш да видиш и на сликата.

Мојсеј објавува дека Исус Навин е новиот водач

Потоа Јехова му рекол на Исус Навин: 'Биди цврст и не плаши се! Ти ќе ги одведеш Израелците во ханаанската земја која им ја ветив, и јас ќе бидам со тебе‘.

Подоцна Јехова му рекол на Мојсеј да се искачи на врвот од планината Нево, која била во моавската земја. Оттаму Мојсеј можел да гледа преку реката Јордан и да ја види убавата земја Ханаан. Јехова му рекол: 'Ова е земјата што ветив дека ќе им ја дадам на децата на Авраам, Исак и Јаков. Ти дозволив да ја видиш, но нема да ти дозволам да влезеш во неа‘.

Таму, на врвот на планината Нево, Мојсеј умрел. Тогаш имал 120 години, но сѐ уште бил силен и можел добро да гледа. Народот бил многу тажен и плачел поради тоа што Мојсеј бил мртов. Но биле среќни што Исус Навин бил нивниот нов водач.

4. Мојсеева 27:12-23; 5. Мојсеева 3:23-29; 31:1-8, 14-23; 32:45-52; 34:1-12.



Прашања

  • Кои се двајцата мажи на сликата, кои стојат до Мојсеј?
  • Што му рекол Јехова на Исус Навин?
  • Зошто Мојсеј се искачил на врвот од планината Нево, и што му рекол Јехова?
  • Колку години имал Мојсеј кога умрел?
  • Зошто народот бил тажен, но која причина ја имале за да бидат среќни?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 4. Мојсеева 27:12-23.

    Која тешка задача ја добил Исус Навин од Јехова, и како се гледа денес дека Јехова се грижи за својот народ? (4. Мој. 27:15-19; Дела 20:28; Евр. 13:7).

  • Прочитај 5. Мојсеева 3:23-29.

    Зошто Јехова не им дозволил на Мојсеј и Арон да влезат во Ветената земја, и каква поука извлекуваме ние од тоа? (5. Мој. 3:25-27; 4. Мој. 20:12, 13).

  • Прочитај 5. Мојсеева 31:1-8, 14-23.

    Како покажуваат зборовите што Мојсеј им ги кажал на Израелците на разделба дека тој понизно ја прифатил казната од Јехова? (5. Мој. 31:6-8, 23).

  • Прочитај 5. Мојсеева 32:45-52.

    Како треба да влијае врз нашиот живот Божјата реч? (5. Мој. 32:47; 3. Мој. 18:5; Евр. 4:12).

  • Прочитај 5. Мојсеева 34:1-12.

    Иако Мојсеј никогаш не го видел Јехова во вистинската смисла на зборот, што покажува 5. Мојсеева 34:10 во врска со неговиот однос со Јехова? (2. Мој. 33:11, 20; 4. Мој. 12:8).