Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 42: Една магарица зборува

Приказна 42: Една магарица зборува

СИ ЧУЛ ЛИ некогаш магаре да зборува? Би рекол: 'Не. Животните не можат да зборуваат‘. Но, Библијата ни кажува за една магарица што зборувала. Да видиме како се случило тоа.

Ангел

Израелците требало наскоро да влезат во земјата Ханаан. Валак, моавскиот цар, се плашел од Израелците. Затоа испратил луѓе да викнат еден итар човек, кој се викал Валаам, да дојде и да ги проколне Израелците. Валак му ветил на Валаам дека ќе му даде многу пари, па затоа Валаам се качил на магарицата и тргнал да оди кај Валак.

Јехова не сакал Валаам да го проколне Неговиот народ. Затоа испратил еден ангел со долг меч да му застане на патот и да го запре Валаам. Валаам не можел да го види ангелот, но неговата магарица го видела. Затоа магарицата гледала некако да се тргне од ангелот, и на крајот легнала на патот. Валаам многу се налутил и почнал да ја тепа со стап.

Тогаш Јехова направил Валаам да слушне како таа му зборува. 'Што ти направив за да ме тепаш?‘ — го прашала магарицата.

Валаам на магарицата

'Ме направи будала‘, ѝ рекол Валаам. 'Да имав меч, ќе те убиев!‘

'Дали некогаш порано сум ти направила вакво нешто?‘ — прашала магарицата.

'Не‘, одговорил Валаам.

Тогаш Јехова му дозволил на Валаам да го види ангелот со меч како стои на патот. Ангелот му рекол: 'Зошто ја тепаше магарицата? Дојдов да ти го попречам патот зашто не треба да го проколнеш Израел. Да не се тргнеше од мене твојата магарица, тебе ќе те убиев, а неа немаше да ја повредам‘.

Тогаш Валаам рекол: 'Згрешив, зашто не знаев дека стоиш на патот‘. Ангелот го пуштил Валаам да оди, и Валаам отишол кај Валак. Валаам сѐ уште се обидувал да го проколне Израел, но, наместо тоа, Јехова го натерал да го благослови Израел три пати.

4. Мојсеева 21:21-35; 22:1-40; 23:1-30; 24:1-25.



Прашања

  • Кој бил Валак, и зошто испратил луѓе да го викнат Валаам?
  • Зошто магарицата на Валаам легнала на патот?
  • Што му рекла магарицата на Валаам?
  • Што му рекол ангелот на Валаам?
  • Што се случило кога Валаам се обидел да го проколне Израел?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 4. Мојсеева 21:21-35.

    Зошто Израел ги победил аморејскиот цар Сихон и васанскиот цар Ог? (4. Мој. 21:21, 23, 33, 34).

  • Прочитај 4. Мојсеева 22:1-40.

    Од кој мотив Валаам се обидел да го проколне Израел, и каква поука можеме да извлечеме од тоа? (4. Мој. 22:16, 17; Изр. 6:16, 18; 2. Пет. 2:15; Јуда 11).

  • Прочитај 4. Мојсеева 23:1-30.

    Иако Валаам зборувал како да бил слуга на Јехова, како покажале неговите дела дека не е така? (4. Мој. 23:3, 11-14; 1. Сам. 15:22).

  • Прочитај 4. Мојсеева 24:1-25.

    На кој начин библискиот извештај ја зајакнува нашата вера дека Јеховината намера ќе се исполни? (4. Мој. 24:10; Иса 54:17).