Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 41: Бакарната змија

Приказна 41: Бакарната змија
Мојсеј и бакарната змија

ЗАРЕМ не изгледа како една вистинска змија да се обвила околу столбот? Да, но не е вистинска. Змијата е направена од бакар. Јехова му рекол на Мојсеј да ја стави на столбот за да можат луѓето да гледаат во неа и да останат живи. Но змиите што лазат по земјата се вистински. Тие ги касале луѓето, и од тоа тие се разболувале. Дали знаеш зошто?

Затоа што Израелците зборувале против Бог и Мојсеј. Тие се жалеле: 'Зошто нѐ доведе од Египет, за да умреме во оваа пустина? Овде нема ни храна ни вода! И повеќе не можеме да ја поднесеме оваа мана!‘

Но маната била добра храна. Јехова им ја дал преку чудо. А преку чудо им дал и вода. Но луѓето не биле благодарни за начинот на кој Бог се грижел за нив. Затоа Јехова им ги пуштил на Израелците овие отровни змии за да ги казни. Змиите ги касале, и многумина умреле.

Израелци што биле каснати од змии

На крајот, народот дошол кај Мојсеј и рекол: 'Згрешивме што зборувавме против Јехова и против тебе. Сега моли го Јехова да ги отстрани овие змии‘.

Затоа Мојсеј се помолил за народот. А Јехова му рекол на Мојсеј да ја направи бакарната змија. Му рекол да ја стави на столб, и секој што бил каснат од змија требало да погледне во неа. Мојсеј направил токму онака како што му заповедал Бог. Луѓето што биле каснати ќе погледнеле во бакарната змија и оздравувале.

Од ова можеме нешто да научиме. Сите ние, на некој начин, сме како тие Израелци што биле каснати од змиите. Сите ние полека умираме. Погледни ги луѓето околу тебе и ќе видиш дека тие стареат, се разболуваат и умираат. Тоа се случува затоа што првите маж и жена, Адам и Ева, го напуштиле Јехова, а ние сме нивни деца. Но Јехова нашол начин за да живееме засекогаш.

Јехова го испратил на Земјата својот Син, Исус Христос. Исус бил прикован на столб поради тоа што многумина мислеле дека е лош. Но Јехова го дал Исус за да нѐ спаси. Ако гледаме во него, ако го следиме, тогаш можеме да имаме вечен живот. Но, нешто повеќе за тоа ќе научиме подоцна.

4. Мојсеева 21:4-9; Јован 3:14, 15.



Прашања

  • Што гледаш на сликата? Што се обвило околу столбот, и зошто Јехова му рекол на Мојсеј да го стави таму?
  • Како покажале луѓето дека не биле благодарни за сето тоа што Бог го направил за нив?
  • Што побарал народот од Мојсеј откако Јехова ги пуштил отровните змии за да ги казни?
  • Зошто Јехова му рекол на Мојсеј да направи бакарна змија?
  • Што можеме да научиме од оваа приказна?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 4. Мојсеева 21:4-9.

    Кое предупредување за нас произлегува од Израелците, кои се жалеле од она што Јехова го правел за нив? (4. Мој. 21:5, 6; Рим. 2:4).

    За што ја користеле Израелците бакарната змија во наредните векови, и што направил цар Езекија против тоа? (4. Мој. 21:9; 2. Цар. 18:1-4).

  • Прочитај Јован 3:14, 15.

    На кој начин поставувањето на бакарната змија на столб добро го претставува приковувањето на Исус Христос? (Гал. 3:13; 1. Пет. 2:24).